Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како Божјиот дух дејствува денес?

Како Божјиот дух дејствува денес?

Како Божјиот дух дејствува денес?

БИЛ сакат уште од утробата на мајка си. Секој ден седел кај храмската порта наречена Красна за да проси милостиња од оние кои влегувале во храмот. Меѓутоа, во една прилика овој сакат просјак добил подарок кој бил многу повреден од неколку парички. Бил излекуван! (Дела 3:2—8).

Иако апостолите Петар и Јован биле тие кои ‚го исправиле‘ така што ‚стапалата му зацврснале‘, сепак, заслугата за лекувањето не си ја припишале себеси. Зошто? Самиот Петар објаснил: „Луѓе Израилци, што се чудите на ова, и што сте се загледале во нас, како со своја сила или побожност да направивме овој да оди?“ Навистина, Петар и Јован сфатиле дека такво нешто не можеле да направат со своја моќ, туку со Божјиот свет дух (Дела 3:7—16; 4:29—31).

Во тоа време, таквите „моќни дела“ (NW) се вршеле за да се покаже дека штотуку формираното христијанско собрание има Божја поддршка (Евреите 2:4). Но, откако ќе послужеле за нивната цел, тие требало да „престанат“, рекол апостол Павле a (1. Коринтјаните 13:8). Затоа денес во вистинското христијанско собрание не гледаме никакви од Бог заповедани лекувања, пророчки пораки или истерување демони.

Но, дали ова значи дека Божјиот свет дух повеќе не дејствува? Далеку од тоа! Да разгледаме некои други начини на кои Божјиот дух бил активен во првиот век и е активен во нашево време.

„Духот на вистината“

Една функција на Божјиот свет дух е да информира, да просветлува, да открива вистини. Кратко пред својата смрт, Исус на своите ученици им рекол: „Имам уште многу да ви кажувам, но сега не можете да носите. А кога ќе дојде Он, Духот на вистината, ќе ве упати во секоја вистина“ (Јован 16:12, 13).

„Духот на вистината“ бил излеан на Пентекост 33 н.е., кога отприлика 120 ученици, кои биле собрани во една горна соба во Ерусалим, биле крстени со свет дух (Дела 2:1—4). Меѓу присутните на тој годишен празник бил и апостол Петар. Исполнет со свет дух, Петар ‚станал‘ и разглобил, или разјаснил некои вистини за Исус. На пример, тој раскажал како „Исус Назареќанецот“ бил „возвишен до Божјата десница“ (Дела 2:14, 22, 33NW). Исто така, Божјиот дух го поттикнал Петар на своите еврејски слушатели смело да им објави: „Насигурно нека знае сиот Израилев дом, дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Христос“ (Дела 2:36). Како резултат на Петровата порака инспирирана од духот, околу три илјади лица ‚со срце ги примиле неговите зборови‘ и се крстиле. На тој начин, Божјиот свет дух помогнал да бидат доведени во вистината (Дела 2:37—41).

Исто така, Божјиот свет дух служел како учител и потсетувач. Исус рекол: „А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое име, Он ќе ве научи на сѐ и ќе ви напомни за сѐ што сум ви зборувал“ (Јован 14:26).

На кој начин светиот дух дејствувал како учител? Божјиот дух им ги отворил умовите на учениците за работите кои претходно ги имале слушнато од Исус, но не ги имале разбрано во потполност. На пример, апостолите знаеле дека Исус за време на своето судење, на Понтиј Пилат, римскиот управител на Јудеја, му рекол: „Моето царство не е од овој свет“. Сепак, кога после 40 дена Исус се вознел на небото, апостолите сѐ уште имале погрешно гледиште дека Царството ќе биде воспоставено овде на Земјата (Јован 18:36; Дела 1:6). Изгледа апостолите не можеле во целост да го сфатат значењето на Исусовите зборови сѐ до излевањето на Божјиот свет дух, на Пентекост 33 н.е.

Божјиот дух служел и како потсетувач на тој начин што ги потсетувал на различните учења на Исус. На пример, со помош на светиот дух, пророштвата во врска со Исусовата смрт и воскресение добиле ново значење (Матеј 16:21; Јован 12:16). Тоа што се присетиле на Исусовите учења им помогнало на апостолите смело да го бранат својот став пред цареви, судии и верски водачи (Марко 13:9—11; Дела 4:5—20).

