„Времињата на обнова“ се близу!
„Времињата на обнова“ се близу!
Кратко пред Исус да се вознесе на небото, некои од неговите верни ученици го прашале: „Господи, дали во ова време ќе го обновиш царството на Израел?“ (NW) Исусовиот одговор имплицирал дека треба да помине некое време пред да дојде Царството. Во текот на тоа време, неговите следбеници требало да завршат една голема работа. Требало да бидат сведоци за Исус „во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата“ (Дела 1:6—8).
ТАА задача не можела да се заврши за неколку дена, седмици или месеци. Меѓутоа, без и најмало колебање учениците почнале да проповедаат. Но, тие не го изгубиле интересот за темата обнова. Апостол Петар зборувал за неа пред едно големо мноштво собрано во Ерусалим, велејќи: „Покајте се и обратете се за да ви се избришат гревовите, па да дојдат раздобја на освежување од лицето на Јехова и да ви го испрати Христос, кој е одреден за вас, Исус, кого небото, навистина, мора да го задржи во себе до времињата на обнова на сѐ она за кое Бог говореше преку устата на своите свети пророци од старо време“ (Дела 3:19—21, NW).
Овие ‚времиња на обнова‘ требало да ги најават ‚времињата за освежување‘ од Јехова. Претскажаната обнова требало да дојде во две фази. Прво, требало да има една освежувачка духовна обнова, која сега е во тек. Второ, после неа требало да следи воспоставување на физички рај на Земјата.
Времето на обнова почнува
Како што истакнал апостол Петар пред тоа мноштво во Ерусалим, ‚небото го задржувало Исус во себе‘. Ова било случај сѐ до 1914, кога Исус ја презел својата царска моќ и почнал да владее како Божји наименуван Цар. Во тоа време, претскажал Петар, Јехова требало ‚да го прати‘ својот Син во смисла дека Тој ќе дозволи Исус да ја изврши својата улога како централна личност во Божјите намери. Библијата го опишува тој настан на симболичен јазик: „И [Божјата небесна организација] роди машко дете [Божјето царство во рацете на Исус Христос], кое ќе ги пасе сите народи со железен жезал“ (Откровение 12:5).
Но, народите немале намера да му се подложат на Христовото владетелство. Всушност, тие се нафрлиле врз неговите лојални земни поданици, денес познати како Јеховини сведоци. Како и нивните апостолски претходници, Сведоците без колебање се зафатиле со „делото на сведочење за Исус“ (Откровение 12:17, NW). Противењето на делото кое го вршеле овие искрени христијани се распалувало од една земја во друга. Во 1918, одговорните членови на персоналот на централата на Watch Tower Society во Бруклин (Њујорк) биле одвлечени на суд заради измислени обвиненија и неправедно осудени на долги затворски казни. Некое време се чинело дека современото дело на сведочење „до крајот на земјата“ ќе пропадне (Откровение 11:7—10).
Меѓутоа, во 1919, затворените членови на персоналот на централата биле пуштени и подоцна биле ослободени од сите лажни обвиненија. Тие не губеле време и повторно се зафатиле со делото на духовна обнова. Оттогаш Јеховиниот народ ужива духовен просперитет кој е без преседан.
Била преземена опсежна кампања луѓето од сите нации да бидат поучени да ги држат работите кои им ги заповедал Христос на своите следбеници (Матеј 28:20). Колку само било освежувачки да се види како некои кои порано покажувале животински карактеристики го промениле своето гледиште! Тие ја соблекле старата личност, која носи особини како што се ‚лутина‘, „погрден говор“ и ‚срамни зборови‘, и ја облекле новата личност, „која се обновува по пат на точно спознание според сликата на [Бог] кој ја создал“. Во духовна смисла, уште сега се исполнуваат зборовите на пророкот Исаија: „Тогаш волк [личност која порано покажувала карактеристики на волк] ќе живее со јагне [лице кое покажува кротка настроеност], леопардот ќе лежи заедно со јаре; теле, лавче и вол ќе бидат заедно“ (Колосјаните 3:8—10, NW; Исаија 11:6, 9).
Близу е една понатамошна обнова!
Освен обновата која резултирала со духовен рај денес, брзо се приближува времето кога нашата планета ќе стане физички рај. Мал дел од Земјата бил рај кога Јехова ги ставил нашите предци, Адам и Ева, во градината Едем (1. Мојсеева 1:29—31). Затоа можеме да зборуваме за обновување на Рајот. Но, пред да се случи тоа, Земјата мора да биде ослободена од лажната религија која го обесчестува Бог. За тоа ќе се погрижат политичките елементи на овој свет (Откровение 17:15—18). Потоа, политичките и трговските елементи, заедно со оние кои ги поддржуваат, ќе бидат уништени. На крај, последните Божји противници — Сатана Ѓаволот и неговите демони — ќе бидат затворени за илјада години — времетраење на проектот на обнова. Во текот на тоа време, „ќе се развесели пустината и сувата земја, и ненаселената земја ќе се зарадува и ќе расцути како крин“ (Исаија 35:1). Целата Земја ќе биде ослободена од немир (Исаија 14:7). Дури и милиони кои умреле ќе бидат вратени во живот на Земјата. Сите ќе ги доживеат користите на обнова од откупната жртва (Откровение 20:12—15; 22:1, 2). На Земјата нема да има слепи, глуви или сакати луѓе. „Ниеден од жителите нема да каже: ‚болен сум‘“ (Исаија 33:24). Кратко откако ќе заврши Илјадагодишното владеење на Христос, Ѓаволот и неговите демони ќе бидат пуштени за краток временски период и ќе видат како се исполнила Божјата намера со Земјата до тој момент. На крај, тие ќе бидат уништени засекогаш (Откровение 20:1—3).
Кога Земјата ќе дојде до крајот на илјадата години на обнова, „сѐ што дише“ ќе го фали Јехова, и тоа ќе го прават во сета вечност (Псалм 150:6). Ќе бидеш ли и ти меѓу нив? Можеш да бидеш.