Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дрскоста доведува до срам

Дрскоста доведува до срам

Дрскоста доведува до срам

„Ќе дојде ли гордоста [дрскоста, NW], ќе дојде и срамот, но мудроста е со смирените [скромните, NW]“ (ИЗРЕКИ 11:2).

1, 2. Што е дрскост, и на кои начини таа води до несреќа?

ЕДЕН завидлив Левит предводи бунтовничка толпа против Јеховините наименувани авторитети. Еден амбициозен кнез кова подмолна завера за да го приграби престолот на својот татко. Еден нестрплив цар ги игнорира јасните упатства на Божјиот пророк. Овие тројца Израелци имаат една заедничка особина: дрскост.

2 Дрскоста е карактеристика на срцето која претставува сериозна закана за сите (Псалм 19:13NW). Дрската личност смело си зема преголема слобода без да има овластување за тоа. Ова честопати доведува до несреќа. Всушност, дрскоста уништила цареви и срушила империи (Јеремија 50:29, 31, 32; Даниил 5:20). Таа фатила во стапица дури и некои Јеховини слуги и водела до нивна пропаст.

3. Како можеме да научиме за опасностите од дрскоста?

3 Библијата со добра причина вели: „Ќе дојде ли гордоста [дрскоста, NW], ќе дојде и срамот, но мудроста е со смирените [скромните, NW]“ (Изреки 11:2). Таа ни дава примери кои ја потврдуваат вистинитоста на оваа изрека. Испитувањето на некои од нив ќе ни помогне да ја увидиме опасноста од пречекорувањето на соодветните граници. Затоа, ајде да разгледаме како завидливоста, амбицијата и нестрпливоста ги навеле тројцата мажи спомнати во почетокот да постапат дрско — што довело до нивни срам.

Кореј — завидлив бунтовник

4. а) Кој бил Кореј, и во кои историски настани несомнено учествувал тој? б) На каков злогласен чин подбуцнал Кореј во своите подоцнежни години?

4 Кореј бил Левит од синовите на Кат, прв братучед на Мојсеј и на Арон. Изгледа со децении му бил лојален на Јехова. Кореј бил привилегиран да биде меѓу оние кои на чудесен начин биле избавени преку Црвеното Море, и веројатно учествувал во извршувањето на Јеховиниот суд над Израелците кои обожавале теле на гората Синај (2. Мојсеева 32:26). Меѓутоа, на крај Кореј станал ороводец во востанието против Мојсеј и Арон кое ги вклучувало Рувимовците Датан, Авирон и Авнан, заедно со уште 250 израелски поглавари. * „Доста ви е толку“, им рекле тие на Мојсеј и на Арон, „сите се свети, и меѓу нив е Господ! А вие зошто се поставувате погоре од народот Господов?“ (4. Мојсеева 16:1—3).

5, 6. а) Зошто Кореј се побунил против Мојсеј и Арон? б) Зошто може да се рече дека Кореј веројатно го потценувал своето место во Божјето уредување?

5 После толку години верност, зошто се побунил Кореј? Сигурно Мојсеевото водство на Израел не било угнетувачко, зашто тој бил „најкроткиот човек меѓу сите луѓе на земјата“ (4. Мојсеева 12:3). Сепак, изгледа дека Кореј им завидувал на Мојсеј и на Арон и бил огорчен на нивниот углед, а тоа го навело да каже — погрешно — дека тие самоволно и себично се издигнале над собранието (Псалм 105:16).

6 Дел од проблемот на Кореј најверојатно било тоа што не ги ценел своите предности во Божјето уредување. Точно, Левитите од Кат не биле свештеници туку учители за Божјиот закон. Исто така, тие ги носеле инвентарот и садовите од шаторот кога требало да се пренесуваат. Тоа не била некоја безначајна задача, зашто за светите садови можело да бидат задолжени само поединци кои биле религиозно и морално чисти (Исаија 52:11). Затоа, кога Мојсеј се соочил со Кореј, тој всушност прашувал: ‚Дали мислиш дека твојата задача е толку безначајна што мораш да си го осигураш и свештенството?‘ (4. Мојсеева 16:9, 10). Кореј пропуштил да сфати дека најголема чест е верно да му се служи на Јехова во склад со неговото уредување — а не да се постигне некој посебен статус или положба (Псалм 83:10).

7. а) Како Мојсеј се справил со Кореј и неговите луѓе? б) Како побуната на Кореј била доведена до катастрофален крај?

