Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова му дава сила на уморниот

Јехова му дава сила на уморниот

Јехова му дава сила на уморниот

‚[Јехова] на уморниот му ја враќа силата, го зајакнува немоќниот‘ (ИСАИЈА 40:29).

1. Илустрирај ја моќта што почива во работите кои ги создал Бог.

 ЈЕХОВА има безгранична моќ. И колкава само динамична енергија почива во работите кои ги создал тој! Ситниот атом — самиот градежен блок на сѐ што постои — е толку мал што една капка вода содржи 100 милијарди милијарди атоми. a Целокупниот живот на нашата Земјина топка зависи од енергијата што ја создаваат атомските реакции на Сонцето. Но, колку сончева енергија е потребна за да се поддржува животот на Земјата? Земјата прима само мало делче од целокупната енергија која ја создава Сонцето. Сепак, најмалото делче од Сончевата енергија кое стигнува до Земјата е неизмерно поголемо од целокупната енергија која се користи во светската индустрија.

2. Во суштина, што вели Исаија 40:26 за Јеховината моќ?

2 Сеедно дали размислуваме за атомот или обрнуваме внимание на огромниот универзум, импресионирани сме од Јеховината величествена моќ. Не е ни чудо што тој можел да рече: „Подигнете ги високо своите очи и гледајте. Кој ги создал тие работи? Тој е Оној кој дури и нивната војска ја изведува на број, кој ги повикува дури и по име. Поради изобилството на динамична енергија, зашто е силен и во моќта, не недостига ниту едно од нив“ (Исаија 40:26NW). Да, Јехова е „силен во моќта“ и тој е Извор на ‚динамичната енергија‘ која била употребена за да биде доведен во постоење целокупниот универзум.

Повеќе отколку само потребната нормална сила

3, 4. а) Кои се некои фактори кои можат да нѐ уморат? б) Кое прашање бара внимание?

3 За разлика од Бог чија моќ нема граници, луѓето се уморуваат. Секаде каде што одиме, гледаме уморни луѓе. Тие се будат уморни, одат на работа или на училиште уморни, и си легнуваат не само уморни туку и исцрпени. Некои посакуваат да можат да заминат некаде и да го добијат многу потребниот одмор. Како Јеховини слуги, и ние се уморуваме, зашто нашиот живот на побожна оддаденост бара силно напрегање (Марко 6:30, 31; Лука 13:24; 1. Тимотеј 4:8). Силата ни ја црпат и многу други фактори.

4 Иако сме христијани, ние не сме имуни на проблемите што ги доживуваат луѓето општо земено (Јов 14:1). Болестите, финансиските пресврти или другите тешкотии вообичаени за животот може да предизвикаат обесхрабрување, а како последица од него и слабеење. Згора на овие предизвици се и испитите својствени за оние кои се прогонувани заради праведноста (2. Тимотеј 3:12; 1. Петрово 3:14). Поради секојдневните притисоци од светот и противењето кон нашето дело на проповедање на Царството, можеби некои од нас се толку исцрпени што им доаѓа да успорат во Јеховината служба. Освен тоа, во обид да го скрши нашиот интегритет кон Бог, Сатана Ѓаволот го користи секое средство кое му стои на располагање. Тогаш, како можеме да ја добиеме духовната сила која ни е потребна за да не се умориме и да не се откажеме?

5. Зошто е потребна повеќе отколку само човечка сила за да ја извршиме христијанската служба?

5 За да имаме духовна сила, мора да се потпираме на Јехова, семоќниот Творец. Апостол Павле истакнал дека христијанската служба ќе бара од несовршените луѓе повеќе сила од нормалната. Тој напишал: „Ова благо го имаме во земјени садови, за силата која ја надминува нормалната да биде од Бог, а не од нас“ (2. Коринќаните 4:7). Помазаните христијани ја извршуваат „службата на помирување“ со поддршката на своите придружници кои имаат земна надеж (2. Коринќаните 5:18; Јован 10:16; Откровение 7:9). Со оглед на тоа што ние, несовршените луѓе, го извршуваме Божјето дело наспроти прогонство, не можеме да успееме во тоа само со сопствена сила. Јехова ни помага преку својот свет дух, а со тоа нашата слабост ја велича неговата моќ. И колку сме само утешени од гаранцијата дека „Господ [Јехова, NW] е поткрепа на праведникот“! (Псалм 37:17).

‚Јехова е нашата витална енергија‘

6. Како Писмото нѐ уверува дека Јехова е Извор на нашата сила?

