Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Заминување кон пацифичките острови — на работа!

Заминување кон пацифичките острови — на работа!

Заминување кон пацифичките острови — на работа!

ЧЕКАЛНИТЕ на меѓународните аеродроми во Бризбен и Сиднеј (Австралија) беа исполнети со поголемо возбудување отколку обично. Група од 46 луѓе беше спремна да полета кон облеаната со сонце Самоа за да се состане со уште 39 други од Нов Зеланд, Хаваите и од Соединетите Држави. Нивниот багаж беше многу необичен — се состоеше претежно од алатки како, на пример, чекани, пили и бургии — а не од оние работи кои обично човек ги понесува на пат кога оди на некој атрактивен пацифички остров. Но, нивната мисија беше сѐ, само не обична.

Патувајќи на сопствен трошок, тие требаше да поминат две седмици како неплатени доброволци во една градежна програма која ја надгледуваше Регионалната инженерска канцеларија при канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци на Австралија. Програмата, финансирана од доброволни прилози, вклучува изградба на Сали на Царството, Собирни сали, мисионерски домови и подружници или преведувачки објекти за брзо растечките собранија на Јеховините сведоци на пацифичките острови. Да се запознаеме со неколку од овие работници кои беа во екипите за изградба на Сали на Царството во своите сопствени земји.

Макс, монтажер на покриви, доаѓа од Ковра, Нов Јужен Велс (Австралија). Оженет е и има пет деца. Арнолд е од Хаваите. Тој и неговата сопруга имаат два сина, а тој е и пионер, или полновремен министер. Исто како Макс, и Арнолд служи како старешина во своето матично собрание. Очигледно, овие мажи — а повеќето во програмата се како нив — не се доброволци бидејќи имаат премногу слободно време. Напротив, тие и нивните семејства ја увидуваат потребата, и сакаат да сторат што можат за да помогнат.

Мултинационални работници задоволуваат витална потреба

Едно место каде што беа потребни нивните вештини и услуги беше Тувалу, нација на Пацификот со околу 10.500 луѓе, сместена на една далечна група од девет корални острови во близина на екваторот и северозападно од Самоа. Секој од островите, или атолите, зафаќа во просек по 2,5 квадратни километри од подрачјето. Во 1994, тамошните Сведоци — 61 на број — имаа итна потреба од нова Сала на Царството и поголема преведувачка канцеларија.

Во овој дел од тропскиот Пацифик, зградите мора да се дизајнираат и градат така за да можат да одолеат на честите жестоки бури и циклони. Но, островите не располагаат баш со некаков квалитетен градежен материјал. Решение? Секој составен елемент — од кровните плочи и решеткастите конструкции па сѐ до мебелот и завесите, ВЦ-шолјите и прскалките на тушевите, па дури и шрафовите и клинците — беа испратени во сандаци од Австралија.

Пред да стигне материјалот, една мала екипа претходно го подготви градилиштето и ги постави темелите. Потоа меѓународните работници дојдоа за да ги подигнат, бојадисаат и опремат зградите.

Ненамерно, сета оваа активност во Тувалу го разгоре гневот на локалниот свештеник кој на радио објави дека Сведоците подигнаа „Вавилонска кула“. Но, какви беа фактите? „Кога луѓето кои ја граделе библиската вавилонска кула увиделе дека повеќе не можат да се разберат меѓу себе бидејќи Бог им го измешал јазикот, тие морале да го напуштат својот проект и да ја остават кулата недовршена“, забележува доброволецот Грејми (1. Мојсеева 11:1—9). „Сосема спротивното важи кога се работи за Јехова Бог. И покрај јазичните и културните разлики, проектите секогаш се довршуваат.“ А така беше и со овој — за само две седмици. Всушност, на церемонијата за свечено отворање присуствуваа 163 луѓе, меѓу кои беше и сопругата на премиерот.

Даг, надзорник на проектот, размислувајќи за ова искуство вели: „Беше големо задоволство да се работи со доброволци од други земји. Имаме различни начини на работење, различна терминологија, дури и различни мерни системи, но сепак, ниедна од овие работи не предизвика проблеми“. Бидејќи веќе бил на извесен број вакви проекти, тој додава: „Ова уште повеќе ми потврди дека, со Јеховина поддршка, неговиот народ може да подигне објект каде и да било на оваа Земја, без оглед на тоа колку изолирано или тешко може да биде градилиштето. Секако, ние имаме многу талентирани луѓе, но Јеховиниот дух е тој што го овозможува ова“.

Исто така, Божјиот дух ги поттикнува семејствата Сведоци на островите да обезбедат храна и сместување што, за некои, е прилична жртва. Ова длабоко го ценат оние на кои им се укажува таквата гостољубивост. Кен, од Мелбурн (Австралија), работел на еден сличен проект во Француска Полинезија. Тој забележува: „Дојдовме како робови, но бевме третирани како цареви“. Онаму каде што е можно, локалните Сведоци исто така помагаат во градежната работа. На Соломоновите Острови жените мешале малтер — рачно. Сто мажи и жени се искачувале високо по планините наврнати од дожд и пренеле повеќе од 40 тони граѓа. И младите луѓе се зафатиле со работа. Еден работник од Нов Зеланд си припомнува: „Се сеќавам како еден млад брат од островот носеше по две до три вреќи цемент наеднаш. И по цел ден со лопата товараше песок на жешко и на дожд“.

