Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова секогаш ги наградува своите лојални

Јехова секогаш ги наградува своите лојални

Животна приказна

Јехова секогаш ги наградува своите лојални

РАСКАЖАЛ ВЕРНОН ДАНКОМ

Завршив со мојата доцна вечерна закуска и, како по обичај, запалив цигара. Потоа ја прашав мојата сопруга, Ејлин: „Како беше на состанок вечерва?“

ТАА застана за момент, па ми рече: „Беше прочитано писмо со нови наименувања, и беше спомнато твоето име. Ти ќе бидеш слуга за озвучување. Последната реченица во писмото гласеше: ‚Ако некој од овие новонаименувани браќа користи тутун, должен е да пише до Заедницата за да извести дека не може да ја прифати задачата‘“ a. Одговорив со едно продолжено и решавачко: „Хммм! Значи така кажаа“.

Ги стегнав забите и ја смачкав цигарата во пепелникот што беше покрај мене. „Не знам зошто ме избраа мене за оваа задача. Но, јас досега никогаш немам одбиено никаква задача, па ни отсега немам таква намера.“ Решив никогаш повеќе да не запалам цигара. Таа одлука длабоко влијаеше врз мојот живот како христијанин и како музичар. Дозволете ми да ви раскажам некои настани кои водеа до мојата одлука.

Раниот семеен живот

Роден сум во Торонто (Канада) на 21 септември 1914, како најстар син на љубезни и марливи родители, Вернон и Лила, кои се грижеа за семејство од четири момчиња и две девојчиња. Веднаш по мене беше Јорк, потоа Орландо, Даглас, Ејлин и Корал. Кога имав само девет години, мајка ми ми стави виолина в раце и договори да имам часови по музика во музичката школа Харис. Иако не им беше баш лесно, мајка ми и татко ми наоѓаа начини да платат за превозот со трамвај и за школарината. Подоцна учев теорија и хармонија на музика на Кралскиот конзерваториум за музика во Торонто и, на 12-годишна возраст, учествував во градскиот рециталски натпревар во Мази Хол, престижен музички аудиториум во центарот на градот. Бев избран како победник и добив подарок една убава виолина во футрола од алигаторска кожа.

Со текот на времето, научив да свирам и пијано и контрабас. Честопати како група свиревме на мали забави во петок и сабота навечер и на студентски балови. На еден од овие балови првпат ја сретнав Ејлин. Кога бев последна година во гимназијата, свирев во неколку оркестри низ градот. Откако матурирав бев поканет да му се придружам на оркестарот Ферди Маури, и тоа се покажа како добра, стабилна работа сѐ до 1943 година.

Го запознавам Јехова

Моите родители првпат дојдоа во контакт со библиската вистина баш пред избувнувањето на I светска војна, кога татко ми работеше како декоратер на излози во една стоковна куќа во центарот на Торонто. Во просторијата за ручек тој ги слушал разговорите меѓу други двајца работници кои биле Библиски студенти (како што тогаш беа познати Јеховините сведоци), и потоа, кога ќе си дојдел навечер дома, го споделувал со мајка ми она што ќе го чуел. После неколку години, во 1927, Библиските студенти одржаа голем конгрес во Торонто во колосеумот во Canadian National Exhibition Grounds. Нашата куќа, на оддалеченост од два блока од западниот влез на дворот, беше користена за сместување на 25 луѓе од Охајо (САД).

После тоа, една Библиска студентка, Ада Блетсо, почна често да ја посетува мајка ми, оставајќи ѝ ја најновата литература. Еден ден ѝ рече: „Г-ѓо Данком, веќе некое време Ви оставам литература. Дали некогаш воопшто сте прочитале нешто од неа?“ Иако подигаше шест деца, мајка ми одлучи од тој момент да почне да ги чита списанијата, и никогаш не престана. Меѓутоа, јас малку обрнував внимание на литературата. Требаше да матурирам, и бев длабоко внесен во музиката.

Во јуни 1935, Ејлин и јас се венчавме во англиканска црква. Бидејќи ја имав напуштено Обединетата црква на 13-годишна возраст, не бев поврзан со некоја друга религија; па затоа во матичната книга на венчаните се потпишав како Јеховин сведок, иако не бев уште Сведок.

