Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Мудроста е со скромните“

„Мудроста е со скромните“

„Мудроста е со скромните“

„Што бара од тебе Јехова освен да . . . одиш скромно со својот Бог?“ (МИХЕЈ 6:8NW).

1, 2. Што е скромност, и како таа се разликува од дрскоста?

ЕДЕН истакнат апостол одбива да го сврти вниманието на себеси. Еден храбар израелски судија се нарекува себеси најмал во домот на татка си. Најголемиот човек кој некогаш живеел признава дека нема неограничен авторитет. Сите овие мажи покажуваат скромност.

2 Скромноста е спротивна на дрскоста. Скромното лице има трезвена проценка на своите способности и својата вредност и е без вообразеност или суета. Наместо да биде горделиво, надуено или амбициозно, скромното лице секогаш е свесно за своите ограничувања. Затоа ги почитува и им обрнува должен обѕир на чувствата и гледиштата на другите.

3. На кој начин мудроста е „со скромните“?

3 Библијата со добра причина наведува: „Мудроста е со скромните“ (Изреки 11:2NW). Скромното лице е мудро бидејќи следи пат кој Бог го одобрува, и избегнува дух на дрскост кој има за последица срам (Изреки 8:13; 1. Петрово 5:5). Колку е мудра скромноста е потврдено со животниот пат на голем број Божји слуги. Да ги разгледаме трите примери наведени во уводниот пасус.

Павле — ‚подреден‘ и ‚управител‘

4. Кои единствени предности ги уживал Павле?

4 Павле бил истакнат лик меѓу раните христијани, и тоа е разбирливо. Во текот на својата служба, тој патувал илјадници километри по море и копно, и основал голем број собранија. Освен тоа, Јехова го благословил Павле со визии и со дар да зборува странски јазици (1. Коринтјаните 14:18; 2. Коринтјаните 12:1—5). Исто така, тој го инспирирал Павле да напише 14 писма кои сега се дел од Христијанските грчки списи. Јасно, може да се рече дека трудот на Павле го надминувал трудот на сите други апостоли (1. Коринтјаните 15:10).

5. Како Павле покажал дека има скромно гледиште за себеси?

5 Со оглед на тоа што Павле бил во првите редови на христијанската активност, некои можеби очекувале тој да ужива да биде во центарот на вниманието, па дури и да се расфрла со својот авторитет. Меѓутоа, не било така, затоа што Павле бил скромен. Се нарекол себеси „најмалиот од апостолите“, додавајќи: „Не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата црква“ (1. Коринтјаните 15:9). Како поранешен прогонител на христијаните, Павле никогаш не заборавил дека само преку незаслужена љубезност тој воопшто можел да стекне однос со Бог, а камоли да ужива посебни предности на службата (Јован 6:44; Ефесјаните 2:8). Затоа Павле не мислел дека неговите извонредни достигнувања во службата го направиле супериорен во однос на другите (1. Коринтјаните 9:16).

6. Како Павле покажал скромност во своите постапки со коринќаните?

6 Скромноста на Павле особено се гледала во неговите постапки со коринќаните. Изгледа дека некои од нив биле вљубени во оние за кои мислеле дека се истакнати надгледници, меѓу кои спаѓале Аполо, Кифа и самиот Павле (1. Коринтјаните 1:11—15). Но, Павле ниту барал фалба од коринќаните ниту, пак го искористувал нивното восхитување. Кога ги посетувал, тој не се претставувал со „претераност во говорот или со мудрост“ (NW). Наместо тоа, во врска со себеси и своите придружници Павле рекол: „Човек нека нѐ процени како Христови подредени и како управители на светите Божји тајни“ * (1. Коринтјаните 2:1—5; 4:1NW).

7. Како Павле покажал скромност дури и кога давал совет?

7 Павле покажувал скромност дури и кога морал да дава строг совет и водство. Своите сохристијани ги преколнувал „во името на милоста Божја“ и „од љубов“, а не со тежината на својот апостолски авторитет (Римјаните 12:1, 2; Филемон 8, 9). Зошто го правел Павле тоа? Бидејќи навистина се сметал себеси како ‚соработник‘ на своите браќа, а не како ‚господар на нивната вера‘ (2. Коринтјаните 1:24NW). Несомнено, скромноста му помогнала на Павле да им биде особено драг на христијанските собранија од првиот век (Дела 20:36—38).

Скромно гледиште за нашите предности

8, 9. а) Зошто треба да имаме скромно гледиште за себеси? б) Како можат оние кои имаат извесна мера одговорност да покажат скромност?

