Зошто да се надвладее перфекционизмот?
Зошто да се надвладее перфекционизмот?
Дали секогаш марливо настојуваш да го сториш најдоброто што можеш? Јасно, тоа може на многу начини да ти користи тебе и на оние кои се околу тебе. Од друга страна, пак, некои одат до крајност и стануваат перфекционисти. Што значи тоа?
ЕДНО значење на зборот „перфекционизам“ е „склоност да се смета за неприфатливо сѐ што не го достигнува совршенството“. Веројатно си наишол на луѓе кои имаат ваква склоност. Си можел да видиш дека претераните барања кои тие им ги наметнуваат на другите можат да предизвикаат многу проблеми и да создадат атмосфера на незадоволство и обесхрабрување. Повеќето урамнотежени луѓе признаваат дека перфекционизмот во смисла на претерани и неразумни барања во сите работи од животот навистина не е пожелен. Тоа е нешто кое треба да се надвладее. Меѓутоа, проблем е што кога станува збор за нашиот сопствен став или склоност, можеби ни е тешко да признаеме дека сме склони кон таков перфекционизам, и затоа тоа претставува предизвик кој треба да го надвладееме.
Нелсон има многу одговорности и многу проблеми за решавање. Тој редовно анализира статистики, и производството му е во преден план. Честопати смета дека перфекционизмот е потребен за постигнување успех на конкурентскиот пазар на трудот. Иако некои можеби ја ценат ефикасноста на Нелсон, неговиот перфекционизам му создава физички проблеми, како што се главоболки и стрес. Дали се препознаваш себеси во Нелсон?
Младите луѓе се исто така погодени од перфекционизмот. Како дете, Рита од Рио де Жанеиро сакала да оди на училиште. Се обидувала да не изгледа амбициозна, но сепак била скршена ако не добиела петка. Рита вели: „Уште од мала се споредував со другите кои имаа изобилство време, додека јас бев секогаш под стрес и брзав да ги завршам работите. Мислев дека никогаш немам време за одмор бидејќи секогаш имав да завршам нешто“.
Како девојче, Марија плачела од фрустрација кога не можела да црта толку добро како и другите. Освен тоа, во својата потрага по уметничка совршеност во музиката, честопати била под стрес и вознемирена наместо да ужива во свирењето или пеењето. Една друга девојка од Бразил, Тања, која се обидувала да биде разумна и да избегнува да се натпреварува, признала дека сѐ уште си поставува превисоки мерила и на училиште и дома. Мислела дека ако нејзината работа не е совршено направена, луѓето нема многу да ја сакаат. Освен тоа, Тања понекогаш очекувала премногу од другите, што ја разочарувало и ожалостувало.
Иако способноста, марливоста и чувството на лично задоволство се важни, од поставувањето недостижни цели може да произлезат негативни чувства, како што е стравот од неуспех. Родителите или другите можат во домашната работа или во спортот да постават мерило на совршенство кое на младите луѓе им е тешко да го достигнат. На пример, мајка му на Рикардо имала големи очекувања од него, бидејќи сакала да стане лекар, да свири пијано и да зборува неколку јазици. Увидуваш ли дека ваквиот пристап, кога е претеран, предизвикува проблеми или разочарувања?
Зошто да се избегнува перфекционизмот?
Високо квалитетната работа, задоволувањето на високите мерила на точност и извонредноста се многу барани. Затоа луѓето мораат да се натпреваруваат на пазарот на трудот. Друг фактор кој тера многу луѓе сѐ понапорно да се трудат е стравот да не ги изгубат средствата за издршка. Некои работници стануваат како атлетичар кој прави претерани жртви за да постави нов рекорд. Тогаш, кога ќе се соочи со јака конкуренција, се чувствува принуден да тренира уште повеќе, можеби користејќи хемиски супстанции за да се подобри и — се надева да победи. Заменувајќи го здравиот стремеж за извонредност, перфекционизмот ги тера луѓето да бидат „мотивирани од стравот од неуспех“ или да се чувствуваат „принудени да бидат број еден“ (The Feeling Good Handbook).
Мора да се признае, некои мислат дека во она што можеби го прават во уметноста или во спортот секогаш може да има место за подобрување. Сепак, според д-р Роберт С. Елиот „перфекционизмот е очекување кое никогаш не може да се оствари во реалноста“. Тој додава: „Тој се состои од вина, одбранбен став и страв од исмејување“. Според тоа, колку само се вистинити зборовите на мудриот цар Соломон: „А видов исто, дека секој труд и секој успех во работите предизвикува меѓу луѓето заемна завист. Но и тоа е суета и мака за духот“ (Проповедник 4:4).
Што можеш да сториш ако си склон да бидеш перфекционист? Дали е точно дека колку повеќе се трудиш толку повеќе се разочаруваш? Дали би сакал помалку да бараш од другите и да бидеш поопуштен? Што значи да се биде совршен? Зарем не копнееш да го користиш својот максимален потенцијал додека во исто време го избегнуваш перфекционизмот? Ако несовршените луѓе можат да ги користат своите способности кои им ги дал Бог за да откриваат работи кои ќе им користат на другите, замисли си само што би можело да постигне човештвото под совршени услови и божествено водство!
[Слика на страница 4]
Родителите или другите можеби бараат совршенство кое младите не можат да го постигнат