Зошто немаат деца?
Зошто немаат деца?
ДЕЛЕ и Фола *‚ брачен пар, живеат и работат во канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society во Нигерија. Набрзо откако почнале да служат таму, ги посетила мајка ѝ на Фола. Таа допатувала оддалеку за да разговара со нив за нешто што многу ја загрижувало, нешто поради кое имала многу бессони ноќи.
„Вие правите за мене толку добри работи“, им рекла. „Ми испраќате подароци и ме посетувате. Тие изрази на љубов за мене се скапоцени. Но, во исто време и ме вознемируваат бидејќи секогаш се прашувам кој ќе го прави тоа за вас кога ќе бидете на моја возраст? Еве веќе две години сте во брак, и немате деца. Зарем не мислите дека е време да го напуштите Бетелот и да оформите семејство?“
Мајката резонирала вака: Деле и Фола поминаа доста време во Бетел. Сега им е време да мислат за иднината. Сигурно има други кои ќе можат да ја преземат нивната работа. Деле и Фола не мора да се откажуваат од полновремена служба, но можат да стапат во некоја друга гранка на службата, гранка која ќе им дозволи да имаат деца и да ги доживеат радостите на родителството.
Мајчинска грижа
Мајчинската грижа била разбирлива. Желбата да се има деца е фундаментална и вообичаена за сите култури и времиња. Раѓањето деца создава длабоки чувства на радост и надеж. ‚Награда е плодот на утробата‘, вели Библијата. Да, способноста да се раѓаат деца е скапоцен дар од нашиот Творец полн со љубов (Псалм 127:3, ДХК).
Во многу општества брачните парови се соочуваат со огромен социјален притисок да родат деца. На пример, во Нигерија, каде што просечната жена раѓа по шест деца, вообичаено е на свадбите да се чуе како оние кои им пожелуваат сѐ најдобро на младенците велат: „По девет месеци очекуваме во вашиот дом да се слушне плач на бебе“. Невестата и младоженецот како свадбен подарок може да добијат бебешка колевка. Свекрвите внимателно гледаат на календарот. Ако за околу една година невестата не е бремена, тие испитуваат да видат дали има некаков проблем во чие решавање би можеле да помогнат.
За многу мајки причината зошто еден пар стапува во брак е да роди деца и да ја продолжи семејната лоза. Мајката на Фола ѝ рекла: „Зошто тогаш се мажеше ако не планираш да имаш деца? Некој тебе те родил; и ти треба да родиш свои деца“.
Освен тоа, треба да се разгледаат и некои практични работи. Во многу африкански нации постојат малку владини подготовки за грижа за старите. По обичај, децата се грижат за своите остарени родители, исто како што тие родители се грижеле за нив кога овие биле мали. Затоа, мајката на Фола резонирала дека ако нејзините деца немаат свои деца, тогаш ризикуваат на стари години да бидат осамени, непожелни и сиромашни, без да има кој да ги погребе кога ќе умрат.
Низ голем дел од Африка се смета дека е проклетство да се нема деца. Во некои подрачја
дури се очекува жените да ја докажат својата способност за раѓање уште пред бракот. Многу жени кои не можат да зачнат, избезумено бараат лекови и средства во обид да забременат.Со оглед на ваквите ставови, се смета дека брачните парови кои намерно се воздржуваат да имаат деца се лишуваат себеси од нешто добро. Честопати на нив се гледа како на чудни, кратковиди и за жалење.
Радост и одговорност
Јеховиниот народ признава дека иако подигањето деца е радост, постои и одговорност. Библијата во 1. Тимотеј 5:8 вели: „Ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од неверник“.
Родителите мора да се грижат за своите семејства и материјално и духовно, а тоа, пак, бара доста време и напор. Тие го немаат оној став дека, со оглед на тоа што Бог е тој кој ги дава децата, тогаш да му се остави нему Тој да се грижи за нив. Сфаќаат дека подигањето деца според библиските начела е полновремена одговорност која Бог им ја доделил на родителите; тоа не е нешто што треба да им се довери на другите (5. Мојсеева 6:6, 7).