7 Мојсеј ги повикал Кореј и неговите луѓе да се соберат следното утро пред шаторот за состаноци со кадилници и со темјан. Кореј и неговите луѓе не биле овластени да принесуваат темјан, бидејќи не биле свештеници. Ако дошле со кадилници и со темјан, ова јасно би покажало дека овие мажи сепак сметаат дека имаат право да дејствуваат како свештеници — дури и откако имале цела ноќ да размислуваат за таа работа. Кога се појавиле следното утро, Јехова со право го изразил својот гнев. Што се однесува до Рувимовците, ‚земјата ја отворила устата своја и ги проголтала‘. Останатите, меѓу кои бил вклучен и Кореј, ги изгорел оган од Бог (5. Мојсеева 11:6; 4. Мојсеева 16:16—35; 26:10). Дрскоста го довела Кореј до краен срам — Божје неодобрување!

Спротивстави се на ‚склоноста кон завист‘

8. Како може ‚склоноста кон завист‘ да се манифестира меѓу христијаните?

8 Извештајот за Кореј е предупредување за нас. Со оглед на тоа што ‚склоноста кон завист‘ е присутна кај несовршените луѓе, таа може да се манифестира дури и во христијанското собрание (Јаков 4:5NW). На пример, можеби сме лица кои се загрижени за својата положба. Слично на Кореј, можеби им завидуваме на оние кои имаат предности што ние ги посакуваме. Или, пак, би можеле да станеме како христијанинот од првиот век по име Диотреф. Тој бил многу критизерски настроен кон авторитетот на апостолите, изгледа затоа што сакал тој да има контрола над сѐ. Всушност, Јован напишал дека Диотреф „сака да го има првото место“ (3. Јованово 9NW).

9. а) Кој став кон собраниските одговорности треба да го избегнуваме? б) Кое е исправното гледиште за нашето место во Божјето уредување?

9 Се разбира, не е погрешно некој христијански маж да посегнува по собраниски одговорности. Павле дури и охрабрил на таков правец (1. Тимотеј 3:1NW). Меѓутоа, никогаш не треба на таквите предности на службата да гледаме како на ордени за заслуга, небаре, со тоа што сме ги постигнале, сме се искачиле уште на едно скалило од таканаречената скала на напредок. Запомни, Исус рекол: „Кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга“ (Матеј 20:26, 27). Јасно, би било погрешно да им завидуваме на оние кои имаат поголеми одговорности, како нашата вредност кај Бог да зависи од нашиот „ранг“ во неговата организација. Исус рекол: „Вие сте сите браќа“ (Матеј 23:8). Да, сеедно дали е некој објавител или пионер, новокрстен или долговремен чувар на интегритетот — сите кои му служат на Јехова со цела душа имаат скапоцено место во неговото уредување (Лука 10:27; 12:6, 7; Галатјаните 3:28; Евреите 6:10). Навистина е благослов да се соработува рамо до рамо со милиони кои настојуваат да го применуваат библискиот совет: „Опашајте се со понизност на умот еден кон друг“ (1. Петрово 5:5NW).

Авесалом — амбициозен опортунист

10. Кој бил Авесалом, и како се обидел со ласкање да ја стекне наклоноста на оние кои доаѓале кај царот за да им суди?

10 Животниот пат на Авесалом, третиот син на цар Давид, е класичен пример за амбиција. Овој сплеткарски опортунист се обидел со ласкање да ја стекне наклоноста на оние кои доаѓале кај царот за да им суди. Отпрвин тој нафрлил дека Давид е рамнодушен кон нивните потреби. Но, потоа не бил веќе така препреден и преминал на главното. „О, да беа ме поставиле мене за судија во оваа земја“, зборувал Авесалом со посебна модулација, „при мене би доаѓал секој, кој има расправија и поплака, и јас би судел по правда.“ Лукавото политизирање на Авесалом не знаело за граници. „И кога некој ќе се доближеше да му се поклони, тој ја протегаше раката и го прегрнуваше и го бакнуваше. Така постапуваше Авесалом со секој Израилец, кој доаѓаше при царот да се суди.“ Со каков резултат? „И навлегуваше Авесалом во срцата на Израилците“ (2. Царства 15:1—6).

11. Како Авесалом се обидел да го приграби престолот на Давид?

11 Авесалом бил одлучен да го приграби царувањето од својот татко. Пет години пред тоа, тој го убил Амнон, најстариот син на Давид, навидум во одмазда заради тоа што ја силувал Тамара, сестрата на Авесалом (2. Царства 13:28, 29). Меѓутоа, дури и тогаш Авесалом можеби го имал во вид престолот, гледајќи на убиството на Амнон како на погоден начин да отстрани еден ривал. * Во секој случај, кога созреало времето за тоа, Авесалом го направил тој чекор. Го прогласил своето царување низ земјата (2. Царства 15:10).

