Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Единствениот начин да се искорени омразата

Единствениот начин да се искорени омразата

Единствениот начин да се искорени омразата

„Без страв нема омраза . . . Го мразиме она од кое се плашиме и затоа, онаму каде што има омраза, демнее стравот“ (СИРИЛ КОНОЛИ, ЛИТЕРАТУРЕН КРИТИЧАР И УРЕДНИК).

МНОГУ социолози веруваат дека омразата е длабоко вкоренета во човековата потсвест. „Голем дел од неа може да биде дури и програмиран“, вграден во самата природа на луѓето, рекол еден стручњак по политички науки.

Разбирливо е што оние кои ја проучуваат човечката природа доаѓаат до вакви заклучоци. Нивни единствени предмети на проучување се мажите и жените родени „грешни“ и „во грев“, според инспирираниот запис од Библијата (Псалм 51:5ДХК). Дури и самиот Творец, проценувајќи го несовршениот човек уште пред милениуми, ‚видел дека лошотиите меѓу луѓето на земјата се големи, и дека сите мисли и помисли во срцата нивни се зли во секое време‘ (1. Мојсеева 6:5).

Предрасудите, дискриминацијата и, како последица од нив омразата, се продукти на човековата наследена несовршеност и себичност (5. Мојсеева 32:5). За жал, ниедно човечко посредништво или влада, сеедно каква е нејзината политика, не можела да донесе промена во човековото срце во врска со тие работи. Странскиот дописник Џоана Мекгири забележала: „Ниеден глобален полицаец, колку и да е моќен, не може да интервенира за да ја избрише омразата која ги натопи со крв Босна, Сомалија, Либерија, Кашмир, Кавказ“.

Меѓутоа, пред да започнеме да бараме решенија, мора да стекнеме основно разбирање на она што стои зад манифестациите на омраза.

Омраза потхранувана од страв

Омразата доаѓа во многу нијанси и облици. Писателот Ендрју Саливан убаво го резимирал ова: „Постои омраза која плаши, и омраза која само чувствува презир; постои омраза која изразува моќ, и омраза која доаѓа од немоќ; постои одмазда, и омраза која доаѓа од завист . . . Постои омраза од угнетувачот, и омраза од жртвата. Постои омраза која тлее, и омраза која бледнее. И, постои омраза која експлодира, и омраза која никогаш не се разгорува“.

Без сомнение, некои од главните фактори кои предизвикуваат конфликти полни со омраза во нашево време се социјалните и економските фактори. Силните предрасуди и изливите на омраза честопати можат да се најдат во оние подрачја каде што групата која е во поповолна економска положба е во малцинство. Исто така, омраза честопати постои и онаму каде што стандардот на живеење на дел од заедницата е загрозен од прилив на странци.

Некои можеби мислат дека овие новодојденци ќе им конкурираат за работа, работејќи за пониски плати, или дека ќе предизвикаат да опадне вредноста на имотот. Дали таквите стравови се оправдани или не, тоа е нешто сосема друго. Стравот од економска загуба и стравот дека стандардот во заедницата или начинот на живот ќе трпат се моќни фактори кои доведуваат до предрасуди и омраза.

Кој би требало да биде првиот чекор за да се искорени омразата? Промена на ставовите.

Менување на ставовите

„Вистинската промена може да дојде само од волјата на народите кои се вклучени“, забележала Мекгири. А како може да се промени волјата на луѓето? Искуството покажува дека најмоќното, најмотивирачкото и најтрајното влијание против развивањето на омразата доаѓа од Божјата реч, Библијата. Тоа е затоа што „словото Божјо е живо и дејствува и е поостро од секаков меч со две острици; и навлегува до разделување на душата и духот, до зглобовите и мозокот, и ги проценува мислите и намерите на срцето“ (Евреите 4:12).

Мора да се признае дека искоренувањето на предрасудите и на омразата не доаѓа автоматски ниту, пак, прекуноќ. Но, тоа може да се случи. Исус Христос, најголемиот човек кој ги мотивирал срцата и ја направил совеста осетлива, можел да ги поттикне луѓето да се менуваат. Милиони успеале да го следат неговиот мудар совет: „Љубете ги непријателите свои . . . молете се за оние што ве гонат“ (Матеј 5:44).

Верен на своите учења, во групата на свои најдоверливи пријатели Исус го вклучил и Матеј, поранешен даночник, човек кој бил омразен и отфрлен од еврејското општество (Матеј 9:9; 11:19). Освен тоа, Исус воспоставил еден пат на чисто обожавање кој на крај требало да опфаќа илјадници лица од претходно отфрлените и омразени не-Евреи (Галатјаните 3:28). Следбеници на Исус Христос станувале луѓе од целиот тогашен познат свет (Дела 10:34, 35). Овие поединци станале познати по својата ненадминлива љубов (Јован 13:35). Кога некои луѓе исполнети со омраза го каменувале до смрт Исусовиот ученик Стефан, неговите последни зборови биле: „Господи, не примај им го ова за грев!“ Стефан им го посакувал најдоброто на оние кои го мразеле (Дела 6:8—14; 7:54—60).

Денешните вистински христијани на сличен начин реагираат на Исусовиот совет да им прават добро не само на своите христијански браќа туку дури и на оние кои ги мразат нив (Галатјаните 6:10). Тие напорно работат на тоа да ја отстранат злобната омраза од својот живот. Свесни за моќните сили кои можат да предизвикаат омраза во нив, тие преземаат позитивна акција и ја заменуваат омразата со љубов. Да, како што рекол еден мудар човек од старо време: „Омразата предизвикува раздори, а љубовта ги покрива сите гревови“ (Изреки 10:12).

