Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали си „возрасен“ христијанин?

Дали си „возрасен“ христијанин?

Дали си „возрасен“ христијанин?

„КОГА бев бебе, зборував како бебе, размислував како бебе, резонирав како бебе.“ Така напишал апостол Павле. Всушност, сите ние некогаш сме биле беспомошни бебиња. Меѓутоа, не сме останале такви засекогаш. Павле забележал: „Сега кога станав маж, ги отфрлив обележјата на бебе“ (1. Коринтјаните 13:11NW).

На сличен начин, сите христијани почнуваат како духовни бебиња. Но, со текот на времето, сите можеме „да дојдеме до единство во верата и во точното спознание на Синот Божји, до потполно возрасен човек, до мерата на растот која ѝ припаѓа на Христовата полнота“ (Ефесјаните 4:13NW). Во 1. Коринтјаните 14:20 (NW) сме поттикнати: „Браќа, не станувајте деца во способностите на разбирањето . . . станете возрасни во способностите на разбирање“.

Присуството на зрели, возрасни христијани е благослов за Божјиот народ денес, особено заради тоа што има толку многу нови лица. Возрасните христијани придонесуваат за стабилноста на собранието. Тие имаат позитивно влијание врз склоноста, или доминантниот став на кое и да е собрание кое го посетуваат.

Иако физичкиот раст е повеќе или помалку автоматски, духовниот раст доаѓа само со време и напор. Не изненадува тоа што во времето на Павле некои христијани пропуштиле да ‚се напрегаат кон зрелост‘ (NW) и покрај тоа што му служеле на Бог многу години (Евреите 5:12; 6:1). А како е со тебе? Сеедно дали му служиш на Бог многу години или само релативно краток временски период, би било пригодно чесно да се преиспиташ (2. Коринтјаните 13:5). Дали спаѓаш меѓу оние кои навистина може да се наречат зрели, или возрасни христијани? Ако не, како можеш да станеш таков?

„Возрасни во способностите на разбирање“

Едно духовно бебе лесно ‚се лула и занесува од секој ветар на лажните учења, по лукавството на луѓето, по итрото искуство на измамата‘. Затоа Павле поттикнал: „Со вистинска љубов во сѐ да растеме во Оној, Кој е глава, Христос“ (Ефесјаните 4:14, 15). Како се прави тоа? Во Евреите 5:14 (NW) се вели: „Цврстата храна им припаѓа на зрелите луѓе, на оние чија моќ за забележување преку употреба е извежбана да разликува исправно и неисправно“.

Забележи дека зрелите луѓе ја имаат извежбано својата моќ за забележување преку употреба, или искуство во применување на библиските начела. Значи, очигледно не се станува зрел прекуноќ; потребно е време за да се расте духовно. Сепак, можеш да сториш многу за да го олесниш својот духовен раст преку лична студија — особено на подлабоките работи од Божјата реч. Во последно време во Стражарска кула беше дискутирано за многу длабоки теми. Зрелите не ги избегнуваат таквите статии само затоа што содржат „некои работи тешки за разбирање“ (2. Петрово 3:16). Напротив, тие желно ја голтаат таа цврста храна!

Ревни проповедници и учители

Исус ги упатил своите ученици: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал“ (Матеј 28:19, 20). Ревното учество во делото на проповедање може исто така да го поттикне твојот духовен раст. Зошто не настојуваш да имаш целосен удел во него колку што ти дозволуваат околностите? (Матеј 13:23).

Понекогаш, поради животните притисоци, може да биде предизвик да се најде време да се проповеда. Сепак, ‚ако силно се напрегаш‘ (NW) како проповедник, покажуваш колкава важност ѝ придаваш на „добрата вест“ (Лука 13:24; Римјаните 1:16). На тој начин може да бидеш сметан за ‚пример на верните‘ (1. Тимотеј 4:12).

Чувари на интегритетот

Растењето кон зрелост вклучува и напор да го сочуваш интегритетот. Како што е запишано во Псалм 25:1, Давид изјавил: „Суди ме, Господи, бидејќи одев непорочно [во мојот интегритет, NW]“. Интегритет е морална цврстина, комплетност. Меѓутоа, тоа не значи совршеност. Самиот Давид направил неколку сериозни гревови. Но, бидејќи го прифатил укорот и го исправил својот пат, покажал дека во своето срце сѐ уште задржал вистинска љубов кон Јехова Бог (Псалм 25:2, 3, 6, 8, 11). Интегритетот вклучува целосност, или комплетност во однос на предаденоста на срцето. На својот син Соломон, Давид му рекол: „Да го познаваш Бога, твојот Татко, и да Му служиш од сѐ срце“ (1. Летописи 28:9).

Чувањето на интегритетот вклучува да ‚не се биде дел од светот‘ (NW), да не се мешаме во политиката на нациите и во нивните војни (Јован 17:16). Исто така, мораш да се воздржуваш од расипаните практики како, на пример, блудот, браколомството и злоупотребата на дрога (Галатјаните 5:19—21). Но, чувањето на интегритетот значи повеќе отколку само да се избегнуваат тие работи. Соломон предупредил: „Мртвите муви го расипуваат и го усмрдуваат благопријатното масло на мироварец: истото го прави една мала глупост на уважуван [скапоцен, NW] човек за неговата мудрост и чест“ (Проповедник 10:1). Да, дури и „мала глупост“, како што е несоодветно шегување или флертувачко однесување со спротивниот пол, би можела да го расипе угледот на некој кој е ‚скапоцен заради неговата мудрост‘ (Јов 31:1). Затоа, покажи ја својата зрелост со тоа што ќе настојуваш да бидеш примерен во целокупното свое однесување, избегнувајќи дури и „појава на зло“ (1. Солунјаните 5:22ДХК).