Со нетрпение чекавме во иднина да подигаме семејство, и имавме желба да бидеме добри родители. Затоа почнавме заедно да го читаме Новиот завет. Меѓутоа, и покрај добрите намери, нѐ попречуваа други работи. Малку подоцна пак се обидовме, но со истите резултати. Потоа, за Божиќ во 1935, добивме како подарок завиткана книга со наслов The Harp of God (Харфа Божја). Мојата сопруга рече: „Леле, каков необичен божиќен подарок ни испратила мајка ти“. Сепак, откако отидов на работа, таа почнала да ја чита, и ѝ се допаднало она што го читала. Некое време ништо не знаев за тоа! Што се однесува до нашите семејни очекувања, не се остварија. Нашата ќеркичка, која се роди на 1 февруари 1937, ни умре. Колку само бевме длабоко разжалостени!

Во тоа време моето семејство активно учествуваше во делото на проповедање, и дознав дека татко ми е единствениот објавител на Царството во семејството кој сѐ уште не беше направил претплата на списанието Утеха (сега Разбудете се!). Тоа било цел во службата на теренот за тој месец. Иако сѐ уште немав прочитано ниедна од публикациите на Заедницата, ми падна жал за него, па му реков: „Во ред, тато, претплати ме мене; и ќе бидеш исто како и другите“. Дојде летото, и оркестарот се исели од градот за да свири во едно одморалиште. Утеха стигнуваше по пошта. Потоа дојде есен, и оркестарот се врати во Торонто. Списанијата продолжија да пристигнуваат на нашата нова поштенска адреса, а јас немав извадено ниедно дури ни од обвивката.

Во текот на еден божиќен одмор, го погледнав купот списанија и дојдов до заклучок дека, штом сум платил за нив, треба да прочитам барем некои за да видам што имаат да кажат. Првото што го отворив ме сепна. Зборуваше за разоткривање на политичката интрига и на корупцијата од тоа време. Почнав да разговарам со останатите музичари за она што го читав. Меѓутоа, тие ја оспоруваа вистинитоста на она што им го кажував, и морав да продолжам да читам за да се одбранам. Несвесно, почнав да сведочам за Јехова. И од тоа време никогаш не престанав да ги читам прекрасните библиски публикации од „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45NW).

Иако преку седмицата бев зафатен со работа, набрзо почнав да присуствувам на состаноците в недела, заедно со Ејлин. Кога една недела, во 1938, стигнавме на состанок, две постари сестри нѐ поздравија, и едната ми рече: „Братче, дали веќе зазеде став за Јехова? Знаеш, Армагедон само што не дошол!“ Знаев дека Јехова е единствениот вистински Бог, и бев уверен дека ова е негова организација. Сакав да бидам дел од неа, па затоа на 15 октомври 1938 се крстив. Ејлин се крсти после шест месеци. Среќен сум што можам да кажам дека сите од моето семејство станавме предадени слуги на Јехова.

Колку само восхитувачко беше дружењето со Божјиот народ! Набрзо меѓу нив се чувствував како дома. Кога не можев да отидам, секогаш бев желен да дознаам што се случувало на состаноците. Онаа вечер спомната во почетокот се покажа како пресвртница во мојата служба за Јехова.

Време на голема промена за нас

Едно друго значајно преиначување ни се случи на 1 мај 1943. Во септември 1942 присуствувавме на нашиот прв голем конгрес, теократскиот собир Нов свет во Кливленд (Охајо). Таму, среде една ужасна светска војна, војна на која не ѝ се гледаше крајот, тогашниот претседател на Watch Tower Society, брат Нор, храбро го изнесе возбудливото јавно предавање: „Мир — може ли да потрае?“ Добро се сеќаваме како тој, од Откровение 17. поглавје, ни покажа дека ќе има еден повоен период на мир во кој ќе се извршува големо дело на проповедање.

Она што најмногу влијаеше врз нас беше еден од претходните говори на брат Нор: „Ефтај и неговиот завет“. Тогаш беше упатен повик за повеќе пионери! Ејлин и јас се погледнавме и едногласно (заедно со многумина други во тоа време) рековме: „Тоа сме ние!“ Веднаш почнавме да правиме планови да преминеме на едно поважно дело.

На 4 јули 1940 стапи на сила забрана на делото на Јеховините сведоци во Канада. Кога почнавме да пионериме, на 1 мај 1943, сѐ уште беше незаконски да се сведочи за Јехова и да се нуди литература од Заедницата во службата на теренот. Служејќи како христијани, со себе ги носевме само личните примероци од преводот на Библијата Кинг Џејмс. Само неколку дена откако стигнавме на нашата прва пионерска доделба во Пари Саунд (Онтарио), канцеларијата на подружницата го испрати Стјуарт Ман, искусен пионер, да работи на теренот со нас. Каква само љубезна подготовка! Брат Ман имаше пријатни манири и беше секогаш насмеан. Учевме од него и многу убаво си поминувавме. Водевме неколку библиски студии кога Заедницата нѐ прати на друга доделба во градот Хамилтон. Недолго после тоа, иако бев престар за војска, бев регрутиран. На 31 декември 1943 бев уапсен бидејќи одбив да ѝ се придружам на армијата. Откако беа изведени судските формалности, ме осудија на работа во камп за алтернативна служба, каде останав сѐ до август 1945.