12. Објасни како дрскоста го довела Авесалом до срам.

12 Извесно време Авесалом имал успех, зашто ‚заверата била силна, а Авесаломовите приврзаници растеле сѐ повеќе‘ (ДХК). Со текот на времето, цар Давид бил принуден да бега за да си го спаси животот (2. Царства 15:12—17). Но, набрзо кариерата на Авесалом била прекината кога бил заклан од страна на Јоав, фрлен во една јама и затрупан со камења. Замисли си — овој амбициозен човек, кој сакал да биде цар, не добил ни пристоен погреб кога умрел! * Дрскоста навистина го довела Авесалом до срам (2. Царства 18:9—17).

Избегнувај себични амбиции

13. Како може духот на амбициозност да пушти корен во срцето на еден христијанин?

13 Издигањето на Авесалом до моќ и неговиот пад после тоа служат како лекција за нас. Во денешниов непринципиелен свет, вообичаено е луѓето да им се умилкуваат на оние кои се над нив, обидувајќи се да им се додворуваат само за да остават впечаток или можеби за да добијат некаква предност или унапредување. Истовремено, тие можеби изнесуваат фалбаџиски тврдења пред оние кои им се подредени, надевајќи се дека ќе ја добијат нивната наклоност и поддршка. Ако не внимаваме, таквиот дух на амбициозност може да пушти корен и во нашето срце. Изгледа дека ова им се случило на некои во првиот век, па затоа било неопходно апостолите да дадат силни предупредувања против таквите (Галатјаните 4:17; 3. Јованово 9, 10).

14. Зошто треба да избегнуваме дух на амбициозност и самовозвишување?

14 Во Јеховината организација нема место за сплеткари кои самите се возвишуваат и се обидуваат да ‚бараат сопствена слава‘ (Изреки 25:27NW). Всушност, Библијата предупредува: ‚Ќе ги истреби Господ сите соблазниви усти и јазик што се возвеличува‘ (Псалм 11:3). Авесалом имал соблазниви усни. Тој им зборувал ласкави работи на оние чија наклоност му била потребна — сѐ за да добие една лакомо посакувана позиција на авторитет. За разлика од него, колку само сме благословени ние што се наоѓаме среде братство кое го следи Павловиот совет: „Не правејќи ништо од кавгаџиство ниту од себичност, туку со понизност на умот сметајте ги другите за повисоки од себе“ (Филипјаните 2:3NW).

Саул — нестрплив цар

15. Како едно време Саул се покажал скромен?

15 Едно време Саул, кој подоцна станал цар на Израел, бил скромен. Размисли, на пример, што се случило во неговите помлади години. Кога Божјиот пророк Самуил зборувал поволно за него, Саул понизно одговорил: „Не сум ли јас син од Венијаминово колено, едно од најмалите Израилеви колена? И домот мој не е ли најмал меѓу домовите од Венијаминовото колено? Тогаш, зошто ми го говориш тоа?“ (1. Царства 9:21).

16. На кој начин Саул покажал став на нестрпливост?

16 Меѓутоа, подоцна скромноста на Саул исчезнала. Додека бил во војна со Филистејците, се повлекол во Галгал, каде што од него се очекувало да чека да дојде Самуил и да го преколнува Бог со жртви. Кога Самуил не дошол во закажаното време, Саул дрско самиот принел жртва паленица. Токму кога завршил, Самуил пристигнал. „Што си направил?“ — прашал Самуил. Саул одговорил: „Видов оти народот се разбега од мене, а ти не дојде во закажаното време . . . затоа решив да принесам жртва“ (1. Царства 13:8—12).

17. а) Зошто, на прв поглед, постапките на Саул би можеле да изгледаат оправдани? б) Зошто Јехова го прекорил Саул за неговиот чин на нестрпливост?