Апостол Јован навел: „Секој, што го мрази братот свој, е човекоубиец; и познато ви е дека ниеден човекоубиец нема живот вечен“ (1. Јованово 3:15). Јеховините сведоци веруваат дека е така. Како резултат на тоа, тие сега се здружуваат — од сите етнички, културни, религиозни и политички заднини — во една обединета, ослободена од омраза заедница на вистинско глобално братство. (Види ги придружните рамки.)

Омразата ќе биде искоренета!

‚Но‘, можеби ќе речеш, ‚сето ова е добро и убаво за оние кои се вклучени. Меѓутоа, тоа нема да предизвика омразата во потполност да исчезне од Земјата.‘ Точно, дури и ако ти немаш омраза во своето срце, сепак можеш да бидеш нејзина жртва. Затоа мораме да се потпираме на Бог за вистинско решение на овој глобален проблем.

Бог има намера наскоро да ги отстрани од Земјата сите траги од омраза. Тоа ќе се случи под владеењето на небесната влада за која Исус нѐ учел да се молиме: „Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10).

Кога таа молитва во потполност ќе биде одговорена, околностите кои поттикнуваат на омраза повеќе нема да постојат. Ситуациите кои ја искористуваат омразата ќе бидат отстранети. Пропагандата, незнаењето и предрасудите ќе бидат заменети со просветленост, вистина и праведност. Тогаш навистина Бог ‚ќе ја избрише секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе‘ (Откровение 21:1—4).

Сега, уште подобра вест! Постои несоборлив доказ дека живееме во „последните денови“. Затоа можеме да бидеме сигурни дека многу скоро ќе видиме како безбожната омраза ќе исчезне од Земјата (2. Тимотеј 3:1—5; Матеј 24:3—14). Во Божјиот ветен нов свет ќе постои вистински дух на братство бидејќи човештвото ќе биде обновено до совршенство (Лука 23:43NW; 2. Петрово 3:13).

Но, ти не мора да чекаш дотогаш за да уживаш во вистинско братство. Всушност, како што илустрираат придружните извештаи, христијанската љубов веќе нашла место во милиони срца кои инаку би можеле да бидат исполнети со омраза. И ти си поканет да станеш дел од тоа братство полно со љубов!

[Рамка на страница 5]

„Што ќе стореше Исус?“

Во јуни 1998, тројца белци од руралниот дел на Тексас во Соединетите Држави го нападнале Џејмс Бирд Јуниор, црнец. Го одвеле на едно оддалечено, пусто место, го претепале и му ги врзале нозете со синџири. Потоа го закачиле за еден камионет и го влечеле пет километри по патот сѐ додека неговото тело не удрило во еден бетонски одвод. Ова било означено како најужасно злосторство од омраза на деценијата (1990-тите).

Трите сестри на Џејмс Бирд се Јеховини сведоци. Што мислат тие за извршителите на ова ужасно злосторство? Во една заедничка изјава, тие рекле: „Да биде мачен и линчуван некој ваш сакан, тоа предизвикува незамисливо чувство на загуба и болка. Како реагира човек на еден таков брутален чин? Возвраќање со иста мера, говор полн со омраза или унапредување на пропаганда поттикната од омраза никогаш не ни паднало на памет. Си мислевме: ‚Што ќе стореше Исус? Како ќе реагираше тој?‘ Одговорот беше кристално јасен. Неговата порака ќе беше порака на мир и надеж“.

Меѓу библиските стихови кои им помогнале да спречат во нивните срца да се развие омраза бил и стихот од Римјаните 12:17—19. Апостол Павле напишал: „Никому не враќајте зло за зло . . . ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. Не одмаздувајте се, возљубени, за себе, туку дајте му место на Божјиот гнев. Оти е напишано: ‚Одмаздата е Моја. Јас ќе отплатувам — вели Господ‘“.

Тие понатаму рекле: „Се сеќаваме на реалистичните изјави од нашите публикации дека некои неправди или злосторства се толку морничави што ќе биде потешко да се рече: ‚Ти простувам‘ и едноставно да не се обрнува веќе внимание на тоа. Простувањето во такви случаи би можело да значи едноставно да се отфрли огорченоста за човек да може да продолжи со животот и да не се разболи физички или умствено ако продолжи да негува огорченост“. Какво само силно сведоштво дека Библијата има моќ да спречи длабоко вкоренетата омраза да пушти корен!

[Рамка на страница 6]

Непријателство претворено во пријателство

Изминативе години во Грција се слеале илјадници имигранти во потрага по работа. Меѓутоа, влошените економски услови ги намалиле можностите за работа, а со тоа се засилила борбата за вработување. Како последица од тоа, постои големо непријателство меѓу различни етнички групи. Типичен пример за ова е ривалството меѓу имигрантите од Албанија и од Бугарија. На многу места во Грција има силна конкуренција меѓу луѓето од овие две групи.

Во градот Кјато, во североисточниот дел на Пелопонез, едно бугарско семејство и еден Албанец почнале да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци и се запознале. Примената на библиските начела ја стопила омразата која постои меѓу многумина од овие две етнички групи. Исто така, тоа придонело за вистинско братско пријателство меѓу овие поединци. Иван, Бугаринот, дури му помогнал на Лулис, Албанецот, да најде сместување веднаш до својата куќа. Двете семејства честопати ја делат храната и своите малку материјални поседи. Обајцата мажи сега се крстени Сведоци на Јехова и тесно соработуваат во проповедањето на добрата вест. Излишно е да се каже дека ова христијанско пријателство не поминува незабележано од соседите.

[Слика на страница 7]

Под Божјето Царство од Земјата ќе бидат отстранети сите траги од омраза