Верни и бестрашни наспроти нацистичкото угнетување
Верни и бестрашни наспроти нацистичкото угнетување
На 17 јуни 1946 кралицата Вилхелмина од Холандија испрати порака со сочувство до едно семејство Јеховини сведоци во Амстердам. Целта беше да го изрази својот восхит од синот на тоа семејство, Јакоб ван Бенеком, кого нацистите го погубиле во II светска војна. Пред неколку години, градскиот совет на Дутинкем, град во источниот дел на Холандија, одлучил една улица да го носи името на Бернард Полман, Јеховин сведок кој исто така бил погубен за време на војната.
ЗОШТО нацистите се свртеле против Јакоб, Бернард и други Јеховини сведоци во Холандија во текот на II светска војна? И што им овозможило на овие Сведоци да останат верни низ годините на сурово прогонство и на крај да ги стекнат почитта и восхитот на своите сограѓани и на кралицата? За да го откриеме тоа, да разгледаме некои настани кои воделе до соочување од типот ‚Давид и Голијат‘ меѓу една мала група Јеховини сведоци и џиновската нацистичка воена машинерија.
Забранети — но поактивни од кога и да било
На 10 мај 1940 нацистичката војска се нафрлила на Холандија. Со оглед на тоа што литературата која ја дистрибуирале Јеховините сведоци ги разоткривала злите постапки на нацизмот и го застапувала Божјето Царство, нацистите не губеле време во обидот да ги запрат активностите на Сведоците. За помалку од три седмици откако ја нападнале Холандија, нацистите издале таен указ со кој ги забраниле Јеховините сведоци. На 10 март 1941, еден новински извештај ја објавил забраната, обвинувајќи ги Сведоците за водење кампања „против сите државни и црковни институции“. Како
резултат на тоа, хајката против Јеховините сведоци се засилила.Интересно е тоа што иако озлогласениот Гестапо, или тајната полиција, ги држела под надзор сите цркви, таа жестоко прогонувала само една христијанска организација. „Прогонство до смрт“, истакнува холандскиот историчар д-р Луј де Јон, „погодило само една религиозна група — Јеховините сведоци“ (Het Koninkrik der Nederlanden in de Tweede Wereldoorlog — Кралството Холандија во текот на Втората светска војна).
За да ги пронајде и уапси Сведоците, Гестапо добил помош од холандската полиција. Освен тоа, еден патувачки надгледник, кој се уплашил и станал отпадник, им дал на нацистите информации за своите поранешни соверници. До крајот на април 1941, биле уапсени 113 Сведоци. Дали ваквиот напад довел до застој на проповедничките активности?
Одговорот се наоѓа во Meldungen aus den Niederlanden (Извештаи од Холандија), еден доверлив документ кој го подготвила германската Sicherheitspolizei (Полиција за државна безбедност) во април 1941. Во врска со Јеховините сведоци, извештајот вели: „Оваа забранета секта спроведува енергична активност во целата земја, одржува илегални состаноци и растура летоци кои имаат слогани како што се: ‚Прогонството на Божјите Сведоци е криминал‘ и ‚Јехова ќе ги казни прогонителите со вечно уништување‘“. После две седмици, истиот извор известил дека „и покрај засилувањето на строгите мерки кои ги презеде полицијата за државна безбедност против активностите на Библиските студенти, нивните активности и понатаму се зголемуваат“. Да, и покрај опасноста од апсење, Сведоците продолжиле со своето дело и само во 1941 година во јавноста поделиле повеќе од 350.000 примероци литература!
Што ѝ овозможило на оваа мала, но растечка група од неколку стотини Сведоци храбро да застане наспроти своите застрашувачки непријатели? Слично на верниот пророк Исаија од старо време, Сведоците се плашеле од Бог, а не од човек. Зошто? Затоа што ги земале при срце Јеховините успокојувачки зборови до Исаија: „Јас, Јас Самиот сум ваш Утешител. Кој си ти, та се плашиш од човек, кој умира?“ (Исаија 51:12).
