Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Жртви на фалба кои му се угодни на Јехова

Жртви на фалба кои му се угодни на Јехова

Жртви на фалба кои му се угодни на Јехова

„Подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога“ (РИМЈАНИТЕ 12:1).

1. Што вели Библијата за релативната вредност на жртвите под Мојсеевиот закон?

„СО ОГЛЕД на тоа дека Законот има сенка на идните добри работи, а не самата нивна суштина, луѓето никогаш не можат со истите жртви, кои постојано ги принесуваат од година на година, да ги направат совршени оние кои пристапуваат“ (Евреите 10:1NW). Овде, со една смела изјава, апостол Павле потврдува дека сите жртви што се принесувале под Мојсеевиот закон немале трајна вредност што се однесува до спасението на човекот (Колосјаните 2:16, 17).

2. Зошто не е залудно да се обидеме да ги разбереме деталните информации во Библијата за приносите и жртвите под Законот?

2 Дали ова значи дека материјалот во Пентатеухот во врска со приносите и жртвите нема никаква вредност за христијаните денес? Всушност, во временски интервал од малку повеќе од една година, поединците кои се запишани во Теократската школа за служба во собранијата на Јеховините сведоци ширум светот неодамна ги читаа првите пет книги од Библијата. Некои се бореа да ги прочитаат и да ги разберат сите детали. Дали сите нивни напори беа залудни? Тоа сигурно не би можело да биде случај, зашто ‚сѐ, што е порано напишано, за наша поука е напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж‘ (Римјаните 15:4). Тогаш, прашањето е: ‚Каква „поука“ и „утеха“ можеме да присобереме од сите тие информации во Законот во врска со приносите и жртвите‘?

За наша поука и утеха

3. Каква основна потреба имаме?

3 Иако од нас не се бара да принесуваме дословни жртви на начинот пропишан во Законот, сѐ уште имаме голема потреба од она што жртвите до извесна мера го правеле за Израелците, имено, да ни бидат простени гревовите и да уживаме Божја наклоност. Со оглед на тоа што повеќе не принесуваме дословни жртви, како можеме да ги добиеме тие користи? Откако ги истакнува ограничувањата на животинските жртви, Павле изјавува: „Влегувајќи [Исус] во светот, вели: ‚Жртви и дарови Ти не посака, а телото Ми го приготви. Сепаленици за гревот [цели палени приноси и принос за грев, NW] не Ти се угодни. Тогаш реков: ‚Ете, идам, напишано е за Мене во почетокот на книгата, да ја извршам, Боже, волјата Твоја‘“ (Евреите 10:5—7).

4. Како Павле го применува Псалм 39:6—8 на Исус Христос?

4 Цитирајќи од Псалм 39:6—8, Павле истакнува дека Исус не дошол за да ги овековечи ‚жртвите и приносите‘, ‚целите палени приноси и приносот за грев‘, кои до времето кога пишувал Павле повеќе немале Божје одобрување. Наместо тоа, Исус дошол со тело кое го подготвил неговиот небесен Татко, тело кое во секој поглед одговарало на она што го подготвил Бог кога го создал Адам (1. Мојсеева 2:7; Лука 1:35; 1. Коринтјаните 15:22, 45). Како совршен Син Божји, Исус ја имал улогата на „семе“ на жената, како што е претскажано во 1. Мојсеева 3:15 (NW). Тој ќе преземе чекори да ‚му ја повреди главата на Сатана‘, иако самиот Исус ќе биде ‚повреден во петицата‘. На овој начин, Исус станал средството кое го обезбедил Јехова за спасение на човештвото, кое луѓето од вера го очекувале уште од деновите на Авел.

5, 6. Каков супериорен пристап до Бог имаат христијаните?

5 Говорејќи за оваа посебна улога што ја одиграл Исус, Павле вели: „Оној, Кој не знаеше грев, [Бог] место нас Го направи грев, та преку Него да станеме правда Божја“ (2. Коринтјаните 5:21). Изразот „Го направи грев“ може да се преведе и „Го направи како принос за грев“. Апостол Јован вели: „Он е очистување [жртва помирница, NW] за нашите гревови, и не само нашите, туку и гревовите на целиот свет“ (1. Јованово 2:2). Според тоа, иако Израелците имале привремено средство за пристап до Бог преку своите жртви, христијаните имаат супериорна основа за доаѓање до Бог — жртвата на Исус Христос (Јован 14:6; 1. Петрово 3:18). Ако практикуваме вера во откупната жртва која ја обезбедил Бог и Му бидеме послушни, и нашите гревови можат да бидат простени и може да уживаме Божја наклоност и благослов (Јован 3:17, 18). Зарем ова не е извор на утеха? Но, како можеме да покажеме дека имаме вера во откупната жртва?

