Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Во Исаија, поглавје 53, се наоѓа едно познато месијанско пророштво. Во стих 10 се вели: „Самиот Јехова уживаше во тоа да го здроби; го разболе“ (NW). Што значи ова?

Лесно е да се увиди зошто може да се јави прашање во врска со Исаија 53:10. Вистинските христијани не сметаат дека нашиот сочувствителен и љубезен Бог би уживал некого да здроби или да разболи. Библијата ни дава темел за доверба дека Бог не наоѓа задоволство во мачење на невините (5. Мојсеева 32:4; Јеремија 7:30, 31). Низ вековите Јехова можеби повремено дозволувал страдања заради причини кои се во склад со неговата мудрост и љубов. Но, тој сигурно не предизвикал неговиот љубен Син, Исус, да страда. Тогаш, што кажува овој пасус, всушност?

Па, за да го сфатиме значењето од помош може да ни биде ако го разгледаме целиот стих, забележувајќи ги двата случаи кога се појавува зборот „ужива“. Исаија 53:10 (NW) гласи: „Самиот Јехова уживаше во тоа да го здроби; го разболе. Ако ја положиш неговата душа како гревовен принос, тој ќе го види своето потомство, ќе ги продолжи своите денови, и во неговата рака ќе успее она што му е уживање на Јехова“.

Целокупната порака на Библијата покажува дека „уживањето на Јехова“, спомнато на крајот од стихот, се сосредоточува на извршувањето на неговата намера преку Царството. Со тоа Јехова ќе го оправда својот суверенитет и ќе овозможи да се отстрани наследениот грев од послушните луѓе — нашите гревови (1. Летописи 29:11; Псалм 83:18NW; Дела 4:24; Евреите 2:14, 15; 1. Јованово 3:8). Клучот за сево ова било тоа што Божјиот син морал да стане човек и да ја обезбеди откупната жртва. Како што веќе знаеме, во текот на тој период Исус навистина страдал. Библијата ни кажува дека тој ‚се научил на послушност преку она што пострадал‘. Така Исус навистина извлекол корист од тоа страдање (Евреите 5:7—9).

Исус однапред знаел дека благородниот правец што ќе го преземе, ќе вклучува агонија. Тоа е јасно од неговите зборови запишани во Јован 12:23, 24 каде што читаме: „Дојде часот да се прослави Синот Човечки. Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре — ќе донесе голем плод“. Да, Исус знаел дека ќе мора да го задржи својот интегритет дури до степен да претрпи смрт. Извештајот продолжува: „,Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час! Но, заради тоа и дојдов на овој час. Оче, прослави Го името Свое!‘ Тогаш дојде глас од небото: ‚И Го прославив и пак ќе Го прославам‘“ (Јован 12:27, 28; Матеј 26:38, 39).

Во ваков контекст можеме да го разбереме Исаија 53:10. Јехова добро знаел дека искуството на неговиот Син ќе вклучува да биде здробен во извесна смисла. Сепак, имајќи го на ум славното и пошироко добро кое требало да произлезе од ова, Јехова уживал во она што требало Исус да го доживее. Во таа смисла Јехова ‚уживал во здробувањето‘, или во дробењето на Месијата. А и Исус уживал во она што можел да го направи и навистина го направил. Точно, како што заклучува Исаија 53:10, ‚во неговата рака навистина успеало она што му било уживање на Јехова‘.