Искажувајте им чест на лицата на кои им е даден авторитет над вас
Искажувајте им чест на лицата на кои им е даден авторитет над вас
„Искажувајте им чест на сите видови луѓе, имајте љубов кон целата заедница од браќа, имајте страв од Бог, искажувајте му чест на царот“ (1. ПЕТРОВО 2:17, NW).
1, 2. Како луѓето гледаат на авторитетот денес? Зошто?
„ДЕЦАТА ги имаат сите права. Нема почит кон родителите“, се жали една мајка. „Оспорувајте го авторитетот“, стои на една налепница за браници. Ова се само две размислувања за една ситуација која преовладува денес, со која сигурно и самиот си запознат. Општиот недостиг на почит кон родителите, наставниците, работодавачите и државните службеници е вообичаен низ целиот свет.
2 Некои можеби само ги креваат рамениците и велат: ‚Па, оние кои имаат положби на авторитет не ја заслужуваат мојата почит‘. Понекогаш може да биде тешко да се одрече ова. Се соочуваме со постојан прилив на вести за корумпирани државни службеници, алчни работодавачи, неспособни наставници и родители кои малтретираат. За среќа, малку христијани ги гледаат лицата кои имаат авторитет во собранието во таква светлина (Матеј 24:45—47).
3, 4. Зошто христијаните треба да покажуваат почит кон лицата кои имаат положби на авторитет?
3 Како христијани имаме „силна причина“ да ги почитуваме оние кои спроведуваат световен авторитет. Апостол Павле ги опоменал христијаните да им ‚бидат подложни на вишите власти, зашто нема власт освен од Бога; а постојните власти поставени се од Бог на своите релативни положби‘ (Римјаните 13:1, 2, 5, NW; 1. Петрово 2:13—15). Исто така, Павле навел една полноважна причина зошто да се биде послушен на авторитетот во семејството: „Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како што прилега во името на Господа! Деца, на родителите свои бидете им послушни во сѐ, зашто тоа Му е благоугодно на Господа!“ (Колосјаните 3:18, 20). Собраниските старешини се достојни да им укажеме чест бидејќи ‚светиот дух ги именувал за надгледници, да го пасат Божјето собрание‘ (Дела 20:28, NW). Од почит кон Јехова им искажуваме чест на човечките авторитети. Секако, искажувањето чест на Јеховиниот авторитет секогаш доаѓа на прво место во нашиот живот (Дела 5:29).
4 Имајќи го на ум Јеховиниот врховен авторитет, да разгледаме примери на некои кои не ги почитувале лицата кои имале положби на авторитет, и на други кои ги почитувале.
Непочитувањето води до неодобрување
5. Каков став на непочитување покажала Мелхола кон Давид, и до што довело тоа?
5 Од историјата на цар Давид можеме да увидиме какво е Јеховиното гледиште за оние кои од високо гледаат на авторитетот даден од Бог. Кога Давид организирал ковчегот на заветот да биде донесен во Ерусалим, неговата сопруга Мелхола ‚гледала како цар Давид скока и игра пред Господа, и го презрела во срцето свое‘. Мелхола требало да го признае Давид не само како поглавар на семејството туку и како цар на земјата. Меѓутоа, таа со сарказам ги изразила своите чувства: „Колку се прослави денес царот Израилев, разголувајќи се пред очите на слугинките од слугите свои, како што се разголува прост човек!“ Последица од тоа било што Мелхола никогаш не родила деца (2. Царства 6:14—23).
6. Како гледал Јехова на непочитувањето на Кореј кон Неговиот помазаник?
6 Невиден пример на човек кој не му искажувал чест на теократското водство поставено од Бог бил Кореј. Како еден од потомците на Каат, колкава само предност уживал додека му служел на Јехова во шаторот! Сепак, им наоѓал маани на Мојсеј и Арон, Божјите помазани водачи на Израелците. Кореј се здружил со други поглавари на Израел, и на Мојсеј и Арон дрско им рекол: „Доста ви е толку; целото општество, сите се свети, и меѓу нив е Господ! А вие зошто се поставувате погоре од народот Господов?“ Како гледал Јехова на ставот на Кореј и на оние кои го поддржувале? Гледал како на постапка која го обесчестува Него лично. Откако виделе како земјата ги проголтала сите оние кои биле на нивна страна, Кореј и 250-те поглавари биле уништени од Јехова со оган (4. Мојсеева 16:1—3, 28—35).
7. Дали „врховните апостоли“ имале некаква причина да го критикуваат авторитетот на Павле?
