Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Дали Јеховините сведоци прифаќаат некакви медицински производи добиени од крв?

Фундаменталниот одговор е дека Јеховините сведоци не прифаќаат крв. Ние цврсто веруваме дека Божјиот закон за крвта не е подложен на реформа со цел да одговара на променливите мислења. Сепак, бидејќи крвта може да се преработи на четири примарни состојки и фракции од тие состојки, се појавуваат нови спорни прашања. При одлучувањето дали да ги прифати, христијанинот треба да гледа зад можните медицински користи и ризици. Треба да го интересира што вели Библијата и каков е можниот ефект врз неговиот однос со Семоќниот Бог.

Клучните спорни прашања се прилично едноставни. Разгледувањето на библиската, историската и медицинската заднина ќе ни помогне да сфатиме зошто е тоа така.

Јехова Бог му кажал на нашиот заеднички предок Ное дека крвта мора да се смета за нешто посебно (1. Мојсеева 9:3, 4). Подоцна, Божјите закони дадени на Израел ја одразувале светоста на крвта: „Ако, пак, некој од домот Израилев или од придојдените . . . јаде каква и да било крв, тогаш Јас ќе го свртам лицето Мое против душата на оној, што ќе јаде крв“. Со отфрлањето на Божјиот закон Израелецот можел да ги загади другите, па затоа Бог додал: „Ќе го истребам од народот Мој“ (3. Мојсеева 17:10). Подоцна, на еден состанок во Ерусалим, апостолите и постарите мажи одлучиле дека мораме да ‚се воздржуваме од крв‘. Тоа е исто толку важно колку и воздржувањето од сексуален неморал и идолопоклонство (Дела 15:28, 29).

Што значело ‚воздржувањето‘ во тоа време? Христијаните не консумирале крв, било свежа или коагулирана; ниту, пак, јаделе месо од неискрвавено животно. Исто така, исклучена била и храна на која ѝ била додадена крв, како што се крвавици. Со земањето крв на кој и да било од тие начини би бил прекршен Божјиот закон (1. Царства 14:32, 33).

Повеќето луѓе од древно време не се вознемирувале ако консумирале крв, како што можеме да видиме од записите на Тертулијан (втор и трет век н.е.). Одговарајќи на лажните обвиненија дека христијаните консумираат крв, Тертулијан ги спомнал племињата кои ги запечатувале своите преговори на тој начин што вкусувале крв. Исто така, тој забележал дека „кога во арената се давале претстави, [некои] со лакома жед земале од свежата крв на виновникот . . . како лек за нивната епилепсија“.

Тие практики (иако некои Римјани ги правеле од здравствени причини) биле погрешни за христијаните: „Ние не вклучуваме дури ни животинска крв во нашата секојдневна исхрана“, напишал Тертулијан. Римјаните користеле храна која содржела крв како испит за интегритетот на вистинските христијани. Тертулијан додал: „Сега, ве прашувам, како е можно да бидете сигурни [дека христијаните] со ужас ќе се одвратат од крвта на животните, а сепак сметате дека се лакоми за човечка крв?“

Денес малку луѓе би помислиле дека ако лекарот предложи да земат крв, се доведуваат под знак прашалник законите на Семоќниот Бог. Иако Јеховините сведоци сигурно сакаат да продолжат да живеат, ние сме обврзани да бидеме послушни на Божјиот закон за крвта. Што значи ова во светлина на моменталната медицинска практика?

Кога после II светска војна трансфузијата на комплетна крв стана вообичаена, Јеховините сведоци увидоа дека тоа е спротивно на Божјиот закон — и ние сѐ уште веруваме во тоа. Сепак, медицината со текот на времето се менува. Повеќето трансфузии денес не се на комплетна крв туку на некоја од нејзините примарни состојки: 1) црвени крвни клетки; 2) бели крвни клетки; 3) крвни плочки; 4) плазма (серум) — течниот дел. Зависно од состојбата на пациентот лекарите би можеле да препишат црвени крвни клетки, бели крвни клетки, крвни плочки или плазма. Трансфузијата на овие главни состојки овозможува една единствена единица крв да им се подели на повеќе пациенти. Јеховините сведоци сметаат дека со прифаќање на комплетна крв или на која и да е од овие четири примарни состојки се прекршува Божјиот закон. Значајно е тоа што придржувањето за овој став темелен на Библијата ги заштитува од многу ризици, вклучувајќи и болести како што се хепатитот и СИДА-та, кои можат да се добијат од крвта.

