Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Наскоро — свет без очај

Наскоро — свет без очај

Наскоро — свет без очај

ЖИВОТОТ наметнува сѐ поголеми барања, и има многу причини за очај. Кога сме фрустрирани, можеби ни е тешко да ги контролираме своите емоции. Да, дури и луѓето кои го сакаат животот може да станат очајно несреќни! Разгледај неколку примери.

Во древни времиња пророкот Мојсеј толку се обесхрабрил што му рекол на Бог: „Подобро убиј ме ако сум добил милост пред Твоите очи, па да не ја гледам неволјата своја“ (4. Мојсеева 11:15). Бегајќи од своите непријатели, пророкот Илија извикнал: „Доста веќе, Господи, прибери ја душата [животот] моја“ (3. Царства 19:4). А пророкот Јона рекол: „Господи, земи ја душата моја од мене, зашто подобро е да умрам отколку да живеам“ (Јона 4:3). Но, ниту Мојсеј ниту Илија ниту, пак, Јона извршиле самоубиство. Сите тие ја знаеле Божјата заповед: „Не убивај!“ (2. Мојсеева 20:13). Имајќи силна вера во Бог, тие биле свесни дека ниедна ситуација не е безнадежна и дека животот е дар од Бог.

А како е со проблемите со кои се соочуваме сега? Освен емоционалните маки или физичките проблеми, можеби понекогаш мора да се бориме со малтретирање од членови на семејството, соседи или колеги. Библијата зборува за луѓе кои се исполнети „со секаква неправда, блудство, лукавство, користољубивост, злоба; полни со завист, убиства, расправии, измами, лоши нарави; оговарачи, клеветници, богомрасци, силеџии, фалбаџии, горди, измислувачи на зло, непослушни кон родителите, неразумни, неверни, недружељубиви, непомирливи, немилостиви“ (Римјаните 1:28—31). Тоа што секојдневно сме опколени со такви луѓе може да направи животот да изгледа како товар. Како можеме да им помогнеме на оние на кои им е потребна утеха и олеснување?

Спремност да слушаме

Неволјите и страдањата можат да предизвикаат човек да ја изгуби својата умствена рамнотежа. Мудриот човек рекол: „Угнетувањето ги прави мудрите — безумни“ (Проповедник 7:7ДХК). Затоа, лицето кое зборува за самоубиство треба да се сфати сериозно. Проблемите што ги има тоа, сеедно дали се емоционални, физички, умствени или духовни, можеби бараат неодложно внимание. Се разбира, професионалните третмани и терапии се разликуваат, и мора да се донесе лична одлука во врска со облиците на терапија (Галатјаните 6:5).

Каква и да е причината за мислите за самоубиство, да се има покрај себе проникливо, сочувствително и стрпливо лице на кое човек може да му се довери, може да игра значајна улога. Членовите на семејството и пријателите кои се спремни да слушаат можеби ќе можат да помогнат. Освен сочувството и љубезноста, изградувачките мисли од Божјата реч може да им бидат од голема помош на оние кои изгубиле надеж.

Духовна помош за вознемирените

Можеби ќе бидеш изненаден кога ќе дознаеш колкаво охрабрување може да биде читањето на Библијата. Иако не е прирачник за ментално здравје, Библијата може да ни помогне високо да го цениме животот. Цар Соломон рекол: „Разбрав, дека за нив нема ништо подобро, освен да се веселат и да прават добро во текот на животот свој. Кога секој човек јаде и пие, и го гледа доброто во секој свој труд, тоа е дар Божји“ (Проповедник 3:12, 13). Освен задоволувачката работа која му дава смисла на животот, едноставните работи — како што е свежиот воздух, сончевата светлина, цвеќињата, дрвјата и птиците — се дарови дадени од Бог за да уживаме.

Уште поразведрувачка е библиската гаранција дека Јехова Бог и неговиот Син, Исус Христос, се грижат за нас (Јован 3:16; 1. Петрово 5:6, 7). Во склад со ова, псалмистот рекол: „Благословен да е Бог од ден на ден, Бог нѐ носи, нашиот спасител“ (Псалм 68:19, ДХК). Иако можеби се чувствуваме безначајни и безвредни, Бог нѐ повикува да му се молиме. Биди уверен дека никој кој понизно и искрено ја бара неговата помош нема да биде презрен.

Никој денес не може со право да очекува живот без проблеми (Јов 14:1). Сепак, вистината од Божјата реч им покажала на многу луѓе дека самоубиството не е исправниот начин за решавање на нивните проблеми. Разгледај само како апостол Павле му помогнал на еден очаен затворски чувар кој ‚кога дошол при свест и ги видел вратите на затворот отворени, извадил меч и сакал да се убие, оти помислил дека затворениците избегале‘. Во еден момент, тој затворски чувар дошол до заклучок дека самоубиството е подобро отколку понижувањето, а можеби и долготрајното умирање заради неговиот пропуст. Апостолот извикал: „Не прави на себеси никакво зло, бидејќи сите сме овде!“ Павле не останал само на таа изјава. Всушност, тој и Сила го утешиле чуварот и одговориле не неговото прашање: „Господари, што треба да направам за да се спасам?“ Тие му одговориле: „Поверувај во Господа Исуса Христа, и ќе се спасиш ти и целиот твој дом!“ Потоа, со него и со неговото домаќинство разговарале за Јеховината реч, и резултатот од тоа било што ‚веднаш се крстиле тој и сите негови домашни“. Тој затворски чувар и целото негово домаќинство многу се радувале и нашле нова смисла во животот (Дела 16:27—35).