Задачата да се подигаат деца е особено тешка во овие „последни денови“ од ‚критичните времиња со кои тешко ќе се излегува на крај‘ (2. Тимотеј 3:1—5, NW). Освен што се влошуваат економските услови, со сѐ поголемата безбожност во општеството, денес се зголемуваат и предизвиците да се подигаат деца. Сепак, безброј христијански парови низ светот се зафатиле со овој предизвик и успешно подигаат побожни деца „во дисциплина и Јеховино умствено насочување“ (Ефесјаните 6:4, NW). Јехова ги сака и ги благословува овие родители за нивната напорна работа.
Зошто некои остануваат без деца
Од друга страна, пак, многу христијански парови немаат деца. Некои не можат да имаат деца, а сепак не усвоиле деца. Други парови, кои се способни да имаат потомство, одлучуваат да немаат. Таквите парови не останале без деца бидејќи избегнуваат одговорност или се плашат да се соочат со предизвиците на родителството. Напротив, тие одлучиле целото свое внимание да го посветат на поинакви гранки од полновремената служба, што подигањето деца не би им го дозволило. Некои служат како мисионери. Други му служат на Јехова во патувачкото дело или во Бетел.
Како и сите христијани, тие сфаќаат дека има да се заврши итно дело. Исус рекол: „И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“. Ова дело се врши денес. Тоа е животоважно, бидејќи „крајот“ ќе значи уништување за оние кои не обрнале внимание на добрата вест (Матеј 24:14; 2. Солунјаните 1:7, 8).
Нашиов период е сличен на времето кога Ное и неговото семејство ја граделе џиновската арка која ги сочувала низ големиот Потоп (1. Мојсеева 6:13—16; Матеј 24:37). Иако тројцата синови на Ное биле женети, ниеден од нив немал деца пред Поплавата. Една причина за ова можеби било тоа што овие парови сакале да го посветат целото свое внимание и енергија на делото кое стоело пред нив. Друга можеби било тоа што се колебале дали да воспитуваат деца во изопачен и насилнички свет каде што ‚лошотиите меѓу луѓето биле големи . . . и сите мисли и помисли во срцата нивни биле зли во секое време‘ (1. Мојсеева 6:5).
Иако ова не значи дека денес е погрешно да се има деца, сепак, многу христијански парови се откажуваат да имаат деца за да бидат поцелосно вклучени во итното дело кое Јехова му го дал на својот народ. Некои парови чекале извесно време пред да имаат деца; други решиле да останат без деца и да размислуваат за можноста да имаат деца во Јеховиниот праведен нов свет. Дали е тоа кратковидо? Дали тие пропуштаат нешто во животот? Дали се за жалење?
Сигурен и радосен живот
Деле и Фола, спомнати претходно, сега се во брак повеќе од десет години, и остануваат одлучни да немаат деца. „Нашите роднини сѐ уште вршат притисок врз нас да имаме деца“, вели Деле. „Нивна главна грижа е нашата идна сигурност. Ние секогаш изразуваме ценење за нивниот обѕир, но тактично им објаснуваме дека сме многу среќни со она што го правиме. Што се однесува до сигурноста, укажуваме дека имаме доверба во Јехова кој се грижи за доброто на сите кои му остануваат верни и лојални. Исто така, објаснуваме дека децата не се гаранција дека родителите ќе ја добијат нивната грижа кога ќе остарат. Некои луѓе малку се грижат за своите родители, други не се во можност да помогнат а трети, пак, умираат пред своите родители. Од друга страна, нашата иднина кај Јехова е сигурна.“
Деле и другите како него имаат потполна доверба во Јеховиното ветување на неговите верни слуги: „Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам“ (Евреите 13:5). Исто така, тие веруваат дека „раката на Господа не се скусила, та да не може да спасува, и увото Негово не отврднало, та да не може да слуша“ (Исаија 59:1).
Друга причина за доверба доаѓа од набљудувањето како Јехова ги поддржува своите верни слуги. Цар Давид напишал: „Бев млад, веќе остарев, и не видов [сосема, NW] оставен праведник“. Размисли за тоа. Дали познаваш некој верен Јеховин слуга кој бил „сосема оставен“? (Псалм 36:25).
