Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Од правење оружје до спасување животи

Од правење оружје до спасување животи

Животна приказна

Од правење оружје до спасување животи

РАСКАЖАЛ ИСИДОРОС ИСМАИЛИДИС

Бев на колена додека солзи ми течеа по образите. „Ох, Боже, совеста ми вели дека не можам понатаму да работам во производство на оружје“, реков во молитва. „Напорно се обидувам да најдам друга работа, но не можам. Утре ќе дадам отказ. Те молам, Јехова, не дозволувај нашите четири деца да гладуваат.“ Како дојдов до овој степен?

ЖИВОТОТ во Драма, северна Грција, каде што сум роден во 1932 година, беше мирен и едноставен. Татко ми ми кажуваше што сака да направам. Ме охрабруваше да заминам за Соединетите Држави за да стекнам образование. Откако, после II светска војна Грција беше ограбена, меѓу Грците преовладуваше мотото: „Можете да ги украдете нашите поседи, но никогаш не можете да го украдете она што е во нашите умови“. Бев одлучен да завршам повисоко образование и да стекнам нешто што никој не ќе може да ми го украде.

Уште како млад се зачленував во различни младински групи кои беа спонзорирани од грчката Православна црква. Таму нѐ советуваа да ги избегнуваме опасните секти. Се сеќавам дека конкретно беше спомната една група — Јеховини сведоци — бидејќи тие наводно го претставувале антихристот.

Откако матурирав на едно техничко училиште во Атина во 1953, отпатував за Германија за да видам дали би можел да најдам работа и во исто време да одам на училиште. Но, тоа не ми успеа, па затоа патував низ други земји. После неколку седмици, останав без пари на едно пристаниште во Белгија. Се сеќавам дека отидов в црква, седнав и толку многу плачев што имаше солзи дури и на подот пред мене. Му се молев на Бог дека ако ми помогне да заминам за Соединетите Држави, нема да трчам по материјални работи туку дека ќе стекнам образование и ќе настојувам да бидам добар христијанин и добар граѓанин. Конечно, во 1957 стигнав таму.

Нов живот во Соединетите Држави

За еден доселеник кој не го знае јазикот и нема пари, животот во Соединетите Држави беше тежок. Работев на две места навечер, а во текот на денот се борев да одам на училиште. Посетував настава на неколку колеџи и дипломирав на виша школа. Потоа се запишав на универзитетот Калифорнија во Лос Анџелес и станав дипломиран инженер по применета физика. Зборовите на татко ми да стекнам образование ме одржуваа во текот на тие тешки години.

Отприлика во тоа време се запознав со една мила Гркинка, Екатерина, и во 1964 се венчавме. Нашиот прв син се роди после три години, и за помалку од четири години, имавме уште два сина и една ќерка. Навистина беше предизвик да се издржува семејство и истовремено да се студира на универзитет.

Работев во военото воздухопловство на САД во една ракетно-вселенска компанија во Санивал (Калифорнија). Бев вклучен во различни воздухопловни и вселенски проекти, меѓу кои беа и програмите Агена и Аполо. Дури добив и медали за мојот придонес во мисиите Аполо 8 и Аполо 11. После тоа продолжив со моето школување и длабоко се заплеткав во различни воени вселенски проекти. Во тие моменти си мислев дека имам сѐ — мила сопруга, четири прекрасни деца, престижна работа и убава куќа.

Упорен колега

Во почетокот на 1967, на работа го запознав Џим, еден многу понизен и љубезен човек. Изгледаше како секогаш да има насмевка на лицето, и никогаш не ја одбиваше поканата да дојде на пауза за кафе со мене. Овие прилики ги користеше да сподели со мене некои информации од Библијата. Џим ми кажа дека проучува со Јеховините сведоци.

Се шокирав кога слушнав дека Џим се заплеткал во оваа религиозна група. Како беше можно една толку фина личност да стане жртва на сектата на антихристот? Меѓутоа, не можев да се спротивставам на неговиот личен интерес за мене и на неговата љубезност. Се чинеше дека тој секој ден има нешто друго за читање за мене. На пример, еден ден дојде во мојата канцеларија и ми рече: „Исидорос, оваа статија од Стражарска кула зборува за зајакнување на семејниот живот. Земи ја дома, и прочитај ја со твојата сопруга“. Му реков дека ќе го прочитам тоа издание, но подоцна отидов во клозетот, го искинав списанието на ситни парчиња и го фрлив во корпата за ѓубре.

Три години ја уништував секоја книга и секое списание што ми го даваше Џим. Бидејќи имав предрасуди кон Јеховините сведоци, а сепак сакав да го задржам Џим како мој пријател, си мислев дека е најдобро да слушам што има да ми каже и потоа веднаш да го отфрлам тоа.

Меѓутоа, од тие дискусии увидов дека повеќето од работите во кои верував и ги практикував не се темелеа на Библијата. Сфатив дека учењата за тројство, пеколен оган и бесмртност на душата не се библиски (Проповедник 9:10; Језекиил 18:4; Јован 20:17). Како горд грчки православец, не сакав отворено да признаам дека Џим е во право. Но, бидејќи тој секогаш ја користеше Библијата и никогаш не кажуваше свое лично мислење, конечно признав дека овој човек за мене има вредна порака од Библијата.

