Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Библијата има скриен код?

Дали Библијата има скриен код?

Дали Библијата има скриен код?

ОТПРИЛИКА две години после атентатот на израелскиот премиер Јицак Рабин во 1995, еден новинар тврдел дека со помош на компјутерската технологија открил едно предвидување на тој настан скриено во оригиналниот текст на хебрејската Библија. Новинарот Мајкл Дрознин напишал дека се обидел да го предупреди премиерот за тоа повеќе од една година пред атентатот, но залудно.

Сега се издадени други книги и статии кои тврдат дека овој скриен код дава апсолутен доказ дека Библијата е инспирирана од Бог. Дали постои таков код? Дали би требало некој скриен код да биде темел за верување дека Библијата е инспирирана од Бог?

Нова идеја?

Идејата за скриен код во библискиот текст не е нова. Таа е централен концепт на кабалата, т.е. традиционалниот еврејски мистицизам. Според кабалистичките учители, основното значење на библискиот текст не е неговото вистинско значење. Тие веруваат дека Бог употребил поединечни букви од текстот на хебрејската Библија како симболи, кои кога исправно ќе се разберат, откриваат некоја поголема вистина. Според нивното гледиште, секоја хебрејска буква и нејзината положба во библискиот текст ја поставил Бог имајќи на ум конкретна цел.

Според Џефри Сатиновер, истражувач на библискиот код, овие еврејски мистици веруваат дека хебрејските букви, кои се употребени за да се запише извештајот за создавањето во 1. Мојсеева, имаат неверојатна мистична моќ. Тој пишува: „1. Мојсеева, накратко, не е само опис; таа е инструментот на самото дело на создавање, нацрт на Божјиот ум манифестиран во физички облик“.

Бахаја бен Ашер, кабалистички рабин од 13 век од Сарагоса (Шпанија), напишал за извесни скриени информации кои му се откриле со тоа што ја читал секоја 42. буква во еден дел од 1. Мојсеева. Оваа метода на прескокнување на буквите според некој редослед во обид да се откријат скриени пораки е темелот на современиот концепт на библискиот код.

Компјутерите го „откриваат“ кодот

Пред компјутерската ера, способноста на човекот да го испитува библискиот текст на ваков начин била ограничена. Меѓутоа, во август 1944, во журналот Statistical Science била објавена статија во која Елијаху Рипс од Ерусалимскиот еврејски универзитет и неговите колеги истражувачи изнеле некои зачудувачки тврдења. Објасниле дека отстранувајќи ги сите растојанија меѓу буквите и користејќи редослед на подеднакво оддалечени скокови меѓу буквите во хебрејскиот текст на 1. Мојсеева, ги откриле кодирани во текстот имињата на 34 прочуени рабини и други информации како, на пример, датумите за нивното раѓање или смртта, многу близу до нивните имиња. a После повторното испитување, истражувачите го објавиле својот заклучок дека информациите кодирани во 1. Мојсеева статистички се далеку од веројатноста за случајност — доказ за инспирирани информации кои пред илјадници години биле намерно скриени во 1. Мојсеева во облик на код.

Тргнувајќи од оваа метода, новинарот Дрознин направил свои испитувања, барајќи скриени информации во првите пет книги на хебрејската Библија. Според Дрознин, тој го пронашол името на Јицак Рабин вметнато во библискиот текст со редослед на секоја 4.772 буква. Кога го подредил библискиот текст во линии од кои секоја има по 4.772 букви, тој го видел името на Рабин (прочитано вертикално) пресечено со еден ред (5. Мојсеева 4:42, хоризонтално) кој Дрознин го превел како „атентаторот кој ќе изврши атентат“.

Всушност 5. Мојсеева 4:42 зборува за убиец кој убил ненамерно. Затоа, многумина го критикувале произволниот пристап на Дрознин, тврдејќи дека неговите ненаучни методи би можеле да се употребат за да се откријат слични пораки во кој и да било текст. Но, Дрознин останал при своето, наметнувајќи го овој предизвик: „Кога моите критичари ќе откријат порака во врска со атентатот врз некој премиер кодирана во [романот] Моби Дик, јас ќе им поверувам“.

Доказ за инспирираност?

Професор Брендан Меккеј, од Одделот за компјутерска наука при австралискиот Национален универзитет, се зафатил со предизвикот на Дрознин и направил обемно компјутерско истражување на англискиот текст на Моби Дик. b Користејќи ја истата метода која ја опишал Дрознин, Меккеј тврди дека открил „предвидувања“ за атентатите врз Индира Ганди, Мартин Лутер Кинг јуниор, Џон Ф. Кенеди, Абрахам Линколн и врз други. Според Меккеј, тој открил дека Моби Дик исто така го „прорекол“ убиството на Јицак Рабин.