Откако ме пуштија, Ејлин и јас веднаш добивме пионерска доделба која нѐ одведе во Корнвол (Онтарио). Кратко потоа, бевме на пат за Квебек, со специјална полициска судска доделба од Правниот оддел на Заедницата. Тогаш беше ерата на Дуплеси во Квебек, кога прогонството на Јеховините сведоци беше особено силно. Со денови секоја седмица во четири различни судови им помагав на нашите браќа. Тоа беа возбудливи времиња кои ја зајакнуваат верата.

После конгресот во Кливленд во 1946, добивме доделби во покраинското и во обласното дело кои сопругата и мене нѐ водеа од брег до брег. Работите брзо се случуваа. Во 1948 бевме поканети на 11. клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower. Браќата Алберт Шредер и Максвел Френд беа двајца наши инструктори, а во нашиот клас од 108 студенти имаше 40 помазаници. Со толку многу присутни долговремени Јеховини слуги, ова навистина беше богато и наградувачко искуство!

Еден ден од Бруклин нѐ посети брат Нор. Во својот говор тој повика 25 доброволци да учат јапонски јазик. Сите 108-мина се пријавивме! Тогаш остана на претседателот да избере кој да учи. Мислам дека Јехова го водеше изборот бидејќи испадна многу добро. Многумина од оние 25 кои беа избрани и кои подоцна имаа предност да го отворат делото во Јапонија сѐ уште се на своите доделби — да, постари, но сѐ уште се таму. Некои, како Лојд и Мелба Бери, беа префрлени на други доделби. Лојд беше член на Водечкото тело сѐ до својата смрт минатата година. Се радуваме со сите нив на наградата што ја дава Јехова.

Дојде денот на промоцијата, и ние бевме доделени на Јамајка. Меѓутоа, поради нерешените судски спорови во Квебек, добивме упатство да се вратиме во Канада.

Уште повеќе музика!

Иако ја оставив музиката заради пионерската служба, се чинеше дека музиката не ме остава мене. Следната година, претседателот на Заедницата, Натан Нор, и неговиот секретар, Милтон Хеншел, дојдоа во арената Maple Leaf Gardens во Торонто. Јавното предавање на брат Нор со наслов „Подоцна е отколку што мислиш!“ ги наежи сите. За првпат бев поканет да се грижам за конгресниот оркестар. Подготвивме валцер-аранжмани на некои познати песни од Kingdom Service Song Book (Песнарка за служба на Царството, 1944). Изгледа дека им се допаднаа на браќата. Кога заврши програмата во сабота попладне, ја вежбавме програмата што ја планиравме за в недела. Го здогледав брат Хеншел како доаѓа низ арената кон нас, и го запрев оркестарот за да му отидам во пресрет. Тој ме праша: „Колку музичари имаш во твојот оркестар?“ „Кога се присутни сите, ги има околу 35“, му одговорив. „Па, следното лето во Њујорк ќе имаш двапати повеќе“, ми одговори тој.

Но, пред да дојде тоа лето, бев поканет во Бруклин. Поради околностите, Ејлин во почетокот не можеше да дојде со мене. Новата зграда на Колумбија Хајтс 124 сѐ уште не беше довршена, па затоа добив кревет во првобитната зграда, во една собичка со двајца помазани браќа — еден постар брат, Пејн, и Карл Клајн, кого тогаш го сретнав за првпат. Ни беше ли претесно? Да. Сепак, многу добро се сложувавме заедно. Постарите браќа беа долготрпеливи и стрпливи. Јас само се обидував да не им сметам! Ова беше добра лекција за тоа што може да постигне Божјиот дух. Мојата средба и работењето со брат Клајн ми донесе големи благослови! Тој секогаш беше љубезен и услужлив. Добро соработувавме и останавме блиски пријатели повеќе од 50 години.