6 Нашиот небесен Татко е „силен во моќта“ и лесно може да нѐ зајакне. Всушност, нам ни е кажано: ‚[Јехова] на уморниот му ја враќа силата, го зајакнува немоќниот. Младите се заморуваат и се истоштуваат, изнемоштените момчиња се тетерават. Но на оние кои се надеваат во Господа, силата се обновува, им растат крилја како на орлите, трчаат и не постануваат, одат и не се уморуваат‘ (Исаија 40:29—31). Поради сѐ поголемите притисоци можеби понекогаш се чувствуваме како некој исцрпен тркач кој изгледа како веќе нозете да не можат повеќе да го држат. Но, целта на трката за живот стои токму пред нас, и не смееме да се откажеме (2. Летописи 29:11). Нашиот Противник, Ѓаволот, талка „како разрикан лав“ и сака да нѐ запре (1. Петрово 5:8). Да запомниме дека ‚Господ [Јехова, NW] е наша сила и штит‘ и тој направил обилни подготовки ‚на уморниот да му ја врати силата‘ (Псалм 28:7).

7, 8. Каков доказ постои дека Јехова ги зајакнувал Давид, Хабакук и Павле?

7 Јехова му ја дал на Давид силата која му била потребна за да продолжи и покрај големите препреки. Затоа, Давид со целосна вера и доверба напишал: „Со Божја помош ќе се бориме храбро [ќе добиеме витална енергија, NW], а Тој ќе ги згази нашите непријатели“ (Псалм 60:12). Исто така, Јехова му дал енергија на Хабакук така што тој можел да ја изврши својата задача како пророк. Во Хабакук 3:19 се вели: „Господ [Јехова, NW] Бог е моја сила [витална енергија, NW], Тој ги направи нозете мои како на срните, и ќе ме направи да одам по височините мои“. Исто така, вреден за внимание е и примерот на Павле кој напишал: „За сѐ имам сила со помош на [Бог] кој ми дава моќ“ (Филипјаните 4:13).

8 Слично на Давид, Хабакук и Павле, и ние треба да практикуваме вера во Божјата способност да нѐ зајакнува и во неговата моќ да нѐ спаси. Свесни дека Суверениот Господ Јехова е Извор на нашата „витална енергија“, да разгледаме сега некои начини на кои можеме да црпиме духовна сила од обилните подготовки кои ги прави Бог.

Духовни подготовки кои нѐ зајакнуваат

9. Каква улога играат христијанските публикации во нашата прехрана?

9 Марливото проучување на Писмото со помош на христијанските публикации може да нѐ зајакне и да нѐ поддржи. Псалмистот пеел: „Блажен е човекот . . . [кому] волјата му е во Господовиот Закон и за Неговиот Закон размислува дење и ноќе: Тој е како дрво засадено покрај водни потоци, што донесува плод во свое време, неговите лисја никогаш не венат; сѐ што прави, во сѐ успева“ (Псалм 1:1—3). Исто како што мора да јадеме за да задржиме физичка сила така треба да земаме и духовна храна, која ја обезбедува Бог преку својата Реч и христијанските публикации, за да ја задржиме својата духовна сила. Според тоа, смисловното проучување и медитирањето се неопходни.

10. Кога би можеле да најдеме време за проучување и медитирање?

10 Навистина е наградувачки да се медитира за „длабоките работи Божји“ (1. Коринќаните 2:10). Но, кога да најдеме време за медитирање? Авраамовиот син Исак ‚во предвечерје излегол да се прошета [за да медитира, NW] по полето‘ (Битие 24:63—67). Псалмистот Давид ‚размислувал [медитирал, NW] за Бог во ноќните бдеења‘ (Псалм 63:6). Можеме да ја проучуваме Божјата реч и да медитираме за неа наутро, навечер, во ноќта — всушност, во кое и да било време. Таквото проучување и медитирање водат до една друга Јеховина подготовка за духовно зајакнување — молитвата.

11. Зошто треба да ѝ придаваме огромна важност на редовната молитва?

11 Редовната молитва до Бог ни помага да се зајакнеме. Затоа, да ‚истраеме во молитва‘ (Римјаните 12:12). Понекогаш треба конкретно да бараме мудрост и сила кои ни се потребни за да излеземе на крај со некој испит (Јаков 1:5—8). Исто така, да му благодариме на Бог и да го фалиме кога забележуваме како се исполнуваат неговите намери или кога гледаме дека тој нѐ зајакнува за да ја извршиме неговата служба (Филипјаните 4:6, 7). Ако останеме близу до Јехова во молитва, тој нема никогаш да нѐ напушти. „Ете“, пеел Давид, „Бог ми помага“ (Псалм 54:4).

