Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Уште колку долго за злобните?

Уште колку долго за злобните?

Уште колку долго за злобните?

„Зошто . . . [Јехова] си безгласен, кога нечестивецот проголтува човек што е поправеден од него?“ (АВАКУМ 1:13).

1. Кога Земјата ќе биде целосно исполнета со спознание за Јеховината слава?

 ДАЛИ Бог некогаш ќе ги уништи злобните? Ако да, уште колку долго мораме да чекаме? Вакви прашања поставуваат луѓето низ целиот свет. Каде можеме да ги најдеме одговорите? Во божествено инспирираните пророчки зборови за Божјето определено време. Тие нѐ уверуваат дека наскоро Јехова ќе изврши суд врз сите злобни. Само тогаш Земјата целосно ќе „се исполни со [спознание за, NW] славата Господова онака како што водите го исполнуваат морето“. Тоа е пророчкото ветување кое се наоѓа во Божјата света реч, во Авакум 2:14.

2. Кои три божествени судови на погубување ги содржи книгата Авакум?

2 Напишана околу 628 пр. н. е., книгата Авакум се состои од серија на три судови за погубување од страна на Јехова Бог. Два од тие судови веќе се извршени. Првиот бил Јеховиниот суд против своеглавата нација на древната Јуда. Што е со вториот? Тоа бил Божјиот суд извршен над угнетувачкиот Вавилон. Тогаш, сигурно ја имаме секоја причина за доверба дека и третиот од овие божествени судови ќе биде извршен. Всушност, можеме да очекуваме негово исполнување за многу кратко време. Заради праведните во овие последни денови, Бог ќе ги уништи сите зли луѓе. Последните од нив ќе го вдишат својот последен здив во ‚војната во оној голем ден на Бога Седржителот‘ која брзо се приближува (Откровение 16:14, 16).

3. Што сигурно ќе ги снајде злобните од наше време?

3 Војната на Божјиот голем ден сѐ повеќе се приближува. Извршувањето на божествениот суд врз злобните во нашево време е исто толку сигурно колку и исполнувањето на Јеховините судови против Јуда и Вавилон. Меѓутоа, зошто сега да не си замислиме дека сме во Јуда, во времето на Авакум? Што се случува во таа земја?

Земја на метеж

4. Каква шокантна вест слуша Авакум?

4 Замисли си го Јеховиниот пророк Авакум како седи на рамниот покрив од својата куќа, уживајќи во свежиот вечерен ветрец. Покрај него има музички инструмент (Авакум 1:1; 3:19, прилог, NW). Но, Авакум слуша шокантна вест. Јудиниот цар Јоаким го убил Урија и наредил лешот на тој пророк да се фрли на гробиштата на обичниот народ (Јеремија 26:23). Точно, Урија не ја задржал својата доверба во Јехова, се уплашил и избегал во Египет. Сепак, Авакум знае дека насилството на Јоаким не било поттикнато од некаква желба да ја поддржи Јеховината чест. Ова се гледа од тоа што тој цар крајно го игнорирал божествениот закон и го мразел пророкот Јеремија и другите кои му служеле на Јехова.

5. Каква е духовната состојба во Јуда, и како Авакум реагира на тоа?

5 Авакум гледа како од покривите на блиските домови се издига дим од темјан. Луѓето не го палат тој темјан како обожаватели на Јехова. Тие се впуштаат во лажни религиозни постапки под покровителство на Јудиниот злобен цар Јоаким. Каков срам! Очите на Авакум се полнат со солзи, и тој се моли: „До кога, Господи, ќе повикувам, а Ти не ме слушаш; викам кон Тебе поради насилството, а Ти не ме избавуваш? Зошто ми дозволуваш да гледам злодејанија, и да гледам неволи? Грабежот и насилството се пред мене; се појавува непријателство, настанува раздор. Поради тоа законот ја изгуби силата, нема веќе праведен суд [правдата не излегува, NW]: нечестивиот го победува праведниот, и затоа судот се искривува“ (Авакум 1:2—4).

6. Што се случило со законот и со правдата во Јуда?

6 Да, изобилуваат грабежот и насилството. Каде и да погледне, Авакум гледа неволји, кавги, раздор. ‚Законот ја изгубил силата‘, станал парализиран. А правдата? Па, таа „никогаш не излегува“ победоносно! Никогаш не преовладува. Наместо тоа, „нечестивиот го победува праведниот“, заобиколувајќи ги законските мерки кои се предвидени за да се заштитат недолжните. Навистина, „судот се искривува“. Изопачен е. Каква само жалосна состојба!

