Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Божјето Царство — новото владетелство над Земјата

Божјето Царство — новото владетелство над Земјата

Божјето Царство — новото владетелство над Земјата

‚Царството . . . ќе ги разбие и ќе ги уништи сите оние царства, а самото ќе стои довека‘ (ДАНИЕЛ 2:44).

1. Каква доверба можеме да имаме во Библијата?

 БИБЛИЈАТА е Божје откровение до луѓето. Апостол Павле напишал: „Кога ја примивте Божјата реч која ја чувте од нас, ја прифативте не како реч од луѓе туку, како што таа навистина е, како реч Божја“ (1. Солуњаните 2:13). Библијата го содржи она што ни е потребно да го знаеме за Бог: информации за неговата личност, за неговите намери и за тоа што бара тој од нас. Го содржи најдобриот совет за семејниот живот и за секојдневното однесување. Дава подробен опис на пророштва кои се исполниле во минатото, се исполнуваат сега и ќе се исполнат во иднина. Да, „целото Писмо е инспирирано од Бог и корисно за поучување, за укорување, за исправање на работите, за дисциплина во праведност, за Божјиот човек да биде потполно способен, целосно опремен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17).

2. Како Исус ја нагласил темата на Библијата?

2 Од најголема важност во Библијата е нејзината тема: оправдувањето на Божјиот суверенитет (неговото право да владее) преку своето небесно Царство. Исус го направил него средишна точка на својата служба. „Оттогаш Исус почна да проповеда и да вели: ‚Покајте се, зашто се приближи небесното царство‘“ (Матеј 4:17). Тој покажал кое место треба да го зазема тоа во нашиот живот, поттикнувајќи: „Продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност“ (Матеј 6:33). Исто така, покажал колку е важно тоа Царство поучувајќи ги своите следбеници да му се молат на Бог: „Нека дојде царството твое. Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10).

Новото владетелство над Земјата

3. Зошто Божјето Царство е од итна важност за нас?

3 Зошто Божјето Царство има толку голема важност за луѓето? Бидејќи тоа наскоро ќе преземе акција во која засекогаш ќе се промени владетелството над Земјата. Пророштвото во Даниел 2:44 наведува: „Во времето на овие цареви [кои владеат сега над Земјата] Небесниот Бог ќе подигне Царство [влада на небото] кое никогаш нема да пропадне и не ќе помине врз некој друг народ. Тоа ќе ги разбие и ќе ги уништи сите оние царства [земните влади], а самото ќе стои довека“. Кога Божјето небесно Царство ќе владее во потполност, луѓето никогаш повторно нема да ја контролираат Земјата. Раздорната и незадоволителна човечка влада засекогаш ќе биде минато.

4, 5. а) Зошто Исус е најквалификуван да биде Цар на Царството? б) Каква задача ќе добие Исус во блиска иднина?

4 Главен Владетел во небесното Царство, под Јеховиното непосредно водство, е оној кој е најквалификуван — Христос Исус. Пред да дојде на Земјата тој постоел на небото како Божји „главен работник“ (NW), бидејќи бил прв од сите Божји творештва (Пословици 8:22—31). „Тој е сликата на невидливиот Бог, првороден од сето создание; зашто преку него било создадено сѐ друго на небесата и на земјата“ (Колошаните 1:15, 16). А кога Бог го испратил на Земјата, Исус ја вршел Божјата волја во секое време. Истрајал под најтешките испити и умрел верен на својот Татко (Јован 4:34; 15:10).

5 Заради својата лојалност на Бог дури до смрт, Исус бил награден. Бог го воскреснал на небото и му дал право да биде Цар на небесното Царство (Дела 2:32—36). Како Цар на Царството, Христос Исус ќе добие од Бог задача која влева стравопочит — да предводи миријади моќни духовни суштества во отстранувањето на човечката влада од Земјата и во чистењето на нашата Земјина топка од сета злоба (Пословици 2:21, 22; 2. Солуњаните 1:6—9; Откровение 19:11—21; 20:1—3). Потоа, Божјето небесно Царство под Христос ќе стане новиот владејачки авторитет, единствената влада над целата Земја (Откровение 11:15).

6. Какво владеење можеме да очекуваме од Царот на Царството?

