Зошто да бидеме разумни во своите очекувања
Зошто да бидеме разумни во своите очекувања
ОСТВАРЕНИТЕ надежи и постигнатите стремежи ни донесуваат чувство на задоволство. Но, мора да признаеме дека многу наши сништа и очекувања не испаѓаат онака како што сакаме. Кога разочарувањата во животот се повторуваат, тоа може да предизвика да бидеме огорчени на себеси па дури и на другите. Еден мудар човек пригодно признал: „Надежта [очекувањето, NW] долго неостварена, го изнемоштува срцето“ (Изреки 13:12).
Кои се некои фактори што можат да водат до чувства на разочараност? Како можеме да работиме на тоа да бидеме разумни во своите очекувања? Освен тоа, зошто е тоа за наша корист?
Очекувања и разочарувања
Со денешното брзо темпо на живот, се чини дека колку повеќе се обидуваме да држиме чекор толку повеќе заостануваме. Барањата во поглед на нашето време и енергија можат да бидат непопустливи, и кога не успеваме да го направиме она што сме го планирале, склони сме да се нафрлиме врз себеси. Дури би можеле да почнеме да се чувствуваме како да сме ги разочарале другите. Синтија, сопруга и мајка на која ѝ се познати притисоците на родителството, вели: „Тоа што сум недоследна во исправањето на моите деца и чувството дека не ги воспитувам во доволна мера ме фрла во очај“. Стефани, тинејџерка, во врска со своето образование вели: „Немам доволно време да направам сѐ што сакам, и тоа во мене создава чувства на нестрпливост“.
Неразумно високите очекувања лесно се претвораат во перфекционизам, а тоа може да биде многу фрустрирачки. Бен, млад оженет човек, признава: „Кога ги анализирам моите постапки, мисли или чувства, секогаш увидувам дека тие би можеле да бидат и подобри. Постојано барам совршенство, а тоа кај мене создава нестрпливост, фрустрација и разочарување“. Гејл, една христијанска сопруга, вели: „Перфекционистичкото размислување не дава простор за неуспех. Ние сакаме да бидеме супермајки и суперсопруги. Мора да бидеме продуктивни за да бидеме среќни, па затоа залудно вложениот напор нѐ нервира“.
Уште еден фактор кој може да води до лично разочарување е нарушеното здравје и староста. Намалената подвижност и енергија ги зголемува нашите ограничувања и придонесува за чувства на фрустрација. „Се чувствував нестрплива затоа што откако се разболев, не можев да ги вршам работите кои пред тоа беа толку лесни и вообичаени“, признава Елизабет.
Претходно кажаното е пример за тоа што сѐ може да предизвика чувства на разочараност. Ако не се контролираат, таквите чувства можат да нѐ наведат дури и да поверуваме дека другите не нѐ ценат. Затоа, кои позитивни мерки можеме да ги преземеме за да се справиме со разочарувањата и да негуваме разумни очекувања?
Начини да негуваме разумни очекувања
Прво, сети се дека Јехова е разумен и полн со разбирање. Псалм 102:14 нѐ потсетува: „Зашто Он го знае нашиот состав, помни дека ние сме земја“. Знаејќи ги нашите способности и ограничувања, Јехова очекува од нас само онолку колку што можеме да дадеме. А една работа што тој ја бара од нас е ‚скромно да одиме со [својот] Бог‘ (Михеј 6:8, NW).
Исто така, Јехова нѐ поттикнува да му се обраќаме во молитва (Римјаните 12:12; 1. Солунјаните 5:17). Но, како ни помага таа? Молитвата го стабилизира и го урамнотежува нашето размислување. Горливата молитва е признание дека ни треба помош — таа е знак на скромност и понизност. Јехова е желен да одговори на нашите молитви давајќи ни го својот свет дух, во чии плодови се вклучени љубовта, љубезноста, добротата и самосовладувањето (Лука 11:13; Галатјаните 5:22, 23). Исто така, молитвата ја ублажува тегобната загриженост и фрустрацијата. Преку молитвата „црпиш утеха која не може да се добие од ниеден друг извор“, вели Елизабет. Кевин се сложува со тоа: „Се молам за смирено срце и бистар ум за да можам да се справам со проблемот. Јехова никогаш не ме разочарува“. Апостол Павле знаел за скапоцената вредност на молитвата. Затоа тој препорачал: „Во сѐ преку молитва и молба со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања, и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа“ (Филипјаните 4:6, 7). Да, комуникацијата со Јехова навистина може успешно да ни помогне да негуваме разумни очекувања од себеси и од другите.
