Како се справуваш со несогласувањата?
Како се справуваш со несогласувањата?
СЕКОЈДНЕВНО имаме работа со различни личности. Ова честопати ни донесува радост и нови перспективи. Понекогаш доведува и до несогласувања, од кои некои се сериозни додека други се само ситни непријатности од секојдневниот живот. Сеедно каква е нивната природа, начинот на кој се справуваме со несогласувањата влијае врз нас умствено, емоционално и духовно.
Ако го правиме она што е во наша моќ за да ги решаваме несогласувањата на еден соодветен и пријатен начин, тоа ќе придонесе да имаме поздрав живот и помирољубиви односи со другите. Една древна изрека вели: „Кроткото [смиреното, NW] срце е живот за телото, а зависта е гнилеж за коските“ (Изреки 14:30).
Во остар контраст стои општопознатиот факт: „Она што е разрушен град, без ѕидови, таков е човекот, кој не владее со духот свој“ (Изреки 25:28). Кој од нас би сакал да биде ранлив на нападот на погрешни мисли кои можат да нѐ наведат да постапиме на неисправни начини — начини на кои можеме да ги повредиме другите а и себеси? Неконтролираното реагирање со лутина може да го направи токму тоа. Во Проповедта на гората Исус препорачал да го преиспитаме својот став, кој може да влијае врз начинот на кој се справуваме со кои и да било несогласувања што можеби ги имаме со другите (Матеј 7:3—5). Наместо да бидеме критизерски настроени кон другите, треба да размислуваме за тоа како можеме да негуваме и задржиме пријателства со оние кои имаат поинакви гледишта и заднини.
Нашиот став
Прв чекор кон решавање на едно замислено или вистинско несогласување е да признаеме дека сме склони кон погрешни мисли и ставови. Писмото нѐ потсетува дека сите ние грешиме и „не ја достигнуваме славата Божја“ (Римјаните 3:23, NW). Освен тоа, проникливоста може да открие дека изворот на нашиот проблем не е другата личност. Во поврзаност со ова, да го разгледаме искуството на Јона.
На упатство од Јехова, Јона отпатувал за градот Ниневија да проповеда за Божјиот претстоен суд врз нејзините жители. Среќниот исход било тоа што целиот град Ниневија се покајал и положил вера во вистинскиот Бог (Јона 3:5—10). Јехова сметал дека нивниот покајнички став заслужува простување, па затоа ги поштедил. „Поради тоа Јона многу се огорчи и вознегодува“ (Јона 4:1). Реакцијата на Јона кон Јеховината милост била изненадувачка. Зошто Јона му бил лут на Јехова? Изгледа дека Јона станал преокупиран со своите сопствени чувства, мислејќи дека си го изгубил угледот во околината. Не успеал да ја сфати Јеховината милост. Јехова на љубезен начин му дал на Јона еден практичен пример кој му помогнал да го смени својот став и да ја увиди ненадминливата вредност на Божјата милост (Јона 4:7—11). Јасно е дека Јона требало да го смени ставот, а не Јехова.
Дали и ние понекогаш треба да го смениме сопствениот став кон некоја работа? Апостол Павле нѐ опоменува: „Натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг“ (Римјаните 12:10). Што мислел со тоа? Во некој поглед, тој нѐ охрабрува да бидеме разумни и да се однесуваме кон другите христијани со длабока почит и достоинство. Тоа вклучува да признаеме дека секој поединец има право на слободен избор. Исто така, Павле нѐ потсетува: „Секој ќе го понесе своето бреме“ (Галатјаните 6:5). Според тоа, пред несогласувањата да ги прекинат добрите односи, колку само е мудро да размислиме дали треба да го преиначиме својот став! Мораме напорно да работиме на тоа да го одразуваме размислувањето на Јехова и да го сочуваме мирот со другите кои навистина го сакаат Бог (Исаија 55:8, 9).
Нашиот пристап
Замисли си како две деца влечат една иста играчка, и секое ја тегне сѐ повеќе за да ја добие. Можеби борбата е проследена со лути зборови сѐ додека конечно едното не попушти или не се вмеша некој трет.
Извештајот од 1. Мојсеева ни кажува како Авраам чул дека меѓу неговите пастири и пастирите на внук му Лот избила расправија. Авраам презел иницијатива да му пристапи на Лот и му рекол: „[Те молам, NW] не треба да се караме јас и ти, ни моите пастири со твоите пастири, зашто сме роднини [браќа, NW]“. Авраам бил одлучен да не дозволи никаков конфликт да го наруши нивниот однос. По која цена? Бил спремен да ја жртвува својата предност да избере како постар; бил подготвен да се откаже од нешто. Авраам му дозволил на Лот самиот да избере каде сака да ги одведе своето домаќинство и стадата. После тоа, Лот го избрал раззеленетото подрачје на Содом и Гомор. Авраам и Лот се разделиле во мир (1. Мојсеева 13:5—12).
