Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што треба да знаеш за магијата

Што треба да знаеш за магијата

Што треба да знаеш за магијата

ТЕШКО е да се дефинира современата магија. Причината за тоа е што многу се разликуваат оние кои се занимаваат со неа. Тие не признаваат некаков централен авторитет ниту доктрина ниту некоја света книга за да го обединат верувањето. Исто така, се разликуваат во традицијата, организацијата, ритуалите и мислењето во однос на тоа на кои богови да им оддаваат чест. Една писателка забележува: „Окултниот свет му нуди на поединецот ‚слободен пазар‘ на идеи“. Една друга вели: „Повеќето неопагани се разидуваат речиси во сѐ“.

За многумина противречностите не се проблем. Еден прирачник за амбициозни вештерки вели: „Кога си предизвикан од навидум противречни информации, испитај ги тие информации и одлучи која да ја следиш. Послушај ја својата интуиција. Со други зборови, слободно избери меѓу отпечатените ритуали и прирачниците за ритуали за да одлучиш што ти мислиш дека е исправно“.

За оние кои ја признаваат природата на вистината, таквите противречности се проблем. Вистината е факт, нешто што е реално. Работите не се вистинити само затоа што некое лице мисли, се надева или верува дека тие се вистинити. На пример, лекарите некогаш верувале дека би можеле да излекуваат пневмонија ако исечат жива кокошка на два дела и ако со парчињата ги обложат градите на пациентот. Несомнено, многу пациенти искрено верувале дека со ваквата постапка ќе се излекуваат. Меѓутоа, нивните верувања и надежи не биле во склад со фактот — таквата постапка не лекува пневмонија. Луѓето не ја создаваат вистината; тие се обидуваат да ја сфатат.

Библијата тврди дека ја содржи вистината за духовните работи. Кога Исус Христос бил на Земјата, на својот Татко во молитва му рекол: „Твоето слово е вистина“ (Јован 17:17). Апостол Павле напишал: „Целото Писмо е од Бога вдахновено“ (2. Тимотеј 3:16). Многумина кои се занимаваат со магија не се сложуваат со ова. Наместо тоа, за инспирација и водство се потпираат на митовите, древните религии, па дури и на научната фантастика. Но, зарем не е разумно барем да разгледаме што вели Библијата? Впрочем, таа е речиси насекаде призната како света книга. Исто така, таа е еден од најстарите религиозни текстови кои опстанале. Иако Библијата била пишувана во период од 1.600 години, сепак целата е доследна во однос на своите учења. Да ги споредиме библиските учења со некои вообичаени верувања кои моментално ги застапуваат оние кои унапредуваат магија.

Кој живее во духовното подрачје?

Основно прашање во потрагата по духовно разбирање е: Кој живее во духовното подрачје? Иако повеќето современи вештерки се следбенички на политеистичка вера ориентирана кон природата, некои обожаваат велика мајка-божица која ја гледаат во тројна улога на девица, мајка и стара баба, што ги претставува основните стадиуми во животот. Нејзин љубовник е еден бог со рогови. Други вештерки обожаваат и бог и божица. Еден писател вели: „Божицата и богот се сметаат за манифестација на женската и машката сила во природата. Секоја [си има] единствени карактеристики кои, кога се во комбинација, резултираат со хармонично создавање живот“. Еден друг авторитет пишува: „Еден од најважните избори во Магијата е вашиот избор на божествата (богови/божици) со кои ќе имате работа . . . Занаетот ви дава слобода да изберете и подоцна да им оддавате чест на сопствените облици на Божественото“.

Библијата не поддржува ниту една од овие идеи. Исус Христос ја посветил целата своја служба да ги поучува другите за Јехова, „Единиот вистински Бог“ (Јован 17:3). Библијата вели: „Велик е Господ, предостоен за фалба, пострашен од сите богови. Ништожни се сите богови на народите“ (1. Летописи 16:25, 26, Душан Константинов).

А што е со Ѓаволот? Webster’s Ninth New Collegiate Dictionary ја дефинира магијата како „комуникација со ѓаволот“. Тешко би било денес да се најде вештерка која би се сложила со оваа дефиниција, зашто многу од нив не го прифаќаат ни постоењето на Сатана Ѓаволот. Една млада жена, која во The Irish Times е опишана како „вештерка од висок ранг и водач на еден од најважните ковени [група која обично се состои од 13 вештерки] во Ирска“, расудува вака: „Верувањето во Ѓавол подразбира прифаќање на христијанството . . . [Ѓаволот] не може да живее во универзум каде што не постои Бог“.

Библијата потврдува дека Ѓаволот постои и го обвинува за голем дел од страдањата и метежот на Земјата (Откровение 12:12). Исус не само што поучувал дека Ѓаволот постои, туку и покажал дека е можно несвесно да се врши волјата на Ѓаволот. На пример, самоправедните верски водачи од првиот век тврделе дека тие, на некој начин, се синови Божји и верувале дека ја вршат Божјата волја. Исус, кој можел да проникне што има во нивните срца, не мислел дека е така. Отворено им рекол: „Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко“ (Јован 8:44). Освен тоа, библиската книга Откровение кажува дека Ѓаволот „ја заведува целата населена земја“ (Откровение 12:9NW).

