Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Една долга потрага е наградена

Една долга потрага е наградена

Една долга потрага е наградена

„ЈЕХОВА? Кој е Јехова?“ Осумгодишната Силвија го видела тоа име во една ерменска Библија, семејно богатство кое ѝ го покажало едно друго девојче. Таа прашувала наоколу, но никој во Ереван (Ерменија), каде што живеела, не можел да ѝ каже кој е Јехова — ниту нејзините родители, ниту нејзините наставници, па дури ни свештениците во локалната црква.

Силвија пораснала, го завршила училиштето и нашла работа, но сѐ уште не знаела кој е Јехова. Како млада полнолетна личност, морала да бега од Ерменија, и после некое време се нашла во Полска, живеејќи во една собичка со други бегалци. Една од нејзините цимерки имала редовни посетители. „Кои се твоите гости?“ — прашала Силвија. „Тие се Јеховини сведоци, доаѓаат за да ме поучуваат за Библијата“, гласел одговорот.

Срцето на Силвија заиграло кога го чула името Јехова. Конечно, почнала да учи кој е Јехова и каков љубезен Бог е тој. Но, набрзо морала да ја напушти Полска. Побарала азил во Данска, од другата страна на Балтичкото Море. Со себе носела само неколку работи, но меѓу нив била и библиската литература издадена од Јеховините сведоци. На последната страна од една публикација, Силвија пронашла список на адреси на канцелариите на подружниците на Watch Tower Society. Тоа бил еден од нејзините најважни поседи — единствениот пат до Јехова!

Во Данска била одведена во еден бегалски камп, и веднаш почнала да ги бара Јеховините сведоци. Од својот список на адреси знаела дека канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society во Данска се наоѓа во градот Холбек. Но, каде е тоа? Силвија била префрлена со воз во друг камп, и по патот натаму, возот поминал низ Холбек! Повторно срцето ѝ заиграло од радост.

Еден сончев ден набрзо после тоа, Силвија се качила на воз назад до Холбек и се упатила пешки од станицата кон канцеларијата на подружницата. Таа се сеќава: „Кога влегов во градината, седнав на една клупа и си реков: ‚Ова е рај!‘“ Била срдечно пречекана во подружницата и конечно можела да има сопствена библиска студија.

Но, после тоа неколкупати се преселувала. Од еден до друг центар за бегалци Силвија морала да ги пронаоѓа Јеховините сведоци и секогаш одново да ја започнува својата библиска студија. Сепак, после две години, научила доволно за да му го предаде својот живот на Јехова. Се крстила и набрзо после тоа стапила во полновремена служба. Во 1998 данските власти ѝ дале азил.

Сега Силвија има 26 години и служи во местото кое ја потсетувало на рај, во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Данска. „Што можам да речам?“ — забележува сега таа. „Трагав по Јехова уште од времето кога бев мало девојче. Сега го пронајдов. Сонував да го посветам мојот живот на неговата служба, и еве сум во Бетел. Се молам ова да биде мој дом и во годините што доаѓаат!“