Зачувај го своето име
Зачувај го своето име
ЧОВЕК кој дизајнира прекрасни згради си стекнува име како вешт архитект. Млада жена која е извонредна на училиште станува позната како брилијантна студентка. Дури и лице кое не прави ништо, може да си стекне име како мрзлив. Нагласувајќи од колкава вредност е стекнувањето пофално име, Библијата наведува: „Подобро е добро име, отколку големо богатство, и подобро е добра слава [репутација, An American Translation], отколку сребро и злато“ (Изреки 22:1).
Доброто име се развива со повеќе мали дела во текот на извесен временски период. Но, сѐ што е потребно за да се расипе е само еден глупав чин. На пример, само еден чин на лошо сексуално однесување може да ја извалка добрата репутација. Во 6. поглавје од библиската книга Изреки, цар Соломон од древниот Израел дава предупредување против ставовите и постапките кои можат да ја расипат нашата репутација, како и да му наштетат на нашиот однос со Јехова Бог. Меѓу нив се непромислените ветувања, мрзливоста, измамата и сексуалниот неморал — во суштина, работи кои Јехова ги мрази. Внимавањето на овој совет ќе ни помогне да го зачуваме своето добро име.
Избави се од неразумни ветувања
Поглавје 6 од Изреки започнува со зборовите: „Синко, ако си зел одговорност за твојот ближен и си ја дал раката своја за друг, ти си се врзал со зборовите на устата своја, фатен си со зборовите на својата уста. Затоа направи, синко еве што, за да се избавиш, бидејќи, си паднал во рацете на својот ближен: оди, падни пред нозете на блискиот свој и моли го“ (Изреки 6:1—3).
Оваа изрека советува против впуштање во деловни зделки со другите, особено со непознати. Да, Израелците требало да ‚му помагаат на својот брат кој осиромашил и бил без средства‘ (3. Мојсеева 25:35—38, ДХК). Но, некои претприемливи Израелци се впуштале во шпекулативни деловни потфати и се здобивале со финансиска помош на тој начин што ги убедувале другите ‚да преземат одговорност‘ за нив, правејќи ги на тој начин одговорни за долгот. Слични ситуации можат да се појават и денес. На пример, финансиските институции можеби бараат сопотписник пред да одобрат заем кој го сметаат за ризичен. Колку само е немудро набрзина да се преземе таква обврска во корист на другите! Тоа може финансиски да нѐ фати во стапица, па дури и да ни остави лошо име кај банките и кај другите кредитори!
Изреки 6:4, 5). Подобро е да се повлечеш од некоја немудра обврска кога е тоа можно отколку таа да те фати во стапица.
Што ако се најдеме во некоја неприлика — сме се нафатиле на работа која во почетокот ни изгледала мудра, но после поблиско испитување изгледа неразумна? Советот е да ја отфрлиме гордоста и ‚да паднеме пред нозете на блискиот свој и да го молиме‘ — со упорни молби. Мораме да сториме сѐ што можеме за да ги расчистиме работите. Еден прирачник истакнува: „Испробај го секој можен начин сѐ додека не се сложиш со својот непријател и не ја решиш работата, за твојата обврзница да не се заврти против тебе или твоите“. И, ова треба да се направи без одложување, зашто царот додава: „Не им давај сон на очите твои и дремка на клепките свои, спасувај се како срна од стапица и како птица од мрежа“ (Биди марлив како мравка
„Оди кај мравката, мрзливче, види ја нејзината работа и биди мудар“, опоменува Соломон. Каква мудрост можеме да стекнеме од патиштата на една мала мравка? Царот одговара: „Таа нема нити началник, ни настојник, ниту заповедник; но ја приготвува храната лете, ја собира во време на жетва храната своја“ (Изреки 6:6—8).
Мравките се прекрасно организирани и извонредно соработуваат една со друга. Тие инстинктивно собираат резерви храна за иднината. ‚Немаат началник, ни настојник.‘ Точно, таму е матицата мравка, но таа е матица само во смисла дека ги полага јајцата и е мајка на колонијата. Таа не дава заповеди. Дури и без раководител кој ќе ги тера или надзорник кој ќе ги проверува, мравките остануваат неуморни во својата работа.
Како мравката, зарем не треба и ние да бидеме марливи? Напорното работење и настојување да се подобриме во работата е добро за нас сеедно дали некој нѐ надгледува или не. Да, на училиште, на работно место и додека учествуваме во духовните активности, треба да го правиме најдоброто. Како што мравката извлекува корист од својата марливост така и Бог сака ‚да го гледаме доброто во секој свој труд“ (Проповедник 3:13, 22; 5:18). Чистата совест и личното задоволство се награди од напорната работа (Проповедник 5:11).
