Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто да се биде самопожртвуван?

Зошто да се биде самопожртвуван?

Зошто да се биде самопожртвуван?

Бил е фамилијарен човек во своите 50-ти години и работи како наставник по градежна технологија. Во текот на годината, на свој трошок, тој поминува многу седмици помагајќи во планирањето и изградбата на Сали на Царството за собранијата на Јеховините сведоци. Ема е добро образована и добро квалификувана немажена 22-годишна девојка. Наместо едноставно да се стреми по лични цели и задоволства, таа секој месец поминува по повеќе од 70 часа како министер, помагајќи им на луѓето да ја разберат Библијата. Морис и Бети се во пензија. Наместо сега да се релаксираат, тие се преселиле во друга земја за да им помагаат на тамошните луѓе да бидат поучени за Божјата намера со Земјата.

ОВИЕ поединци не се сметаат себеси за посебни или извонредни луѓе. Тоа се нормални луѓе кои само го вршат она што сметаат дека е потребно. Зошто своето време, енергија, способности и средства ги трошат за интересите на другите? Она што ги мотивира е длабоката љубов кон Бог и кон нивниот ближен. Оваа љубов во секого од нив создала вистински самопожртвуван дух.

Што се мисли со самопожртвуван дух? Па, за да се биде самопожртвуван не е потребно да се води суров или аскетски живот. Тоа не треба да вклучува крајно самооткажување кое нѐ лишува од радост или задоволство. Како што се вели во The Shorter Oxford English Dictionary, самопожртвуваноста едноставно значи „откажување од сопствените интереси, среќа и желби, заради должност или благосостојбата на другите“.

Исус Христос — главен пример

Божјиот единороден Син, Исус Христос, е главниот пример за некој кој имал самопожртвуван дух. Во своето претчовечко постоење, неговиот живот сигурно бил стимулирачки и задоволителен до највисок степен. Тој уживал во блиско, присно дружење со својот Татко и со духовните суштества. Освен тоа, Божјиот Син ги користел своите способности во предизвикувачки и возбудливи активности како „главен работник“ (NW) (Изреки 8:30, 31). Сигурно живеел во околности кои биле далеку подобри од што и да било друго кое дури и најбогатиот човек на Земјата некогаш го уживал. Веднаш до Јехова Бог, имал возвишена и привилегирана позиција на небото.

Сепак, Божјиот Син ‚се одрекол од себеси и зел облик на роб и станал сличен на луѓето‘ (Филипјаните 2:7NW). Тој спремно се откажал од сите свои лични предности така што станал човек и го принел својот живот како откупнина за да ја отстрани штетата што ја предизвикал Сатана (1. Мојсеева 3:1—7; Марко 10:45). Тоа значело да дојде да живее среде грешното човештво во свет кој лежи во власта на Сатана Ѓаволот (1. Јованово 5:19NW). Исто така, тоа значело да поднесе лична неудобност и непријатности. Меѓутоа, колкава и да била цената, Исус Христос бил одлучен да ја врши волјата на својот Татко (Матеј 26:39; Јован 5:30; 6:38). Ова ја испитало Исусовата љубов и лојалност до најголема мера. До каде бил спремен да оди? „Се понизи“, рекол апостол Павле, „и стана послушен сѐ до смрт, да, до смрт на маченички столб“ (Филипјаните 2:8NW).

„Задржете го во себе ваквиот умствен став“

Ние сме охрабрени да го следиме Исусовиот пример. „Задржете го во себе ваквиот умствен став каков што беше и во Христос Исус“, поттикнал Павле (Филипјаните 2:5NW). Како можеме да го правиме тоа? Еден начин е ‚да гледаме со личен интерес не само на сопствените работи туку со личен интерес и на туѓите‘ (Филипјаните 2:4NW). Вистинската љубов „не ги бара сопствените интереси“ (1. Коринтјаните 13:5NW).

Грижливите поединци честопати покажуваат несебично предание во службата за другите. Меѓутоа, денес многу луѓе се склони да бидат саможиви. Во светот владее став „прво јас“. Треба да се чуваме од духот на светот бидејќи ако тој успее да го обликува нашето гледиште и нашиот став, веројатно ќе им придадеме најголема важност на нашите сопствени желби. Тогаш сѐ што ќе правиме — начинот на кој го трошиме времето, енергијата, средствата — ќе биде водено од себични интереси. Затоа, треба да водиме тешка борба против ова влијание.

Дури и добронамерниот совет може понекогаш да го потисне нашиот дух на самопожртвуваност. Увидувајќи каде ќе води Исусовиот самопожртвуван правец, апостол Петар му рекол: „Биди милостив кон Себе, Господи“ (Матеј 16:22). Изгледа нему му било тешко да ја прифати Исусовата спремност да оди дури до смрт во интерес на суверенитетот на неговиот Татко и спасението на човештвото. Затоа се обидел да го одврати Исус од тежнеењето по таквиот правец.