7 Во христијанското собрание од првиот век имало лица кои го игнорирале теократскиот авторитет. „Врховните апостоли“ во коринтското собрание имале став на непочитување кон Павле. Тие ги критикувале неговите говорнички способности, велејќи: „При личното присуство меѓу нас е слаб; проповедта негова ништо не вреди [е за презир, NW]“ (2. Коринтјаните 10:10; 11:5). Сеедно дали Павле бил извонреден говорник или не, тој заслужувал почит како апостол. Но, дали говорот на Павле навистина бил за презир? Неговите јавни говори запишани во Библијата даваат доказ за тоа колку убедлив говорник бил тој. Како резултат на една кратка дискусија со Ирод Агрипа II, ‚кој ги познавал сите . . . јудејски препирки‘, Павле дури го довел царот дотаму што тој рекол: „Уште малку, па ќе ме убедиш да станам христијанин“! (Дела 13:15—43; 17:22—34; 26:1—28). Сепак, врховните апостоли во Коринт го обвиниле дека неговиот говор е за презир! Како гледал Јехова на нивниот став? Во една порака до надгледниците од ефешкото собрание, Исус Христос со наклоност зборувал за лицата кои одбиле да бидат одвлечени од оние кои ‚се нарекувале апостоли, а не биле‘ (Откровение 2:2).
Почит и покрај несовршеноста
8. Како Давид покажал дека му искажува чест на авторитетот што Јехова му го дал на Саул?
8 Во Библијата постојат многу примери за лица кои им искажувале чест на поединците кои имале авторитет, па дури и кога тие погрешно го користеле или го злоупотребувале својот авторитет. Еден убав пример за тоа е Давид. Цар Саул, под чие водство служел, станал љубоморен на успесите на Давид и гледал да го убие (1. Царства 18:8—12; 19:9—11; 23:26). Сепак, иако имал прилики да го убие Саул, Давид рекол: „Мене да не ми дава Господ [Незамисливо е од Божја гледна точка, NW] да кренам рака врз помазаник Господов“ (1. Царства 24:3—7; 26:7—13). Давид знаел дека Саул е виновен, но оставил Јехова да му суди (1. Царства 24:13, 16; 26:22—24). Тој не зборувал навредливо за или со Саул.
9. а) Како се чувствувал Давид додека бил малтретиран од Саул? б) Зошто можеме да кажеме дека Давид имал вистинска почит кон Саул?
9 Дали Давид бил вознемирен додека со него лошо се постапувало? „Силници го бараат животот мој“, викал Давид кон Јехова (Псалм 53:3). Тој му го излеал своето срце на Јехова: „Спаси ме од непријателите мои, Боже мој . . . ме напаѓаат силните без престап мој и без грев мој, Господи. Без моја вина навалија на мене; стани, излези ми во пресрет и погледај“ (Псалм 58:1—4). Дали некогаш си се чувствувал така — ништо не си му згрешил на некој што има авторитет, а сепак тој ти задавал неволји? Давид не пропуштил да покаже почит кон Саул. Кога умрел Саул, наместо да воскликнува од радост, Давид составил тажалка: „Саул и Јонатан, сакани и сложни во животот свој . . . побрзи од орлите, посилни од лавовите. Ќерки Израилеви, плачете за Саула“ (2. Царства 1:23, 24). Каков само прекрасен пример на вистинска почит кон Јеховиниот помазаник, иако Саул му грешел на Давид!
10. Каков прекрасен пример дал Павле во искажувањето чест на авторитетот на водечкото тело даден од Бог, и до што водело тоа?
10 Во христијанската ера исто така наоѓаме извонредни примери на лица кои им искажувале чест на авторитетите дадени од Бог. Земи го за пример Павле. Тој покажал почит кон одлуките на водечкото тело на христијанското собрание од првиот век. За време на Павловата последна посета на Ерусалим, водечкото тело го советувало церемонијално да се исчисти за да им покаже на другите дека не негува непријателство кон Мојсеевиот закон. Павле можел да резонира: ‚Порано, кога животот ми беше во опасност, тие браќа ме учеа да го напуштам Ерусалим. Сега сакаат јавно да покажам дека го почитувам Мојсеевиот закон. Јас веќе им напишав писмо на Галатјаните во кое ги советував дека се слободни од држењето на Законот. Ако отидам во храмот, другите можат погрешно да ја сфатат мојата постапка, и да помислат дека правам компромис со оние кои се од класата на обрезаните‘. Меѓутоа, Павле очигледно не резонирал така. Со оглед на тоа што не се работело за никаков компромис на христијанските начела, тој покажал почит и се повинил на советот на водечкото тело од првиот век. Директна последица од тоа било што Павле морал да биде спасен од една толпа Евреи, и после тоа две години поминал в затвор. Сепак, на крајот се извршила Божјата волја. Павле сведочел пред високите службеници во Ќесарија и потоа на трошок на државата бил одведен во Рим за да сведочи пред самиот цезар (Дела 9:26—30; 21:20—26; 23:11; 24:27; Галатјаните 2:12; 4:9, 10).
