Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Покажувај став на чекање!

Покажувај став на чекање!

Покажувај став на чекање!

„Јас ќе покажам став на чекање кон Богот на моето спасение. Мојот Бог ќе ме чуе“ (МИХЕЈ 7:7NW).

1, 2. а) Како погрешниот став им нанел штета на Израелците во пустелијата? б) Што би можело да се случи со еден христијанин кој не негува исправен став?

 НА МНОГУ работи во животот може да се гледа или позитивно или негативно, зависно од нашиот став. Кога Израелците биле во пустелијата, на чудесен начин им била обезбедувана мана. Тие требало да погледнат наоколу во неплодниот предел и да му бидат длабоко благодарни на Јехова затоа што им ја обезбедувал нивната прехрана. Така би одразиле позитивен став. Наместо тоа, тие си спомнувале за најразновидната храна во Египет и се жалеле дека маната не била вкусна. Каков само негативен став! (4. Мојсеева 11:4—6).

2 Ставот на еден христијанин денес може на сличен начин да направи работите да изгледаат или светли или мрачни. Без исправен став, христијанинот би можел лесно да ја изгуби својата радост, и ова би било сериозно бидејќи, како што рекол Неемија: „Радоста пред Господа е [наша] поткрепа“ (Неемија 8:10). Позитивниот, радосен став ни помага да задржиме и да унапредуваме мир и единство во собранието (Римјаните 15:13; Филипјаните 1:25).

3. Како исправниот став му помогнал на Јеремија во текот на тешките времиња?

3 Јеремија покажал позитивен став и покрај тоа што живеел во тешки времиња. Дури и кога бил сведок на ужасите при падот на Ерусалим во 607 пр.н.е., тој можел да види позитивни работи. Јехова немало да го заборави Израел, и нацијата ќе преживеела. Во книгата Плач Јеремиин, Јеремија напишал: „По милоста на Господа не загинавме наполно, бидејќи милосрдието Негово не е пресекнато; тоа се обновува секое утро; верноста Негова е голема!“ (Плач Јеремиин 3:22, 23). Низ историјата, слугите на Бог под најтешки околности настојувале да задржат позитивен, па дури и радосен став (2. Коринтјаните 7:4; 1. Солунјаните 1:6; Јаков 1:2).

4. Каков став задржал Исус, и како му помогнал тој?

4 Шестотини години после Јеремија, со помош на својот позитивен став Исус можел да истрае. Читаме: „Поради радоста што беше поставена пред него, тој претрпе маченички столб, презирајќи го срамот, и седна од десната страна на Божјиот престол“ (Евреите 12:2NW). Сеедно со какво противење или прогонство морал да се соочи Исус — дури и со агонијата на маченичкиот столб — тој го задржал својот ум на ‚радоста што била поставена пред него‘. Таа радост била предноста да го оправда Јеховиниот суверенитет и да го посвети неговото име како и изгледот да му донесе големи благослови на послушното човештво во иднина.

Усвој став на чекање

5. Во која типична ситуација ставот на чекање ќе ни помогне да задржиме исправно гледиште за работите?

5 Ако негуваме умствен став како оној на Исус, нема да ја изгубиме радоста од Јехова дури и ако работите не се случуваат секогаш на начин и во време кога ние очекуваме. Пророкот Михеј рекол: „Што се однесува до мене, ќе продолжам да внимавам на Јехова. Ќе покажам став на чекање кон Богот на моето спасение“ (Михеј 7:7; Плач Јеремиин 3:21, обата NW). И ние можеме да покажеме став на чекање. Како? На многу начини. Како прво, можеби мислиме дека некој брат кој има авторитет постапил погрешно и дека е потребно веднаш да се исправи тоа. Ставот на чекање ќе ни овозможи да размислиме: ‚Дали тој навистина згреши, или сум во заблуда? Ако тој згрешил, можно ли е Јехова да дозволува така да се одвиваат настаните бидејќи смета дека тој поединец ќе се подобри и дека нема да бидат потребни драстични мерки на исправање?‘

6. Како ставот на чекање ќе ни помогне во борбата со некој личен проблем?

6 Став на чекање можеби ќе биде потребен и ако нѐ вознемирува некој личен проблем или се бориме со некоја слабост. Да претпоставиме дека бараме Јеховина помош, но проблемот и понатаму останува. Што тогаш? Ќе мора да продолжиме да правиме сѐ што е во наша моќ за да го решиме и потоа да имаме вера во Исусовите зборови: „Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори“ (Лука 11:9). Моли се постојано и чекај на Јехова. Во пригодно време и на сопствен начин, Јехова ќе одговори на твоите молитви (1. Солунјаните 5:17).