6 Откако објаснува дека христијаните имаат супериорна основа за пристап до Бог, апостол Павле изложува, како што читаме во Евреите 10:22—25, три начини на кои можеме да ја покажеме нашата вера и ценење за Божјата љубезна подготовка. Иако опомената на Павле била упатена главно до оние кои имаат ‚пат на влегување во светото место‘ (NW) — т.е. до помазаните христијани со небесен повик— сигурно целото човештво треба да обрне внимание на Павловите инспирирани зборови ако сака да извлече корист од Исусовата жртва помирница (Евреите 10:19).

Принесувај чисти и неизвалкани жртви

7. а) Како Евреите 10:22 го одразува она што се правело при една жртва? б) Што требало да се стори за да се биде сигурен дека жртвата му е прифатлива на Бог?

7 Најпрвин, Павле ги поттикнува христијаните: „Да пристапиме со искрено срце, во полна вера, откако ги очистиме срцата од лукава совест со попрскување и откако го измиеме телото со чиста вода“ (Евреите 10:22). Јазикот употребен овде непогрешливо го одразува она што се правело со една типична жртва под Законот. Ова е соодветно бидејќи за една жртва да биде прифатлива, морала да се принесе со исправен мотив и да биде нешто чисто и неизвалкано. Жртвеното животно било од стадото, со други зборови, од чистите животни, и било „здраво“, без недостаток. Ако жртвата била од птици, тие морале да бидат грлици или млади гулаби. Ако биле задоволени тие услови, тогаш ‚ќе се придобиела милост за очистување‘ (3. Мојсеева 1:2—4, 10, 14; 22:19—25). Житниот принос не содржел квасец, кој е симбол на расипаност; ниту, пак, содржел мед, што веројатно означувало овошен сируп, кој има тенденција да предизвикува ферментација. Кога на олтарот се принесувале жртви — животински или житни — се додавало сол, конзерванс (3. Мојсеева 2:11—13).

8. а) Што се барало од лицето кое давало принос? б) Како можеме да се погрижиме нашето обожавање да му биде прифатливо на Јехова?

8 Што е со лицето кое го давало приносот? Законот наведувал дека секој кој доаѓал пред Јехова морал да биде чист и неизвалкан. Оној кој станувал нечист од која и да е причина, морал првин да принесе принос за грев или принос за вина со цел да ја обнови својата чиста положба пред Јехова за да може неговиот пален принос или заедничка жртва да Му бидат прифатливи (3. Мојсеева 5:1—6, 15, 17). Според тоа, дали сфаќаме колку е важно секогаш да одржуваме чиста положба пред Јехова? Ако сакаме нашето обожавање да му биде прифатливо на Бог, мораме да бидеме брзи во однос на исправањето на кое и да е прекршување на Божјите закони. Треба да бидеме брзи да го искористиме средството кое ни го дал Бог за помош — „старешините од собранието“ (NW) и ‚жртвата помирница за нашите гревови‘ (NW), Исус Христос (Јаков 5:14; 1. Јованово 2:1, 2).

9. Која е клучната разлика меѓу жртвите давани на Јехова и жртвите кои им се принесувале на лажните богови?

9 Нагласокот на слободата од секаков вид загаденост, всушност, била клучната разлика меѓу жртвите кои му биле принесувани на Јехова и жртвите кои луѓето им ги принесувале на лажните богови во нациите околу Израел. Коментирајќи за ова карактеристично обележје на жртвите во Мојсеевиот закон, еден прирачник вели: „Можеме да забележиме дека не постои поврзаност со гатање или претскажување; нема религиозно лудило, самоосакатување, или света проституција, обредите на сладострасна и оргијастична плодност се забранети во целост; нема човечки жртви; нема жртви за мртвите“. Сево ова го свртува вниманието кон еден факт: Јехова е свет, и тој не дозволува ниту одобрува каков и да е грев или расипаност (Авакум 1:13). Обожавањето и жртвите кои му се принесуваат мора да бидат чисти и неизвалкани — физички, морално и духовно (3. Мојсеева 19:2; 1. Петрово 1:14—16).

