Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како можеш да му се приближиш на Бог

Како можеш да му се приближиш на Бог

Како можеш да му се приближиш на Бог

„Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“, се вели во Јаков 4:8. Покажувајќи колку сака луѓето да имаат близок однос со него, Јехова Бог го дал својот Син во наша корист.

КАКО одговор на овој љубезен повик за приближување, апостол Јован напишал: „Ние [го] љубиме [Бог], бидејќи тој првин нѐ љубеше нас“ (1. Јованово 4:19). Но, за да можеме лично да му се приближиме на Бог мора да преземеме некои чекори. Тие се слични на четирите начини на кои им се приближуваме на луѓето, како што беше изложено во претходната статија. Да ги разгледаме.

Набљудувај ги Божјите прекрасни особини

Бог има многу прекрасни особини, меѓу кои најизвонредни се неговата љубов, мудрост, правда и моќ. Доказите за неговата мудрост и моќ изобилуваат како во далечниот универзум така и во светот околу нас, од огромните галаксии до ситните атоми. Псалмистот напишал: „Небесата ја раскажуваат Божјата слава, небесниот свод го навестува делото на Неговите раце“ (Псалми 19:1; Римјаните 1:20).

И творештвото ја одразува Божјата љубов. Начинот на кој сме создадени, на пример, покажува дека Бог сака да уживаме во животот. Тој нѐ оспособил да гледаме бои, да чувствуваме вкус и мирис, да уживаме во музиката, да се смееме, да се восхитуваме на убавината, а ни дал и уште многу други способности и особености кои не се апсолутно неопходни за живот. Да, Бог навистина е великодушен, љубезен и полн со љубов — особини кои несомнено придонесуваат да биде „среќен Бог“ (1. Тимотеј 1:11; Дела 20:35).

Јехова се гордее на фактот што спроведувањето на неговиот суверенитет и поддршката на тој суверенитет од страна на неговите интелигентни суштества се темелат првенствено на љубов (1. Јованово 4:8). Секако, Јехова е Универзален Суверен, но тој постапува со луѓето — особено со своите лојални слуги — како што татко полн со љубов постапува со своите деца (Матеј 5:45). Тој не ги лишува од ништо што е за нивно добро (Римјаните 8:38, 39). Како што беше спомнато, тој го дал во наша корист дури и животот на својот единороден Син. Да, Божјата љубов е причината што постоиме и што имаме изглед за вечен живот (Јован 3:16).

Исус ни дал длабок увид во Божјата личност бидејќи совршено го имитирал својот Татко (Јован 14:9—11). Тој бил потполно несебичен, обѕирен и промислен. Во една прилика Исус сретнал еден човек кој бил глув и имал говорна маана. Можеш да претпоставиш дека на човекот му било непријатно меѓу мноштвата. Интересно е тоа што Исус го тргнал овој човек насамо и го излекувал (Марко 7:32—35). Дали ги цениш луѓето кои имаат осет за твоите чувства и го почитуваат твоето достоинство? Ако да, тогаш како што учиш повеќе за Јехова и за Исус, сигурно ќе им се приближиш.

Размислувај за Божјите особини

Некој може да има прекрасни особини, но за да бидеме привлечени кон него треба да размислуваме за тоа лице. Истото важи и за Јехова. Медитирањето за неговите особини е витален втор чекор за да му се приближиме. Цар Давид, човек кој навистина го љубел Јехова и бил „по [Јеховиното] срце“, рекол: „Си спомнувам за минатите дни, размислувам [медитирам, NW] за сите Твои дела; размислувам за делата на Твоите раце“ (Дела 13:22; Псалми 143:5).

Кога ги набљудуваш чудата на создавање или ја читаш Божјата реч, Библијата, дали, како Давид, медитираш за она што го гледаш и читаш? Замисли си син кој штотуку добил писмо од својот татко кон кого има длабока наклоност. Како ќе гледа на тоа писмо? Сигурно нема само набрзина да ја прегледа неговата содржина и да го зафрли во некоја фиока. Наместо тоа, ќе го проучи, извлекувајќи ги од него секој детаљ и нијанса. На сличен начин, Божјата реч треба да ни биде скапоцена исто како на псалмистот, кој пеел: „О, колку го љубам Твојот Закон, по цел ден размислувам за него“ (Псалми 119:97).