‚Одречи се од себе‘

Како реагирал Исус? Извештајот вели: „Он, кога се заврте и ги погледна учениците Свои, му забрани на Петра да говори и рече: ‚Бегај од Мене, сатано! Оти не мислиш на она што е Божјо, туку на она што е човечко‘“. Потоа Исус го повикал мноштвото кај себе со своите ученици и им рекол: „Ако некој сака да појде по мене, нека се одрече од себе и нека го земе својот маченички столб, и постојано нека ме следи“ (Марко 8:33, 34NW).

Околу 30 години откако му го дал овој совет на Исус, Петар покажал дека тогаш го разбрал значењето на самопожртвуваноста. Не ги охрабрил соверниците да се релаксираат и да бидат милостиви кон себеси. Наместо тоа, Петар ги поттикнал да го опашат својот ум за активност и да престанат да се обликуваат според поранешните световни желби. И покрај испитите, вршењето на Божјата волја требало да го стават на прво место во својот живот (1. Петрово 1:6, 13, 14; 4:1, 2).

Најнаградувачкиот правец по кој може да се стремиме сите ние е да му дадеме на Јехова да поседува сѐ што имаме, верно следејќи го Исус Христос и дозволувајќи Бог да ги води нашите активности. Во тој поглед, убав пример дал Павле. Чувството за итност и благодарноста кон Јехова го поттикнале да се откаже од световните тежнеења или изгледи кои можеле да го застранат од вршењето на Божјата волја. „А јас“, рекол тој, „на драго срце сѐ ќе жртвувам и ќе се жртвувам“ во служењето на интересите на другите (2. Коринтјаните 12:15). Павле ги користел своите способности за да ги унапредува божествените интереси, а не сопствените (Дела 20:24; Филипјаните 3:8).

Како би можеле да се преиспитаме за да видиме дали имаме гледиште како Павле? Би можеле да си ги поставиме следниве прашања: ‚Како го користам моето време, енергија, моите способности и средства? Дали ги користам овие и другите скапоцени дарови само за да ги унапредувам сопствените интереси, или за да им помагам на другите? Дали сум размислувал да учествувам во уште поцелосна мера во животоспасувачкото дело на објавување на добрата вест, можеби како полновремен објавител на Царството? Би можел ли уште поцелосно да се вклучам во активности како што е изградба или одржување на Сали на Царството? Дали веднаш ги користам приликите за да им помагам на оние кои имаат потреба? Дали му го давам најдоброто на Јехова?‘ (Изреки 3:9).

„Повеќе среќа има во давањето“

Сепак, дали е навистина мудро да се биде самопожртвуван? Да, навистина е мудро! Павле од лично искуство знаел дека таквиот дух донесува богати награди. Тој му донел голема среќа и огромно лично задоволство. Ова им го објаснил на постарите мажи од Ефес кога се состанал со нив на Милет. Павле рекол: „Ви покажав во сѐ дека така трудејќи се морате да им помагате на оние кои се слаби, и морате да ги имате на ум зборовите на Господ Исус, кој самиот рече: ‚Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето‘“ (Дела 20:35NW). Милиони луѓе увиделе дека покажувањето ваков дух донесува голема среќа уште сега. Тоа ќе донесе радост и во иднина кога Јехова ќе ги награди оние кои неговите интереси и интересите на другите ги ставаат пред сопствените (1. Тимотеј 4:8—10).

Кога бил запрашан зошто се напрега во помагањето на другите во изградбата на Сали на Царството, Бил коментирал: „Ваквото помагање на оние што често ги сметаме за помали собранија ми донесува големо лично задоволство. Уживам да ги користам кои и да било свои вештини и стручно знаење во корист на другите“. Зошто Ема избрала да ја посвети својата енергија и своите способности за да им помага на другите да ја дознаат библиската вистина? „Не би можела да замислам да правам нешто друго. Додека сѐ уште сум млада и можам да го правам тоа, едноставно сакам да правам колку што можам за да му угодам на Јехова и да им помагам на другите. Жртвувањето некои материјални предности не е ништо посебно. Го правам само она што треба да го правам со оглед на она што Јехова го сторил за мене.“

Морис и Бети не жалат што не се оддале на комотен живот, после многу години напорна работа во подигањето и грижата за семејството. Сега, кога се во пензија, сакаат да продолжат да прават нешто корисно и смисловно со својот живот. „Не сакаме сега едноставно да се опуштиме и да уживаме“, велат тие. „Помагањето на другите да учат за Јехова во странска земја ни дава прилика и понатаму да правиме нешто што е смисловно.“

Дали си одлучен да бидеш самопожртвуван? Тоа нема да биде лесно. Се води постојана битка меѓу нашите несовршени човечки желби и срдечната желба да му угодиме на Бог (Римјаните 7:21—23). Но, тоа е битка која можеме да ја добиеме ако дозволиме Јехова да го води нашиот живот (Галатјаните 5:16, 17). Тој сигурно ќе се сети на нашата самопожртвувана работа во неговата служба и богато ќе нѐ благослови. Навистина, Јехова Бог ќе ‚ги отвори отворите небески за да излие благослов на нас, па да има и на претек‘ (Малахија 3:10; Евреите 6:10).

[Слика на страница 23]

Исус имал самопожртвуван дух. А ти?

[Слики на страница 24]

Павле ги сосредоточил своите напори на делото на проповедање на Царството