Денес, колкаво само олеснување е да се знае дека Бог не е одговорен за злобата! Неговата Реч идентификува еден зол дух, „наречен ѓавол и сатана“ како оној кој ја „заведува целата населена земја“ (NW). Но, неговото време истекува (Откровение 12:9, 12). Наскоро, со божествена интервенција ќе се стави крај на целиот немир што Сатана и неговите демони го предизвикуваат кај жителите на Земјата. Потоа, Божјиот ветен нов свет на праведност трајно ќе ги отстрани причините кои стојат зад безнадежноста и самоубиството (2. Петрово 3:13).

Утеха за оние кои викаат за помош

Уште сега, оние кои се малодушни можат да црпат утеха од Писмото (Римјаните 15:4). Псалмистот Давид пеел: „Нема да го презреш, Боже, понизното и покајничко, срце“ (Псалм 51:17ДХК). Точно, неизбежно се среќаваме со некои испити и ги чувствуваме последиците од несовршеноста. Но, примањето точно спознание за нашиот љубезен, полн со љубов и разумен небесен Татко ќе ни даде гаранција дека сме скапоцени во негови очи. Бог може да ни стане најголем Пријател и Поучувач. Ако негуваме присен однос со Јехова Бог, тој никогаш нема да нѐ разочара. „[Јас, Јехова, NW] Јас сум Господ, Бог твој“, вели нашиот Творец, „Кој те учи на добро, Кој те води по оној пат, по кој треба да одиш“ (Исаија 48:17).

Потпирањето на Бог им помогнало на многу луѓе. Да илустрираме: Мара веќе била исцрпена од долготрајна депресија кога во сообраќајна несреќа го изгубила својот единствен син. a Ја фатило паника и се обидела да си го одземе животот. Меѓутоа, сега секој ден станува рано за да се грижи околу домашните работи. Сака да слуша музика и да им помага на другите. Надежта дека „ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните“ отстранила дел од жестоката болка поради трагичната смрт на нејзиниот драг син и ја зајакнала нејзината вера во Бог (Дела 24:15). Со оглед на тоа што Мара никогаш немала желба да стане ангел на небото, зборовите од Псалм 36:11 го трогнале нејзиното срце: „Кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир“.

Една друга Бразилка, Сандра, напорно работела на тоа да биде совршена мајка на своите три деца. Таа признава: „Бев толку зафатена што кога ненадејно умре татко ми и истовремено открив дека маж ми има врска со друга жена, дури и не помислував да му се молам на Бог за помош“. Во очај, Сандра се обидела да се убие. Што ѝ помогнало да се опорави? Нејзиното ценење за духовните работи. „Секоја ноќ пред да си легнам, ја читам Библијата и се обидувам да се поистоветам со луѓето за кои читам. Исто така, ги читам списанијата Стражарска кула и Разбудете се! и особено ми се драги животните приказни бидејќи ми помагаат да бидам задоволна со мојата судбина во животот.“ Свесна дека Јехова е нејзиниот најдобар пријател, научила да биде конкретна во молитвите.

Иднина без очај

Колкава само утеха е да се знае дека човечките страдања се привремени! Под владеењето на Божјето Царство, ќе се радуваат и децата и возрасните кои сега се жртви на криминал, неправда или предрасуди. Како што е претскажано во еден пророчки псалм, Јеховиниот помазан Цар, Исус Христос, „ќе го спаси бедниот кој воздивнува [кој вика за помош, NW], угнетуваниот што нема помошник“. Освен тоа, „ќе им се смилува на немоќниот и бедниот, и ќе му го спаси животот на страдалецот“. Навистина, „ќе ги ослободи од неправдата и насилствата, зашто нивната крв е скапоцена во неговите очи“ (Псалм 72:12—14ДХК).

Времето за исполнување на тие пророчки зборови е близу. Дали те привлекува помислата да уживаш во вечен живот на Земјата под такви околности? Ако да, имаш причина да бидеш радосен и да го цениш животот како дар од Бог. И ако ги споделуваш овие утешителни библиски ветувања со другите, можеш да внесеш голема среќа во животите на оние кои викаат за помош во овој свет кој е бесчувствителен и без љубов.

[Фуснота]

a Некои имиња се изменети.

[Слика на страница 6]

Денес постојат многу причини за среќа

[Слика на страница 7]

Дали со нетрпение очекуваш свет без очај?