Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Вие многу знаете за Библијата“

„Вие многу знаете за Библијата“

Објавителите на Царството известуваат

„Вие многу знаете за Библијата“

КОГА 12-годишниот Исус храбро разговарал со верските водачи во Ерусалим, ‚сите што Го слушале, се восхитувале на Неговиот разум и на Неговите одговори‘ (Лука 2:47). Слично и денес, многу млади Јеховини слуги собираат храброст за да разговараат со своите наставници и соученици за Бог и за Библијата, и честопати имаат подеднакво радосни резултати.

Тифани, која има 14 години, присуствувала на час каде се водела дискусија во врска со библиското пророштво за 70-те седмици од години, кое се наоѓа во Даниил 9:24—27. Наставникот изнел неколку факти за тие стихови и набрзина ја поминал темата.

Во почетокот Тифани се колебала да крене рака. „Но од некоја причина“, вели таа, „навистина ми сметаше што стиховите не беа целосно објаснети. И пред да бидам свесна за тоа, раката ми беше крената.“ Наставникот се зачудил што некој всушност има нешто да каже на таа тема, бидејќи на повеќето ученици им било тешко да ја разберат.

Кога ѝ била дадена прилика да го објасни пророштвото, Тифани станала и без претходна подготовка почнала да зборува. Кога завршила, во училницата владеела апсолутна тишина. Малку ја фатило трема. Потоа, во класот одекнал силен аплауз.

„Прекрасно Тифани, прекрасно“, повторувал наставникот. Тој признал дека, според него, мора да има нешто повеќе во врска со тие стихови, но дека Тифани била првата која некогаш му ги објаснила толку јасно. На крајот од часот ја прашал Тифани од каде знае толку многу за Библијата.

„Знам затоа што сум Јеховин сведок“, одговорила таа. „Моите родители мораа да ми го објаснат ова пророштво неколкупати додека го разбрав.“

И соучениците биле зачудени од нејзиното познавање на Библијата. Една ученичка ѝ рекла на Тифани: „Сега знам зошто вие Јеховините сведоци одите од врата до врата; тоа е бидејќи вие многу знаете за Библијата“. Други ветиле дека никогаш повеќе нема да ја задеваат во врска со нејзините верувања.

Кога Тифани им го раскажала своето искуство на родителите, тие ѝ предложиле да му ја понуди на наставникот книгата Спознание кое води до вечен живот. Кога го сторила тоа и му го покажала на наставникот делот каде што се објаснува пророштвото на Даниел, тој радо ја зел книгата и ѝ се заблагодарил.

Навистина, кога христијанските младинци храбро зборуваат за она што родителите ги научиле за Бог и за Библијата, тоа му донесува фалба и чест на Јехова, а ним — благослови (Матеј 21:15, 16).