Дали покажуваш почит?
11. Како можеме да покажеме почит кон световниот авторитет?
11 Дали покажуваш должна почит кон оние кои имаат авторитет? На христијаните им е заповедано да ‚дадат секому што му се должни . . . кому чест — чест‘. Секако, нашата подложност на „претпоставените власти“ не вклучува само да плаќаме даноци туку и да им искажуваме чест со нашето однесување и со нашиот говор (Римјаните 13:1—7). Како реагираме кога се соочуваме со државните службеници, кои може да бидат строги? Во државата Чијапас (Мексико), властите во една средина им ги одзеле нивите кои им припаѓале на 57 семејства Јеховини сведоци бидејќи овие христијани не учествувале во некои верски празници. На состаноците кои биле одржани за да се најде решение за таа работа, Сведоците, чисти и уредно облечени, секогаш зборувале со достоинство и почит. После повеќе од една година, била донесена одлука во нивна полза. Со својот став ја стекнале почитта на некои набљудувачи до таа мера што и тие сакале да станат Јеховини сведоци!
12. Зошто е важно да се има „длабока почит“ кон сопругот кој не е соверник?
12 Како можеш да покажеш почит кон авторитетот даден од Бог во семејството? Откако дискутирал за Исусовиот пример во поднесувањето на злото, апостол Петар рекол: „А така и вие, жените, бидете им покорни на своите мажи, та, ако некои од нив не му се покоруваат на словото, преку поведението на своите жени да се придобијат без услови, кога ќе го видат вашиот чист и богобојазлив живот [со длабока почит, NW]“ (1. Петрово 3:1, 2; Ефесјаните 5:22—24). Овде Петар нагласил колку е важно сопругата да му биде подложна на сопругот со „длабока почит“, дури и ако некои сопрузи можеби малку прават за да ја заслужат таквата почит. Ставот на сопругата полн со почит може да го освои срцето на нејзиниот сопруг кој не е соверник.
13. Како можат сопругите да им искажуваат чест на своите сопрузи?
13 Во контекстот на овие стихови, Петар го свртува нашето внимание кон примерот на Сара, чиј сопруг Авраам бил извонреден пример на вера (Римјаните 4:16, 17; Галатјаните 3:6—9; 1. Петрово 3:6). Дали сопругите чии сопрузи се соверници треба да им искажуваат помала чест отколку сопругите чии сопрузи не се соверници? Што ако за некоја работа не се сложуваш со сопругот? Исус дал совет кој општо земено може да се примени овде: „И ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две“ (Матеј 5:41). Дали му искажуваш чест на својот сопруг со тоа што ги прифаќаш неговите желби? Ако тоа ти изгледа премногу тешко, сподели ги со него своите чувства за таа работа. Не претпоставувај дека тој знае како се чувствуваш. Но, кога ќе му ги изнесуваш своите желби, стори го тоа на начин полн со почит. Библијата нѐ опоменува: „Зборот ваш секогаш да биде благодатен, зачинет со сол, за да знаете како треба на секого да му одговарате!“ (Колосјаните 4:6).
14. Што вклучува искажувањето чест на родителите?
14 А како е со вас, деца? Божјата реч заповеда: „Вие, деца, бидете им послушни на родителите свои, во името на Господа, зашто тоа е справедливо. ‚Почитувај ги [Искажувај им чест на, NW] татка си и мајка си!‘ — тоа е првата заповед со ветување“ (Ефесјаните 6:1—3). Забележи дека послушноста кон твоите родители се смета за синоним на ‚искажувањето чест на твојот татко и твојата мајка‘. Грчкиот збор преведен со ‚искажува чест‘ го пренесува значењето „високо да се цени“ или „да се утврди вредноста на“. Значи, послушноста бара повеќе отколку само нерадо да се следат правилата на родителите кои можеби ти изгледаат неразумни. Бог бара длабоко да ги почитуваш родителите и да го цениш нивното водство (Изреки 15:5).
15. Како можат децата да задржат почит дури и ако мислат дека нивните родители направиле грешка?
15 Што ако твоите родители прават нешто што ја намалува твојата почит кон нив? Обиди се да гледаш на работите од нивна гледна точка. Зарем не се тие оние кои ‚те родиле‘ и се грижеле за тебе? (Изреки 23:22). Зарем не се мотивирани од љубов кон тебе? (Евреите 12:7—11). Разговарај со своите родители со почит, објаснувајќи им во дух на благост како се чувствуваш. Дури и ако реагираат на начин кој не ти се допаѓа, воздржи се да разговараш со нив со непочитување (Изреки 24:29). Сети се како Давид ја задржал својата почит кон Саул дури и кога царот застранил од следењето на Божјиот совет. Моли го Јехова да ти помогне да се справиш со своите чувства. „Отворете го срцето ваше пред Него“, рекол Давид. „Бог е нашиот помошник“ (Псалм 61:8; Плач Јеремиин 3:25—27).
