Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Веруваш ли во она што не можеш да го видиш?

Веруваш ли во она што не можеш да го видиш?

Веруваш ли во она што не можеш да го видиш?

КОГА некој вели: ‚Јас верувам само во она што можам да го видам‘, тоа не го мисли буквално. Всушност, сите ние веруваме во работи кои не можеме да ги видиме.

На пример, можеби на училиште сте правеле експеримент со кој се докажува постоењето на магнетното поле. Тој отприлика изгледа вака: Посипуваш железни струганици на лист хартија. Потоа листот го ставаш над магнетот. Кога го затресуваш листот, железните струганици како со магија се собираат во близина на магнетните полови и добиваат облик на образецот на магнетното поле. Ако го направиш тоа, дали би можел вистински да го видиш магнетното поле? Не, но јасно се гледа неговиот ефект на железните струганици кој ти дава убедлив доказ дека постои магнетизам.

Ние без дискусија прифаќаме други работи кои не можеме да ги видиме. Кога гледаме некоја прекрасна слика или се воодушевуваме на некоја добра скулптура, не се сомневаме во постоењето на сликар или скулптор. Така и кога размислуваме за некој водопад или набљудуваме залез на сонцето, зарем не треба да бидеме поттикнати барем да размислиме за можноста дека тие се дело на еден Голем Уметник или Скулптор?

Зошто некои не веруваат

Иронично е тоа што некои луѓе престанале да веруваат во Бог поради она за кое биле поучувани во црквата. Тоа било случај и со еден Норвежанец кому му било речено дека Бог ги гори злобните во огнен пекол. Човекот едноставно не можел да разбере каков е тој Бог што би ги мачел луѓето на таков начин, и така станал атеист.

Меѓутоа, подоцна човекот се сложил да ја истражи Библијата со помош на еден Јеховин сведок. Се зачудил кога дознал дека Библијата не учи дека злобните се мачат во огнен пекол. Библијата ја споредува смртта со спиење. Во гробот не чувствуваме болка; не сме свесни за ништо (Проповедник 9:5, 10). Исто така, човекот дознал дека оние луѓе кои Бог ќе ги осуди како непоправливо зли, ќе останат во гробот засекогаш (Матеј 12:31, 32). Останатите мртви ќе воскреснат во Божје одредено време, со изглед да добијат вечен живот во рајски околности (Јован 5:28, 29; 17:3). Ова објаснување имало смисла. Тоа било во склад со библиската изјава дека „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Овој искрен човек продолжил со своето проучување на Божјата реч и, со текот на времето, го засакал Богот на Библијата.

Други, пак, го отфрлаат постоењето на Творец полн со љубов поради распространетоста на неволјите и неправдата. Тие се сложуваат со еден Швеѓанец кој во една прилика посочил кон небото и прашал: „Како може горе да постои семоќен, седарежлив Бог кога овде долу има толку многу расипаност и зло?“ Бидејќи никој не можел да му одговори на прашањето, и тој станал атеист. Подоцна, почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Дознал дека Божјата реч дава задоволителен одговор на прастарото прашање: ‚Зошто Бог го допушта злото?‘ *

Овој искрен човек научил дека постоењето на злото само по себе не докажува дека не постои Бог. Да илустрираме: Човекот може да измисли нож кој ќе се користи за сечење месо. Некој муштерија може да го купи ножот и да го користи, но не за сечење месо туку за да изврши убиство. Фактот што ножот бил злоупотребен во никој случај не го побива постоењето на негов создател. На сличен начин, фактот дека со Земјата не се постапува во склад со предвидената намера, не значи дека таа нема Творец.

Библијата учи дека Божјето дело е совршено. Кај него „неправда нема; Он е праведен и вистинит“ (5. Мојсеева 32:4). Бог му дава на човекот добри дарови, но некои од даровите се злоупотребуваат, што доведува до неописливи страдања (Јаков 1:17). Меѓутоа, Бог ќе им стави крај на страдањата. После тоа, „кротките ќе ја наследат земјата . . . и ќе живеат на неа вечно“ (Псалм 36:11, 29).

Швеѓанецот спомнат претходно бил трогнат кога ги гледал страдањата на луѓето. Всушност, неговата нежна грижа за другите го потврдува постоењето на Бог. Како?

За повеќето луѓе, единствената алтернатива на верувањето во Бог е верувањето во еволуција. Еволуционистите поучуваат за „преживување на најспособните“ — дека луѓето и животните се борат за преживување во рамките на својот вид. Најспособните преживуваат; најслабите умираат. Тоа е природен тек на работите, велат тие. Но, ако е природно слабите да умрат за да им отстапат место на јаките, како тогаш можеме да го објасниме фактот дека, како и Швеѓанецот, некои силни луѓе се трогнати кога гледаат како човекот страда?

Да се запознае Бог

Ние не можеме да го видиме Бог бидејќи тој нема човечки облик. Сепак, Бог сака да го запознаеме. Еден начин на кој можеме да го запознаеме е со набљудување на неговите извонредни дела — „сликите“ и „скулптурите“ на создавањето. Во Римјаните 1:20 Библијата наведува: „[Божјите] невидливи својства, имено неговата вечна моќ и Божество, јасно се гледаат од создавањето на светот наваму, бидејќи се забележуваат по она што е направено“ (Римјаните 1:20NW). Да, исто како што проучувањето на некоја слика или скулптура може да ти помогне да добиеш увид во личноста на уметникот така и медитирањето за Божјите прекрасни дела може да ти помогне подобро да ја запознаеш неговата личност.

Секако, не можеме да одговориме на сите загрижувачки прашања во животот само со набљудување на Божјите дела на создавање. Но, одговорите на тие прашања можеме да ги најдеме ако ја истражуваме Божјата реч, Библијата. Со тоа што ја читале Библијата без предрасуди, двајцата мажи спомнати претходно дошле до заклучок дека постои Бог и дека се грижи за она што ни се случува.

[Фуснота]

^ пас. 8 За додатни информации за причините зошто Бог го допуштил злото, те молиме види ја книгата Постои ли Творец кој се грижи за тебе?, поглавје 10, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

[Извор на слика на страница 28]

J. Hester и P. Scowen (AZ State Univ.), NASA