Почит кон авторитетот — зошто недостига?
Почит кон авторитетот — зошто недостига?
„Пркосот кон воспоставениот авторитет, религиозен и световен, социјален и политички, како светски феномен еден ден можеби ќе се смета за главен настан на изминатата деценија.“
ПОМИНАА години од 1960-тите, деценијата на која овде укажала историчарката и филозоф Хана Арент. Денес бранот на непочитување на авторитетот станува посилен од кога и да било.
На пример, еден неодамнешен извештај во лондонски The Times наведува: „Некои родители одбиваат да го прифатат авторитетот на наставникот над нивното дете, и кога се прават обиди да се дисциплинира детето, тие се жалат“. Честопати, кога на нивните деца им се дава дисциплина, родителите се обраќаат во училиштето не само за да им се закануваат на наставниците туку и да ги напаѓаат.
Еден претставник на Националното здружение на училишни директори во Британија е цитиран дека рекол: „Јавноста вели ‚имам права‘, а не ‚имам одговорности‘“. Освен што пропуштаат да всадат во своите деца здрава почит кон авторитетот, некои родители не ги исправаат своите млади — а не дозволуваат ни други да го прават тоа. На децата кои тврдат дека имаат свои „права“ им се дозволува отворено да му пркосат на авторитетот на родителите и на наставниците, а резултатите можат да се предвидат — „нова генерација која нема почит кон авторитетот и која малку има поим за тоа што е исправно а што погрешно“, пишува новинарката Маргарет Дрискол.
Во статијата „Изгубена генерација“, списанието Time многу прецизно го опишува разочарувањето на повеќе млади Руси цитирајќи еден популарен рапер кој рекол: „Како може некој кој е роден во овој свет, каде ништо не трае долго и ништо не е фер, да има доверба во општеството?“ Социологот Михаил Топалов ја поддржал оваа изјава: „Овие деца не се глупави. Тие виделе како државата ги излажала нивните родители, виделе како тие ја загубиле својата заштеда и работни места. Можеме ли да очекуваме од нив да го почитуваат авторитетот?“
Меѓутоа, би било погрешно да се заклучи дека недовербата во авторитетот ја карактеризира само помладата генерација. Денес луѓе од сите возрасти на секој авторитет гледаат со недоверба, па дури и со презир. Дали ова значи дека не може да се има доверба во ниеден авторитет? Ако се спроведува исправно, авторитетот — кој се дефинира како „моќ или право да се контролираат, судат или забрануваат постапките на другите“ — може да биде сила на добро. Може да им биде од корист како на поединци така и на целата заедница. Следната статија ќе го разгледа ова.