Одржувај добра комуникација

Добрата комуникација е крвотокот на секој однос. Таа вклучува разговарање и слушање — и тоа не само со умот туку и со срцето. Ние разговараме со Творецот преку молитва, која претставува обраќање до Бог полно со почит. Јехова ужива во молитвите на оние кои го љубат и му служат и кои го признаваат Исус Христос како Негов главен претставник (Псалми 65:2; Јован 14:6, 14).

Во минатото Бог им зборувал на луѓето на различни начини, што вклучувало визии, соништа и ангели. Меѓутоа, во денешно време тоа го прави преку својата пишана Реч, Светото писмо (2. Тимотеј 3:16). Пишаната Реч има многу предности. Можеме да ја отвориме во секое време. Слично како едно писмо, можеме да уживаме во неа секогаш одново. И таа не е подложна на искривувања кои често се обележје на усното прераскажување. Затоа, сметај ја Библијата за голема збирка писма од твојот љубен небесен Татко, и дозволи му преку овие писма да ти зборува секој ден (Матеј 4:4).

На пример, во Библијата е изложено Јеховиното гледиште за тоа што е исправно а што погрешно. Во неа е објаснета неговата намера со човештвото и со Земјата. Таа ги открива и неговите постапки со еден широк дијапазон од луѓе и нации, од лојални обожаватели до лути непријатели. Со тоа што дал неговите постапки со луѓето да се запишат на ваков начин, Јехова насликал еден извонредно детален портрет на својата личност. Тој ја открива својата љубов, радост, тага, разочарување, лутина, милост, грижа — да, опсегот на своите мисли и чувства, и основните причини за тоа — и тоа на начин кој луѓето лесно можат да го разберат (Псалми 78:3—7).

Откако си прочитал дел од Божјата реч, како можеш да извлечеш корист од тоа читање? А, особено, како можеш да му се приближиш на Бог? Прво, размисли за она што си го прочитал и што си го научил за Бог како личност, дозволувајќи тие работи да продрат во твоето срце. Потоа, кажи му ги на Јехова во молитва твоите мисли и најдлабоки чувства во врска со материјалот што си го разгледувал и како ќе се обидеш да извлечеш корист од него. Тоа е комуникација. Се разбира, ако имаш на ум и други работи, можеш и нив да ги вклучиш во молитвата.

Врши ги работите заедно со Бог

Библијата кажува дека извесни верни мажи од старо време оделе со, односно пред, вистинскиот Бог (Битие 6:9; 1. Царства 8:25). Што значи тоа? Во суштина, дека тие секој ден живееле како Бог да бил токму таму со нив. Секако, тие биле грешни. Сепак, ги љубеле Божјите закони и начела и живееле во склад со Божјата намера. Јехова е привлечен кон таквите, и се грижи за нив, како што покажува Псалми 32:8: „Ќе те учам, ќе ти го покажам патот по кој треба да одиш, ќе те советувам, Моето око ќе бдее над тебе“.

Јехова може да биде и твој присен пријател — пријател кој оди со тебе, се грижи за тебе и ти дава татковски совети. Пророкот Исаија го опишал Јехова како оној ‚кој те учи за твое добро, те води по патот по кој треба да одиш‘ (Исаија 48:17). Додека ги доживуваме тие користи, ја чувствуваме Јеховината присутност „од [нашата] десна страна“, така да се рече, исто како Давид (Псалми 16:8).

Божјето име — средиште на неговите особини

Многу религии и сѐ поголем број библиски преводи пропуштаат да го користат и да го објавуваат Божјето лично име (Осија 12:5СП). Сепак, во оригиналниот хебрејски текст, тоа име — Јехова — се појавува отприлика 7.000 пати! (Недоследно, иако го отстрануваат божественото име, повеќето библиски преведувачи ги задржуваат имињата на многуте лажни богови спомнати во оригиналниот текст, како што се Ваал, Вил, Меродах, па дури и Сатана!)

Некои луѓе мислат дека испуштањето на Божјето име е нешто безначајно. Но, размисли: Дали е потешко или е полесно да се развие близок однос, полн со разбирање, со некоја безимена личност? Титулите, како што се Бог и Господ (кои се користат и за лажните богови) би можеле да го свртат вниманието кон Јеховината моќ, авторитет или позиција, но само неговото лично име го идентификува на недвосмислен начин (Излез 3:15NW; 1. Коринќаните 8:5, 6). Личното име на вистинскиот Бог ги опфаќа неговите особини и карактеристики. Теологот Валтер Лори со право рекол: „Човек кој не го познава Бог по име всушност не го познава ни како личност“.