За да задржиме мирољубиви односи со другите, дали сме подготвени да постапуваме во духот во кој постапил и Авраам? Оваа библиска епизода ни дава прекрасен пример кој треба да го имитираме кога се справуваме со несогласувањата. Авраам молел: „Не треба да се караме јас и ти“. Вистинската желба на Авраам била да дојдат до мирољубиво решение. Сигурно дека таквата понуда да се задржат мирољубиви односи ќе помогнела да се отстрани кое и да е недоразбирање. Потоа Авраам заклучил со изразот „зашто сме браќа“. Зошто би се жртвувал еден таков скапоцен однос заради некоја лична склоност или гордост? Авраам задржал јасен фокус на она што било важно. Тоа го сторил со самопочит и чест, почитувајќи го истовремено достоинството на својот внук.
Иако се јавуваат ситуации во кои можеби ќе се бара надворешна интервенција за да се реши некое несогласување, сепак, колку само е подобро ако работата може да се реши насамо! Исус нѐ охрабрува да преземаме иницијатива да се помириме со нашиот брат, извинувајќи се ако е потребно * (Матеј 5:23, 24). Тоа ќе бара скромност, или понизност на умот, но Петар напишал: „Опашајте се со понизност на умот еден кон друг, бидејќи Бог им се противставува на горделивите, а на понизните им дава незаслужена љубезност“ (1. Петрово 5:5, NW). Начинот на кој се однесуваме со сообожавателите има директно влијание врз нашиот однос со Бог (1. Јованово 4:20).
Во кругот на христијанското собрание, можеби ќе бидеме повикани да се откажеме од некое право за да се задржи мирот. Во последниве пет години во Божјето семејство
на вистински обожаватели дојдоа прилично голем број лица кои сега се поврзани со Јеховините сведоци. Колкава само радост ни донесува тоа во срцето! Начинот на кој се однесуваме сигурно влијае врз нив и врз другите во собранието. Ова е добра причина за внимателно да размислиме за нашиот избор на забава, хоби, друштвена разонода или вработување, земајќи предвид како можеби другите гледаат на нас. Дали некои наши постапки или зборови можат да бидат погрешно разбрани и на тој начин да станат причина да ги спрепнеме другите?Апостол Павле нѐ потсетува: „Сѐ ми е позволено, но не е сѐ полезно; сѐ ми е позволено, но не е сѐ за поука. Никој нека не ја бара својата полза, туку ползата на ближниот“ (1. Коринтјаните 10:23, 24). Како христијани, вистински сме заинтересирани да ги градиме љубовта и единството на христијанското братство (Псалм 132:1; Јован 13:34, 35).
Зборови што лечат
Зборовите можат да имаат силен ефект на добро. „Пријатните зборови се восочен мед: за душата слатки, а за коските лековити“ (Изреки 16:24). Приказната за тоа како Гедеон спречил еден можен конфликт со Ефремовците ја илустрира вистинитоста на оваа изрека.
Гедеон, кој бил длабоко навлезен во битка против Мадијамците, го повикал за помош Ефремовото племе. Меѓутоа, откако битката завршила, тоа племе се кренало против Гедеон и огорчено се жалело затоа што тој не го повикал уште во почетокот на борбата. Записот наведува дека ‚жестоко се обидувале да започнат кавга со него‘ (NW). Гедеон во одговор рекол: „Па што направив така, како вие сега? Нели се пабирките на Ефрема подобри од гроздоберот на Авиезер? Во ваши раце Бог ги предаде мадијамските кнезови Орива и Зива, и како можев јас да сторам такво нешто, како вие?“ (Судии 8:1—3). Со своите добро избрани, смирувачки зборови, Гедеон избегнал нешто што можело да биде катастрофална меѓуплеменска војна. Луѓето од племето на Ефрем можеби имале проблем со самоважност и гордост. Меѓутоа, ова не го одвратило Гедеон да работи на тоа да дојде до мирен исход. Можеме ли и ние да постапуваме на сличен начин?
Кај другите може да избие лутина и да предизвика непријателство кон нас. Признај ги нивните чувства, и работи на тоа да ги разбереш нивните гледишта. Дали можеби некако сме придонеле за нивните чувства? Ако да, зошто да не признаеме дека имаме удел во создавањето на тешкотијата и да покажеме дека ни е жал што сме придонеле за проблемот. Неколку добро промислени зборови можеби ќе го поправат нарушениот однос (Јаков 3:4). На некои кои се вознемирени можеби едноставно им треба нашето љубезно уверување. Библијата забележува дека „кога нема веќе дрва, огнот згаснува“ (Изреки 26:20). Да, внимателно избраните зборови кажани во исправен дух можат ‚да го ублажат гневот‘ и да се покажат како лек (Изреки 15:1).
Апостол Павле препорачува: „Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:18). Точно е дека не можеме да ги контролираме чувствата на другите, но можеме да го сториме својот дел да унапредуваме мир. Наместо да им подлегнеме на своите сопствени несовршени реакции или реакциите на другите, сега можеме да работиме на тоа да ги применуваме добро заснованите библиски начела. Ако со несогласувањата се справуваме на начинот на кој нѐ поучува Јехова, резултатот за нас ќе биде вечен мир и среќа (Исаија 48:17).
[Фуснота]
^ пас. 13 Види ги статиите „Простувај од срце“ и „Можеш да го придобиеш својот брат“ во Стражарска кула од 15 октомври 1999.
[Слика на страница 24]
Дали инсистираме работите да бидат по наше?
[Слика на страница 25]
Авраам дал убав пример — да се попушти за да се реши некое несогласување