За Јехова се скапоцени оние кои го љубат
Објавителите на Царството известуваат
За Јехова се скапоцени оние кои го љубат
ЛИБАН е познат по своите природни богатства уште од библиски времиња (Псалм 71:16; Исаија 60:13). Особено се високо ценети неговите величествени кедри кои се многу барани како градежен материјал поради нивната убавина, мирисливост и трајност. Во првиот век од Либан излегло и нешто многу поскапоцено. Евангелието на Марко известува дека од Тир и Сидон, во древното подрачје на Либан, ‚откако чуле какви дела врши [Исус], голем број лица дошле кај Него‘ (Марко 3:8).
На сличен начин и денес, Либан и понатаму донесува плодови кои се многу скапоцени во Јеховините очи. Следниве искуства го истакнуваат тоа.
• Еден млад Сведок по име Висам бил замолен да одржи 30-минутен говор пред својот клас на училиште. Висам сфатил дека тоа ќе биде убава прилика да даде сведоштво. Затоа ја употребил книгата Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање? и подготвил говор на тема создавање. Меѓутоа, откако го видел материјалот, наставникот на Висам рекол дека бидејќи тоа е една толку важна тема, Висам би можел да го продолжи својот говор на 45 минути.
Кога Висам започнал со говорот, професорот го прекинал и порачал да дојде директорката. Набрзо таа пристигнала, и Висам почнал од почеток. Додека ги слушала прашањата што ги поставувал Висам во уводот на својот говор, директорката толку се восхитила што рекла дека сите ученици треба да добијат фотокопија од говорот.
Малку подоцна, еден друг професор, кој поминувал оттаму, ја забележал возбуденоста во училницата и се запрашал што се случува таму. Кога му кажале, прашал дали Висам се обидува да го докаже создавањето или еволуцијата. „Создавањето“, бил одговорот. Откако дознал дека Висам е Јеховин сведок, професорот пред класот рекол: „Од неговиот говор ќе видите дека науката го поддржува создавањето, а не еволуцијата“.
Се установило дека овој професор има примерок од книгата Создавање и дека ја користи кога држи предавања на универзитетот! Пред да си замине, тој замолил да наврати следниот ден со своите ученици за Висам да зборува и пред неговиот клас. Резултатот од ова било уште едно убаво сведоштво за Јехова.
• Дваесет и двегодишната Нина била жедна за водите на вистината. Еден ден братучед ѝ ѝ дал Библија и ја одвел во Пентекостната црква. Нина со задоволство ја прочитала Библијата и од своето читање дознала дека христијаните треба да проповедаат, па затоа започнала да разговара со своите познаници. Сите со којшто разговарала ја прашувале: „Да не си ти Јеховин сведок?“ Тоа ја збунувало.
После шест години, Јеховините сведоци дошле кај Нина дома и ѝ зборувале за Божјето Царство. Во почетокот се обидувала да најде грешка во нивните учења. Меѓутоа, сфатила дека сите нивни одговори се логични и се темелат на Библијата.
Она што Нина на крајот го дознала — Божјето име Јехова, благословите од Царството итн. — ја уверило дека ја пронашла вистината. Му го предала својот живот на Бог и се крстила. Веќе седум години служи како полновремен евангелизатор. Навистина, Јехова ги благословува оние кои имаат вистинска љубов кон него (1. Коринтјаните 2:9).