Залевање на семето на вистината во Чиле
Објавителите на Царството известуваат
Залевање на семето на вистината во Чиле
ВО ПУСТИНАТА во северно Чиле може да поминат години додека да заврне дожд. Но, кога ќе заврне, спржената и со камења покриена земја се преобразува во дословен ќилим од разнобојни цвеќиња. Оваа спектакуларна глетка привлекува туристи од целата земја.
Меѓутоа, меѓу луѓето во Чиле се случува еден многу поинтересен феномен. Водите на библиската вистина протекуваат до секој агол на земјата, и многу искрени луѓе „расцветуваат“ во ученици на Исус Христос. Едно средство кое се користи за ширење на овие води на вистината е телефонот. Следниве искуства илустрираат какви убави резултати се постигнуваат преку оваа метода на сведочење.
• Една полновремена евангелизаторка по име Карина била замолена да прикаже на програмата на еден покраински собир како да се сведочи по телефон. Меѓутоа, Карина никогаш порано не учествувала во таа гранка од делото на сведочење. За да ја охрабри да учествува во програмата на собирот, еден старешина заедно со својата сопруга повторил со Карина некои точки за тоа како да се сведочи по телефон. Исто така, тие ја поттикнале да му се моли на Јехова за водство за таа работа. Таа постапила така и конечно решила да се обиде да заѕвони некаде.
Карина избрала телефонски број од едно блиско село. Телефонистката одговорила, и Карина ѝ ја објаснила целта на својот повик. Реакцијата на телефонистката била поволна, и биле направени подготовки да разговараат повторно после три дена. Повторната посета направена по телефон резултирала со библиска студија, при што била користена брошурата Што бара Бог од нас? Оттогаш, тие уживаат во интересни и живи студии, а Карина испраќа литература за да одговори на прашањата на жената.
• Бернарда презела иницијатива да му посведочи на еден човек кој по грешка го свртел нејзиниот телефонски број. Наместо да покаже раздразливост, Бернарда се претставила како Јеховин сведок и понудила помош. Следел разговор, а човекот ја слушал додека му објаснувала како наскоро Божјето Царство ќе ја отстрани неправдата. Човекот ѝ го дал на Бернарда својот телефонски број, и таа правела повторни посети по телефон. Во текот на еден од нивните разговори, таа му прочитала дел од книгата Спознание кое води до вечен живот. Тој прашал како може да добие примерок, а Бернарда му ја испратила книгата како и Библија. Биле направени подготовки да го посети еден локален брат, кој сега продолжува да го „залева“ ова „растение“ кое цвета.
Да, во сувата духовна почва на овој свет, скриеното семе чека да из’рти кога ќе биде достигнато со животодајните води на вистината. Илјадници жедни продолжуваат да „растат“ и да ‚расцветуваат‘ во верни слуги на Јехова Бог (Исаија 44:3, 4).