Сопругата насети дека нешто се случува, и ме праша да не сум разговарал со мојот пријател кој е поврзан со Јеховините сведоци. Кога ѝ одговорив потврдно, таа ми рече: „Да одиме во која и да е друга црква, само не кај Јеховините сведоци“. Меѓутоа, набрзо мојата сопруга и јас, заедно со нашите деца, редовно ги посетувавме состаноците на Сведоците.

Тешка одлука

Додека ја проучував Библијата, наидов на овие зборови на пророкот Исаија: „Ќе ги прековаат мечевите свои во плугови, а копјата свои — во српови: народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војна“ (Исаија 2:4). Се запрашав: ‚Како може еден слуга на мирољубивиот Бог да работи во дизајнирање и производство на уништувачко оружје? (Псалм 45:9). Не помина долго време пред да дојдам до заклучок дека морам да ја сменам работата.

Разбирливо, ова беше голем предизвик за мене. Имав престижна работа. За да дојдам до овој степен се борев низ години на тешка работа, образование и жртви. Се искачив на скалата на успех во компанијата — а сега бев соочен со откажување од мојата кариера. Меѓутоа, конечно надвладеа мојата длабока љубов кон Јехова и искрената желба да ја вршам неговата волја (Матеј 7:21).

Одлучив да побарам работа во една фирма во Сиетл (Вашингтон). Меѓутоа, на мое разочарување, набрзо сфатив дека сум уште позаплеткан во работа која не е во склад со Исаија 2:4. Моите напори да работам само на други проекти не успеаја, и повторно ме мачеше совеста. Јасно увидов дека не можам да си ја задржам работата и во исто време да зачувам чиста совест (1. Петрово 3:21).

Стана јасно дека ќе мора да направиме значајни промени. За помалку од шест месеци го сменивме нашиот начин на живот и ги намаливме семејните трошоци за половина. Потоа ја продадовме нашата луксузна куќа и купивме мала куќа во Денвер (Колорадо). Сега бев спремен за последниот скок — да ја напуштам работата. Го напишав отказот, објаснувајќи го мојот став поврзан со совеста. Таа ноќ, откако децата си легнаа, клекнав со мојата сопруга и му се молевме на Јехова, како што беше опишано во почетокот на оваа статија.

За помалку од еден месец се преселивме во Денвер, а по две седмици, во јули 1975, сопругата и јас се крстивме. Шест месеци не можев да најдам работа, и постепено ги трошевме нашите заштеди. До седмиот месец, салдото на штедните сметки беше помало од месечната хипотека на куќата. Почнав да барам да работам било што, но веднаш после тоа добив работа како инженер. Платата беше само половина од онаа што ја заработував порано; но сепак беше многу повеќе од она за кое го молев Јехова. Колку само бев среќен што ги ставив духовните интереси на прво место! (Матеј 6:33).

Ги воспитуваме нашите деца да го љубат Јехова

Во меѓувреме Екатерина и јас се зафативме со предизвикувачката работа да ги воспитаме нашите четири деца во склад со побожните начела. За среќа, доживеавме да видиме како сите, со Јеховина помош, станаа зрели христијани, и како своите животи целосно ги посветија на важното дело на проповедање на Царството. Нашите тројца синови, Христос, Лекис и Грегори, дипломираа на Школата за оспособување слуги и сега служат на различни доделби, посетувајќи ги и зајакнувајќи ги собранијата. Тула, нашата ќерка, работи како доброволец во светското главно седиште на Јеховините сведоци во Њујорк. Нашите срца беа трогнати додека гледавме како сите тие жртвуваа надежни кариери и високо платени работни места за да му служат на Јехова.

Многумина прашуваат што стои зад овој успех во одгледувањето на децата. Се разбира, не постои утврдена формула за воспитување на децата, но ние марливо се обидувавме да всадиме во нивните срца љубов кон Јехова и кон ближниот (5. Мојсеева 6:6, 7; Матеј 22:37—39). Децата научија дека не можеме да му кажеме на Јехова дека го љубиме ако нашите дела не го покажат тоа.

Еден ден во седмицата, обично во сабота, учествувавме во службата како семејство. Редовно имавме семејна библиска студија во понеделник навечер после вечерата, а водевме библиска студија и со секое дете поединечно. Кога децата беа помали, проучувавме со секое дете кратки временски периоди по неколкупати во седмицата, а како што растеа, имавме подолги студии еднаш седмично. Во текот на тие студии, децата слободно се изразуваа и дискутираа за своите проблеми со нас.

Исто така, уживавме и во изградувачка рекреација како семејство. Сакавме да свириме на музички инструменти заедно, а секое дете сакаше да ги свири своите омилени песни. Некои викенди поканувавме и други семејства на изградувачко дружење. Одевме и на одмор заедно. На едно такво патување, поминавме две седмици истражувајќи ги планините Колорадо и соработувајќи со локалните собранија во службата на теренот. Нашите деца со наклоност се сеќаваат како работевме во различни оддели на обласните конгреси и како помагавме во изградбата на Сали на Царството на различни места. Кога ги носевме во Грција за да ги видат роднините, можеа да запознаат и многу верни Сведоци кои биле во затвор заради својата вера. Ова остави длабок впечаток врз нив, и им помогна да бидат решени да останат цврсти и храбри за вистината.

