Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Епидемија на омраза

Епидемија на омраза

Епидемија на омраза

„Луѓето никогаш не ги разбираат оние луѓе кои ги мразат“ (ЏЕЈМС РАСЕЛ ЛОУЕЛ, ЕСЕИСТ И ДИПЛОМАТ).

ИЗГЛЕДА дека омразата ја има насекаде околу нас. Имиња како што се Источен Тимор, Косово, Либерија, Литлтон и Сараево — како и неонацист, скинхет и застапник на надмоќност на белата раса — се врежани во нашите умови заедно со секогаш присутните слики на јагленисани урнатини, свежо ископани масовни гробници и мртви тела.

Сништата за едно идно ослободување од омраза, конфликти и насилство се разбиени. Даниел Митеран, сопруга на починатиот француски претседател, во врска со својата младост се сеќава: „Луѓето сонуваа да живеат слободно во братско општество во кое би можеле да имаат доверба; да живеат меѓу другите и со другите во душевен мир; сонуваа да водат здрав, мирен и достоинствен живот во силен и великодушен свет кој ќе бдее над нив“. Што се случило со тие идеали? Таа жали: „Мора да признаеме дека после половина век, нашиот сон е изложен на напад“.

Моменталниот препород на омразата едноставно не може да се игнорира. Таа е сѐ пораширена, и се јавува во сѐ подрски облици. Чувството на индивидуална сигурност, кое милиони го земаат здраво за готово, е задушено од бран на бесмислени дела на омраза, од кои секое се чини поужасно од претходното. Дури и ако сме поштедени од омраза во својот дом или во својата земја, таа нѐ чека во заседа на друго место. Веројатно гледаме доказ за тоа секој ден на телевизиските екрани на вестите и на преносите од актуелните настани. Дел од неа дури се протура и на Интернет. Разгледај неколку примери.

Последнава деценија доживеа беспримерен пораст на национализмот. „Национализмот“, забележал Џозеф С. Нај Јуниор, директор на Харвардскиот центар за меѓународни работи, „во поголемиот дел од светот станува сѐ посилен, а не послаб. Наместо да биде едно глобално село, ширум Земјината топка постојат села кои се уште посвесни едно за друго. Ова пак, од своја страна, ги зголемува можностите за конфликт.“

Други облици на омраза се поподмолни, притаени во границите на една земја па дури и во соседството. Кога петмина скинхети убиле еден постар Сик во Канада, овој настан „го истакнал она што некои го сметаат за препород на злосторствата од омраза во земја која често била пофалувана заради нејзината расна толеранција“. Во Германија, расистичките напади од екстремисти — кои претходните години постепено опаѓале — во 1997 се зголемиле за 27 проценти. „Тоа е еден обесхрабрувачки развој на работите“, забележал министерот за внатрешни работи Манфред Кантер.

Еден извештај од северниот дел на Албанија открива дека повеќе од 6.000 деца практично станале затвореници во сопствените домови од страв да не бидат застрелани од непријателите на своите семејства. Овие деца се жртви на традицијата на крвна освета, „која им го парализирала животот на илјадници семејства“. Во Соединетите Држави, според Федералното биро за истражување (ФБИ), „расните предрасуди биле мотив за над половина од 7.755-те злосторства од омраза извршени во 1998, за кои извести ФБИ“. Некои од мотивите за останатите злосторства од омраза вклучувале предрасуди во врска со религијата, етничкото или националното потекло и инвалидитети.

Освен тоа, насловите во весниците секој ден укажуваат на епидемија на ксенофобија, која е насочена првенствено против бегалците, кои сега бројат над 21 милион. За жал, мнозинството од оние кои покажуваат омраза кон странците се млади луѓе, подбуцнати од неодговорни политички личности и од други кои бараат дежурни виновници. Помалку очигледни знаци на истиот феномен се недовербата, нетолеранцијата и стереотипијата кон луѓе кои се поинакви.

Кои се некои од причините за оваа епидемија на омраза? И што може да се стори за да се искорени омразата? Следната статија ќе се занимава со овие прашања.

[Извор на слика на страница 2]

Насловна страница, горе: UN PHOTO 186705/J. Isaac

[Извор на слика на страница 3]

Daud/Sipa Press