Меѓутоа, со оглед на тоа што крвта може да се преработи уште потемелно во рамките на овие примарни состојки, се јавуваат прашања во врска со фракциите добиени од примарните состојки на крвта. Како се користат таквите фракции, и што треба да земе предвид еден христијанин кога одлучува во врска со нив?

Крвта е сложена. Дури и плазмата — која е 90 проценти вода — содржи во себе голем број хормони, неоргански соли, ензими и хранливи состојки, вклучувајќи минерали и шеќер. Исто така, плазмата пренесува протеини како што се албуминот, фактори на коагулација и антитела кои се борат со болести. Техничарите издвојуваат и користат многу протеини од плазмата. На пример, факторот на коагулација VIII им се дава на хемофиличарите кои лесно крвават. Или, ако некој е изложен на некои болести лекарите би можеле да му препишат инјекции од гама-глобулин, изваден од крвната плазма на луѓе кои веќе имаат имунитет. Други протеини од плазмата се користат медицински, но гореспоменатото илустрира како би можела да се преработи една примарна крвна состојка (плазмата) за да се добијат фракции. *

Исто како што од крвната плазма може да се добијат различни фракции така и другите примарни состојки (црвените крвни клетки, белите крвни клетки, крвните плочки) можат да се преработат за да се издвојат уште поситни елементи. На пример, белите крвни клетки можат да бидат извор на интерферони и интерлеукини, кои се користат при лекување на некои вирусни инфекции и рак. Можат да се преработат и крвните плочки за да се извади еден фактор за заздравување на рани. А се развиваат и други лекови кои вклучуваат (барем во почетокот) екстракти од крвните состојки. Таквите терапии не се трансфузии на тие примарни состојки; тие обично вклучуваат делчиња или фракции од нив. Дали треба христијаните да ги прифатат овие фракции во медицинското лекување? Не можеме да кажеме. Библијата не дава детали, па затоа секој христијанин треба да донесе сопствена совесна одлука пред Бог.

Некои би одбиле сѐ што е добиено од крв (па дури и фракции кои се наменети да се обезбеди привремен пасивен имунитет). Тоа е начинот на кој тие ја разбираат Божјата заповед да ‚се воздржуваме од крв‘. Тие резонираат дека неговиот закон даден на Израел барал крвта отстранета од едно суштество да ‚се истури на земјата‘ (5. Мојсеева 12:22—24). Зошто е важно ова? Па, за да се подготви гама-глобулинот, фактори на коагулација врз база на крв итн., потребно е крвта да се собере и да се преработи. Затоа, некои христијани ги одбиваат таквите производи, исто како што одбиваат трансфузија на комплетна крв или на нејзините четири примарни состојки. Нивниот искрен, совесен став треба да се почитува.

Други христијани донесуваат поинаква одлука. И тие одбиваат трансфузија на комплетна крв, на црвени крвни клетки, бели крвни клетки, крвни плочки или на плазма. Сепак, можеби дозволуваат лекарот да ги лекува со некоја фракција извадена од примарните состојки. Но, дури и тука може да постојат разлики. Можеби еден христијанин прифаќа гама-глобулинска инјекција, но можеби ќе се сложи или нема да се сложи за инјекција која содржи нешто што е добиено од црвени или бели крвни клетки. Сепак, севкупно земено, што би можело да наведе некои христијани да дојдат до заклучок дека би можеле да прифатат крвни фракции?