6 За новиот Владетел над Земјата Божјата реч вели: „Нему Му беше предадена власта, честа на царството, за да Му служат сите народи, племиња и јазици“ (Даниел 7:14). Бидејќи Исус ќе ја имитира Божјата љубов, под неговото владеење ќе има голем мир и среќа (Матеј 5:5; Јован 3:16; 1. Јованово 4:7—10). „Неговата власт ќе се шири надалеку и не ќе има крај на мирот . . . ќе го утврди во правина и во праведност“ (Исаија 9:7). Колкав само благослов ќе биде да се има Владетел кој владее со љубов, правда и праведност! Затоа, 2. Петрово 3:13 претскажува: „Според неговото ветување очекуваме нови небеса [Божјето небесно Царство] и нова земја [ново земно општество], и во нив ќе престојува праведност“.

7. Како се исполнува Матеј 24:14 денес?

7 Сигурно дека Божјето Царство е најдобрата вест за сите кои го љубат она што е исправно. Затоа, како дел од знакот дека сега живееме во „последните денови“ на овој зол систем, Исус претскажал: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (2. Тимотеј 3:1—5; Матеј 24:14). Тоа пророштво се исполнува сега, додека околу шест милиони Јеховини сведоци во 234 земји посветуваат по повеќе од една милијарда часови годишно кажувајќи им на другите за Божјето Царство. Во склад со тоа, секое од нивните места на обожавање за околу 90.000 собранија е наречено Сала на Царството. Таму луѓето доаѓаат за да научат за претстојната нова влада.

Придружни владетели

8, 9. а) Од каде доаѓаат совладетелите на Христос? б) Каква доверба можеме да имаме во владата на Царот и на неговите совладетели?

8 Во Божјето небесно Царство ќе има придружни владетели со Христос Исус. Во Откровение 14:1—4 е претскажано дека 144.000 лица ќе бидат „купени од луѓето“ и ќе воскреснат за небесен живот. Тие ги вклучуваат мажите и жените кои, наместо да им се служи, самите понизно им служат на Бог и на другите луѓе. „Ќе бидат свештеници на Бог и на Христос, и ќе владеат како цареви со него илјада години“ (Откровение 20:6). Нивниот број е многу помал од ‚големото мноштво, коешто ниеден човек не може да го изброи, од сите нации и племиња и народи и јазици‘ кои ќе го преживеат крајот на овој систем. И овие вршат „света служба ден и ноќ“, но немаат небесен позив (Откровение 7:9, 15). Тие го формираат јадрото на новата Земја како поданици на Божјето небесно Царство (Псалми 37:29; Јован 10:16).

9 При избирањето на оние кои ќе владеат со Христос на небото, Јехова избрал верни луѓе кои го вкусиле животот со сите негови проблеми. Нема речиси ништо кое го искусиле луѓето, а кое овие цареви–свештеници и самите не го доживеале. Значи нивниот живот на Земјата ќе ја зголеми нивната способност да владеат над луѓето. Дури и самиот Исус ‚се научил на послушност од она што го претрпел‘ (Евреите 5:8). Апостол Павле за него рекол: „За првосвештеник немаме некој кој не може да сочувствува со нашите слабости, туку таков кој во секој поглед е испитан како и ние, но без грев“ (Евреите 4:15). Колку само е утешително да се знае дека во Божјиот праведен нов свет со луѓето ќе владеат љубезни, сочувствителни цареви и свештеници!

Дали Царството било дел од Божјата намера?

10. Зошто небесното Царство не било дел од Божјата првобитна намера?

10 Дали небесното Царство било дел од Божјата првобитна намера кога тој ги создал Адам и Ева? Во извештајот за создавање во Битие не е спомнато дека над човештвото ќе владее некое такво Царство. Самиот Јехова бил нивни Владетел, и сѐ додека му биле послушни, немало потреба од некакво друго владетелство. Првото поглавје од Битие покажува дека Јехова најверојатно соработувал со Адам и Ева преку својот првороден небесен Син. Извештајот користи изрази како: „им рече Бог“ и „Бог рече“ (Битие 1:28, 29; Јован 1:1).

11. Каков совршен почеток имало човештвото?