Бестрашност која заслужува почит
До крајот на 1941, бројот на уапсени Сведоци пораснал на 241. Меѓутоа, неколкумина попуштиле на стравот од човек. Вили Лагес, озлогласен член на германската тајна полиција, е цитиран како вели дека
„90 проценти од Јеховините сведоци одбиле да откријат нешто, додека од другите групи само еден многу мал процент имале сила да молчат“. Една забелешка од холандскиот свештеник Јоханес Џ. Бескес, кој бил затворен заедно со некои Сведоци, ја потврдува изјавата на Лагес. Во 1951 Бескес напишал:„Во тоа време стекнав голема почит кон нив поради нивната доверба и сила на верата. Никогаш нема да го заборавам младичот — сигурно немаше повеќе од 19 години — кој дистрибуирал памфлети во кои била предвидена пропаста на Хитлер и Третиот Рајх . . . Можеше да биде ослободен во рок од половина година ако ветеше дека ќе се откаже од таквата активност. Тој го одби ова многу отсечно, и беше осуден на принудна работа во Германија на неодредено време. Добро знаевме што значи тоа. Следното утро, кога требаше да биде одведен и се збогувавме, му реков дека ќе мислиме на него и дека ќе се молиме за него. Неговиот единствен одговор беше: ‚Не грижете се за мене. Божјето Царство сигурно ќе дојде‘. Такво нешто не се заборава, без оглед на тоа каков сѐ приговор имаш на учењата на овие Јеховини сведоци“.
И покрај суровото противење, бројот на Сведоците продолжил да расте. Кратко пред Втората светска војна ги имало околу 300, но во 1943 бројот пораснал на 1.379. За жал, до крајот на истата година, 54 од над 350 Сведоци кои биле уапсени, умреле во различни концентрациони логори. А во 1944, во неколку концентрациони логори сѐ уште биле држени 141 Јеховин сведок од Холандија.
Последната година од нацистичкото прогонство
После 6 јуни 1944, денот Д, прогонството на Сведоците влегло во својата последна година. На воен план, нацистите и нивните соработници се наоѓале во безизлезна ситуација. Човек би помислил дека во оваа ситуација нацистите би се откажале од гонењето на невини христијани. Сепак, таа година биле уапсени уште 48 Сведоци, а загинале уште 68 од затворените Сведоци. Еден од нив бил Јакоб ван Бенеком, кој беше спомнат претходно.
Осумнаесетгодишниот Јакоб бил меѓу 580-те лица крстени како Јеховини сведоци во 1941. Набрзо после тоа напуштил една добра работа поради тоа што од него се барало да ја компромитира својата христијанска неутралност. Нашол работа како курир и почнал да служи како полновремен министер. Додека пренесувал библиска литература, бил фатен и уапсен. Во август 1944 од еден затвор во градот
Ротердам, 21-годишниот Јакоб на своето семејство му напишал:„Се наоѓам во многу добра состојба и исполнет сум со радост . . . Досега ме сослушуваа четирипати. При првите две сослушувања беа прилично сурови и многу ме тепаа, но со силата и незаслужената љубезност од Господ, досега не им открив ништо . . . Овде веќе можев да одржам предавања, сѐ на сѐ шест, а слушаа вкупно 102 лица. Некои од нив покажуваат добар интерес и ветија дека штом ќе бидат ослободени, ќе продолжат со ова“.
На 14 септември 1944 Јакоб бил одведен во еден концентрационен логор во холандскиот град Амерсфорт. Дури и таму продолжил да проповеда. Како? Еден друг затвореник се сеќава: „Затворениците ги собираа отпушоците од цигари кои ги фрлаа стражарите и како хартија за цигари користеа страници од Библијата. Понекогаш Јакоб успеваше да прочита по неколку зборови од библиската страница пред да се употреби за да се свитка цигара. Веднаш ги користеше тие зборови како темел за да ни проповеда. Набргу на Јакоб му дадовме прекар ‚човекот Библија‘“.
Во октомври 1944 Јакоб се нашол во една голема група затвореници на кои им било наредено да копаат противтенковски клопки. Јакоб одбил да го работи тоа бидејќи неговата совест не му дозволувала да ги поддржува воените дејства. Иако стражарите постојано му се заканувале, тој не попуштил. На 13 октомври еден офицер го одвел од самицата до местото каде што се работело. Јакоб повторно си останал на своето. На крај му било наредено да си го ископа својот гроб и бил застрелан.
Хајката по Сведоците продолжува
Храбриот став на Јакоб и на другите ги разбеснел нацистите и поттикнал друга хајка по Сведоците. Една од нивните мети бил 18-годишниот Еверт Кетелари. Во почетокот тој можел да се извлекува и да се крие, но подоцна бил уапсен и сурово тепан за да даде информации за другите Сведоци. Одбил да го стори тоа и бил испратен на принудна работа во Германија.