Наместо да гледаат наназад со жалење, оние кои го поминале својот живот служејќи му на Јехова и на своите сохристијани размислуваат за тоа со задоволство. Брат Иро Ума е во полновремена служба 45 години и сега служи како патувачки надгледник во Нигерија. Тој вели: „Иако мојата сопруга и јас немаме деца, имаме на ум дека Јехова секогаш се грижи за нас како духовно така и материјално. Не ни фали ништо. Тој нема да нѐ напушти додека старееме. Овие години поминати во полновремена служба беа најсреќните во нашиот живот. Благодарни сме што можеме да им служиме на нашите браќа, и браќата ја ценат нашата служба, и ни помагаат“.
Иако многу парови немаат телесни деца, тие родиле поинакви деца: христијански ученици кои го обожаваат Јехова. Апостол Јован имал околу 100 години кога напишал: „За мене нема поголема радост од тоа — да чујам дека моите чеда [деца, NW] живеат во вистина“ (3. Јованово 4). Верноста на ‚децата‘ на Јован — оние кои тој ги довел во ‚вистината‘ — му донесувала голема радост.
Истата радост изобилува и денес. Бернис, Нигеријка, е мажена 19 години и избрала да нема деца. Во изминатите 14 години служи како пионер. Додека се приближува кон периодот од животот кога повеќе не ќе може да роди деца, не жали заради тоа што го посветила животот на правењето ученици. Таа вели: „Се чувствувам среќна кога гледам како растат моите духовни деца. Дури и да имав мои деца, се сомневам дека ќе беа поблиски со мене отколку оние на кои им помогнав да ја научат вистината. Тие се однесуваат со мене како да сум им биолошка мајка, дискутираат со мене за своите радости и проблеми и ме прашуваат за совет. Ми пишуваат писма, и се посетуваме меѓу себе.
Некои сметаат дека е проклетство да се нема биолошки деца. Велат дека на старост ќе страдаш. Но, јас не гледам така. Знам дека сѐ додека му служам на Јехова со сета душа, тој ќе ме наградува и ќе се грижи за мене. Никогаш нема да ме отфрли кога ќе остарам“.
Сакани и ценети од Бог
Оние кои родиле и подигнале деца кои „живеат во вистина“ имаат многу за што можат да бидат благодарни. Не е ни чудо што Библијата вели: „Праведниот добро го воспитува синот свој; на умниот свој син, му се радува тој. Нека ти се радуваат татко ти и мајка ти, нека се радува онаа која те родила“ (Изреки 23:24, 25).
Оние христијани кои ја немаат радоста да имаат деца, се благословени на други
начини. Многу од овие парови играат витална улога во унапредување на интересите на Царството во голема мера. Низ годините тие стекнале искуство, мудрост и вештини кои им овозможуваат да дадат скапоцен прилог во делото на Царството. Многумина од нив се во првите редови на делото.Иако тие остануваат без деца заради интересите на Царството, Јехова ги благословува со духовно семејство полно со љубов кое длабоко ги цени жртвите кои ги прават. Тоа е како што рекол Исус: „Нема таков што оставил [буквално: дозволил да отиде] куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или имот, заради Мене и Евангелието, а да не примил, и тоа сега, во ова време, стопати повеќе од куќи, и браќа, и сестри, и татко, и мајка, и деца, и нивје, а во идниот век — и живот вечен“ (Марко 10:29, 30).
Колку му се само скапоцени на Јехова сите кои се верни! Сите такви лојални, како оние кои имаат деца така и оние кои немаат, апостол Павле ги уверува: „Бог не е неправеден, та да го заборави делото ваше и трудот на љубовта, што ги покажавте во Негово име, откако им послуживте и им служите на светиите“ (Евреите 6:10).
[Фуснота]
^ пас. 2 Овие имиња се сменети.
[Слики на страница 23]
Брачните парови без деца се благословени со духовно семејство полно со љубов