Учеството на локалните Сведоци во работата донесува уште една корист. Канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society во Самоа известува: „Браќата на островот научија занаетчиски вештини што можат да ги користат при изградба на Сали на Царството и при поправки и реконструкции после циклони. Ова може да им помогне и да заработат за живот во средина каде што тоа за многумина е тешко“.

Градежната програма дава убаво сведоштво

Колин бил во Хонијара и видел како била изградена Собирна сала на Соломоновите острови. Импресиониран, до канцеларијата на локалната подружница на Watch Tower Society тој ја напишал оваа порака на пиџин англиски јазик: „Сите се обединети и никој не е намќорест, исто така тие се една фамилија“. Кратко потоа, кога се вратил во своето село Арулиго, оддалечено 40 километри, тој и неговото семејство изградиле своја Сала на Царството. Потоа, до канцеларијата испратиле уште една порака: „Нашата Сала на Царството, која има дури и подиум, е спремна, па дали можеме овде да имаме состаноци?“ Тоа веднаш било организирано, и редовно присуствуваат по повеќе од 60 луѓе.

Еден советник од Европската унија го видел проектот во Тувалу. „Претпоставувам дека сите ви го велат ова“, му рекол на еден работник, „но за мене ова едноставно е чудо!“ Една жена која работела на телефонската централа запрашала еден друг гостувачки доброволец: „Зошто сите вие сте толку среќни? Овде е толку жешко!“ Тие никогаш пред тоа не виделе христијанство на дело на еден таков практичен и самопожртвуван начин.

Жртви без жалење

„Кој богато сее, богато и ќе жнее“, вели Библијата во 2. Коринтјаните 9:6. Работниците, нивните семејства и нивните собранија и понатаму великодушно сеат во помагањето на Сведоците на Пацификот. „Моето собрание донираше над третина од цената на мојата авионска карта“, вели Рос, старешина од Кинкамбер, во близина на Сиднеј, „а мојот шура, кој исто така дојде со мене, приложи уште 500 долари.“ Еден друг работник си ја продал колата за да плати за ова патување. Трет, пак, продал земја. На Кевин му биле потребни уште 900 долари, па затоа решил да ги продаде своите 16 гулаби стари две години. Преку еден познаник, нашол купувач кој за нив му понудил точно 900 долари!

„Дали цената на авионскиот билет и изгубените дневници, сѐ на сѐ 6.000 долари, се исплатеа?“ Ова прашање им било поставено на Дани и Черил. „Да! Ќе се исплатеше дури да чинеше и двапати повеќе од таа сума“, одговориле тие. Алан, од Нелсон (Нов Зеланд) додал: „Со она што ме чинеше за да отидам до Тувалу можев да отидам во Европа и пак да ми останат пари. Но, дали ќе ги добиев благословите, дали ќе стекнев толку многу пријатели од различни заднини, дали ќе направев нешто за некој друг освен за себе? Не! Сепак, што и да им дадов на нашите браќа од островот, тие за возврат ми дадоа многу повеќе“.

Друг клуч за успехот на програмата е поддршката од семејството. Додека некои сопруги можеле да ги придружуваат своите сопрузи, па дури и да помогнат на градилиштето, други требало да се грижат за деца на школска возраст или за семејниот бизнис. „Спремноста на мојата сопруга да се грижи за децата и за домаќинството додека сум отсутен“, рекол Клеј, „беше далеку поголема жртва од мојата.“ Навистина, сите сопрузи кои не можеле да ги земат своите сопруги со себе, на ова од срце би додале „Амин“!

Откако го завршија проектот во Тувалу, доброволните работници изградија Сали на Царството, Собирни сали, мисионерски домови и преведувачки канцеларии во Фиџи, Тонга, Папуа Нова Гвинеја, Нова Каледонија и на други места. Многу проекти, вклучувајќи и некои локации во југоисточна Азија, сѐ уште се во фаза на планирање. Ќе има ли доволно работници?

Изгледа дека тоа нема да биде проблем. „Секој овде кој учествувал на некој од меѓународните градежни проекти замолил да биде земен предвид кога ќе се планира друг проект“, пишува канцеларијата на подружницата од Хаваите. „Веднаш штом се враќаат дома, тие почнуваат да штедат за тоа.“ Како може програмата да не успее кога и самиот лично придонесуваш за Јеховиниот богат благослов со ваквото свое несебично предание?

[Слика на страница 9]

Материјал за проектот

[Слики на страница 9]

Работничкиот персонал на градилиштето

[Слики на страница 10]

Кога проектите ќе се завршат, ние се радуваме на она што го постигнал Божјиот дух