Се разбира, понекогаш некои од децата лошо се однесуваа или правеа погрешен избор во врска со друштвото. Во други прилики, ние самите им создававме проблеми со тоа што можеби премногу ги ограничувавме на некои подрачја. Но, прибегнувањето кон „Јеховиното умствено насочување“ (NW), кое се наоѓа во Библијата, ни помогна на сите да ги исправаме работите (Ефесјаните 6:4; 2. Тимотеј 3:16, 17).

Најсреќен период во мојот живот

Откако нашите деца започнаа со полновремена служба, Екатерина и јас почнавме сериозно да размислуваме што би можеле да сториме за да го прошириме учеството во ова животоспасувачко дело. Така, во 1994, откако рано се пензионирав, обајцата почнавме да служиме како општи пионери. Нашата служба опфаќа посетување на локалните колеџи и универзитети каде што им сведочиме на студентите и водиме библиски студии со некои од нив. Бидејќи можам да сочувствувам со нивните тешкотии — со оглед на тоа што и јас пред не многу години бев во нивна кожа — имав голем успех во тоа да им помогнам да научат за Јехова. Колкава само радост беше што проучував со студенти од Боливија, Бразил, Египет, Етиопија, Кина, Мексико, Тајланд, Турција и Чиле! Исто така, уживам и во сведочењето по телефон, особено на луѓе кои го зборуваат мојот мајчин јазик.

Иако имам многу ограничувања поради мојот тежок грчки акцент и годините, секогаш се обидувам да се ставам на располагање и да го имам духот на Исаија, кој изјавил: „Еве ме мене, испрати ме мене!“ (Исаија 6:8). Ја имавме радоста да им помогнеме на десетина лица да му го предадат својот живот на Јехова. За нас ова е дефинитивно најсреќниот период.

Некогаш, целиот мој живот се вртеше околу правење монструозно оружје за убивање на ближните. Меѓутоа, Јехова, преку својата незаслужена љубезност, ни го отвори патот мене и на моето семејство да станеме негови предадени слуги и да ги посветиме нашите животи на тоа да им ја носиме на луѓето добрата вест за вечен живот на рајската Земја. Додека размислувам за предизвикувачките одлуки кои морав да ги донесам, ми доаѓаат на ум зборовите од Малахија 3:10: „Испитајте Ме, вели Господ Саваот: зар нема да ги отворам отворите небески за да излијам благослов на вас, па да има и на претек?“ Тој навистина го стори тоа — на задоволство на нашите срца!

[Рамка/слика на страница 27]

Лекис: Татко ми го презираше лицемерството. Многу се трудеше да не биде лицемерен, особено во давањето исправен пример на семејството. Честопати ни велеше: „Ако му го предадете својот живот на Јехова, тоа веќе значи нешто. Треба да бидете спремни да правите жртви за Јехова. Тоа, всушност, значи да се биде христијанин“. Овие зборови останаа во мене и ми овозможија да го следам неговиот пример во правењето жртви за Јехова.

[Рамка/слика на страница 27]

Христос: Многу ја ценам лојалноста со сета душа на моите родители кон Јехова и нивната силна посветеност кон одговорноста како родители. Како семејство сѐ правевме заедно — од службата до одморот. Иако можеа да се зафатат со толку многу други работи, моите родители задржаа едноставен живот и се сосредоточија на службата. Денес знам дека сум навистина најсреќен кога сум целосно зафатен во Јеховината служба.

[Рамка/слика на страница 28]

Грегори: Многу повеќе од охрабрувачките зборови на моите родители да ја проширам мојата служба, нивниот пример и доказот за нивната радост во Јеховината служба ме наведе да ги преиспитам моите околности, да ги оттргнам сите немири и грижи во врска со започнувањето со полновремена служба, и уште поцелосно да се посветам на Јеховиното дело. Им благодарам на моите родители што ми помогнаа да ја пронајдам радоста која е резултат на моите напори.

[Рамка/слика на страница 28]

Тула: Моите родители секогаш нагласуваа дека нашиот однос со Јехова е најскапоценото нешто кое би можеле да го поседуваме и дека единствен начин на кој можеме да бидеме навистина среќни е ако му го даваме на Јехова нашето најдобро. Тие ни го направија Јехова многу реален. Татко ми често ни велеше дека неописливо чувство е да можеш да си легнеш ноќе со чиста совест, знаејќи дека си се обидел да го сториш најдоброто за да го усреќиш Јехова.

[Слика на страница 25]

Кога бев војник во Грција, 1951

[Слика на страница 25]

Со Екатерина, 1966

[Слика на страница 26]

Моето семејство во 1996: (одлево надесно, одзади): Грегори, Христос, Тула; (напред) Лекис, Екатерина и јас