Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Почит кон авторитетот — зошто е неопходна?

Почит кон авторитетот — зошто е неопходна?

Почит кон авторитетот — зошто е неопходна?

КОЈ не е благодарен за тоа што полицијата има авторитет да ги апси криминалците кои ни ги крадат поседите или претставуваат закана за нашето семејство? И зарем не го цениме тоа што судовите имаат авторитет да ги казнуваат криминалците за да ја заштитат заедницата?

Можеби ни паѓаат на ум и други корисни јавни служби, како што се одржување на патиштата, санитарна заштита и образование — за кои обично се плаќаат даноци кои ги наметнува државниот авторитет или власт. Вистинските христијани предничат во признавањето дека е неопходно да се почитува соодветно назначениот авторитет. Но, до каде оди таквата почит? И на кои подрачја од животот се бара почит кон авторитетот?

Авторитет во заедницата

Библијата им кажува на сите луѓе, сеедно дали се верници или не, да ја почитуваат граѓанската власт која дејствува за доброто на заедницата. Христијанскиот апостол Павле им напишал за ова на своите соверници во Рим, и ќе биде корисно да разгледаме што вели тој, според она што е запишано во Римјаните 13:1—7.

Павле бил римски граѓанин, а во тоа време Рим бил светска сила. Во своето писмо, напишано околу 56 н.е., Павле ги советувал христијаните да бидат примерни граѓани. Тој напишал: „Секоја душа да им се потчинува на претпоставените [вишите, NW] власти, зашто нема власт, што не е дадена од Бога [а постојните власти поставени се од Бог на своите релативни положби, NW]“.

Овде Павле објаснува дека ако Бог не дозволел, не би постоела никаква човечка власт. Во таа смисла, „вишите власти“ имаат релативна положба во рамките на Божјата намера. Оттука произлегува дека „оној што се противи на власта, тој се противи на Божјата наредба [уредување, NW]“.

Иако граѓаните кои прават добро можат да добијат пофалба од вишите власти, овие власти имаат и моќ да извршат казна против злодејците. Оние кои прават лошо имаат доста причини да се плашат од правото на властите да дејствуваат како „одмаздничка“ (NW), бидејќи владите го прават тоа како „Божја слугинка“ (NW).

Павле го заклучува своето резонирање со зборовите: „Затоа треба да се покорувате, и тоа не само поради страв, туку и поради совеста своја. Затоа и данок плаќате, оти тие се Божји служители, и со тоа постојано се занимаваат“.

Одговорноста за распоредувањето на средствата од даноците почива врз вишите власти, а не врз даночниот обврзник. Како чесен граѓанин, христијанинот задржува чиста совест. Тој знае дека со тоа што им се покорува на вишите власти и ги плаќа должните даноци, не само што го поддржува стандардот во заедницата во која живее туку и дејствува во склад со божествените барања.

Семејството и авторитетот

Што е со авторитетот во семејството? Во раните денови од својот живот, бебето честопати бара внимание со плачење, па дури и со врескање. Но, еден мудар родител ќе сфати кои се вистинските потреби на бебето и нема да дозволи да му диктира бесот. На некои деца, како што растат, им се отпуштаат уздите и им се дозволува да си поставуваат сопствени мерила. Бидејќи им недостига искуство, тие можат да се впуштат во криминал или во некој друг вид престап, што може да ги наруши и семејството и заедницата во целина, како што добро им е познато на многу локални власти.

„Родителите ги дисциплинираат своите деца предоцна“, вели Розалинд Малс, авторка на Children We Deserve (Децата кои ги заслужуваме). „Треба да се започне уште во моментот кога ќе се роди детето.“ Ако уште од самиот почеток родителите зборуваат со глас на љубезен, грижлив авторитет и се доследни во своите постапки, децата наскоро ќе научат да го прифаќаат тој авторитет и љубезната дисциплина која потекнува од него.

Библијата содржи изобилство информации во врска со семејниот авторитет. Во книгата Изреки, мудриот Соломон го свртува вниманието кон единството кое треба да го имаат богобојазливите родители пред своите деца, велејќи: „Слушај ја, синко, поуката на татка си и не го отфрлај заветот на мајка си“ (Изреки 1:8). Кога родителите задржуваат таква разумна солидарност пред своите деца, децата знаат што се очекува од нив. Тие можеби ќе се обидат да манипулираат со едниот родител против другиот со цел да биде по нивно, но единствениот авторитет на родителите е заштита за младите.

Библијата објаснува дека сопругот има првенствена одговорност за духовната благосостојба не само на своите деца туку и на сопругата. Тоа е опишано како поглаварство. Како треба да се спроведува ова поглаварство? Павле истакнува дека исто како што Христос е Глава на собранието така и мажот е глава на својата сопруга. Потоа Павле додава: „Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа“ (Ефесјаните 5:25). Кога мажот го следи примерот на Исус и го спроведува поглаварството на љубезен начин, тој ќе стекне „длабоко почитување“ (NW) од својата сопруга (Ефесјаните 5:33). Децата во едно такво домаќинство исто така ќе ја увидат вредноста на авторитетот даден од Бог и ќе бидат охрабрени да го прифатат (Ефесјаните 6:1—3).