Освен тоа, Божјиот свет дух директно помагал во насочувањето на раните христијани кон плодни подрачја во службата (Дела 16:6—10). Исто така, Божјиот дух ги поттикнал раните христијани да учествуваат во пишувањето на Божјата реч, Библијата, во полза на целото човештво (2. Тимотеј 3:16). Значи, јасно е дека светиот дух во првиот век бил активен на различни начини. Не бил даден само за да се извршуваат чуда.

Светиот дух во нашево време

На сличен начин, светиот дух дејствува во полза на вистинските христијани и во нашево време. Ова го увидела и една мала група Библиски студенти во Алегени (Пенсилванија, САД), во втората половина на 19 век. Овие ревносни студенти на Библијата копнееле да ја дознаат „вистината“ (Јован 8:32; 16:13).

Еден член на оваа група, Чарлс Тејз Расел, во врска со својата потрага по библиската вистина рекол: „Се молев . . . да ми биде овозможено да го ослободам срцето и умот од секоја предрасуда која би можела да ми застане на патот и да бидам воден од неговиот дух кон исправно разбирање“. Бог ја благословил оваа понизна молитва.

Како што Расел и неговите соработници марливо го истражувале Писмото, се разјасниле доста работи. „Увидовме дека со векови“, објаснил Расел, „различни секти и групи ги поделиле библиските доктрини меѓу себе, спојувајќи ги со повеќе или помалку човечки шпекулации и грешки. “Од ова произлегло она што тој го нарекол „заметнување на вистината“. Всушност, библиските вистини биле закопани под една збирка пагански учења кои низ вековите се вовлекувале во христијанството. Но, Расел бил одлучен да ја дознае и да ја објави вистината.

На страниците на Zion’s Watch Tower and Herald of Christ’s Presence (Сионска Стражарска кула и гласник на Христовата присутност) Расел и неговите соработници храбро ги разоткриле лажните религиозни доктрини кои погрешно го претставувале Бог. Увиделе дека — спротивно на популарното религиозно мислење — душата е смртна, дека при смртта одиме в гроб и дека Јехова е единствениот вистински Бог и според тоа, не е дел од некакво тројство.

Но, како што можеш и да претпоставиш, таквото разоткривање на лажните учења го разлутило свештенството на христијанскиот свет. Желни да останат на своите влијателни положби, многу католички и протестантски свештеници организирале кампањи со цел да го побијат Расел. Но, тој и неговите соработници не се откажале. Со доверба, за водство се потпирале на Божјиот дух. „Нашиот Господ гарантирал“, рекол Расел, „дека . . . наш поучувач ќе биде светиот дух од Таткото, испратен заради и по барање на Исус — нашиот Откупител, Посредник и Поглавар.“ И духот навистина ги поучувал! Овие искрени Библиски студенти продолжиле да ги впиваат чистите води на вистината од Библијата и да ги објавуваат ширум светот (Откровение 22:17).

Современата организација на Јеховините сведоци останала приемчива за водството од Божјиот свет дух веќе над еден век. Како што Јеховиниот дух прогресивно ја просветлува нивната духовна визија така Сведоците спремно ги прават потребните преиначувања за да се повинат на поновото разбирање (Изреки 4:18).

„Ќе ми бидете Сведоци“

Исус идентификувал уште една манифестација на Божјиот свет дух кога на своите ученици им рекол: „Ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Исусовото ветување дека на учениците ќе им влее „сила“ и ‚свет дух‘ за да го извршат делото кое им го доделил Бог сѐ уште важи и денес.

Како група, Јеховините сведоци се нашироко познати по своите проповеднички активности. (Види ја рамката.) Всушност, Јеховините сведоци ја кажуваат пораката на вистината во над 230 земји и островски групи. Под секакви можни околности, вклучувајќи и ризикување на животот во подрачјата зафатени со војна, тие храбро ги креваат своите гласови во знак на поддршка на Божјето Царство. Нивната ревност за христијанската служба е моќен доказ дека светиот дух дејствува денес. И очигледно е дека Јехова Бог ги благословува нивните напори.

