Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Објавување на Божјето Царство на островите Фиџи

Објавување на Божјето Царство на островите Фиџи

Ние сме од оние кои имаат вера

Објавување на Божјето Царство на островите Фиџи

ИСУС ХРИСТОС еднаш зборувал за два пата. Едниот е широк и води во смрт. Другиот е тесен, но води во живот (Матеј 7:13, 14). За да им овозможи на луѓето да го изберат правиот пат, Јехова Бог имал намера добрата вест за Царството да се проповеда по целиот свет (Матеј 24:14). Така, луѓето насекаде ја слушаат пораката за Царството, а некои избираат живот на тој начин што стануваат „од оние кои имаат вера за сочувување на душата во живот“ (Евреите 10:39NW). Те покануваме да прочиташ за изборот на живот што го направиле некои луѓе на Фиџи и на други блиски острови во Јужниот Пацифик.

Имале доверба во Јехова

Мери сѐ уште била девојче на школска возраст кога во 1964 првпат ја чула пораката за Царството. Поради тоа што била изолирана на еден оддалечен остров, малку имала контакт со Јеховините сведоци. Меѓутоа, на крај, можела да стекне точно спознание од Библијата. До тоа време, веќе се омажила за човек кој бил поглавар на еден клан во неговото село. Како резултат на изборот на Мери да живее според библиските начела, нејзиниот сопруг и неговите роднини сурово постапувале со неа, а другите селани ја презирале. Сепак, во 1991 таа се крстила.

Кратко после тоа, Јошуа, сопругот на Мери, омекнал во својот став па дури почнал да присуствува и на библиските дискусии кои ги водела Мери со нивните деца. Јошуа престанал да оди во методистичката црква. Но, како поглавар, тој сѐ уште претседавал на седмичните состаноци во селото. Во очите на селаните, Јошуа бил нелојален, зашто методистичката црква била интегрален дел од животот на селаните на Фиџи. Затоа, локалниот пастор го наговарал Јошуа да ѝ се врати на својата поранешна религија.

Јошуа храбро потврдил дека тој и неговото семејство веќе направиле избор и биле одлучни да го обожаваат Јехова Бог „со дух и вистина“ (Јован 4:24). На следниот состанок во селото, врховниот поглавар одлучил Јошуа и неговото семејство да си заминат од селото како изгнаници. Им биле дадени седум дена за да го напуштат островот и нивната куќа, земјиште, посевите — да, целата своја живеачка.

Духовните браќа на еден друг остров им притекнале на помош на Јошуа и на неговото семејство, а помошта се состоела во тоа што им дале место за да живеат и земјиште за да сеат посеви. Сега Јошуа и неговиот најстар син се крстени, а друг син служи како некрстен објавител на добрата вест. Мери неодамна се пријавила како општ пионер (полновремен објавител на Царството). Резултатот од нивниот избор да му служат на Јехова бил загуба на позицијата и материјалните добра но, како и апостол Павле, тоа го сметаат за ништо во споредба со она што го добиле (Филипјаните 3:8).

Избор во кој е вклучена совеста

Избирањето да се следи библиски школуваната совест бара вера и храброст. Ова секако било случај со новокрстената Сураанг, млада жена која живее на Тарава, еден од островите на Кирибати. Сураанг побарала дозвола да биде ослободена од еден аспект на нејзината работа како болничарка во болницата. Нејзиното барање не наишло на поволен одѕив и како резултат на тоа била испратена да се грижи за малиот медицински центар на еден изолиран остров каде што била отсечена од другите од својата вера.

На тој остров било вообичаено сите новодојденци да му дадат принос на локалниот „дух“. Луѓето веруваат дека ако некој не го стори тоа ќе умре. Со оглед на тоа што Сураанг не дозволила овој чин на идолопоклонство да се изврши за неа и за нејзиното друштво, селаните чекале навредениот дух да ја задави. Кога на Сураанг и на нејзиното друштво не ѝм се случило ништо лошо, ѝ се отвориле многу прилики да даде убаво сведоштво.

Но, тоа не било крај на нејзините испити. Некои млади мажи од тој остров сметаат дека за нив е предизвик да ги заведуваат младите жени кои доаѓаат во посета. Меѓутоа, Сураанг се спротивставила на нивните додворувања и го зачувала својот интегритет пред Бог. Всушност, можела да служи како општ пионер, иако како болничарка била на повик по 24 часа на ден.

Пред гозбата одржана во чест на Сураанг, кога таа се подготвувала да си замине од островот, селските старешини рекле дека таа е првата вистинска мисионерка која ги посетила. Поради нејзиниот цврст став за библиските начела, некои на тој остров поволно реагирале на пораката за Царството.

Физички предизвици

Изолацијата на некои села значи дека Јеховиниот народ мора да вложи големи напори за да учествува во службата и да присуствува на христијанските состаноци. Разгледај го примерот на четири крстени Сведоци — еден маж и три жени — кои патувале со часови до и од состаноците. Нивното пешачење вклучува секојпат да преминуваат преку три реки. Кога водата е висока, братот препливува прв, влечејќи едно големо тенџере во кое се наоѓаат нивните торби, книги и облека за состаноците. Потоа, плива назад за да им помогне на трите сестри.

Една друга мала група, која оди на состаноци на оддалечениот остров Ноноути на Кирибати, се соочува со поинакви предизвици. Куќата во која се состануваат собира само седум или осум луѓе. Останатите присутни седат надвор и ѕиркаат низ нејзините ѕидови направени од жичена мрежа. Местото каде што се состануваат е изложено на погледите на другите селани кои доаѓаат и одат во нивните импресивни цркви. Се разбира, Јеховините слуги сфаќаат дека луѓето, а не зградите, се она што е навистина пожелно од Божја гледна точка (Агеј 2:7). Единствената крстена сестра на островот е постара и не може да оди далеку. Сепак, нејзе во службата ѝ помага една млада жена, некрстен објавител, која ја турка во количка. Колкаво само ценење покажуваат тие за вистината!

Оние над 2.100 објавители кои служат на островите Фиџи се одлучни да продолжат да ја објавуваат добрата вест за Божјето Царство. И уверени се дека уште многумина допрва ќе станат „од оние кои имаат вера“.

[Карта на страница 8]

(Види во публикацијата)

Австралија

Фиџи