Понизниот Јосија ја имал Јеховината наклоност
Понизниот Јосија ја имал Јеховината наклоност
ПЕТГОДИШНИОТ кнез Јосија од Јуда сигурно е уплашен. Мајка му, Једида, тажи. Једида има причина да плаче бидејќи умрел дедо му на Јосија, царот Манасија (4. Царства 21:18).
Сега цар на Јуда ќе биде Амон, таткото на Јосија (2. Летописи 33:20). После две години (659 пр.н.е.), Амон е убиен од своите слуги. Луѓето ги погубуваат заговорниците и го поставуваат за цар младиот Јосија (4. Царства 21:24; 2. Летописи 33:25). За време на владеењето на Амон, Јосија се навикнал на мирисот на темјан кој го исполнувал воздухот во Ерусалим од многуте олтари на покривите пред кои луѓето им се поклонувале на лажните богови. Можело да се види како парадираат пагански свештеници, и поклоници — дури и такви кои тврделе дека го обожаваат Јехова — како се колнат во богот Малхом (Софонија 1:1, 5, ДХК).
Јосија знае дека Амон постапил лошо обожавајќи лажни божества. Младиот цар на Јуда стекнува и подобро разбирање на објавите на Божјиот пророк Софонија. Кога полни 15 години (652 пр.н.е.), Јосија е во осмата година од своето владеење и одлучен е да внимава на зборовите на Софонија. Иако е сѐ уште момче, Јосија почнува да трага по Јехова (2. Летописи 33:21, 22; 34:3).
Јосија стапува во акција!
Поминуваат четири години и Јосија почнува да ги чисти Јуда и Ерусалим од лажната религија (648 пр.н.е.). Ги уништува идолите, светите столбови и олтарите со темјан кои се користат при обожавањето на Ваал. Ликовите на лажните богови се претворени во прав кој потоа се расфрла по гробовите на оние кои им принесувале жртви. Олтарите користени за нечисто обожавање се осквернуваат и потоа се разурнуваат (4. Царства 23:8—14).
Чистката на Јосија е во полн замав кога Јеремија, синот на еден левитски свештеник, доаѓа во Ерусалим (647 пр.н.е.). Јехова Бог го назначил младиот Јеремија како свој пророк, и колку само силно тој ја објавува Јеховината порака против лажната религија! Јосија бил скоро на иста возраст како и Јеремија. Но, и покрај храбрата чистка на Јосија и бестрашните објави на Јеремија, народот повторно брзо се враќа на лажното обожавање (Јеремија 1:1—10).
Непроценливо откритие!
Поминуваат околу пет години. Дваесет и петгодишниот Јосија владее веќе околу 18 години. Тој го повикува Сафан, секретарот; Масија, поглаварот на градот и записничарот Јоах. Царот му заповеда на Сафан: ‚Кажи му на Хелкија, првосвештеникот, да го земе среброто што го собраа вратарите од народот и да им го дадат на работниците за да го поправат домот Господов‘ (4. Царства 22:3—6; 2. Летописи 34:8).
Уште од рано утро, работниците кои го поправаат храмот работат марливо. Сигурно Јосија му е благодарен на Јехова што работниците ја поправаат штетата која ја направиле во Божјиот дом некои негови злобни предци. Додека работата напредува, доаѓа Сафан со извештај. Но, што е тоа? Па, тој носи некаков свиток! Објаснува дека првосвештеникот Хелкија ја пронашол 2. Летописи 34:12—18). Какво само откритие — несомнено оригиналниот примерок од Законот!
„книгата на законот Господов, даден преку Мојсеевата рака“ (Јосија е желен да го чуе секој збор од книгата. Додека Сафан чита, царот се обидува да увиди како секоја заповед се однесува на него и на народот. Особено е импресиониран од тоа како книгата става акцент врз вистинското обожавање и ги претскажува неволјите и изгнанството кои ќе дојдат ако народот се вплетка во лажна религија. Сега, сфаќајќи дека не се извршуваат сите Божји заповеди, Јосија ја раскинува својата облека и на Хелкија, Сафан и на другите им издава наредба: ‚Прашајте го Господа во врска со зборовите на оваа книга, зашто голем е гневот Господов, што се разгорел против нас, поради тоа што нашите татковци не ги послушаа зборовите на оваа книга‘ (4. Царства 22:11—13; 2. Летописи 34:19—21).
Јеховината реч е пренесена
Гласниците на Јосија одат кај пророчицата Олдама во Ерусалим и се враќаат со извештај. Олдама ја пренела Јеховината реч, покажувајќи дека отпадничката нација ќе ја снајдат злата запишани во штотуку пронајдената книга. Меѓутоа, поради тоа што и самиот се понизил пред Јехова Бог, Јосија не ќе мора да ги гледа тие зла. Тој ќе биде прибран кај своите прататковци и положен во својата гробница во мир (4. Царства 22:14—20; 2. Летописи 34:22—28).