Минатата година, на пример, на проповедањето на добрата вест за Божјето Царство беа посветени над една милијарда часови. Со каков резултат? Своето предание на Бог го симболизираа 323.439 луѓе подложувајќи се на крштавање во вода. Освен тоа, беа водени 4.433.884 седмични домашни библиски студии со новозаинтересирани лица. Сѐ на сѐ, беа поделени 24.607.741 книга, 631.162.309 списанија и 63.495.728 брошури. Какво само силно сведоштво за Божјиот дух на дело!

Божјиот дух и ти

Кога некој поволно се одѕива на добрата вест, го приспособува животот кон Божјите мерила и изразува вера во подготовката за откупнината, му се отвора патот за чиста положба пред Бог. За таквите апостол Павле рекол: „Бог . . . Го даде Својот Свети Дух во нас [вас NW]“ (1. Солунјаните 4:7, 8; 1. Коринтјаните 6:9—11).

Од поседувањето Божји дух произлегуваат многу прекрасни благослови. Какви благослови? Како прво, Божјата инспирирана реч вели: „Плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, [и] воздржливоста“ (Галатјаните 5:22, 23). Значи, Божјиот свет дух е моќна сила на добро која овозможува да се покажуваат побожни особини.

Освен тоа, ако ја читаш Библијата и го применуваш она што го учиш, Божјиот дух може да ти помогне да растеш во мудроста, спознанието, увидот, просудувањето и способноста за размислување. Цар Соломон добил „мудрост, многу голем разум и широк ум [срце, NW]“ бидејќи настојувал да му угоди на Бог, а не на луѓето (3. Царства 4:29). Со оглед на тоа што Јехова му дал свет дух на Соломон, тој сигурно нема да им го ускрати и на оние кои настојуваат да му угодат денес.

Исто така, Божјиот свет дух им помага на христијаните да се борат со Сатана и демоните, со овој зол систем на ствари и со грешните склоности на своето паднато тело. Како е можно тоа? Апостол Павле одговара: „Сѐ можам преку Исуса Христа [оној, NW], Кој ме крепи“ (Филипјаните 4:13). Светиот дух можеби нема да ги отстрани испитите или искушенијата; меѓутоа, може да ти помогне да ги поднесеш. Потпирајќи се на Божјиот дух, можеме да добиеме ‚сила која ја надминува нормалната‘ за да се справиме со секоја неволја или мака (2. Коринтјаните 4:7 NW; 1. Коринтјаните 10:13).

Кога ќе ги разгледаш сите докази, нема простор за сомневање дека Божјиот свет дух дејствува денес. Јеховиниот дух им дава енергија на неговите слуги да даваат сведоштво за неговите величествени намери. Тој продолжува да открива блесоци духовна светлина и ја зајакнува нашата вера, помагајќи ни да останеме лојални на нашиот Творец. Колку само можеме да бидеме благодарни што Бог останал верен на своето ветување со тоа што им дава свет дух на своите верни слуги денес!

[Фуснота]

a Види ја статијата „Зошто чудесните дарови на духот престанале?“ во англиското издание на Стражарска кула од 15 август 1971, страници 501—505.

[Рамка на страница 10]

Што велат другите за Јеховините сведоци

„Додека другите цркви најмуваат советници за да ги намамат луѓето на црквените клупи или да се зафатат со современите спорни прашања како што се хомосексуалноста и абортусот, Сведоците не прават отстапки во светот што се менува. Тие сѐ уште систематски вршат проповедничка кампања низ Земјата“ (The Orange County Register од покраината Оринџ, Калифорнија, САД).

„Кога станува збор за ширење на верата, малку деноминации имаат толкав ентузијазам . . . како Јеховините сведоци“ (The Republic од Колумбус, Индијана, САД).

„Тие се единствените кои одат од врата до врата со ‚добрата вест‘, применувајќи ги библиските начела“ (Życie Literackie, Полска).

„Во досега најголемата позната проповедничка кампања, Јеховините сведоци ја шират Јеховината порака низ целиот свет“ (News-Observer, Тамаква, Пенсилванија, САД).

[Слики на страница 9]

Божјиот свет дух нѐ просветлува духовно

. . . унапредува убави христијански особини

. . . и нѐ поддржува во делото на проповедање ширум светот