7. Што е одлучен Авакум да прави?

7 Авакум застанува и размислува за ситуацијата. Дали ќе се откаже? Никако! Преиспитувајќи го сето прогонство врз Божјите верни слуги, овој лојален човек ја обновува својата одлучност да остане цврст, непоколеблив како Јеховин пророк. Авакум ќе продолжи да ја објавува Божјата порака — дури и ако тоа значи смрт.

Јехова извршува едно неверојатно „дело“

8, 9. Какво неверојатно „дело“ извршува Јехова?

8 Авакум ги гледа во визија лажните религионисти кои го обесчестуваат Бог. Слушни што им кажува Јехова: „Погледајте меѓу народите, видете — и многу ќе се зачудите“. Веројатно Авакум се чуди зошто Бог им се обраќа на тие злобни на ваков начин. Потоа, тој слуша како Јехова им вели: „,Восхитете се‘: зашто во ваше време Јас ќе извршам такво дело, за кое вие не би поверувале, ако би ви раскажувале“ (Авакум 1:5). Всушност, самиот Јехова го извршува тоа дело за кое тие не можат да поверуваат. Но, што е тоа?

9 Авакум напрегнато ги слуша Божјите понатамошни зборови, запишани во Авакум 1:6—11. Тоа е Јеховина порака — и никаков лажен бог или безживотен идол не може да го спречи нејзиното исполнување: „Оти Јас ќе ги кренам Халдејците, народ жесток и необуздан, кој оди по ширините земни за да завладее населби, кои нему не му припаѓаат. Тој е страшен и ужасен [влева страв, NW]; тој самиот е и суд и власт. Коњите негови се побрзи и од леопарди и поустремни од вечерни волци; коњицата негова се движи по разни страни; јавачите му доаѓаат од далечина, налетуваат како орли што се спуштаат врз пленот. Во групи тој оди по грабеж [во целост доаѓа по чисто насилство, NW]; го устремува лицето и тој заробува пленици како песок. И со цареви се подигрува, а кнезовите му служат за подбив; над секоја тврдина тој се смее: засипува опсаден окоп и ја презема. Во таков случај духот му станува горд [сигурно се движи нанапред како ветар, NW], оди и бујствува; силата негова му е бог“.

10. Кого го подигнал Јехова?

10 Какво само пророчко предупредување од Највишиот! Јехова ги подига Халдејците, суровата вавилонска нација. На својот марш низ „пространите места на Земјата“ таа ќе освои многу, многу живеалишта. Колку застрашувачки! Халдејската орда е „ужасна и влева страв“, ужасна е и стравотна. Таа си донесува свои нефлексибилни закони. ‚Таа самата е и суд и власт.‘

11. Како би го опишал доаѓањето на вавилонските сили против Јуда?

11 Вавилонските коњи се побрзи и од брзите леопарди. Неговата коњаница е посвирепа и од гладните волци кои ловат ноќе. Не можејќи да чекаат, ‚нејзините коњи со копитата удираат по земјата‘ нестрпливо. Од далечниот Вавилон тие се упатуваат кон Јуда. Летајќи како орел кој брза кон некој вкусен оброк, Халдејците наскоро ќе се нафрлат врз својот плен. Дали тоа ќе биде едноставно препад, само еден напад од страна на неколку војници? О, не! „Во целост доаѓа по чисто насилство“, како едно гигантско мноштво кое врие за да излее пустошење. Нивните лица се вжарени од ревност, јаваат на запад кон Јуда и Ерусалим, движејќи се брзо како источен ветар. Вавилонските сили земаат толку многу затвореници што ‚собират заробеници како песок‘.

12. Каков е ставот на Вавилонците, и за што „всушност ќе стане виновен“ овој страшен непријател?

12 Халдејската војска се подбива со царевите и им се исмејува на високите службеници, кои се немоќни да го запрат нејзиното непопустливо напредување. Таа ‚му се смее и на секое утврдено место‘ зашто секоја тврдина паѓа кога Вавилонците ‚натрупуваат прашина‘ така што градат земјен насип од кој ќе нападнат. Во Јеховино определено време, страшниот непријател „сигурно ќе се движи нанапред како ветар“. Напаѓајќи ги Јуда и Ерусалим, тој „всушност ќе стане виновен“ за нанесување штета врз Божјиот народ. После една виорна победа, халдејскиот заповедник ќе се фали: ‚Оваа сила се должи на нашиот Бог‘. Но, всушност, колку малку знае тој!