11 Библијата вели: „И Бог виде сѐ што направи, и ете, беше многу добро“ (Битие 1:31). Во градината Еден сѐ било апсолутно совршено. Адам и Ева живееле во рај. Тие имале совршени умови и тела. Можеле да комуницираат со својот Создател и тој со нив. И ако му останеле верни, ќе раѓале совршени деца. Немало да има потреба од нова небесна влада.

12, 13. Зошто Бог сепак ќе можел да комуницира со човештвото додека тоа се зголемувало?

12 На кој начин ќе комуницирал Бог со сето човечко семејство како што тоа би се зголемувало? Размисли за ѕвездите на небото. Тие се групирани во островски универзуми наречени галаксии. Некои галаксии содржат милијарди ѕвезди. Други содржат околу билион. А научниците проценуваат дека во видливиот дел од универзумот има околу 100 милијарди галаксии! Сепак, Творецот вели: „Подигнете ги очите и гледајте: кој го создаде тоа? Оној Кој по број ја изведува нивната војска, и Кој ги вика сите по име. [Поради изобилството динамична енергија, тој е и силен во моќта, ниедна од нив не недостига, NW]“ (Исаија 40:26).

13 Со оглед на тоа што Бог може да има прегледност на сите овие небесни тела, сигурно дека за него немало да биде проблем да има прегледност на многу помал број луѓе. Уште сега, милиони негови слуги му се молат секој ден. Тие молитви веднаш стигнуваат до Бог. Затоа комуницирањето со сите совршени луѓе немало да претставува проблем за него. Немало да му биде потребно небесно Царство за да има прегледност на нив. Какво само прекрасно уредување — да се има Јехова како Владетел, да се има директен пристап до него и изглед никогаш да не се умре, да се живее засекогаш на рајска Земја!

„Не е во неговата власт“

14. Зошто на луѓето засекогаш ќе им биде потребна Јеховината влада?

14 Меѓутоа, на луѓето — па дури и на совршените — засекогаш ќе им биде потребна Јеховината влада. Зошто? Бидејќи Јехова не ги создал со способност да бидат успешни независно од неговата влада. Тоа е закон за човештвото, како што признал пророкот Јеремија: „Знам, Господи, дека патот на човекот не е во неговата власт, дека човекот, кој што оди не може да ги управува своите чекори! Господи, казни ме [исправи ме, NW]“ (Јеремија 10:23, 24). Би било глупаво луѓето да мислат дека можат успешно да го регулираат општеството без Јехова да владее со нив. Тоа би било спротивно на начинот на кој се создадени. Независноста од Јеховината влада, сосема сигурно, би имала за резултат себичност, омраза, свирепост, насилство, војни и смрт. „Човек владее над човек за негова несреќа“ (Проповедник 8:9).

15. Какви последици донел погрешниот избор на нашите прародители?

15 За жал, нашите прародители дошле до заклучок дека не им треба Бог како нивни Владетел, и избрале да живеат независно од него. Како последица од тоа, Бог повеќе не ги поддржувал во нивното совршенство. Сега биле слични на електричен апарат исклучен од изворот на струја. Затоа, со текот на времето, постепено успориле и запреле — во смрт. Станале како еден дефектен калап, и таквата состојба била сѐ што тие можеле да му пренесат на своето потомство (Римјаните 5:12). „Тој [Јехова] е Стена, делото Му е совршено, зашто се прави [правда, NW] сите Негови патишта . . . Тие се развратија не Му се синови, туку синови изроди, изопачен и лукав пород“ (Второзаконие 32:4, 5). Точно, врз Адам и Ева вршело влијание бунтовното духовно суштество кое станало Сатана, но тие имале совршени умови и можеле да ги отфрлат неговите погрешни предлози (Битие 3:1—19; Јаков 4:7).

16. Како историјата сведочи за последиците од независноста од Бог?

16 Историјата дава обилни докази за последиците од независноста од Бог. Луѓето низ илјади години го испробале секој облик на човечка влада, секој економски или општествен систем. Сепак, злобата и понатаму ‚напредува од лошо на полошо‘ (2. Тимотеј 3:13). Тоа го докажува 20-от век. Тој бил исполнет со злобна омраза и со многу поголемо насилство, војни, глад, сиромаштија и страдања во однос на кое и да било време во историјата. И сеедно каков медицински напредок е постигнат, порано или подоцна, секој умира (Проповедник 9:5, 10). Обидувајќи се да управуваат со своите чекори, луѓето самите си дозволиле да станат плен на Сатана и на неговите демони, до тој степен што Библијата го нарекува Сатана „богот на овој систем на работи“ (2. Коринќаните 4:4).