Користејќи две реторични прашања, Соломон се обидува да го разбуди мрзливиот од неговата тромавост: „До кога, мрзливче, ќе спиеш? Кога од сонот ќе станеш?“ Имитирајќи го во говорот, царот додава: „Малку ќе поспиеш, малку ќе подремеш, малку со скрстени раце ќе полежиш: и ќе дојде сиромаштијата твоја како патник, и немаштијата твоја како разбојник“ (Изреки 6:9—11). Додека мрзливиот е неактивен, го стигнува сиромаштијата со брзина на разбојник и го напаѓа немаштијата како вооружен човек. Нивите на тромавиот брзо се полнат со трње и коприви (Изреки 24:30, 31). Неговиот деловен потфат за кратко време претрпува загуба. Колку долго некој работодавец би толерирал неработник? И дали може некој ученик кој премногу го мрзи да учи да очекува успех на училиште?
Биди чесен
Изложувајќи еден друг вид однесување кој ја расипува репутацијата на една личност во средината и го расипува неговиот однос со Бог, Соломон продолжува: „Човек лукав, човек нечестив со лажлива уста, намигнува со очите, говори со нозете, дава знаци со прстите, во срцето негово има подмолност: тој мисли зло во секое време, сее раздори“ (Изреки 6:12—14).
Ова е опис на измамник. Лажливецот обично се обидува да ја прикрие својата нечесност. Како? Не само „со лажлива уста“ туку и со говорот на телото. Еден изучувач истакнува: „Гестите, тонот на гласот, па дури и изразите на лицето се смислени методи на измама; зад фасадата на искреност дебне изопачен ум и дух на раздор“. Таквиот лукав човек крои зли сплетки и цело време предизвикува раздор. Што ќе се случи со таквиот?
„Затоа ненадејно ќе дојде неговата пропаст“, одговара царот на Израел. „Наеднаш ќе биде сотрен — без излекување“ (Изреки 6:15). Кога го разоткриваат, репутацијата на лажливецот наеднаш се руши. Кој ќе му верува повторно? Неговиот крај навистина е катастрофален, зашто „сите што лажат“ се вброени меѓу оние кои ќе доживеат вечна смрт (Откровение 21:8). Тогаш, без колебање, да се ‚грижиме во сѐ добро [чесно, NW] да постапуваме‘ (Евреите 13:18).
Мрази го она што Јехова го мрази
Омраза кон злобата — колку само одвраќа таа од вршењето дела кои ќе ѝ наштетат на нашата репутација! Тогаш, зарем не треба да негуваме гадење кон она што е зло? Но, што конкретно треба да мразиме? Соломон наведува: „Еве шест работи, кои Господ ги мрази — дури седум, што му се одвратни на душата Негова: очи горделиви, јазик лажлив и раце, што пролеваат невина крв, срце кое крои лоши планови, нозе, кои брзо трчаат кон зло, лажен сведок, кој измислува лаги, и оној, што сее раздор меѓу браќа“ (Изреки 6:16—19).
Седумте категории кои ги спомнува изреката се основни и ги опфаќаат скоро сите видови грешки. „Очи горделиви“ и „срце кое крои лоши планови“ се гревови што се вршат во мислите. „Јазик лажлив“ и „лажен сведок, кој измислува лаги“ се грешни зборови. „Раце, што пролеваат невина крв“ и „нозе, кои брзо трчаат кон зло“ се зли дела. А Јехова особено го мрази оној поединец кој многу ужива да потпали кавга меѓу луѓето кои инаку би живееле заедно во мир. Зголемувањето на бројот од шест на седум укажува дека целта не била да се направи исцрпен список, бидејќи луѓето и понатаму ги намножуваат своите зли дела.
Навистина, треба да развиваме гадење кон она што Бог го мрази. На пример, мораме да избегнуваме „очи горделиви“ или какво и да било друго покажување гордост. Штетното озборување сигурно треба да се избегнува, зашто лесно може да предизвика „раздор меѓу браќа“. Ширејќи нељубезни гласини, неоправдана критика, или лаги, ние можеби нема да ‚пролеваме невина крв‘, но сигурно можеме да уништиме нечија добра репутација.
„Не ја посакувај убавината нејзина“
Соломон го започнува следниот дел од својот совет велејќи: „Синко, пази ја заповедта на татка си и не ја отфрлај поуката на мајката своја; врзи ги засекогаш за срцето свое, врзи ги околу вратот свој“. Причината? „Ако тргнеш, тие ќе те раководат; ако легнеш да спиеш, ќе те пазат, ако се разбудиш, ќе разговараат со тебе“ (Изреки 6:20—22).