Цврста основа за надеж

13. Зошто Авакум е исполнет со надеж и доверба?

13 Со зголеменото разбирање на Јеховината намера, во срцето на Авакум расте надеж. Исполнет со целосна доверба, тој зборува со восхит за Јехова. Како што е забележано во Авакум 1:12 (NW), пророкот вели: „Зарем ти не си од дамнина, о, Јехова? О, Боже мој, Светецу мој, ти не умираш“. Навистина, Јехова е Бог кој ‚постои отсекогаш и засекогаш‘ — вечно (Псалм 89:1, 2).

14. По каков правец се стремеле отпадниците на Јуда?

14 Размислувајќи за својата визија добиена од Бог и радувајќи се на увидот кој му го дала таа, пророкот продолжува: „Ти, Господи, само за суд си го допуштил тоа. Карпо моја. За казна [укор, NW] си го определил ова“. Бог неповолно им пресудил на отпадниците на Јуда, и тие се на ред да добијат укор, тешка казна од Јехова. Требало да гледаат на него како на своја Карпа, единствена вистинска тврдина, засолниште и Извор на спасение (Псалм 61:7; 93:22; 94:1). Сепак, отпадничките водачи на Јуда не се приближуваат кон Бог и продолжуваат да ги угнетуваат Јеховините безопасни обожаватели.

15. Во која смисла на Јеховините ‚очи не им е својствено да гледаат злодејание‘?

15 Оваа ситуација многу го вознемирува Јеховиниот пророк. Затоа, тој вели: „На чистите очи Твои не е својствено да гледаат злодејание и да гледаш угнетување Ти не можеш“ (Авакум 1:13). Да, на Јеховините ‚чисти очи не им е својствено да гледаат злодејанија‘, односно да го толерираат престапувањето.

16. Како ти би го сумирал она што е запишано во Авакум 1:13—17?

16 Затоа, Авакум има на ум некои прашања кои поттикнуваат на размислување. Тој прашува: „Зошто гледаш злодејци и си безгласен, кога нечестивецот проголтува човек што е поправеден од него, и ги оставаш луѓето како риба в море и како лазачи, кои немаат господар? Сите тие со јадица ги лови, ги лови во мрежата своја, ги извлекува и ги собира на суво, па затоа се радува и весели. Затоа на мрежата своја принесува жртва и на творбата кади со темјан, оти од нив делот му е мрсен и храната му е вкусна. Па заради тоа ќе сака ли да ја испразни мрежата своја и постојано да ги убива народите безмилосно?“ (Авакум 1:13—17).

17. а) Напаѓајќи ги Јуда и Ерусалим, како Вавилонците ѝ послужиле на Божјата намера? б) Што ќе му открие Јехова на Авакум?

17 Напаѓајќи ги Јуда и нејзиниот главен град Ерусалим, Вавилонците ќе постапуваат според своите сопствени желби. Тие нема да знаат дека служат како Божје средство за извршување на неговиот праведен суд врз еден неверен народ. Лесно е да се види зошто на Авакум му било тешко да разбере дека Бог ќе ги употреби злобните Вавилонци за да го извршат Неговиот суд. Тие немилосрдни Халдејци не се Јеховини обожаватели. Тие гледаат на луѓето чисто како на ‚риби и лазачи‘, кои треба да бидат фатени и покорени. Но, збунетоста на Авакум нема да трае долго. Наскоро Јехова ќе му открие на својот пророк дека Вавилонците нема да останат неказнети заради нивниот алчен грабеж и нивната нечовечна вина за крв (Авакум 2:8).

Спремен за Јеховините понатамошни зборови

18. Што можеме да научиме од ставот на Авакум, како што се гледа во Авакум 2:1?

18 Меѓутоа, токму сега, Авакум чека да ги чуе Јеховините понатамошни зборови до него. Пророкот решително наведува: „Застанав на стража, и стоејќи на кулата, набљудував за да разберам, што ќе ми каже Он, и што да одговорам на укорот од Него“ (Авакум 2:1). Авакум е силно заинтересиран за она што Бог допрва ќе го каже преку него како пророк. Неговата вера во Јехова како Бог кој не го толерира злото го наведува да се праша зошто преовладува злобата, но тој е спремен да дозволи неговото размислување да биде преиначено. А како е со нас? Кога се прашуваме зошто се толерираат извесни зли работи, нашата доверба во праведноста на Јехова Бог треба да ни помогне да задржиме рамнотежа и да чекаме на него (Псалм 41:5, 11).