12. Зошто треба да го молиме Бог за неговиот свет дух?

12 Нашиот небесен Татко нѐ зајакнува и нѐ закрепнува преку својот свет дух, или активна сила. Павле напишал: „Ги свиткувам колената пред Таткото . . . за според богатството на својата слава да ви даде да бидете зајакнати во вашиот внатрешен човек преку силата на неговиот дух“ (Ефешаните 3:14—16). Треба да се молиме за свет дух, уверени дека Јехова ќе нѐ благослови со него. Исус резонирал: Ако детето побара риба, дали еден татко полн со љубов ќе му даде змија? Се разбира, не. Затоа заклучил: „Според тоа, ако вие, иако сте [грешни и со тоа повеќе или помалку] зли, знаете како да им давате на своите деца добри дарови, колку повеќе Таткото на небото ќе им даде свет дух на оние кои го молат!“ (Лука 11:11—13). Да се молиме со таква доверба и секогаш да се потсетуваме дека верните Божји слуги можат да бидат „зајакнати“ со сила преку неговиот дух.

Собранието — зајакнувачка помош

13. Како треба да гледаме на христијанските состаноци?

13 Јехова нѐ зајакнува преку состаноците на христијанското собрание. Исус рекол: „Каде се двајца или тројца собрани во мое име таму сум и јас меѓу нив“ (Матеј 18:20). Кога го дал тоа ветување, Исус дискутирал за работи на кои требало да им обрнат внимание оние кои преземаат водство во собранието (Матеј 18:15—19). Меѓутоа, неговите зборови во принцип се применуваат и на сите наши состаноци, собири и конгреси, кои се отвораат и затвораат со молитва во негово име (Јован 14:14). Значи, предност е да се присуствува на таквите христијански собири, сеедно дали се присутни само неколкумина или илјадници. Затоа, да покажуваме благодарност за тие прилики кои се наменети да нѐ зајакнат духовно и да нѐ поттикнат кон љубов и кон извонредни дела (Евреите 10:24, 25).

14. Каква корист извлекуваме од трудот на христијанските старешини?

14 Христијанските старешини даваат духовна помош и охрабрување (1. Петрово 5:2, 3). Павле им помагал и ги храбрел собранијата на кои им служел, како што прават денес патувачките надгледници. Всушност, тој копнеел да биде со соверниците така што можело да има изградувачка размена на охрабрување (Дела 14:19—22; Римјаните 1:11, 12). Нека секогаш покажуваме ценење за нашите локални старешини и за другите христијански надгледници кои играат голема улога во нашето духовно зајакнување.

15. На кој начин соверниците во нашето собрание се докажуваат како „зајакнувачка помош“?

15 Соверниците кои го сочинуваат собранието можат да бидат „зајакнувачка помош“ (Колошаните 4:10, 11). Како ‚вистински пријатели‘ тие можат да ни помогнат во времиња на неволја (Пословици 17:17). На пример, кога 220 Божји слуги во 1945 година биле ослободени од концентрациониот логор Заксенхаузен под надзор на нацистите, пред нив стоело едно напорно патување од 200 километри. Патувале како група, а посилните ги влечеле послабите со неколку мали колички. Каков бил резултатот? Во еден марш на смртта во кој животот го изгубиле повеќе од 10.000 затвореници од концентрациониот логор, не умрел ниту еден Јеховин сведок. Таквите извештаи кои излегуваат во публикациите на Watch Tower, меѓу кои спаѓаат Годишникот на Јеховините сведоци и Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom (Јеховини сведоци — објавители на Божјето Царство) докажуваат дека Бог му дава сила на својот народ за да не се откаже (Галатите 6:9). b

Зајакнати преку нашата служба на теренот

16. Како редовното учество во службата нѐ зајакнува духовно?

16 Редовното учество во делото на проповедање на Царството духовно нѐ зајакнува. Таквата активност ни помага да се сосредоточиме на Божјето Царство и да ја задржиме пред очи вечноста и нејзините благословени изгледи (Јуда 20, 21). Библиските ветувања за кои зборуваме во нашата служба ни даваат надеж и можат да нѐ направат исто толку решени како и пророкот Михеј, кој рекол: „Ние . . . ќе одиме во Името на Господ [Јехова, NW] нашиот Бог, секогаш и довека“ (Михеј 4:5).