Дарот на слободна волја

17. Како треба да се користи Божјиот дар на слободна волја?

17 Зошто Јехова дозволил луѓето да си тераат по свое? Бидејќи ги создал со прекрасниот дар на слободна волја, способноста на слобода на избор. „Каде е Јеховиниот дух, таму е слобода“, рекол апостол Павле (2. Коринќаните 3:17). Никој не сака да биде робот, секоја секунда од денот некој друг да одлучува што ќе каже или прави тој. Но, Јехова бара луѓето да го користат тој дар на слободна волја одговорно, да увидат колку е мудро да ја вршат неговата волја и да му останат подложни (Галатите 5:13). Значи слободата не требало да биде апсолутна, зашто последицата од тоа би била анархија. Таа требало да се регулира во границите на Божјите закони кои се за доброто на сите.

18. Што покажал Бог со тоа што дозволил човекот да го примени слободниот избор?

18 Дозволувајќи му на човечкото семејство да си тера по свое, Бог еднаш засекогаш покажал дека ни е потребно неговото владетелство. Неговиот начин на владеење, неговиот суверенитет, е единствениот исправен пат. Од него произлегува најголема среќа, задоволство и просперитет. Тоа е така бидејќи Јехова ги дизајнирал нашите умови и тела да функционираат најдобро кога се во склад со неговите закони. „Јас Господ, твојот Бог, те учам за твое добро, те водам по патот по кој треба да одиш“ (Исаија 48:17). Слободниот избор во границите на Божјите закони не требало да биде товар туку да има за резултат прекрасна разноликост на храна, домови, уметност и музика. Ако се применувала исправно, слободната волја требало да има за резултат прекрасен, фасцинантен живот на рајска Земја.

19. Какво средство користи Бог за да ги помири луѓето со себе?

19 Но, поради својот лош избор, луѓето се отуѓиле од Јехова, станале несовршени, почнале да дегенерираат и да умираат. Затоа требало да бидат искупени од таквата жалосна состојба и да бидат доведени во исправен однос со Бог како негови синови и ќерки. Средството што го избрал Бог за да го постигне тоа е Царството, а Искупителот е Исус Христос (Јован 3:16). Преку оваа подготовка, лицата кои навистина се каат — слично на расипничкиот син од Исусовата илустрација — ќе бидат помирени со Бог и тој повторно ќе ги прифати како свои деца (Лука 15:11—24; Римјаните 8:21; 2. Коринќаните 6:18).

20. Како ќе се исполни Божјата намера преку Царството?

20 Јеховината волја сосема сигурно ќе се исполни на Земјата (Исаија 14:24, 27; 55:11). Преку своето Царство под Христос, Бог во целост ќе го оправда (или докаже) своето право да биде наш Суверен. Царството ќе стави крај на човечкото и демонското владеење над Земјата, и само тоа ќе владее од небото илјада години (Римјаните 16:20; Откровение 20:1—6). Но, како ќе се покаже супериорноста на Јеховиниот начин на владеење во текот на тоа време? И после илјадата години, каква улога ќе има Царството? Овие прашања ќе бидат разгледани во следната статија.

Точки за повторување

• Која е темата на Библијата?

• Кој го сочинува новото владетелство над Земјата?

• Зошто човечката влада независна од Бог никогаш не може да биде успешна?

• Како мора да се користи слободната волја?

[Прашања]

[Слика на страница 10]

Исусовото поучување го нагласувало Божјето владетелство преку Царството

[Слики на страница 12]

Во секоја земја Царството им е главно учење на Јеховините сведоци

[Слики на страница 14]

Историјата сведочи за лошите последици од независноста од Бог

[Извори на слики]

Војници од I светска војна: фотографија на U.S. National Archives; концентрационен логор: Oświęcim Museum; дете: ФОТОГРАФИЈА НА ОН 186156/J. Isaac