Враќајќи се на хебрејскиот текст од 1. Мојсеева, професор Меккеј и неговите соработници упатиле предизвик и на резултатите од експериментите на Рипс и неговите соработници. Ги обвиниле дека резултатите не се толку поврзани со некоја инспирирана кодирана порака колку со методата и пристапот на истражувачите — одредувањето на датумот во голема мера зависело од слободата на одлучување на истражувачите. Научната дебата по ова прашање продолжува.

Едно друго спорно прашање се појавува кога се изнесуваат тврдења дека таквите кодирани пораки биле намерно скриени во „стандардниот“ или „оригиналниот“ хебрејски текст. Рипс и неговите колеги истражувачи велат дека тие го спровеле своето истражување според „стандардниот, општо прифатен текст од 1. Мојсеева“. Дрознин пишува: „Сите Библии на оригиналниот хебрејски јазик кои сега постојат се истите од буква до буква“. Но, дали е тоа случај? Наместо ‚стандарден‘ текст, денес се користат различни изданија на хебрејската Библија, темелени на различни древни манускрипти. Иако библиската порака не се разликува, поединечните манускрипти не се идентични од буква до буква.

Многу денешни преводи се темелат на Ленинградскиот кодекс — најстариот комплетен хебрејски мазоретски манускрипт — препишан околу 1000 година н.е. Но, Рипс и Дрознин употребиле поинаков текст, имено Коренот. Шломо Стернберг, православен рабин и математичар на Харвардскиот универзитет, објаснува дека Ленинградскиот кодекс „се разликува од изданието на Коренот кое го користел Дрознин со 41 буква и тоа само во 5. Мојсеева“. Свитоците од Мртвото Море вклучуваат делови од библискиот текст кои се препишувани пред повеќе од 2000 години. Спелувањето во овие свитоци честопати прилично се разликува од подоцнежните мазоретски текстови. Во некои свитоци, извесни букви биле слободно додадени за да ги наведат гласовите на самогласките, бидејќи знаците за самогласки сѐ уште не биле измислени. Во други свитоци се употребени помалку букви. Една споредба меѓу сите постоечки библиски манускрипти покажува дека значењето на библискиот текст останува целосно. Сепак, таа исто така покажува дека спелувањето и бројот на буквите од текст до текст се разликуваат.

Потрагата по некоја наводна скриена порака зависи од апсолутно непроменет текст. Една изменета буква целосно би го искривила редоследот — и пораката, ако воопшто ја има. Бог ја сочувал својата порака во Библијата. Но, тој не ја сочувал целосно секоја буква, како да бил обземен со толку ситници како што се промените во спелувањето кои се јавувале со текот на вековите. Зарем ова не покажува дека тој не притаил некоја скриена порака во Библијата? (Исаија 40:8; 1. Петрово 1:24, 25).

Дали ни е потребен скриен библиски код?

Апостол Павле многу јасно напишал дека „целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за изобличување, поправање, и поучување во правдата, за да биде Божјиот човек совршен и годен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17). Јасната и директна порака во Библијата не е претешка да се разбере или примени, но многу луѓе избираат да ја игнорираат (5. Мојсеева 30:11—14). Пророштвата кои се отворено изнесени во Библијата даваат цврст темел да се верува во нејзината инспирираност. c За разлика од некој скриен код, библиските пророштва не се произволни, и не се ‚некакво сопствено кажување‘ (2. Петрово 12:19—21).

Апостол Петар напишал дека ‚тие не нѐ запознале со силата и со присутноста на нашиот Господ Исус следејќи препредено смислени лажни приказни‘ (2. Петрово 1:16NW). Концептот на библиски код си има свои корења во еврејскиот мистицизам, во кој се користат „препредено смислени“ методи кои го замаглуваат и искривуваат јасното значење на библискиот инспириран текст. Самите Хебрејски списи недвосмислено го осудуваат таквиот мистичен пристап (5. Мојсеева 13:1—5; 18:9—13).

Колку само сме среќни што ја имаме јасната порака и поука од Библијата кои можат да ни помогнат да го запознаеме Бог! Тоа е многу подобро отколку да се обидуваме да учиме за својот Творец трагајќи по некакви скриени пораки кои се производ на личното толкување и фантазијата потпомогната од компјутерите (Матеј 7:24, 25).

[Фусноти]

a Во хебрејскиот јазик, нумеричките вредности можат да се претстават и со букви. Затоа, овие датуми во хебрејскиот текст биле одредени со букви, а не со бројки.

b Хебрејскиот јазик нема самогласки. Нив ги вметнува читателот зависно од контекстот. Ако контекстот се игнорира, со вметнувањето различни гласови за самогласки значењето на некој збор може целосно да се измени. Англискиот јазик има фиксни самогласки, што многу повеќе го отежнува и го ограничува таквото истражување на зборови.

c За повеќе информации во врска со инспирираноста на Библијата и на нејзините пророштва, види ја брошурата Книга за сите луѓе, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.