Постои ли некоја добра магија?

Секако, магијата отсекогаш била поврзана со окултизмот. Многу луѓе, како во древно време така и денес, веруваат дека магијата со која се занимаваат вештерките се прави за да им се нанесе зло на другите. На вештерките им се припишува моќта преку магијата да нанесуваат жестока болка, па дури и смрт. Традиционално, вештерките биле обвинувани за речиси бескрајна низа несреќи, вклучувајќи болести, смрт и неуспешни жетви.

Денес вештерките енергично ги одбиваат таквите обвиненија. Иако го признаваат постоењето на повремено зла вештерка која се стреми кон зло, повеќето тврдат дека нивната магија се користи за да донесе користи, а не штета. Виканките поучуваат дека ефектите од магијата ќе се вратат триткратно кај лицето кое ја прави и велат дека тоа е главното средство кое ги одвраќа да изговараат клетви. Примерите за ваквата таканаречена добронамерна магија вклучуваат уроци за твоја лична заштита, за очистување на твојот дом од негативната енергија останата од претходните станари, за да се предизвика некое лице да се вљуби во тебе, да се унапредува лекувањето и здравјето, да се спречи да ја изгубиш работата и да спечалиш пари. Бидејќи на магијата ѝ се припишува моќ со толкав широк спектар, не изненадува тоа што станала толку популарна.

Меѓутоа, Библијата не прави разлика меѓу добра и лоша магија. Во Законот кој му го дал на Мојсеј, Бог сосема јасно го изнел својот став. Тој рекол: „Не се занимавајте со магија“ (3. Мојсеева 19:26NW). Исто така читаме: „Да не се најде пред тебе човек што . . . претскажува [се занимава со магија, NW], да гата, или како маѓепсник, чародеец, ни гледач на утробата“ (5. Мојсеева 18:10, 11).

Зошто Бог го рекол тоа? Не со цел да нѐ лиши од нешто корисно. Јехова му ги дал на својот народ овие закони бидејќи го љубел и не сакал да биде поробен од страв и суеверие. Наместо тоа, тој ги повикува своите слуги да му пристапат за она што им е потребно. Тој е Дарител на „секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јаков 1:17). Апостол Јован ги уверил соверниците: „И, што и да запросиме, добиваме од Него, бидејќи ги пазиме Неговите заповеди и правиме што е благоугодно пред Него“ (1. Јованово 3:22).

А што е со злите духови?

Многу вештерки се сложуваат со Библијата во врска со ова: Злите духови навистина постојат. Во еден есеј, некој кој ја поддржува магијата предупредува: „Сенките се тука: тие постојат, во невидливиот свет кој е сличен на нашиот, исполнет со живи суштества . . . Зборовите ‚ѓаволче‘, ‚зол дух‘ и ‚демон‘ се прилично точни. Тие се многу силни . . . Најинтелигентниот вид од нив . . . се способни (ако некој им е од толкава помош па да им ја отвори вратата) да влезат во нашиот свет . . . Тие можат да влезат во твоето тело . . . па дури и донекаде да имаат контрола над тебе. Да, тоа е баш како во старите приказни за опседнатост од демони“.

Во библиски времиња демоните ги опседнувале луѓето на различни начини. Некои од опседнатите ја изгубиле способноста да зборуваат, некои биле ослепени, некои постапувале неразумно, а некои поседувале натчовечка сила (Матеј 9:32; 12:22; 17:15, 18; Марко 5:2—5; Лука 8:29; 9:42; 11:14; Дела 19:16). Понекогаш агонијата била зголемена кога многу демони истовремено опседнувале едно лице (Лука 8:2, 30). Значи, сигурно постои добра причина зошто Јехова ги предупредува луѓето да се држат понастрана од магијата и од другите окултни практики.

Религија темелена на вистината

Денес многумина се привлечени кон магијата бидејќи изгледа како безопасна, добра, природна религија. Во некои средини таа е прифатена. Не се плашат од неа. Наместо тоа, честопати на неа гледаат како на нешто највообичаено. Во клима каде што религиозната толеранција навела многумина да го прифатат дури и она што е чудно, магијата прилично се здобила со почит.

Навистина, светот на религиите станал пазариште од кое луѓето се слободни да си изберат религија која одговара на нивните потреби, исто како што некој би купил пар чевли. Спротивно на ова, Исус кажал дека има само два избора. Тој рекол: „Влезете низ тесната врата; оти широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив; а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон живот, и малцина го наоѓаат“ (Матеј 7:13, 14). Секако, ние слободно можеме да избереме по кој пат ќе одиме. Но, бидејќи на коцка е нашата вечна благосостојба, тој избор е животоважен. За да постигнеме духовна просветленост, мораме да се стремиме по патот на вистината — патот кој се наоѓа само во Божјата реч, Библијата.

[Слика на страница 5]

Многумина денес ја сметаат магијата за безопасна природна религија

[Слика на страница 6]

Магијата отсекогаш била поврзана со окултизмот

[Слика на страница 6]

Дали оние кои се занимаваат со магија несвесно ја вршат волјата на Ѓаволот?

[Слики на страница 7]

Библијата го открива патот на вистината