7. На кој начин ставот на чекање ќе ни помогне во нашето гледиште за прогресивно разјаснетото разбирање на Библијата?

7 Додека библиските пророштва се исполнуваат, нашето разбирање на Писмото е појасно. Но, понекогаш, можеби мислиме дека некое разјаснување доцни. Дали, кога тоа не доаѓа во време кога ние претпочитаме, сме спремни да чекаме? Запомни, Јехова сметал дека е погодно да ја открие „светата тајна за Христа“ (NW) постепено и во период од 4.000 години (Ефесјаните 3:3—6). Тогаш, дали имаме некаква причина да бидеме нестрпливи? Дали се сомневаме дека „верниот и разборит роб“ е наименуван да му ја дава на Јеховиниот народ ‚неговата храна во право време‘? (Матеј 24:45 NW). Зошто да се лишуваме од божествената радост затоа што сѐ не е разбрано во потполност? Запомни, Јехова одлучува кога и како ќе ги открие своите ‚доверливи работи‘ (Амос 3:7NW).

8. Како Јеховината стрпливост се покажала корисна за многумина?

8 Некои може да се обесхрабрат бидејќи мислат дека после толку многу години верна служба, можеби нема да бидат живи за да го дочекаат „денот Господен [Јеховин, NW], великиот и страшниот“ (Јоил 2:30, 31). Сепак, можат да се охрабрат кога ќе размислат за позитивниот аспект. Петар советувал: „Долготрпеливоста на вашиот Господ сметајте ја како спасение“ (2. Петрово 3:15). Јеховината стрпливост дозволува уште милиони лица со исправно настроени срца да ја дознаат вистината. Зарем тоа не е прекрасно? Освен тоа, колку подолго Јехова покажува стрпливост толку повеќе време имаме да ‚продолжиме да работиме на своето спасение со страв и трепет‘ (Филипјаните 2:12NW; 2. Петрово 3:11, 12).

9. Ако сме ограничени во она што можеме да го сториме во Јеховината служба, како ставот на чекање ќе ни помогне да истраеме во таква ситуација?

9 Ставот на чекање ни помага да не се обесхрабруваме кога противење, болест, поодмината старост или други проблеми нѐ спречуваат во службата за Царството. Јехова очекува да му служиме со цело срце (Римјаните 12:1). Меѓутоа, Божјиот син, кој чувствува „[жал за, NW] бедниот и сиромавиот“ не бара повеќе од она што можеме разумно да го дадеме; ниту, пак, Јехова го бара тоа (Псалм 71:13). Затоа сме охрабрени да го правиме она што можеме, стрпливо чекајќи сѐ додека не се сменат околностите — или во овој систем на работи или во оној кој ќе дојде. Запомни: „Бог не е неправеден, та да го заборави делото ваше и трудот на љубовта, што ги покажавте во Негово име, откако им послуживте и им служите на светиите“ (Евреите 6:10).

10. Која безбожна особина може да се избегне со ставот на чекање? Објасни.

10 Исто така, ставот на чекање ни помага да избегнуваме да бидеме дрски. Некои кои станале отпадници не биле спремни да чекаат. Можеби мислеле дека има потреба од преиначувања, било во разбирањето на Библијата било во организациските работи. Сепак, пропуштиле да признаат дека духот на Јехова го поттикнува верниот и разборит роб да прави преиначувања во Негово одредено време, а не во време кога ние мислиме дека треба. И, секое преиначување мора да биде во склад со Јеховината волја, а не со нашите лични идеи. Отпадниците дозволуваат дрскиот став да го изопачи нивното размислување и да ги спрепне. Но, ако го усвоеле умствениот став на Христос, ќе можеле да ја задржат својата радост и да останат меѓу Јеховиниот народ (Филипјаните 2:5—8NW).

11. Како можеме корисно да го употребиме времето поминато во чекање, и чии примери да ги следиме при тоа?

11 Секако, да се задржи став на чекање не значи да се биде мрзлив или неактивен. Ние имаме работа. На пример, треба да бидеме зафатени со личната библиска студија и на тој начин да го покажеме истиот длабок интерес за духовните работи кој го покажале верните пророци, па дури и ангелите. Говорејќи за таквиот интерес, Петар вели: „[Токму во врска со ова спасение, NW] бараа и испитуваа пророците . . . во кое сакаат да вникнат ангелите“ (1. Петрово 1:10—12). Не е неопходна само личната студија туку и редовното присуство на состаноците и молитвата (Јаков 4:8). Оние кои покажуваат свесност за своите духовни потреби така што редовно земаат духовна храна и се дружат со сохристијаните покажуваат дека го усвоиле Христовиот умствен став (Матеј 5:3NW).