17. Какви предлози се дадени во врска со домашните библиски студии?

17 Нашиот личен однос со Јехова се зајакнува кога во поголема мера го користиме Писмото додека ги поучуваме другите. На пример, кога водиме домашни библиски студии со помош на книгата Спознание кое води до вечен живот, мудро е да прочитаме и да подискутираме за неколку од наведените стихови. Тоа му помага на студентот и го зајакнува нашето духовно разбирање. Ако на студентот му е тешко да сфати некој библиски концепт или некоја илустрација, за да се обработи едно поглавје од книгата Спознание може да се употреби повеќе од една сесија на проучување. Колку сме само среќни ако добро се подготвуваме и вложуваме додатни напори за да им помогнеме на другите да му се приближат на Бог.

18. Илустрирај како се користи делотворно книгата Спознание.

18 Секоја година книгата Спознание делотворно се користи за да им се помогне на илјадници луѓе да станат Јеховини предадени слуги, а ова вклучува и многумина чија заднина немала врска со Библијата. На пример, кога бил дете, еден хиндус во Шри Ланка начул како една жена Сведок зборува за Рајот. По неколку години ѝ пристапил, и набрзо нејзиниот сопруг почнал да води библиска студија со него. Всушност, младичот доаѓал да проучува секој ден, и книгата Спознание ја завршиле за релативно кратко време. Почнал да присуствува на сите состаноци, ги прекинал врските со својата поранешна религија и станал објавител на Царството. Кога се крстил, веќе водел домашна библиска студија со некој личен познаник.

19. Во што можеме да бидеме сигурни додека најнапред го бараме Царството?

19 Ако го бараме најнапред Царството, тоа ни донесува радост која нѐ зајакнува (Матеј 6:33). Иако доживуваме различни испити, ние и понатаму среќно и ревносно ја проповедаме добрата вест (Тит 2:14). Многумина од нас ги исполнуваат барањата за полновремена пионерска служба, а некои служат таму каде што има поголема потреба од евангелизатори. Сеедно дали ги унапредуваме интересите на Царството на овие или на други начини, уверени сме дека Јехова нема да го заборави нашето дело и љубовта која ја покажуваме кон неговото име (Евреите 6:10—12).

Продолжи со Јеховината сила

20. Како можеме да покажеме дека се потпираме на Јехова за сила?

20 Сесрдно да покажеме дека се надеваме на Јехова и дека се потпираме на него за сила. Тоа можеме да го сториме ако целосно ги користиме духовните подготовки што ги прави тој преку ‚верниот роб‘ (Матеј 24:45). Личната и собраниската студија на Божјата реч со помош на христијанските публикации, искрената молитва, духовната помош од старешините, добрите примери на верните соверници и редовното учество во службата спаѓаат во подготовките кои го зајакнуваат нашиот однос со Јехова и ни даваат сила да продолжиме во неговата света служба.

21. Како апостол Петар и апостол Павле ја изразиле потребата од силата која ја дава Бог?

21 И покрај нашата човечка кревкост, Јехова ќе нѐ зајакнува да ја вршиме неговата волја ако се потпираме на него за помош. Свесен за потребата од таква помош, апостол Петар напишал: „Ако некој служи, нека служи како оној кој е зависен од силата што ја дава Бог“ (1. Петрово 4:11). А Павле покажал дека се потпира на силата која ја дава Бог кога рекол: „Наоѓам задоволство во слабости, во навреди, во нужди, во прогонства и тешкотии за Христос. Зашто кога сум слаб, тогаш сум моќен“ (2. Коринќаните 12:10). Да ја покажуваме и ние истата увереност и да му донесеме слава на Суверениот Господ Јехова кој му дава сила на уморниот (Исаија 12:2).

[Фусноти]

a Овој број според американскиот систем на нумерирање е бројот 1 со 20 нули.

b Издадени од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

Како би одговорил?

• Зошто на Јеховиниот народ му е потребно повеќе сила од нормалната?

• Каков библиски доказ постои дека Бог им дава сила на своите слуги?

• Кои се некои духовни подготовки кои ги прави Јехова за да нѐ зајакне?

• Како можеме да покажеме дека се потпираме на Бог за сила?

[Прашања]

[Слика на страница 12]

Додека ја користиме Библијата за да ги поучуваме другите се зајакнува нашиот личен однос со Јехова