8 Павле дал добар пример за христијаните денес. Сеедно какви одговорности ни се доверени, ниеден од нас не треба да мисли дека е супериорен во однос на другите. „Оној, кој што сам себе се смета за нешто“, напишал Павле, „а е ништо, тој се мами самиот себе“ (Галатјаните 6:3). Зошто? Бидејќи „сите згрешија и се лишени од славата Божја“ (Римјаните 3:23; 5:12). Да, никогаш не треба да заборавиме дека сите ние имаме наследено грев и смрт од Адам. Посебните предности не нѐ издигнуваат од нашата ниска грешна состојба (Проповедник 9:2). Како што било и во случајот со Павле, само преку незаслужената љубезност луѓето воопшто можат да стапат во однос со Бог, а камоли да му служат во некое предносно својство (Римјаните 3:12, 24).

9 Сфаќајќи го ова, скромното лице ниту се насладува на своите предности ниту, пак, се фали со своите достигнувања (1. Коринтјаните 4:7). Кога дава совет или водство, тоа го прави како соработник — а не како господар. Секако, би било погрешно некој кој ги надминува другите во извесни задачи да бара фалба од соверниците или, пак, да го искористува нивното восхитување (Изреки 25:27; Матеј 6:2—4). Единствената фалба која вреди нешто доаѓа од другите — и таа треба да дојде спонтано. Ако дојде, не смееме заради неа да мислиме за себеси повеќе отколку што е потребно (Изреки 27:2; Римјаните 12:3NW).

10. Објасни како некои кои можеби изгледаат незначителни можат всушност да бидат „богати во верата“.

10 Кога ни е доверена извесна мера одговорност, скромноста ќе ни помогне да избегнуваме да ставаме претеран нагласок врз себеси, создавајќи впечаток дека собранието напредува само поради нашите напори и способности. На пример, можеби сме особено надарени за поучување (Ефесјаните 4:11, 12). Меѓутоа, ако сме скромни, мораме да признаеме дека некои од најголемите лекции што се учат на еден собраниски состанок не се изнесени од подиум. Зарем не си охрабрен кога гледаш, на пример, како некој самохран родител редовно доаѓа во Салата на Царството со децата кои се под негова грижа? Или, пак, кога гледаш некоја депримирана душа која верно доаѓа на состаноци и покрај постојаните чувства на безвредност? Или некој младич кој постојано духовно напредува и покрај лошите влијанија на училиште и на други места? (Псалм 83:10). Можеби овие поединци не се во центарот на вниманието. Испитите на интегритетот со кои тие се соочуваат главно поминуваат незабележани од другите. Сепак, тие можат да бидат „богати во верата“ како и оние кои се истакнуваат повеќе од нив (Јаков 2:5). Впрочем, на крајот, верноста е таа која ја добива Јеховината наклоност (Матеј 10:22; 1. Коринтјаните 4:2).

Гедеон — „најмалиот“ во домот на својот татко

11. На кој начин Гедеон покажал скромност кога разговарал со Божјиот ангел?

11 Гедеон, снажен млад човек од племето на Манасија, живеел во текот на еден бурен период од историјата на Израел. Веќе седум години Божјиот народ страдал под угнетувањето на Мадијамците. Меѓутоа, сега дошло време Јехова да го избави својот народ. Затоа, на Гедеон му се појавил еден ангел и му рекол: „Со тебе е Господ, мажу силен!“ Гедеон бил скромен, па затоа не уживал во честа од овој неочекуван комплимент. Наместо тоа, тој со почит му рекол на ангелот: „[Извини, NW] Господару мој, ако е Господ со нас, зошто нѐ снајде оваа мака?“ Ангелот ги разјаснил работите и на Гедеон му рекол: „Оди со таа своја сила и спаси го Израилот од раката на Мадијамците“. Како реагирал Гедеон? Наместо желно да ја искористи задачата како прилика да стане национален херој, Гедеон одговорил: „[Извини Јехова, NW] Господи, како ќе го спасам Израилот: ете, и племето ми е најбедно во коленото Манасиево и јас сум најмал во домот на мојот татко?“ Каква скромност! (Судии 6:11—15).

12. Како Гедеон покажал разборитост во извршувањето на својата задача?

