Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Повик за помош

Повик за помош

Повик за помош

„БОГ ме заборавил!“ извикнала една Бразилка. По ненадејната смрт на сопругот, таа мислела дека нејзиниот живот повеќе нема никаква смисла. Дали некогаш си се обидел да утешиш некого кој е толку ожалостен или кој можеби повикува за помош?

Некои станале толку малодушни што си го одземаат животот — и приличен број од нив се млади. Според весникот Folha de S. Paulo, една студија во Бразил покажува дека „самоубиството меѓу младите се зголемило за 26 проценти“. На пример, разгледај го случајот на Валтер a‚ млад човек од Сао Паоло. Тој немал родители, ни дом, ни приватност, ни пријатели на кои би можел да смета. За да стави крај на својата мизерија, решил да скокне од еден мост.

Самохраната мајка Една веќе имала две деца кога запознала друг маж. После само еден месец, почнале да живеат заедно во домот на неговата мајка која се плеткала со спиритизам и била алкохоличарка. Една родила уште едно дете, почнала претерано да пие и станала толку депримирана што се обидела да изврши самоубиство. На крај, го изгубила старателството над своите деца.

А како е со постарите луѓе? Марија била љубител на забави и била зборлива. Меѓутоа, како што стареела, почнала да се секира околу својата работа како болничарка бидејќи се плашела да не прави грешки. Ова ја направило депримирана. Откако се обидела со самолекување, побарала медицинска помош, и изгледало дека лекувањето кое го добила ѝ било од корист. Но, кога на 57-годишна возраст ја изгубила работата, депресијата се вратила со толкава јачина што не гледала никаков излез. Марија почнала да размислува за самоубиство.

„Околу 10 проценти од луѓето кои се депримирани се обидуваат да извршат самоубиство“, вели професор Жузе Алберто Дел Порто од универзитетот Сао Паоло. „Тешко е да се верува дека повеќе луѓе умреле од самоубиство отколку од убиство, но тоа е жалосен факт“, известува д-р Дејвид Сатчер, началник на државната здравствена служба на САД.

Понекогаш, обидот за самоубиство е, всушност, повик за помош. И сигурно дека членовите на семејството и пријателите сакаат да постапат исправно во однос на оној кој изгубил надеж. Се разбира, нема да биде од помош ако се користат изрази како: „Престани веќе да се сожалуваш“, „На многу луѓе им е многу потешко отколку тебе“ или „На сите нас одвреме навреме ни е тешко“. Наместо тоа, зошто да не се биде вистински пријател и добар слушател? Да, обиди се да му помогнеш на малодушниот да види дека вреди да се живее.

Францускиот автор Волтер напишал: „Човекот кој, во напад на меланхолија, се убива денес, ако почекал една седмица ќе посакал да живее“. Тогаш, како може да им се помогне на луѓето кои се очајни да откријат дека вреди да се живее?

[Фуснота]

a Некои имиња се изменети.

[Слика на страница 3]

Сѐ поголем број млади и возрасни извршуваат самоубиство

[Слика на страница 4]

Како можеш да му помогнеш на некого кој изгубил надеж?