Разгледај го примерот на Марија, искрена католичка која живее во Австралија. Кога Јеховините сведоци првпат ја сретнале, Марија им дозволила да ѝ го покажат во Библијата Божјето име. Како реагирала? „Кога првпат го видов Божјето име во Библијата, заплакав. Бев толку трогната од фактот што можев да го дознаам и да го користам личното име на Бог.“ Марија продолжила да ја проучува Библијата, и за првпат во својот живот, го запознала Јехова како личност и можела да изгради траен однос со него.

Да, ние можеме ‚да му се приближиме на Бог‘ иако не можеме да го видиме со своите физички очи. Можеме да ја „видиме“ неговата извонредна, прекрасна личност во своите умови и срца и на тој начин може да расте нашата љубов кон него. Таквата љубов „е совршена врска на единството“ (Колошаните 3:14).

[Рамка/слика на страница 6]

Јехова одговара на твојата љубов кон него

МЕЃУСЕБНИТЕ односи се двонасочни. Додека му се приближуваме на Бог, тој одговара на тој начин што ни се приближува нам. Размисли за неговите чувства кон остарените Симеон и Ана, обајцата спомнати во Библијата по име. Евангелскиот писател Лука ни кажува дека Симеон бил „праведен и богобојазлив“, очекувајќи го Месијата. Јехова ги забележал овие прекрасни особини кај Симеон и покажал љубов кон овој драг старец на тој начин што му открил дека „нема да види смрт додека не го види . . . Христос“. Јехова го одржал своето ветување и го упатил Симеон кај доенчето Исус, кое родителите го одвеле во храмот во Ерусалим. Возбуден и со длабоко ценење, Симеон го зел во раце доенчето и се помолил: „Сега, Суверен Господи, го отпушташ својот роб во мир според својата изјава; бидејќи моите очи го видоа твоето средство за спасение“ (Лука 2:25—35).

„И токму во тој час“, Јехова ја покажал својата љубов и кон 84-годишната Ана на тој начин што и неа ја упатил кај Исус. Оваа мила вдовица, вели Библијата, секогаш била во храмот „принесувајќи света служба“ на Јехова. Со неизмерно ценење, таа, како и Симеон, му се заблагодарила на Јехова за неговата извонредна љубезност, а потоа им зборувала за детето ‚на сите оние кои го чекале избавувањето на Ерусалим‘ (Лука 2:36—38).

Да, Јехова забележал колку Симеон и Ана длабоко го љубеле и се плашеле од него и колку биле заинтересирани за исполнувањето на неговата намера. Зарем таквите библиски извештаи не те привлекуваат кон Јехова?

Како и неговиот Татко, и Исус проникнувал во вистинската внатрешна личност. Додека поучувал во храмот, тој забележал како една „бедна вдовица“ приложува само „две парички од многу мала вредност“. За другите набљудувачи нејзиниот дар би бил безначаен, но не и за Исус. Тој ја пофалил оваа жена бидејќи дала сѐ што имала (Лука 21:1—4). Според тоа, можеме да бидеме уверени дека Јехова и Исус нѐ ценат ако им го даваме најдоброто, сеедно дали нашиот дар е голем или мал.

Додека Бог им се радува на оние кои го љубат, тој чувствува болка кога луѓето се одвраќаат од него и следат престапнички правец. Во Битие 6:6 се вели дека Јехова ‚се натажил [чувствувал болка, NW] во Своето срце‘ поради злобата на човештвото пред Потопот од времето на Ное. Подоцна, непослушните Израелци секогаш одново го ‚искушувале Бога и Го ограничиле [му нанесувале болка на, NW] Израелевиот Светец‘, се вели во Псалми 78:41. Да, Бог не е резервиран „Прв причинител“ без чувства. Тој навистина е личност, и тоа личност чии чувства не се неурамнотежени или затапени од несовршеност како што се нашите.

[Слики на страница 7]

Размислувањето за Јеховиното творештво е еден начин да му се приближиме