12 Пред да го испрати Гедеон во битка, Јехова го испитал. Како? На Гедеон му било речено да го разруши олтарот на Ваал, кој му припаѓал на неговиот татко, и да ги исече светите столбови кои стоеле покрај него. Оваа задача барала храброст, но Гедеон покажал и скромност и разборитост во начинот на кој ја извршил. Наместо да се изложи на потсмев од јавноста, Гедеон работел под закрилата на ноќта кога најверојатно би поминал незабележано. Освен тоа, Гедеон пристапил кон својата задача со соодветна претпазливост. Зел со себе десет слуги — можеби некои за да чуваат стража а останатите да му помагаат да ги уништи олтарот и светите столбови. * Во секој случај, со Јеховин благослов Гедеон ја извршил својата задача, и со текот на времето Јехова го употребил за да го ослободи Израел од Мадијамците (Судии 6:25—27).

Да покажуваме скромност и разборитост

13, 14. а) Како можеме да покажеме скромност кога ни се дава некоја предносна служба? б) Како брат А. Х. Мекмилан дал добар пример во покажувањето скромност?

13 Од скромноста на Гедеон можеме да научиме многу. На пример, како реагираме кога ќе ни се даде некоја предносна служба? Дали најпрвин мислиме на истакнатоста или престижот кои ќе произлезат од неа? Или, пак, скромно и во молитва размислуваме дали можеме да го исполниме она што таа задача го бара од нас? Брат А. Х. Мекмилан, кој својот земен пат го завршил во 1966 година, дал добар пример во тој поглед. Еднаш Ч. Т. Расел, првиот претседател на Watch Tower Society, го прашал брат Мекмилан што мисли за тоа кој би можел да ја преземе одговорноста за работата во негово отсуство. Во дискусијата што следела, брат Мекмилан ниту еднаш не се препорачал себеси, иако било сосема погодно тој да го стори тоа. На крајот, брат Расел го замолил брат Мекмилан да размисли околу прифаќањето на таа задача. „Стоев таму скоро зашеметен“, напишал брат Мекмилан после многу години. „Навистина размислував за тоа, многу сериозно, и се молев извесно време пред конечно да му кажам дека ќе ми биде драго да сторам сѐ што можам за да му помагам.“

14 Недолго после тоа, брат Расел починал, со што останало празно местото на претседател во канцеларијата на Watch Tower Society. Бидејќи брат Мекмилан бил одговорен во текот на последното проповедничко патување на брат Расел, еден брат му рекол: „Мек, ти имаш силни шанси да бидеш избран. Ти му беше специјален претставник на брат Расел кога тој беше отсутен, и тој на сите ни рече да правиме онака како што ќе кажеш ти. Еве, тој си замина и нема никогаш да се врати. Изгледа дека ти си човекот кој ќе продолжи“. Брат Мекмилан одговорил: „Брате, не треба така да се гледа на оваа работа. Ова е дело на Господ и единствената положба што ја добиваш во неговата организација е токму онаа што Тој смета дека е погодна да ти ја даде; а сигурен сум дека јас не сум човек за таа работа“. Потоа, брат Мекмилан препорачал некој друг за таа положба. Исто како Гедеон, тој имал скромно гледиште за себеси — гледиште кое е добро да го усвоиме и ние.

15. Кои се некои практични начини на кои можеме да примениме проникливост кога им проповедаме на другите?

15 И ние треба да бидеме скромни во начинот на кој ја извршуваме својата задача. Гедеон бил разборит, и се обидувал да не ги лути непотребно своите противници. На сличен начин, во нашето дело на проповедање треба да бидеме скромни и разборити во однос на тоа како разговараме со другите. Точно, ние учествуваме во една духовна битка да уриваме „силно утврдени нешта“ и „размислувања“ (2. Коринтјаните 10:4, 5NW). Но, не треба со говорот да ги омаловажуваме другите ниту, пак, да им даваме некаква оправдана причина да се навредат од нашата порака. Наместо тоа, треба да ги почитуваме нивните гледишта, да го нагласиме она што можеби ни е заедничко и потоа да се сосредоточиме на позитивните аспекти на нашата порака (Дела 22:1—3; 1. Коринтјаните 9:22; Откровение 21:4).

Исус — најголемиот пример на скромност

16. Како Исус покажал дека има скромно гледиште за себеси?

16 Најдобриот пример на скромност е примерот на Исус Христос. * И покрај тоа што имал присен однос со својот Татко, Исус не се колебал да признае дека некои работи биле надвор од неговиот авторитет (Јован 1:14). На пример, кога мајка им на Јаков и на Јован побарала нејзините двајца синови да седнат покрај Исус во неговото царство, Исус ѝ рекол: „Да се седи од Мојата десна страна или лева страна, тоа не зависи од Мене“ (Матеј 20:20—23). Во друга прилика, Исус отворено признал: „Јас ништо не можам да правам Сам од Себе . . . не ја барам волјата Моја, а волјата на Отецот, Кој што Ме пратил“ (Јован 5:30; 14:28; Филипјаните 2:5, 6NW).