Истиот месец, октомври 1944, полицијата тргнала во потера по Бернард Лемес, зет на Еверт. Кога го нашле, тој бил придружуван од други двајца Сведоци — Антони Рамајер и Албертус Бос. Албертус веќе имал поминато 14 месеци во концентрационен логор. Сепак, откако бил пуштен, ревносно продолжил со проповедничкото дело. Најпрвин нацистите немилосрдно ги тепале овие тројца мажи, а потоа ги застрелале. Дури по завршувањето на војната биле пронајдени нивните тела и одново погребани. Кратко по војната, неколку локални весници известиле за ова погубување. Во еден весник пишувало дека тројцата Сведоци постојано одбивале да извршат секаква служба за нацистите која била спротивна на Божјиот закон и додал дека ‚заради тоа, морале да платат со живот‘.
Во меѓувреме, на 10 ноември 1944, Бернард Полман, спомнат претходно, бил уапсен и испратен да работи на некој воен проект. Тој бил единствениот Сведок меѓу принудните работници и единствениот кој одбил да ја врши оваа работа. Стражарите се обиделе со поинакви тактики за да го натераат да направи компромис. Воопшто не му давале храна. Исто така, сурово го тепале со палки, мотики и кундаци. Освен тоа, бил присилен да гази низ студена вода до колена, а потоа бил затворен во влажен подрум каде што морал да ја помине ноќта во своите мокри алишта. Сепак, Бернард не попуштил.
Во текот на тој период, двете сестри на Бернард кои не биле Јеховини сведоци добиле дозвола да го посетат. Тие го убедувале да се премисли, но тоа воопшто не влијаело врз него. Кога го запрашале Бернард дали би можеле да сторат нешто за него, тој им предложил да си одат дома и да ја проучуваат Библијата. Потоа прогонителите дозволиле да го посети неговата бремена жена, надевајќи се дека таа ќе го скрши неговиот отпор. Но, нејзиното присуство и охрабрувачки зборови послужиле само да се зајакне решеноста на Бернард да му остане верен на Бог. На 17 ноември 1944 Бернард бил застрелан од петмина негови мачители пред очите на сите други принудни работници. Дури и откако тој бил мртов, а неговото тело изрешетано од куршуми, одговорниот офицер толку се разгневил што го извадил револверот и го застрелал Бернард во очите.
Иако ваквото брутално постапување ги шокирало Сведоците кои дознале за погубувањето, тие останале верни и бестрашни и продолжиле со својата христијанска активност. Едно мало собрание на Јеховини сведоци, во близина на местото каде што бил убиен Бернард, кратко после погубувањето известило: „Овој месец, и покрај многу лошото време и тешкотиите што Сатана ни ги постави на патот, постигнавме многу голем успех. Бројот на часови поминати на теренот скокна од 429 на 765 . . . Додека проповедал, еден брат сретнал некој човек на кого можел да му даде добро сведоштво. Тој прашал дали ова е истата вера како верата на човекот кој бил застрелан. Откако чул дека е истата, извикал: ‚Каков човек, каква вера! Тоа е она што јас го нарекувам херој во верата!‘“
Запаметен од Јехова
Во мај 1945 нацистите биле поразени и истерани од Холандија. И покрај непопустливото прогонство за време на војната, бројот на Јеховините сведоци пораснал од неколку стотици на над 2.000. Говорејќи за Сведоците од времето на војната, историчарот д-р де Јонг признава: „Едно многу големо мнозинство од нив одбија да се одречат од својата вера и покрај заканите и мачењето“.
Затоа, некои световни авторитети со добра причина ги паметат Јеховините сведоци по храбриот став што го зазеле наспроти нацистичката влада. Меѓутоа, што е уште поважно, одличното досие на овие Сведоци од времето на војната ќе го запаметат Јехова и Исус (Евреите 6:10). Во текот на претстојното Илјадагодишно владеење на Исус Христос, овие верни и бестрашни Сведоци кои го дале својот живот во Божјата служба ќе бидат подигнати од спомен гробовите, со изглед за вечен живот на рајската Земја! (Јован 5:28, 29).
[Слика на страница 24]
Јакоб ван Бенеком
[Слика на страница 26]
Исечок од весник од указот кој ги забранувал Јеховините сведоци
[Слики на страница 27]
Десно: Бернард Лемес; долу: Албертус Бос (лево) и Антони Рамајер; долу: канцеларијата на Заедницата во Хемстед