17 На прв поглед, постапките на Саул би можеле да изгледаат оправдани. Впрочем, Божјиот народ се наоѓал „во опасност“, „притеснет“ и во трепет поради својата очајна ситуација (1. Царства 13:6, 7). Се разбира, не е погрешно да се преземе иницијатива кога околностите го оправдуваат тоа. * Но, сети се дека Јехова може да ги чита срцата и да проникне во нашите најдлабоки мотиви (1. Царства 16:7). Според тоа, тој сигурно видел некои фактори во врска со Саул што не се директно наведени во библискиот извештај. На пример, можеби Јехова видел дека нестрпливоста на Саул била поттикната од гордост. Можеби Саул многу се изнервирал што тој — царот на целиот Израел — морал да чека некого кого го гледал како стар, влечкав пророк! Во секој случај, Саул сметал дека тромоста на Самуил му дала право да ги преземе работите во свои раце и да ги игнорира јасните упатства што му биле дадени. Каков бил резултатот? Самуил не ја пофалил иницијативата на Саул. Напротив, го укорил со зборовите: „Твоето царување не ќе може да опстане . . . зашто ти не го исполни она што ти беше заповедал Господ“ (1. Царства 13:13, 14). Повторно, дрскоста довела до срам.

Чувај се од нестрпливост

18, 19. а) Опиши како нестрпливоста може да предизвика еден денешен слуга на Бог да постапи дрско. б) Што треба да запомниме во врска со функционирањето на христијанското собрание?

18 Извештајот за дрскиот чин на Саул е запишан во Божјата реч за наша корист (1. Коринтјаните 10:11). Многу е лесно да се изнервираме од несовршеностите на нашите браќа. Слично на Саул, можеме да станеме нестрпливи, мислејќи дека за да се средат работите на исправен начин, мораме да ги преземеме во свои раце. Претпостави си, на пример, дека некој брат ги надминува другите во некои организациски вештини. Тој е точен, во тек е со собраниските процедури и надарен е за говорење и поучување. Истовремено, има чувство дека другите не ги задоволуваат неговите педантни мерила, и дека ни приближно не се ефикасни како што би сакал тој. Дали ова му дава право да покаже нестрпливост? Дали треба да ги критизира своите браќа, можеби индиректно да вели дека, ако не се неговите напори, нема ништо да се заврши и дека собранието ќе ослабне? Ова би било дрско!

19 Што е тоа кое го држи собранието на христијаните заедно, всушност? Вештините на управување? Делотворноста? Длабочината на спознанието? Секако, овие работи се корисни за едно собрание да функционира без проблеми (1. Коринтјаните 14:40; Филипјаните 3:16; 2. Петрово 3:18). Меѓутоа, Исус рекол дека неговите следбеници првенствено ќе бидат идентификувани по својата љубов (Јован 13:35). Затоа грижливите старешини, иако се уредни, ќе сфатат дека собранието не е бизнис со кој треба круто да се управува; напротив, тоа е составено од стадо на кое му е потребна нежна грижа (Исаија 32:1, 2; 40:11). Дрското игнорирање на тие начела честопати резултира во расправија. За разлика од тоа, побожниот ред донесува мир (1. Коринтјаните 14:33; Галатјаните 6:16).

20. Што ќе биде разгледано во следната статија?

20 Библиските извештаи за Кореј, Авесалом и Саул јасно покажуваат дека дрскоста доведува до срам, како што е наведено во Изреки 11:2 (NW). Меѓутоа, истиот библиски стих додава: „Мудроста е со скромните“. Што е скромност? Кои примери од Библијата фрлаат светлина врз оваа особина, и како можеме да покажеме скромност денес? Овие прашања ќе бидат разгледани во следната статија.

[Фусноти]

^ пас. 4 Со оглед на тоа што Рувим му бил првороден на Јаков, оние негови потомци кои Кореј ги одвратил со себе да се побунат можеби биле огорчени поради тоа што Мојсеј — потомок на Левиј — имал управен авторитет над нив.

^ пас. 11 Далуја, вториот син на Давид, не е спомнат после неговото раѓање. Можеби умрел некое време пред востанието на Авесалом.

^ пас. 12 Во библиски времиња закопот на телото на починатиот бил чин од прилична важност. Според тоа, да се биде лишен од погреб било нешто катастрофално и честопати било израз на Божје неодобрување (Јеремија 25:32, 33).

^ пас. 17 На пример, Финес презел брза акција да го спречи поморот во кој биле убиени десетици илјади Израелци, а Давид ги охрабрил своите изгладнети луѓе да му се придружат во јадењето од лебовите на предложението во ‚Божјиот дом‘. Ниту еден од овие правци не бил осуден од Јехова како дрзок (Матеј 12:2—4; 4. Мојсеева 25:7—9; 1. Царства 21:1—6).

Се сеќаваш ли?

• Што е дрскост?

• Како зависта го навела Кореј да постапи дрско?

• Што учиме од извештајот за амбициозниот Авесалом?

• Како можеме да го избегнуваме духот на нестрпливост кој го покажал Саул?

[Прашања]

[Слика на страница 10]

Саул станал нестрплив и постапил дрско