17. Како Исус покажал скромност во постапките со другите?

17 Исус бил супериорен во однос на несовршените луѓе во секој поглед, и поседувал неспоредлив авторитет од својот Татко Јехова. Сепак, Исус бил скромен во своите постапки со следбениците. Тој не ги преплавувал со импресивно расфрлање со спознание. Покажал осетливост и сочувство и ги земал предвид нивните човечки потреби (Матеј 15:32; 26:40, 41; Марко 6:31). Значи, иако бил совршен, Исус не бил перфекционист. Тој никогаш не барал од учениците повеќе отколку што можеле да дадат, и никогаш не ставал врз нив повеќе отколку што можеле да носат (Јован 16:12). Не е ни чудо што бил освежување за толку многу луѓе! (Матеј 11:29).

Имитирај го Исусовиот пример на скромност

18, 19. Како можеме да ја имитираме Исусовата скромност во а) начинот на кој гледаме на себеси, и б) начинот на кој постапуваме со другите?

18 Ако најголемиот човек кој некогаш живеел покажувал скромност, колку само повеќе треба да покажуваме ние. Несовршените луѓе честопати се колебаат да признаат дека едноставно не поседуваат апсолутен авторитет. Меѓутоа, имитирајќи го Исус, христијаните настојуваат да бидат скромни. Тие не се премногу горди за да им дадат одговорности на оние кои се квалификувани за тоа; ниту, пак, се вообразени и неспремни да прифатат упатство од оние кои се овластени да им го дадат. Покажувајќи дух на соработка, тие дозволуваат сѐ во собранието да се врши „пристојно и уредно“ (1. Коринтјаните 14:40NW).

19 Исто така, скромноста ќе нѐ поттикне да бидеме разумни во своите очекувања од другите и да бидеме обѕирни кон нивните потреби (Филипјаните 4:5NW). Можеби поседуваме извесни способности и јаки страни што на другите им недостигаат. Сепак, ако сме скромни, нема секогаш да очекуваме другите да постапуваат на начин како што сакаме ние. Знаејќи дека секој човек си има свои ограничувања, скромно ќе ги толерираме недостатоците на другите. Петар напишал: „А пред сѐ, имајте постојана љубов меѓу себе; оти ‚љубовта покрива многу гревови‘“ (1. Петрово 4:8).

20. Што можеме да правиме за да ја совладаме секоја склоност кон нескромност?

20 Како што научивме, мудроста навистина е со скромните. Но, што ако увидиш дека имаш склоност да бидеш нескромен или дрзок? Не се обесхрабрувај. Наместо тоа, следи го примерот на Давид кој се молел: „Од туѓите [дрски дела, NW] запази го слугата Твој, за да не овладеат со мене“ (Псалм 18:13). Имитирајќи ја верата на луѓе како Павле, Гедеон и — најмногу од сите — Исус Христос, лично ќе ја вкусиме вистинитоста на зборовите: „Мудроста е со скромните“ (Изреки 11:2NW).

[Фусноти]

^ пас. 6 Грчкиот збор преведен со „подредени“ може да укажува на роб кој веслал со најнискиот ред весла на еден голем брод. За разлика од нив, на ‚управителите‘ можело да им се доверат поголеми одговорности, можеби да се грижат за имотот. Сепак, во очите на повеќето господари, управителот бил исто толку во ропство колку што бил и робот на една галија.

^ пас. 12 Разборитоста и претпазливоста на Гедеон не треба погрешно да се толкуваат како знак на страшливост. Напротив, неговата храброст е потврдена во Евреите 11:32—38, каде Гедеон е вклучен меѓу оние кои ‚станале крепки‘ и кои ‚станале силни во војна‘.

^ пас. 16 Бидејќи скромноста вклучува свесност за сопствените ограничувања, за Јехова не може со право да се рече дека е скромен. Меѓутоа, тој е понизен (Псалм 18:35NW).

Се сеќаваш ли?

• Што е скромност?

• Како можеме да ја имитираме скромноста на Павле?

• Што можеме да научиме за скромноста од примерот на Гедеон?

• Како Исус дал најголем пример за скромност?

[Прашања]

[Слика на страница 15]

Поради скромноста Павле им бил драг на своите сохристијани

[Слика на страница 17]

Гедеон употребил разборитост во извршувањето на Божјата волја

[Слика на страница 18]

Исус, Божјиот Син, покажува скромност во сѐ што прави