Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Библијата — ценета и потиснувана

Библијата — ценета и потиснувана

Библијата — ценета и потиснувана

„Би сакал светите книги да бидат преведени на сите јазици“, напишал Дезидериј Еразмо, познат холандски изучувач од 16 век.

ГОРЛИВА надеж на Еразмо била секој да може да го чита и да го разбере Писмото. Меѓутоа, противниците на Библијата жестоко ја отфрлале таквата идеја. Всушност, во тоа време Европа била едно крајно опасно место за секој кој дури и во најмала мера бил љубопитен за содржината на Библијата. Во Англија бил донесен парламентарен статут со кој било наредено „сите кои го читаат Писмото на англиски јазик да изгубат право над земјата, подвижниот имот, личните предмети и животот . . . и ако и понатаму се тврдоглави, или ја повторат грешката откако ќе им се прости, најпрвин да бидат обесени заради предавство на царот, и потоа запалени заради ерес против Бог“.

На европско копно, католичката инквизиција безмилосно ги гонела „еретичките“ секти, како што биле француските Валдензи, и токму нив ги издвоила како мета на прогонство поради нивната навика да проповедаат „од евангелијата и посланијата и другите свети списи . . . бидејќи проповедањето и толкувањето на светите книги [било] целосно забрането за лаиците“. Безброј мажи и жени претрпеле страшно мачење и смрт поради својата љубов кон Библијата. Тие ризикувале да добијат најсурови казни само за да ја рецитираат Господовата молитва или Десетте заповеди и да ги поучуваат децата за нив.

Таквата оддаденост на речта Божја продолжила да живее во срцата на многу пилгрими кои отпловиле да ја колонизираат Северна Америка. Во поранешна Америка „читањето и религијата биле нераздвојно испреплетени, дефинирајќи една култура која во потполност се темелела на познавањето на Библијата“, се вели во книгата A History of Private Life—Passions of the Renaissance (Историја на приватниот живот — страсти на ренесансата). Всушност, во една проповед, објавена во Бостон во 1767, било препорачано: „Биди марлив во читањето на светите книги. Секое утро и секоја вечер мораш да прочиташ по едно поглавје од својата Библија“.

Според Истражувачката група Барна од Вентура (Калифорнија), повеќе од 90 проценти од Американците поседуваат просечно по три Библии. Но, една неодамнешна студија покажа дека иако Библијата сѐ уште таму високо се цени, сепак „поминувањето време во нејзино читање, проучување и применување . . . е минато“. Мнозина имаат само површно познавање на нејзината содржина. Еден новински колумнист забележал: „Ретко се среќава размислувањето дека [Библијата] сѐ уште би можела да има непосредно влијание врз текуштите проблеми и грижи“.

Бран на световно размислување

Популарно верување е дека можеме да успееме во животот само преку разумот и соработката меѓу луѓето. Библијата се смета само како една од многуте книги на религиозни размислувања и лични искуства, а не како книга на факти и вистина.

Па како се справуваат луѓето со сѐ посложените и повознемирувачки спорни прашања во животот? Тие дејствуваат во еден духовен вакуум, без никакви цврсти морални и религиозни упатства и водство. Станале како бродови без крма „фрлани наваму-натаму од брановите, носени од сите ветришта на лажните човечки учења, кои итро ги водат луѓето“ (Ефешаните 4:14Радосна вест).

Значи, мора да се прашаме: ‚Дали Библијата е само уште една религиозна книга? Или, пак, навистина е Божја реч, која содржи практични и неопходни информации?‘ (2. Тимотеј 3:16, 17). Дали Библијата го заслужува нашето внимание? Следнава статија ќе се занимава со овие прашања.

[Слика на страница 3]

Дезидериј Еразмо

[Извор на слика]

Од книгата Deutsche Kulturgeschichte

[Слика на страница 4]

Валдензите биле издвоени како мета на прогонство поради тоа што проповедале од Писмото

[Извор на слика]

Stichting Atlas van Stolk, Ротердам