19. Верно на Божјата реч до Авакум, што се случило со своеглавите Евреи?

19 Верно на својата реч до Авакум, Јехова извршил суд врз своеглавата еврејска нација така што дозволил Вавилонците да навлезат во Јуда. Во 607 пр. н. е. тие ги уништиле Ерусалим и храмот, убиле стари и млади, и зеле многу заробеници (2. Летописи 36:17—20). После едно долго изгнанство во Вавилон, еден верен еврејски остаток се вратил во својата татковина и на крај повторно го изградил храмот. Меѓутоа, после тоа Евреите повторно се покажале неверни на Јехова — особено кога го отфрлиле Исус како Месија.

20. Како Павле го употребил Авакум 1:5 во врска со отфрлањето на Исус?

20 Според Дела 13:38—41, апостол Павле им покажал на Евреите во Антиохија што би значело да се отфрли Исус и на тој начин да се отфрли со презир неговата откупна жртва. Цитирајќи го Авакум 1:5 од верзијата на грчката Септуагинта, Павле предупредил: „Пазете да не дојде на вас што е речено во Пророците: ‚Гледајте вие, кои презирате и се чудите, и нека ве снема! Оти во ваши дни ќе извршам дело, во кое немаше да поверувате, [дури и, NW] ако некој би ви раскажувал [во поединости, NW]‘“. Во склад со Павловиот цитат, второто исполнување на Авакум 1:5 настапило кога римските војски го уништиле Ерусалим и неговиот храм во 70 н. е.

21. Како Евреите во времето на Авакум гледале на Божјето „дело“ — Вавилонците да го уништат Ерусалим?

21 За Евреите од времето на Авакум било незамисливо Божјето „дело“ — Вавилонците да го уништат Ерусалим бидејќи градот бил седиште на Јеховиното обожавање и место каде што бил востоличен неговиот помазан Цар (Псалм 131:11—18). Како таков, Ерусалим никогаш пред тоа не бил уништен. Неговиот храм никогаш не бил запален. Царскиот дом на Давид никогаш не бил соборен. Било неверојатно Јехова да дозволи да се случат такви работи. Но, преку Авакум, Бог дал навремено предупредување дека ќе се случат тие шокантни настани. А историјата потврдува дека се случиле токму онака како што било претскажано.

Божјето неверојатно „дело“ во нашево време

22. Што ќе вклучува Јеховиното неверојатно „дело“ во нашево време?

22 Дали Јехова ќе изврши некакво неверојатно „дело“ во нашево време? Да бидеме сигурни дека ќе изврши, иако тоа се чини неверојатно за оние кои се сомневаат. Овојпат, Јеховиното неверојатно дело ќе биде уништувањето на христијанскиот свет. Исто како древната Јуда, тој тврди дека го обожава Бог, но станал потполно корумпиран. Јехова ќе се погрижи наскоро да биде збришана секоја трага од религиозниот систем на христијанскиот свет, како што ќе биде случај и со целиот ‚голем Вавилон‘ — светското царство на лажната религија (Откровение 18:1—24).

23. На што понатаму Божјиот дух го поттикнал Авакум?

23 Јехова имал уште работа за Авакум пред уништувањето на Ерусалим во 607 пр. н. е. Што уште ќе му каже Бог на својот пророк? Па, Авакум требало да чуе работи кои ќе го поттикнат да го земе својот музички инструмент и да му пее на Јехова во молитвени тажалки. Меѓутоа, најпрвин Божјиот дух требало да го поттикне пророкот да објави драматични неволји. Сигурно ќе цениме ако добиеме увид во длабокото значење на тие пророчки зборови за Божјето определено време. Затоа, да му обрнеме понатамошно внимание на пророштвото на Авакум.

Дали се сеќаваш?

• Какви околности постоеле во Јуда во времето на Авакум?

• Какво неверојатно „дело“ извршил Јехова во времето на Авакум?

• Каква основа за надеж имал Авакум?

• Какво неверојатно „дело“ ќе изврши Бог во нашево време?

[Прашања]

[Слика на страница 9]

Авакум се прашувал зошто Бог дозволува да преовладува злобата. А ти?

[Слика на страница 10]

Авакум претскажал несреќа за земјата Јуда од страна на Вавилонците

[Слика на страница 10]

Археолошки ископини од Ерусалим кој бил уништен во 607 пр. н. е.