10. Во склад со опомената на Павле запишана во Римјаните 12:1, 2, какво самоиспитување треба да направиме?

10 Со оглед на ова, треба внимателно да се преиспитаме на сите подрачја во животот за да бидеме сигурни дека нашата служба му е прифатлива на Јехова. Никогаш не треба да мислиме дека сѐ додека имаме некаков удел во христијанските состаноци и во службата, не е важно што правиме во приватниот живот. Исто така, не треба да мислиме дека поради учеството во христијанските активности сме на некој начин ослободени од потребата да се придржуваме за Божјите закони на други подрачја од нашиот живот (Римјаните 2:21, 22). Не можеме да очекуваме Божји благослов и наклоност ако дозволиме нешто што е нечисто или валкано во негови очи да го загади нашето размислување или нашите постапки. Задржи ги на ум Павловите зборови: „Браќа, во името на милоста Божја, ве молам, подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, и тоа ќе биде вашата духовна служба, и не управувајте се според овој век, туку преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да познавате, која е добрата, угодна и совршена волја Божја“ (Римјаните 12:1, 2).

Принесувај жртви на фалба со цело срце

11. Што е вклучено во терминот ‚јавно изјавување‘, спомнат во Евреите 10:23?

11 Пишувајќи им на Евреите, Павле како следно го свртува вниманието кон еден витален аспект на вистинското обожавање: „Цврсто да се држиме за јавното изјавување на нашата надеж, без колебање, зашто верен е оној кој ветил“ (Евреите 10:23NW). Изразот „јавното изјавување“ буквално значи „исповедување“, а Павле зборува и за „жртва на фалба“ (Евреите 13:15NW). Ова нѐ потсетува на типот на жртвата која ја принеле мажи како Авел, Ное и Авраам.

12, 13. Што признавал еден Израелец кога принесувал жртва паленица, и што можеме да правиме за да го одразуваме истиот дух?

12 Кога еден Израелец принесувал жртва паленица, тоа го правел „од своја сопствена волја пред Јехова“ (3. Мојсеева 1:3NW). Преку таквата жртва, тој доброволно давал јавна изјава, или признание, на Јеховините изобилни благослови и срдечна љубезност кон неговиот народ. Сети се дека едно карактеристично обележје на жртвата паленица било тоа што целиот принос бил горен на олтарот — соодветен симбол за целосна оддаденост и предание. Во склад со тоа, ние ја покажуваме нашата вера во откупната жртва и нашата благодарност за таа подготовка кога спремно и со цело срце му ја принесуваме на Јехова нашата „жртва на фалба, односно плод на усните“.

13 Иако христијаните не принесуваат дословни жртви — животински или од зеленчук — тие сепак имаат одговорност да даваат сведоштво за добрата вест за Царството и да прават ученици на Исус Христос (Матеј 24:14; 28:19, 20). Дали ги користиш приликите да учествуваш во јавното објавување на добрата вест за Божјето Царство за да можат уште многу луѓе да ги запознаат прекрасните работи кои Бог ги подготвува за послушното човештво? Дали спремно ги трошиш своето време и енергија да ги поучуваш заинтересираните и да им помагаш да станат ученици на Исус Христос? Нашето ревносно учество во службата, како пријатен мирис на еден пален принос, му е многу угодно на Бог (1. Коринтјаните 15:58).

Радувај се на другарувањето со Бог и со луѓето

14. Како зборовите на Павле во Евреите 10:24, 25 одговараат на идејата за заедничката жртва?

14 На крај, Павле свртува внимание на нашиот однос со сохристијаните додека го обожаваме Бог. „И да бидеме обѕирни едни кон други, за да се поттикнуваме на љубов и на извонредни дела, не оставајќи го нашето заедничко собирање, како што некои имаат обичај, туку храбрејќи се едни со други, и тоа дотолку повеќе колку што гледате дека се приближува денот“ (Евреите 10:24, 25NW). Изразите „да се поттикнуваме на љубов и на извонредни дела“, „заедничко собирање“ и „храбрејќи се едни со други“ нѐ потсетуваат на она што заедничкиот принос во Израел го правел за Божјиот народ.

15. Каква сличност гледаме меѓу заедничката жртва и христијанските состаноци?