Но, повремено ни треба моментално уверување. Збор во право време е добар. Доверливиот разговор со некој зрел пријател во кого имаме доверба може да ни помогне да добиеме свежо гледиште за она што кај нас предизвикува чувства на разочараност и загриженост (Изреки 15:23, ДХК; 17:17; 27:9). Младите кои се борат со фрустрации учат дека барањето родителски совет им помага да најдат рамнотежа. Кенди со ценење признава: „Љубезното водство од моите родители ме направи да бидам поразумна, поурамнотежена и попријатно друштво“. Да, сосем навремено е потсетувањето во Изреки 1:8, 9: „Слушај ја, синко, поуката на татка си и не го отфрлај заветот на мајка си, зашто тоа е красен венец за главата твоја и украс за вратот твој“.
Последиците од перфекционистичкото размислување се добро резимирани во поговорката: „Да очекуваме животот да биде скроен според нашите мерки значи да си привикуваме фрустрација“. За да се избегне тоа, потребно е да се преиначи размислувањето. Понизноста и скромноста — реалистичното гледиште за сопствените ограничувања — сигурно ќе потхрануваат во нас урамнотежени и разумни очекувања. Соодветно на тоа, Римјаните 12:3 нѐ предупредува ‚да не мислиме [за себе, NW] повеќе отколку што треба да мислиме‘. Освен тоа, Филипјаните 2:3 (NW) нѐ охрабрува да имаме понизност на умот и да ги сметаме другите за повисоки од себе.
Елизабет, спомната претходно, станала нестрплива поради својата болест. Нејзе ѝ било потребно време да го стекне Јеховиното гледиште за работите и да се утеши од сознанието дека тој не ја заборава нашата служба. Колин е неподвижен како последица од една изнемоштувачка болест. Во почетокот се оддал на чувства дека неговата служба била речиси безвредна во споредба со она што го правел додека имал добро здравје. Медитирајќи за стихови како, на пример, 2. Коринтјаните 8:12, тој можел да ги отфрли тие чувства. Овој стих вели: „Ако некој има добра волја, мил е по она што го има, а не по она што го нема“. „Иако имам да дадам многу помалку“, вели Колин, „сѐ уште можам да давам, и тоа му е прифатливо на Јехова.“ Во Евреите 6:10 сме потсетени: „Бог не е неправеден, та да го заборави делото ваше и трудот на љубовта, што ги покажавте во Негово име“.
Тогаш, како можеме да одредиме дали нашите очекувања се разумни? Запрашај се: ‚Дали моите очекувања се во склад со Божјите очекувања? Во Галатјаните 6:4 (NW) стои: „Секој нека докаже какво е неговото сопствено дело, и тогаш ќе има причина за воскликнување во поглед на самиот себе, а не во споредба со некој друг“. Запомни, Исус рекол: „Јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“. Да, како христијани, ние навистина имаме јарем, но тој е „љубезен“ и „лесен“, и Исус ветил дека за нас ќе биде освежување ако научиме исправно да го носиме (Матеј 11:28—30).
Разумните очекувања донесуваат награди
Додека работиме на тоа да негуваме разумни очекувања, следуваат моментални и трајни награди од слушањето и применувањето на советите од Божјата реч. Како прво, ова има поволен ефект врз нас во физички поглед. Џенифер, која извлекла корист од Јеховините потсетувања, признава: „Имам поголема енергија и ентузијазам за живот“. Соодветно на тоа, во Изреки 4:21, 22 сме поттикнати да внимаваме на Јеховините зборови со очите и срцето „зашто тие се живот за оние, што ги наоѓаат, и здравје за целото тело нивно“.
Друга награда е умствената и емоционалната благосостојба. „Кога ги изложувам умот и срцето на Божјата реч, секогаш увидувам дека сум посреќна личност“, вели Тереза. Секако, во животот сѐ уште ќе доживуваме разочарувања. Сепак, ќе можеме поспремно да ги поднесеме. „Приближете се кон Бога, и Он ќе се приближи кон вас“, нѐ поттикнува Јаков 4:8. Исто така, Јехова ветува дека ќе нѐ зајакне да се соочиме со предизвиците во животот и дека ќе не благослови со мир (Псалм 28:11).
Разумните очекувања ни овозможуваат да задржиме духовна стабилност. И тоа е благослов. Можеме да задржиме јасен фокус на поважните работи во животот (Филипјаните 1:10, NW). Тогаш нашите цели се реалистични и достижни, а тоа ни донесува поголема радост и задоволство. Ќе бидеме поспремни да му се доверуваме на Јехова, знаејќи дека тој ќе ги води работите да испаднат најдобро. „Понизете се под моќната Божја рака за да ве возвиши во вистинско време“, вели Петар (1. Петрово 5:6, NW). Може ли да има нешто понаградувачко од тоа да се биде почестен од Јехова?
[Слики на страница 31]
Негувањето разумни очекувања може да ни помогне да се справиме со фрустрациите и разочарувањата