Имав предност да помагам во музиката на конгресите на Јенки стадионот во 1950, 1953, 1955 и 1958, како и да ги делам одговорностите за оркестарот со Ал Кавелин на конгресот во 1963 кој се одржа во Роуз Бул во Пасадена (Калифорнија). Во текот на конгресот на Јенки стадионот во 1953, во неделата пред јавното предавање беше презентирана музичка програма. Ерих Фрост ја најави Едит Шемјоник (подоцна Вигант), сопран, која ја испеа композицијата „Напред, Сведоци!“ со нашата оркестарска придружба. Бевме возбудени кога потоа за првпат ги чувме длабоките и прекрасни гласови на нашите браќа и сестри од Африка. Мисионерот Хари Арнот донесе една прекрасна касета од Северна Родезија (сега Замбија) за да уживаме додека слушаме. Звукот го исполни целиот стадион.

Снимање на песнарката од 1966

Се сеќаваш ли на песнарката со розова пластична корица “Singing and Accompanying Yourselves With Music in Your Hearts” (Пеејќи и придружувајќи се со музика во своето срце)? Кога таа се приближуваше кон финалната подготовка, брат Нор ми рече: „Ќе направиме некои снимки. Сакам да собереш еден мал оркестар, само неколку виолини и две флејти. Не сакам да има ‚трубење‘!“ Салата на Царството во Бетелот требаше да ни биде студио, но бевме загрижени во врска со нејзиното користење. Што ќе правиме со ехото поради ѕидовите без завеси, подовите со плочки и металните столици на расклопување? Кој ќе може да ни помогне да ги решиме непријатните звучни проблеми? Некој предложи: „Томи Мичел! Тој работи во студијата на АБЦ мрежата“. Стапивме во контакт со брат Мичел, кому му беше драго да ни помогне.

Дојде и првото саботно утро за снимање, и како што музичарите беа претставувани, еден од браќата имаше футрола за тромбон. Се сетив на предупредувањето на брат Нор: „Не сакам да има ‚трубење‘!“ Сега, што да правам? Набљудував како братот го вади својот тромбон од футролата, го фиксира неговиот повлекувач на место, и почна да се загрева. Братот беше Том Мичел, и првите неколку ноти што ги отсвири беа прекрасни. Тој го направил тромбонот да звучи како виолина! Си помислив: ‚Овој брат мора да остане!’ Брат Нор никогаш не приговори на тоа.

Во тој оркестар имавме група од добри музичари кои исто така беа браќа и сестри полни со љубов. Таму немаше примадони! Снимањето беше исцрпувачка работа, но никој не се жалеше. Кога работата беше завршена, имаше солзи; и меѓу оние кои имаа удел остана силно другарство. Сите ние уживавме во таа предност, и благодарение на Јехова ја завршивме работата.

Додатни наградувачки предности

После толку многу години, и понатаму уживам во полновремената служба. Поминав 28 години на доделби во покраинското и обласното дело — секоја од нив беше уживање. После тоа, следеа пет години грижа за Собирната сала Норвал во Онтарио. Со оглед на тоа што секој викенд се одржуваа покраински собири, како и обласни конгреси на странски јазици, Ејлин и јас бевме зафатени. Во 1979/1980 архитектите и инженерите ги користеа објектите на Собирната сала додека ја планираа идната подружница на Заедницата во Халтон хилс. После нашата работа во Собирната сала, друга доделба водеше до понатамошно учество на полето на музиката во Бруклин, од 1982 до 1984.

Мојата драга сопруга умре на 17 јуни 1994, седум дена после нашата 59-годишнина од бракот. Заедно поминавме 51 година во оддадена пионерска служба.

Додека размислувам за многуте искуства во мојот живот, си спомнувам дека Библијата се покажа како еден многу скапоцен водич. Понекогаш, ја користам личната Библија на Ејлин и црпам големо задоволство кога забележувам што го трогнало нејзиното срце — цели стихови, конкретни фрази и поединечни зборови кои ги означила. Како и Ејлин, и јас имам стихови кои имаат посебно значење за мене. Еден таков стих се наоѓа во Псалм 136, каде е изразена оваа прекрасна молитва до Јехова: „Да не можам никогаш повторно да свирам на харфа ако те заборавам, Ерусалиме! Да не можам никогаш повторно да пеам ако не се сеќавам на тебе, ако не мислам на тебе како на моја најголема радост!“ (Псалм 137:5, 6, Today’s English Version). Иако ја сакам музиката, мојата најголема радост доаѓа од лојалното служење на Јехова, кој ме награди со исполнет и задоволителен живот.

[Фуснота]

a Во Стражарска кула од 1 јуни 1973 беше објаснето зошто оттогаш па наваму, пред некој да може да се крсти и да стане Јеховин сведок треба да прекине со пушењето.

[Слика на страница 28]

Со Ејлин во 1947

[Слика на страница 30]

На една поранешна сесија на снимање