Дали библиското воспитување навистина може да нѐ зачува од замката на сексуалниот неморал? Да. Ние имаме гаранција: „Зашто заповедта е светило, и поуката — светлина, а опомената — пат кон животот, за да те пазат од расипана жена, од ласкав јазик на туѓа“ (Изреки 6:23, 24). Ако се сеќаваме на советот од Божјата реч и го користиме како ‚светилник за нашите нозе и светлина за патеката наша‘, тоа ќе ни помогне да се спротивставиме на ласкавите понуди од расипана жена, или расипан маж (Псалм 118:105).
„Не ја посакувај убавината нејзина во срцето свое“, опоменува мудриот цар, „за да не бидеш уловен преку очите свои и да не те вовлече со трепките свои.“ Зошто? „Зашто поради жена блудница човекот паѓа до корка леб, а жена прељубодејка уловува многу чесна душа“ (Изреки 6:25, 26).
Дали Соломон укажува на прељубничката жена како на проститутка? Можеби. Или, можеби прави разлика меѓу последиците од вршење неморал со проститутка и последиците кои произлегуваат од прељуба со сопругата на друг маж. Оној кој е интимен со проститутка може да биде сведен на „корка леб“ — на крајна сиромаштија. Тој дури може да се изложи на болни и осакатувачки сексуално преносливи болести, вклучувајќи ја и смртоносната СИДА. Од друга страна, пак, оној кој бара интимност со брачниот партнер на некој друг ќе биде во поголема непосредна опасност од законот. Прељубничката сопруга ја загрозува ‚чесната душа‘ на незаконскиот партнер. „Се мисли на нешто повеќе . . . отколку само на скратување на животот со распуштеност“, вели еден прирачник. „Грешникот е подложен на смртна казна“ (3. Мојсеева 20:10; 5. Мојсеева 22:22). Во секој случај, без оглед на својата физичка убавина, таквата жена не смее да се посака.
‚Не носи оган во пазувите‘
За и понатаму да ја нагласи опасноста од прељуба, Соломон прашува: „Може ли некој да носи оган во пазувите, а да не му се запали облеката? Може ли некој да оди по вжарени јаглени, а да не си ги изгори своите нозе?“ Објаснувајќи го значењето на илустрацијата, тој вели: „Така биднува со оној кој оди при жената на својот ближен: не ќе остане без казна оној што ќе се допре до неа“ (Изреки 6:27—29, ДХК). Таквиот грешник сигурно ќе биде казнет.
„Не му проштеваат на крадецот, ако краде за да си ја насити душата, кога е гладен“, потсетени сме. Сепак, „ако го фатат, тој плаќа седумпати повеќе, го дава целиот свој имот“ (Изреки 6:30, 31). Во древниот Израел, од крадецот се барало да плати отштета дури и ако тоа било сѐ што има. a Колку повеќе би заслужил казна прељубник, кој нема изговор за она што го направил!
„Кој, пак, врши прељуба со прељубница, тој нема ум [срце, NW]“, наведува Соломон. На човек кој нема срце му недостига добро просудување, бидејќи „си ја погубува душата своја“ (Изреки 6:32). Можеби тој надворешно изгледа како лице со реноме, но внатрешниот човек има сериозен недостиг во правилниот развој.
Плодовите што ги жнее еден прељубник вклучуваат многу повеќе. „Биење и срам ќе најде тој, и бесчестието негово нема да се избрише, зашто љубомората е јарост на мажот, и во денот на одмаздата своја — тој не ќе знае за милост, нема да прими никаков откуп и нема да се задоволи ни со многу подароци“ (Изреки 6:33—35).
Крадецот може да го надомести она што го украл, но прељубникот не може со ништо да надомести. Каков надомест би можел да му понуди тој на еден гневен сопруг? Колку и да моли, кон престапникот веројатно нема да биде покажано сочувство. Прељубникот на никаков начин не може да даде отштета за својот грев. Прекорот и срамот насобрани врз неговото сопствено име остануваат. Освен тоа, тој на никаков начин не може да се откупи или да купи слобода од казната што ја заслужува.
Колку само е мудро да избегнуваме прељуба како и друго однесување или ставови кои го оцрнуваат нашето добро име и можат да му донесат прекор на Бог! Затоа, да внимаваме да не даваме неразумни ветувања. Нека нашата репутација ја красат марливоста и чесноста. И додека настојуваме да го мразиме она што Јехова го мрази, да си стекнеме добро име кај него и кај ближниот.
[Фуснота]
a Според Мојсеевиот закон, од крадецот се барало да врати двојно, четирикратно или петкратно (2. Мојсеева 22:1—4). Терминот „седумпати“ веројатно означува максимална казна, која можела да биде многупати поголема од она што го украл.
[Слика на страница 25]
Биди претпазлив во врска со потпишувањето заем
[Слика на страница 26]
Биди марлив како мравка
[Слика на страница 27]
Чувај се од штетно озборување