Како можат самохраните родители, вклучувајќи ги и оние чиј брачен партнер починал, да се справат со оваа работа? Сеедно дали се работи за татко или за мајка, тие можат да се повикаат директно на авторитетот на Јехова Бог и на Исус Христос. Исус секогаш зборувал со авторитет — авторитетот на неговиот Татко и на инспирираното Писмо (Матеј 4:1—10; 7:29; Јован 5:19, 30; 8:28).

Библијата дава изобилство скапоцени начела кои се однесуваат на проблемите со кои се соочуваат децата. Со тоа што ќе ги пронајде овие начела и ќе ги следи, родителот ќе може да им даде љубезен и корисен совет на своите деца (1. Мојсеева 6:22; Изреки 13:21; Матеј 6:33; 1. Коринтјаните 15:33, Филипјаните 4:8, 9). Исто така, родителите можат да се осврнат и на библиски темелениот материјал наменет конкретно да им помогне да ги обучат своите деца да ги ценат користите од почитувањето на авторитетот на Писмото. *

Христијанското собрание и авторитетот

„Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го!“ (Матеј 17:5). Овие зборови, кои ги кажал самиот Јехова Бог, потврдиле дека Исус е оној кој зборува со божествен авторитет. Она што го рекол тој е запишано во четирите евангелски извештаи на кои лесно можеме да се обратиме.

Токму пред да се вознесе на небото, Исус ги информирал своите ученици: „Ми се даде секаква власт на небото и на земјата“ (Матеј 28:18). Како Глава на своето собрание Исус не само што задржал будно око врз своите помазани ученици кои тесно го следеле на Земјата туку, од излевањето на светиот дух на Пентекост 33 н.е., тој ги користел како канал на вистината, како „верен и разборит роб“ (Матеј 24:45—47NW; Дела 2:1—36). Што сторил тој за да го постигне сево ова, а со цел да го зајакне христијанското собрание? „Кога се вознесе на висини . . . даде дарови во облик на луѓе“ (Ефесјаните 4:8NW). Овие „дарови во облик на луѓе“ се христијанските старешини кои се наименувани со светиот дух и на кои им е даден авторитет да се грижат за духовните интереси на соверниците (Дела 20:28).

Од таа причина Павле советува: „Сеќавајте се на оние кои предводат меѓу вас, кои ви ја зборуваа Божјата реч, и додека набљудувате каков е исходот од нивното однесување, имитирајте ја нивната вера“. Бидејќи овие верни мажи тесно ги следат Исусовите стапки, да се имитира нивната вера сигурно е пат на мудрост. Потоа Павле додава: „Бидете им послушни на оние кои предводат меѓу вас и бидете подложни [постојано признавајте го нивниот авторитет над вас, The Amplified Bible], зашто тие бдеат над вашите души како оние кои ќе положат сметка; тоа да го прават со радост, а не со воздивнување, зашто тоа би ви било на штета“ (Евреите 13:7, 17NW).

Што се случува кога се игнорира ова упатство? Некои членови на раното христијанско собрание го сториле токму тоа и станале отпадници. Именеј и Филет се спомнати како мажи кои ја поткопувале верата на некои и чии празни разговори ‚го сквернавеле она што е свето‘. Едно од нивните тврдења било дека воскресението веќе се случило, очигледно или духовно или симболично, и дека, според тоа, во иднина немало да има друго воскресение под Божјето царство (2. Тимотеј 2:16—18NW).

Наименуваниот авторитет притекол на помош. Христијанските старешини можеле да ги побијат таквите аргументи бидејќи, како претставници на Исус Христос, го употребиле авторитетот од Писмото (2. Тимотеј 3:16, 17). Истото е случај и денес во христијанското собрание кое е опишано како „столб и тврдина на вистината“ (1. Тимотеј 3:15). Никогаш нема да се дозволи лажните учења да го расипат ‚образецот на здравите зборови‘ сочувани за нас како извонредно добро кое ни е доверено на страниците на Библијата (2. Тимотеј 1:13, 14NW).

Иако почитта кон авторитетот во светот со голема брзина исчезнува, како христијани ние признаваме дека исправните авторитети во заедницата, во семејството и во христијанското собрание се поставени за наша корист. Почитта кон авторитетот е неопходна за нашата физичка, емоционална и духовна благосостојба. Ако го прифаќаме и почитуваме тој авторитет даден од Бог, ќе ја имаме заштитата од најголемите авторитети — Јехова Бог и Исус Христос — за наше вечно добро (Псалм 118:165; Евреите 12:9).

[Фуснота]

^ пас. 17 Види ги книгите Младите прашуваат — делотворни одговори и Тајната на семејната среќа, обете издадени од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

[Истакната мисла на страница 5]

Библијата содржи изобилство информации во врска со авторитетот во семејството

[Слика на страница 6]

Самохраните родители можат да се повикаат директно на авторитетот на Јехова Бог и на Исус Христос

[Слики на страница 7]

Христијаните признаваат дека исправните авторитети во семејството, во христијанското собрание и во заедницата се поставени за наша корист

[Извор на слика на страница 4]

Фотографија на Josh Mathes, Collection of the Supreme Court на Соединетите Држави