Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова му обезбедува почивалиште на својот народ

Јехова му обезбедува почивалиште на својот народ

Објавителите на Царството известуваат

Јехова му обезбедува почивалиште на својот народ

СЕНЧЕСТО почивалиште на една планинска патека е најпријатна глетка за истоштениот патник. Во Непал, таквите почивалишта се нарекуваат чаутара. Типична чаутара може да биде сместена до некое бујно банјаново дрво, сенчесто место за седење и одмор. Поставувањето чаутара е чин на љубезност, и повеќето добротвори остануваат анонимни.

Искуствата од Непал покажуваат како Јехова Бог станал Извор на радост и духовно освежување за многу уморни „патници“ во овој систем на работи (Псалм 23:2).

• Лил Кумари живее во прекрасниот град Похара, со величествен поглед на прекриените со снег Хималаи. Но, загрижена за семејните финансии, Лил Кумари сметала дека има малку на што може да се надева. Кога била посетена од една жена Јеховин сведок, таа била трогната од светлата библиска надеж и веднаш побарала домашна библиска студија.

Иако уживала во студијата, на Лил Кумари не ѝ било лесно да продолжи поради силното противење од семејството. Но, не се откажала. Редовно ги посетувала христијанските состаноци и го применувала она што го учела, особено во врска со подложноста на сопругата. Како резултат на тоа, сопругот и мајка ѝ сфатиле дека библиската студија на Лил Кумари му користела на целото семејство.

Сега нејзиниот сопруг и неколку роднини ја проучуваат Божјата реч. На еден неодамнешен собир одржан во Похара, Лил Кумари уживала во програмата заедно со уште 15 свои роднини. Таа вели: „Мојот дом стана почивалиште бидејќи сега нашето семејство е обединето во вистинското обожавање, и најдов вистински душевен мир“.

• Иако дискриминацијата на кастите во Непал е незаконска, таа сѐ уште врши силно влијание врз начинот на живот на луѓето. Така, многумина се интересираат за она што има да го каже Библијата во врска со еднаквоста и непристрасноста. Тоа што дознала дека „Бог не е пристрасен“ многу го променило животот на Сураја Маја и на нејзиното семејство (Дела 10:34).

Сураја Маја била вознемирена поради неправдата од дискриминацијата на кастите и товарот на длабоко вкоренетите традиции и навики. Како побожна жена, Сураја Маја со години ги молела своите идолски богови за помош. Но, нејзините молитви останале неодговорени. Еден ден, кога повикувала за помош, нејзината шестгодишна внука Бабита ѝ пристапила и ја прашала: „Зошто викаш за помош пред идолите кои не можат да сторат ништо?“

Испаднало дека мајката на Бабита ја проучува Библијата со една жена Јеховин сведок. Бабита одушевено ја поканила баба си на еден христијански состанок. Кога Сураја Маја отишла, била изненадена што видела како луѓе од различни касти уживаат во меѓусебното друштво без никакви предрасуди. Веднаш побарала домашна библиска студија. Иако поради тоа нејзините соседи ја избегнувале, таа не се обесхрабрила ниту, пак, нејзината ограничена способност да чита и пишува ја спречила духовно да напредува.

Поминале осум години, и шест члена на нејзиното семејство, меѓу кои нејзиниот сопруг и трите деца, станале Јеховини сведоци. Сега Сураја Маја е полновремена министерка, општ пионер, радосно помагајќи им на другите да се растоварат од тешките товари во вистинското почивалиште кое може да го обезбеди само Јехова.