Искажувај им чест на лицата кои преземаат водство
16. Што можеме да научиме од примерот на лажните учители и на ангелите?
16 И покрај тоа што се наименувани со свет дух, собраниските старешини сепак се несовршени и прават грешки (Псалм 129:3; Проповедник 7:20; Дела 20:28; Јаков 3:2). Како последица од тоа можеби некои во собранието се чувствуваат незадоволни од старешините. Како треба да реагираме кога сметаме дека нешто во собранието не е решено баш правилно, или барем така изгледа? Забележи го контрастот меѓу лажните учители во првиот век и ангелите: „Дрски, самоволни, тие [лажните учители] не треперат пред славните, туку говорат навредливо, додека, пак, ангелите, иако се поголеми по силата и моќта, не изнесуваат обвинение против нив со навредливи изрази, и тоа од почитување кон Јехова“ (2. Петрово 2:10—13, NW). Кога лажните учители зборувале навредливо за „славните“ — старешините на кои им бил даден авторитет во христијанското собрание во првиот век — ангелите не зборувале навредливо за лажните учители кои предизвикувале неединство меѓу браќата. Ангелите, кои имаат супериорна положба и подлабоко чувство за правда од луѓето, биле свесни што се случува во собранието. Сепак, „од почитување кон Јехова“ тие му го препуштиле судот на Бог (Евреите 2:6, 7; Јуда 9).
17. Кога се справуваш со проблеми за кои мислиш дека старешините не се во право, како во игра влегува твојата вера?
17 Дури и ако нешто не е решено токму на начинот на кој би требало, зарем не треба да имаме вера во Исус Христос како живиот Поглавар на христијанското собрание? Зарем тој не е свесен што се случува во неговото сопствено собрание ширум светот? Зарем не треба да го почитуваме неговиот начин на справување со ситуацијата и да ја признаеме неговата способност да ги контролира работите? Всушност, ‚кои сме ние да го осудуваме ближниот‘? (Јаков 4:12; 1. Коринтјаните 11:3; Колосјаните 1:18). Зошто во молитви не му ги изнесеш своите грижи на Јехова?
18, 19. Што можеш да сториш ако мислиш дека некој старешина згрешил?
18 Поради човечката несовршеност, може да се појават тешкотии или проблеми. Може дури да има и периоди кога некој старешина греши, предизвикувајќи со тоа некои да се вознемират. Ако под такви околности постапиме непромислено, тоа нема да ја промени ситуацијата. Тоа може само да го отежне проблемот. Лицата кои имаат духовна проникливост ќе чекаат Јехова да ги исправи работите и да даде каква и да било потребна дисциплина во негово сопствено време и на негов сопствен начин (2. Тимотеј 3:16; Евреите 12:7—11).
19 Што ако се чувствуваш вознемирен поради нешто? Наместо да зборуваш со другите во собранието, зошто со почит не им пристапиш на старешините за помош? Без да бидеш критизерски настроен, објасни на кој начин си погоден. Секогаш имај „сочувство“ (NW) кон нив, и задржи почит додека им се доверуваш (1. Петрово 3:8). Не прибегнувај кон сарказам туку имај доверба во нивната христијанска зрелост. Цени го секое библиско охрабрување кое можеби љубезно ќе ти го понудат. И ако изгледа дека ќе бидат потребни и други мерки за исправање, имај доверба дека Јехова ќе ги води старешините да го прават она што е добро и исправно (Галатјаните 6:10; 2. Солунјаните 3:13).
20. Што ќе разгледаме во следната статија?
20 Меѓутоа, треба да разгледаме уште еден аспект во врска со искажувањето чест и почит кон оние кои имаат авторитет. Зарем оние кои се поставени на положба на авторитет не треба да ги почитуваат оние кои се доверени под нивната грижа? Да го испитаме тоа во следната статија.
Како би одговорил?
• Која добра причина ја имаме да им искажуваме чест на оние кои имаат авторитет?
• Како Јехова и Исус гледаат на оние кои не го почитуваат авторитетот даден од Бог?
• Какви прекрасни примери имаме за поединци кои им искажувале чест на лица на кои им бил даден авторитет?
• Што можеме да сториме ако изгледа дека некој кој има авторитет над нас згрешил?
[Прашања]
[Слика на страница 12]
Сара длабоко го почитувала авторитетот на Авраам и била среќна
[Слика на страница 13]
Мелхола пропуштила да го почитува авторитетот на Давид како семеен поглавар и цар
[Слика на страница 15]
„Незамисливо е . . . да кренам рака врз помазаник Господов!“
[Слика на страница 16]
Зошто во молитви не му ги изнесеш своите грижи на Јехова?