„Прашања од читателите“ во англиското издание на Стражарска кула од 1 јуни 1990, забележа дека плазма протеините (фракции) се пренесуваат од крвта на бремената жена во засебниот крвен систем на нејзиниот фетус. На тој начин мајката му пренесува имуноглобулини на своето дете, обезбедувајќи му го скапоцениот имунитет. Поединечно, кога црвените крвни клетки на фетусот завршуваат со својот нормален животен век, се преработува делот во нив кој пренесува кислород. Дел од него се претвора во билирубин кој преку постелката преминува во мајката и се елиминира со отпадните материи од нејзиното тело. Некои христијани можеби заклучуваат дека со оглед на тоа што крвните фракции можат да се пренесат на друга личност во ваква природна рамка, тогаш тие би можеле да прифатат некоја крвна фракција добиена од крвната плазма или крвните клетки.

Дали фактот што мислењата и совесните одлуки можеби се разликуваат, значи дека ова спорно прашање не е важно? Не. Сериозно е. Сепак, во основа е едноставно. Горниов материјал покажува дека Јеховините сведоци одбиваат трансфузија и на комплетна крв и на нејзините примарни крвни состојки. Библијата ги упатува христијаните да ‚се воздржуваат од работи жртвувани на идолите и од крв и од блуд‘ (Дела 15:29). Од друга страна, пак, кога станува збор за фракции на која и да било од примарните состојки, секој христијанин мора совесно да си одлучи за себе после грижливо и молитвено медитирање.

Многу луѓе би биле спремни да прифатат секаква терапија која навидум им нуди непосредна корист, па дури и терапија за која се знае дека носи здравствени ризици, како што е случај со крвните производи. Искрениот христијанин настојува да има едно пошироко, поурамнотежено гледиште кое вклучува повеќе отколку само физичките аспекти. Јеховините сведоци ги ценат напорите да се обезбеди квалитетна медицинска нега, и тие го одмеруваат соодносот меѓу ризиците и користите на секое лекување. Меѓутоа, кога станува збор за производи добиени од крв, тие грижливо го одмеруваат она што го вели Бог и својот личен однос со нашиот Животодавец (Псалм 35:9).

Колкав само благослов е за еден христијанин да има доверба каква што имал псалмистот кој напишал: „Господ Бог сака милост и вистина, дава благодат и слава; Господ не ги лишува од блага оние, што одат непорочно. Господе . . . блажен е оној човек, кој се надева на [има доверба во, NW] Тебе!“ (Псалм 83:11, 12).

[Фуснота]

^ пас. 12 Види „Прашања од читателите“ во изданието на Стражарска кула од 15 јуни 1978 (англ.) и од 1 октомври 1994. Фармацевтските фирми развиле синтетички производи кои не се добиени од крв и кои можат да се препишат наместо крвните фракции кои се користеа порано.

[Рамка на страница 30]

ПРЕДЛОГ-ПРАШАЊА ЗА ЛЕКАРОТ

Ако се соочиш со хируршка интервенција или лекување во кое може да биде вклучен некој крвен производ, прашај:

Дали целиот медицински персонал кој е вклучен знае дека како Јеховин сведок, барам, под никакви околности да не ми се даде никаква трансфузија на крв (комплетна крв, црвени крвни клетки, бели крвни клетки, крвни плочки или крвна плазма)?

Ако ти е препишан некој лек кој можеби е направен од крвна плазма, црвени или бели крвни клетки или, пак, крвни плочки, прашај:

Дали лекот е направен од некоја од четирите примарни крвни состојки? Ако да, ќе ми го објасните ли неговиот состав?

Колку би можело да се даде од овој лек добиен од крв, и на кој начин?

Ако совеста ми дозволи да ја прифатам оваа фракција, какви медицински ризици постојат?

Ако совеста ме наведе да ја одбијам оваа фракција, каква друга терапија би можело да се користи?

Откако подлабоко ќе размислам за оваа работа, кога можам да Ве информирам за мојата одлука?