Лојални

Возрасниот христијанин е и лојален. Како што читаме во Ефесјаните 4:24 (NW), апостол Павле ги поттикнува христијаните: „Да ја облечете новата личност која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и лојалност“. Во Грчките списи зборот за „лојалност“ на првобитниот јазик ја пренесува мислата за светост, праведност, длабока почит. Една лојална личност е оддадена, побожна; внимателно се придржува на сите свои обврски кон Бог.

Кои се некои начини на кои можеш да развиеш таква лојалност? Еден би бил соработка со твоите локални собраниски старешини (Евреите 13:17). Признавајќи дека Христос е наименуваниот Поглавар на христијанското собрание, зрелите христијани се лојални кон оние кои се наименувани ‚да го пасат Божјето собрание‘ (Дела 20:28NW). Колку само е несоодветно да се оспорува или да се поткопува авторитетот на наименуваните старешини! Исто така, треба да имаш чувство на лојалност кон „верниот и разборит роб“ и кон застапништвата кои се користат за да се разнесува духовната „храна во право време“ (Матеј 24:45NW). Биди брз за да ги прочиташ и примениш информациите кои се наоѓаат во Стражарска кула и во придружните публикации.

Покажувај љубов со своите постапки

На христијаните во Солун Павле им напишал: „Кај секого од вас се умножува љубовта кон другиот“ (2. Солунјаните 1:3NW). Растењето во љубовта е еден особено важен аспект на духовниот раст. Според она што е запишано во Јован 13:35, Исус рекол: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“. Таквата братска љубов не се карактеризира само со емоција или чувство. Vine’s Expository Dictionary of Old and New Testament Words забележува: „Љубовта може да се види само од делата на кои поттикнува таа“. Да, ти напредуваш кон зрелост во овој поглед на тој начин што ја применуваш љубовта на дело!

На пример, во Римјаните 15:7 читаме: „Примајте се еден со друг“. Еден начин да се покаже љубов е да се поздравуваме со нашите соверници и со новодојдените на собраниските состаноци — срдечно и одушевено! Запознај ги лично. Покажи „личен интерес“ за другите (Филипјаните 2:4NW). Можеби ќе можеш да покажеш дури и гостољубивост и да поканиш различни поединци во својот дом (Дела 16:14, 15). Несовршеностите на другите можат понекогаш да ја испитаат длабочината на твојата љубов, но додека учиш да ‚ги поднесуваш во љубов‘, ти покажуваш дека стануваш возрасен (Ефесјаните 4:2).

Користи го она што го имаш за да го унапредуваш чистото обожавање

Во древни времиња, сите од Божјиот народ не ја исполниле својата одговорност да го поддржуваат Јеховиниот храм. Затоа Бог испраќал пророци, како што биле Агеј и Малахија, да го поттикнат Неговиот народ во тој поглед (Агеј 1:2—6; Малахија 3:10). Зрелите христијани денес радосно го користат она што го имаат за да го поддржуваат Јеховиното обожавање. Имитирај ги таквите следејќи го начелото од 1. Коринтјаните 16:1, 2, редовно ‚одделувајќи‘ за да приложиш за собранието и за светското дело на Јеховините сведоци. Божјата реч ветува: „Кој богато сее, богато и ќе жнее“ (2. Коринтјаните 9:6).

Не ги превидувај ни другите работи што ги поседуваш, како што е твоето време и енергија. Обиди се да ‚откупиш време‘ од помалку важните активности (Ефесјаните 5:15, 16; Филипјаните 1:10, сите NW). Научи поделотворно да го користиш времето. Можеби тоа ќе ти овозможи да учествуваш во проектите за одржување на Салите на Царството и во други слични активности кои го унапредуваат Јеховиното обожавање. Користењето на она што го имаш на ваков начин ќе даде додатен доказ дека стануваш возрасен христијанин.

Напрегај се кон зрелост!

Мажите и жените кои се склони да учат и поседуваат знаење, кои се ревносни проповедници, без маана во својот интегритет, лојални и полни со љубов, и спремни да дадат физичка и материјална поддршка на делото за Царството се навистина голем благослов. Тогаш не е ни чудо што апостол Павле поттикнал: „Бидејќи ја оставивме основната наука за Христа, да се напрегаме кон зрелост“! (Евреите 6:1NW).

Дали си возрасен, зрел христијанин? Или во некои погледи сѐ уште си како духовно бебе? (Евреите 5:13NW). Како и да е, биди одлучен да се посветиш на личната студија, на проповедањето и на покажувањето љубов кон твоите браќа. Прифати ги секој совет и дисциплина кои ти ги даваат зрелите поединци (Изреки 8:33). Носи го целиот товар на христијанска одговорност. Со време и напор, и ти можеш да ‚дојдеш до единство во верата и во точното спознание на Синот Божји, до потполно возрасен човек, до мерата на растот која ѝ припаѓа на Христовата полнота‘ (Ефесјаните 4:13NW).

[Истакната мисла на страница 27]

Возрасните христијани придонесуваат за стабилноста на собранието. Тие имаат позитивно влијание врз неговата склоност, или доминантен став

[Слики на страница 29]

Зрелите придонесуваат за духот на собранието со тоа што покажуваат интерес за другите