Имај реалистично гледиште

12. а) Каква независност барале Адам и Ева? б) Каков бил резултатот од тоа што човештвото го следело правецот на Адам и Ева?

12 Кога го создал првиот човечки пар, Бог го задржал правото да поставува мерила за исправно и погрешно (1. Мојсеева 2:16, 17). Адам и Ева сакале независност од Божјето водство, и резултатот од тоа е светот што го гледаме околу нас. Апостол Павле рекол: „Гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот — смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија“ (Римјаните 5:12). Шесте илјади години на човечката историја од времето на Адам па наваму ја покажале вистинитоста на зборовите на Јеремија: „Знам, Господи, дека патот на човекот не зависи од него, дека не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа стапките свои“ (Јеремија 10:23). Да признаеме дека зборовите на Јеремија се вистинити не е поразително. Тоа е реалистично и претставува објаснување за сите оние долги векови кога ‚човекот господарел над човек на своја штета‘ (Проповедник 8:9).

13. Какво реалистично гледиште имаат Јеховините сведоци за она што можат луѓето да го постигнат?

13 Со оглед на состојбата на човештвото, Јеховините сведоци сфаќаат дека постојат граници во она што може да се постигне во сегашниов систем на работи. Позитивниот став може да ни помогне да ја зачуваме својата радост, но тој не е решение за сѐ. Во раните 1950-ти години, еден американски свештеник ја објавил книгата со наслов The Power of Positive Thinking (Моќта на позитивното размислување) која била бестселер. Книгата укажувала дека повеќето препреки можат да се надминат ако им се пристапи со позитивен став. Позитивното размислување сигурно е нешто за восхит. Но, искуството покажува дека спознанието, вештината, материјалните средства и мноштво други фактори го ограничуваат она што можеме да го постигнеме како поединци. На светско ниво, проблемите се едноставно премногу големи за луѓето да ги решат успешно — сеедно колку е позитивно нивното размислување!

14. Дали Јеховините сведоци имаат негативен став? Објасни.

14 Поради своето реалистично гледиште за тие работи, Јеховините сведоци понекогаш се обвинувани како такви кои имаат негативен став. Напротив, тие се желни да им кажат на луѓето за Единствениот кој може трајно да ја подобри судбината на човештвото. И во овој поглед го имитираат умствениот став на Христос (Римјаните 15:2NW). Тие се зафатени и со тоа да им помогнат на луѓето да стекнат добар однос со Бог. Знаат дека, како краен резултат, со тоа ќе се постигне најдоброто (Матеј 28:19, 20; 1. Тимотеј 4:16).

15. Како делото на Јеховините сведоци ги подобрува поединците?

15 Јеховините сведоци не ги игнорираат социјалните проблеми околу нив — особено валканите небиблиски практики. Пред едно заинтересирано лице да стане Јеховин сведок, тоа прави промени, и често мора да победи пороци на зависност кои не му се угодни на Бог (1. Коринтјаните 6:9—11). На тој начин Јеховините сведоци им помогнале на приемчивите лица да совладаат пијанство, зависност од дрога, неморал и опсесивно коцкање. Таквите променети поединци научиле да се грижат за своите семејства на еден одговорен и чесен начин (1. Тимотеј 5:8). Кога на ваков начин им се помага на поединци и семејства, проблемите во заедницата се намалуваат — има помалку зависници од дрога, помалку случаи на семејно насилство итн. Со тоа што и самите се граѓани послушни на законот и им помагаат на другите да ги променат своите животи на подобро, Јеховините сведоци го намалуваат товарот на институциите чија работа е да се справуваат со социјалните проблеми.

16. Зошто Јеховините сведоци не се впуштаат во световните движења за реформи?

16 Тогаш, дали Јеховините сведоци ја измениле моралната клима во светот? Па, во изминатава деценија бројот на активни Сведоци се зголеми од нешто помалку од 3.800.000 на речиси 6.000.000. Тоа е пораст од уште околу 2.200.000 луѓе, од кои многумина се откажале од неправедни практики кога станале христијани. Се подобриле многу животи! Сепак, овој број е многу мал во споредба со порастот на светското население во текот на истиот период — 875.000.000! За Јеховините сведоци е извор на радост да им помагаат на приемчивите поединци, иако сфаќаат дека само малкумина од човештвото ќе појдат по патот на животот (Матеј 7:13, 14). Додека Сведоците чекаат светски промени на подобро кои само Бог може да ги направи, тие не се впуштаат во световни движења за реформи, кои често започнуваат со добри намери, но завршуваат со разочарување па дури и со насилство (2. Петрово 3:13).

17. Што сторил Исус за да им помогне на лицата околу себе, но што не сторил?