15 Терминот „заеднички приноси“ понекогаш се преведува со „мировни приноси“. Хебрејскиот збор за „мир“ овде е во множина, што можеби означува дека од учеството во таквите жртви произлегува мир со Бог и мир со сообожавателите. Во врска со заедничката жртва, еден изучувач забележува: „Ова навистина било сезона на среќно другарување со Богот на Сојузот, во која Тој се спуштал да стане Гостин на Израел на жртвениот оброк, исто како што Тој секогаш бил нивни Домаќин“. Ова нѐ потсетува на Исусовото ветување: „Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив“ (Матеј 18:20). Секојпат кога присуствуваме на некој христијански состанок, извлекуваме корист од изградувачкото дружење, од охрабрувачката поука и од помислата дека нашиот Господ Исус Христос е присутен со нас. Тоа го прави христијанскиот состанок една навистина радосна прилика која ја зајакнува верата.

16. Имајќи ја на ум заедничката жртва, што ги прави христијанските состаноци особено радосни?

16 Во заедничката жртва, сиот лој — околу цревата, бубрезите, кошулката на црниот дроб, и слабините, како и масната опашка кај овците — му се принесувале на Јехова така што се гореле, и се создавал чад на олтарот (3. Мојсеева 3:3—16). Лојот бил сметан за најхранлив и најдобар дел од едно животно. Неговото принесување на олтарот симболизирало давање на најдоброто на Јехова. Она што ги прави христијанските состаноци особено радосни е тоа што ние не само што добиваме поука туку и му принесуваме фалба на Јехова. Ова го правиме со учество — вложувајќи понизни, но најдобри можни напори — во пеењето од срце, внимателното слушање и коментирање кога тоа е можно. „Алилуја!“ — воскликнал псалмистот. „Пејте Му на Господа нова песна, и во собранието на светите, Неговата фалба!“ (Псалм 149:1ДХК).

Нѐ очекуваат обилни благослови од Јехова

17, 18. а) Каква грандиозна жртва дал Соломон при инаугурацијата на храмот во Ерусалим? б) Какви благослови за луѓето произлегле од церемонијата при инаугурацијата на храмот?

17 На инаугурацијата на храмот во Ерусалим, во седмиот месец од 1026 година пр.н.е., цар Соломон принел „грандиозна жртва пред Јехова“, која се состоела од „жртва паленица и житен принос и масни делови од заедничките жртви“ (NW). Освен она што било принесено во житните приноси, во таа прилика биле жртвувани вкупно 22.000 грла крупен добиток и 120.000 овци (3. Царства 8:62—65).

18 Можеш ли да си го замислиш трошокот и големината на работата вклучена во една таква огромна церемонија? Сепак, благословите кои ги добил Израел очигледно далеку го надминувале трошокот. На крајот на свеченостите, Соломон ‚го распуштил народот, и сите го благословувале царот и си отишле по шаторите свои, радувајќи се и веселејќи се во срцето свое за сето добро, што Господ му го направил на Својот слуга Давида и на Својот народ Израилот‘ (3. Царства 8:66). Навистина, како што кажал и Соломон, ‚благословот Господов — збогатува, и не донесува со себеси тага во срцето‘ (Изреки 10:22).

19. Што можеме да правиме за да добиеме величествени благослови од Јехова сега и засекогаш?

19 Живееме во време кога ‚сенката на идните добри работи‘ е заменета со „самата нивна суштина“ (Евреите 10:1NW). Исус Христос, во улога на голема противслика на Првосвештеникот, веќе влегол во самото небо и ја претставил вредноста на својата сопствена крв за да ги искупи сите кои практикуваат вера во неговата жртва (Евреите 9:10, 11, 24—26). На темел на таа голема жртва и ако со цело срце му ги принесуваме на Бог своите жртви на фалба кои се чисти и неизвалкани, и ние можеме да одиме напред „радувајќи се и веселејќи се во срцето свое“, со нетрпение чекајќи ги обилните благослови од Јехова (Малахија 3:10).

Како би одговорил?

• Каква поука и утеха можеме да присобереме од информациите во Законот за жртвите и приносите?

• Кое е првото барање за една жртва да биде прифатлива, и какво значење има тоа за нас?

• Што можеме да понудиме, а кое може да се спореди со доброволниот пален принос?

• На кои начини можат христијанските состаноци да се споредат со заедничкиот принос?

[Прашања]

[Слика на страница 18]

Јехова ја дал Исусовата откупна жртва за спасение на човештвото

[Слика на страница 20]

За нашата служба да му биде прифатлива на Јехова, мораме да бидеме без каква и да е валканост

[Слика на страница 21]

Со учеството во службата јавно ја признаваме Јеховината доброта