Дали пророштвото на Олдама било точно со оглед на тоа што Јосија загинал во битка? (4. Царства 23:28—30). Да, зашто ‚мирот‘ во кој бил прибран во својата гробница е во спротивност со ‚злата‘ кои требало да дојдат врз Јуда (4. Царства 22:20; 2. Летописи 34:28). Јосија умрел пред несреќата од 609—607 пр.н.е. кога Вавилонците го опседнале и уништиле Ерусалим. А ‚да се биде прибран кај своите татковци‘ не мора да исклучува умирање со насилна смрт. Сличен израз е употребен во врска со насилна и со ненасилна смрт (5. Мојсеева 31:16; 3. Царства 2:10; 22:34, 40).
Вистинското обожавање напредува
Јосија го собира народот на Ерусалим во храмот и им ги чита „сите зборови од книгата [на сојузот, NW]“ која била најдена во Јеховиниот дом. Потоа, тој дава завет „дека ќе го следи Господа и дека ќе ги чува заветите Негови, откровенијата Негови и наредбите Негови, од сѐ срце и душа, за да ги исполнува зборовите на тој завет, напишани во таа книга“. Сиот народ се заветувал (4. Царства 23:1—3).
Сега цар Јосија започнува една друга и очигледно поинтензивна кампања против идолопоклонството. Свештениците на туѓите богови во Јуда остануваат без работа. Левитските свештеници вклучени во нечистото обожавање ја губат предноста да служат покрај Јеховиниот олтар, а високите места изградени во текот на владеењето на цар Соломон стануваат непогодни за обожавање. Чистка се врши и на подрачјето на поранешното десетплеменско царство Израел, кое претходно било поразено од Асирците (740 пр.н.е.).
Во исполнување на зборовите кажани 300 години пред тоа од еден неименуван ‚Божји човек‘, Јосија ги гори коските на свештениците на Ваал и тоа на олтарот кој во Ветил го поставил цар Јеровоам I. Оттаму и од други градови се отстранети високите места, а идолопоклоничките свештеници се жртвувани токму на олтарите каде што и самите вршеле служба (3. Царства 13:1—4; 4. Царства 23:4—20).
Се одржува голема Пасха
Делата на Јосија во унапредување на чистото обожавање имаат божествена поддршка. Сѐ додека е жив, царот ќе му благодари на Бог што народот ‚не отстапува од Господа Бога на татковците нивни‘ (2. Летописи 34:33). И како може Јосија да заборави еден прекрасен настан што се случил во 18-тата година од неговото владеење?
Царот му заповеда на народот: „Празнувајте Му Пасха на Господа, вашиот Бог, како што е напишано во [неодамна пронајдената] книга на заветот“ (4. Царства 23:21). Јосија се радува што ова наидува на прекрасен одѕив. За таа прослава, самиот тој приложува 30.000 пасхални животни и 3.000 грла крупен добиток. Каква Пасха! По своите приноси, добро организирани подготовки и бројот на обожаватели, таа ја надминува која и да е Пасха одржана од деновите на пророкот Самуил (4. Царства 23:22, 23; 2. Летописи 35:1—19).
Голема жалост кога умира
Во останатиот дел од своето 31-годишно владеење (659—629 пр.н.е.) Јосија владее како добар цар. Кон крајот на своето владеење, дознава дека фараонот Нехо планира да помине преку Јуда на својот пат да ги пресретне вавилонските војски и на тој начин да му помогне на асирскиот цар кај Каркемиш на реката Еуфрат. Од некоја непозната причина, Јосија излегува да се бори со Египќаните. Нехо испраќа кај него гласници кои му велат: „Бог ми заповеда да брзам; немој да Му се противиш на Бога, Кој е со мене, за да не те погуби“. Но, Јосија се маскира и кај Мегидо се обидува да ги врати Египќаните (2. Летописи 35:20—22).
Жалосно за царот на Јуда! Непријателските стрелци ја погодуваат својата мета, и тој им кажува на своите слуги: „Одведете ме зашто сум тешко ранет“. Тие го симнуваат Јосија од бојната кола, го ставаат во друга и се упатуваат кон Ерусалим. Таму, или на пат кон градот, Јосија го испушта последниот здив. „И тој умре; и беше погребан во гробниците на татковците свои“, вели инспирираниот извештај. „Целата Јудеја и Ерусалим го оплакаа Јосија.“ Јеремија го оплакувал во песна, и царот станал предмет на тажачки во посебни прилики после тоа (2. Летописи 35:23—25).
Да, цар Јосија направил жалосна грешка кога се впуштил во битка со Египќаните (Псалм 129:3). Сепак, неговата понизност и цврстина за вистинското обожавање му донеле Божје одобрување. Колку добро илустрира животот на Јосија дека Јехова им покажува наклоност на своите оддадени слуги кои имаат понизно срце! (Изреки 3:34; Јаков 4:6, обата NW).
[Слика на страница 29]
Младиот цар Јосија горливо трагал по Јехова
[Слика на страница 31]
Јосија ги уништил високите места и го унапредувал вистинското обожавање