17 Со тоа што заземаат ваков правец, Јеховините сведоци ја покажуваат истата доверба во Јехова која ја покажал Исус додека бил на Земјата. Во првиот век Исус правел чуда на лекување (Лука 6:17—19). Дури воскреснувал и мртви (Лука 7:11—15; 8:49—56). Но, тој не го отстранил проблемот со болеста ниту го победил непријателот смрт. Знаел дека сѐ уште не било дојдено Божјето одредено време за тоа. Со поголемите способности како совршен човек, Исус веројатно можел да стори многу за да ги реши сериозните политички и социјални проблеми. Се чини дека некои од неговите современици сакале тој да ја преземе власта и да дејствува на тој начин, но Исус одбил. Читаме: „А луѓето, кога го видоа чудото што го направи Исус, рекоа: ‚Овој е навистина Пророкот, Кој требаше да дојде на светот!‘ Но Исус, штом разбра дека сакаат да дојдат и да Го фатат за да Го направат цар, се оддалечи Сам во гората“ (Јован 6:14, 15).

18. а) Како Исус секогаш покажувал став на чекање? б) Како активноста на Исус од 1914 се променила?

18 Исус одбил да се вплетка во политиката или во некоја чисто социјална работа бидејќи знаел дека сѐ уште не било дојдено времето да ја преземе царската власт и да извршува дела на лекување за сите и насекаде. Дури и откако се вознел во бесмртен духовен живот на небесата, тој бил спремен да го чека Јеховиното одредено време пред да преземе акција (Псалм 109:1; Дела 2:34, 35). Меѓутоа, од своето востоличување како Цар на Божјето Царство во 1914, тој излегува „како победник, за да победи“ (Откровение 6:2; 12:10). Колку сме само благодарни што можеме да се подложиме на неговото царување, додека другите кои тврдат дека се христијани избираат да останат во незнаење за библиските учења во врска со Царството!

Чекањето — извор на фрустрација или на радост?

19. Кога чекањето „го изнемоштува срцето“, а кога тоа е извор на радост?

19 Соломон знаел дека чекањето може да фрустрира. Тој напишал: „Надежта [Очекувањето, NW], долго неостварена, го изнемоштува срцето“ (Изреки 13:12). Секако, ако едно лице негува неосновани очекувања, срцето може да се изнемошти од разочарување. Меѓутоа, чекањето среќни настани — можеби свадба, раѓање на дете или повторно обединување со луѓето кои ги сакаме — може да нѐ исполни со очекуваната радост уште долго пред денот на исполнувањето. Таа радост се зголемува ако мудро го користиме времето на чекање, правејќи подготовки за претстојниот настан.

20. а) Кои извонредни настани со доверба очекуваме да ги доживееме? б) Како можеме да најдеме радост додека чекаме да се исполнат Јеховините намери?

20 Кога имаме целосна доверба дека нашите очекувања ќе се исполнат — дури и ако не знаеме кога ќе се исполнат — периодот на чекање не го „изнемоштува срцето“. Божјите верни обожаватели знаат дека Христовото милениумско владеење е многу близу. Тие се уверени дека ќе го дочекаат крајот на смртта и болестите. Со желно исчекување радосно го чекаат времето кога ќе им изразат добредојде на милијарди од мртвите, вклучувајќи ги и нивните сакани кои умреле (Откровение 20:1—3, 6; 21:3, 4). Во овие времиња на еколошка криза, тие се насладуваат на сигурниот изглед да видат како ќе биде воспоставен Рајот на Земјата (Исаија 35:1, 2, 7). Значи, колку само е мудро да го користиме времето на чекање разумно, „секогаш богато вработени во делото Господово“ (1. Коринтјаните 15:58NW). Продолжи да земаш духовна храна. Гради уште поблизок однос со Јехова. Барај ги другите чии срца ги поттикнуваат да му служат на Јехова. Храбри ги соверниците. Искористи го најдобро што можеш времето кое Јехова сѐ уште го дозволува. Тогаш, чекањето на Јехова нема никогаш да ти го ‚изнемошти срцето‘. Напротив, тоа ќе те исполни со радост!

Можеш ли да објасниш?

• Како Исус покажал став на чекање?

• Во кои ситуации на христијаните им е потребен став на чекање?

• Зошто на Јеховините сведоци им е задоволство да чекаат на Јехова?

• Како чекањето на Јехова може да биде извор на радост?

[Прашања]

[Слики на страница 12]

Исус истрајал заради радоста што била поставена пред него

[Слика на страница 13]

Дури и после години поминати во служба, можеме да задржиме радост

[Слики на страница 15]

Милиони лица го подобриле својот живот со тоа што станале Јеховини сведоци