Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали неизмерно ги љубиш Јеховините потсетувања?

Дали неизмерно ги љубиш Јеховините потсетувања?

Дали неизмерно ги љубиш Јеховините потсетувања?

„Мојата душа ги чува твоите потсетувања, и неизмерно ги љубам“ (ПСАЛМ 119:167NW).

1. Каде особено наоѓаме постојани укажувања на Јеховините потсетувања?

 ЈЕХОВА сака неговиот народ да биде среќен. Се разбира, за да уживаме вистинска среќа, мораме да одиме по Божјиот закон и да внимаваме на неговите наредби. За таа цел, тој ни дава потсетувања. Тие се постојано спомнувани во Писмото, особено во Псалм 119, кој можеби го компонирал Езекија, еден млад кнез на Јуда. Оваа прекрасна песна започнува со зборовите: „Среќни се оние чиј пат е беспрекорен, оние кои одат според Јеховиниот закон! Среќни се оние кои внимаваат на неговите потсетувања; кои трагаат по него со цело срце“ (Псалм 119:1, 2NW).

2. На кој начин Божјите потсетувања се поврзани со среќата?

2 Ние ‚одиме според Јеховиниот закон‘ на тој начин што примаме точно спознание за неговата Реч и го применуваме во животот. Меѓутоа, со оглед на тоа што сме несовршени, потребни ни се потсетувања. Хебрејскиот збор преведен со „потсетувања“ покажува дека Бог ни ги враќа во сеќавањето неговиот закон, наредби, одредби, заповеди и уредби (Матеј 10:18—20). Ќе останеме среќни само ако продолжиме да внимаваме на таквите потсетувања, зашто тие ни помагаат да ги избегнеме духовните стапици од кои произлегуваат несреќа и жалост.

Прилепи се кон Јеховините потсетувања

3. Каква доверба имаме на темел на Псалм 119:60, 61?

3 Божјите потсетувања му биле драги на псалмистот кој пеел: „Побрзав и не се двоумам да ги чувам Твоите заповеди. Ме сплеткаа јажињата на грешниците, но јас не го заборавам Твојот Закон“ (Псалм 119:60, 61). Јеховините потсетувања ни помагаат да поднесеме прогонство бидејќи сме уверени дека нашиот небесен Татко може да ги пресече јажињата на ограничување кои непријателите ги врзуваат околу нас. Во свое одредено време, тој нѐ ослободува од тие препреки за да можеме да го извршиме делото на проповедање на Царството (Марко 13:10).

4. Како треба да реагираме на Божјите потсетувања?

4 Понекогаш, Јеховините потсетувања нѐ исправаат. Исто како и псалмистот, секогаш да ја цениме таквата исправка. Тој во молитва му велел на Бог: „Твоите сведоштва [потсетувања, NW] се моја наслада . . . ги љубам Твоите сведоштва [потсетувања, NW]“ (Псалм 119:24, 119). Ние имаме повеќе Божји потсетувања отколку што имал псалмистот. Стотици цитати од Хебрејските списи кои се појавуваат во Грчките списи нѐ потсетуваат не само на упатствата кои му ги дал Јехова на својот народ туку и на неговите намери во врска со христијанското собрание. Кога Бог смета дека е пригодно да нѐ потсети на некои работи кои се поврзани со неговите закони, ние сме благодарни за таквото водство. И ‚прилепувајќи се кон Јеховините потсетувања‘ ги избегнуваме грешните заведувања кои не му се угодни на нашиот Творец и кои ни ја одземаат среќата (Псалм 119:31NW).

5. Како можеме неизмерно да ги љубиме Јеховините потсетувања?

5 Колку треба да ги љубиме Јеховините потсетувања? „Мојата душа ги чува твоите потсетувања, и неизмерно ги љубам“, пеел псалмистот (Псалм 119:167NW). И ние неизмерно ќе ги љубиме Јеховините потсетувања ако ги гледаме и ги прифатиме како опомена од Татко кој навистина се грижи за нас (1. Петрово 5:6, 7). Нам ни се потребни неговите потсетувања, и додека гледаме како тие ни користат нашата љубов кон нив ќе расте.

Зошто ни се потребни Божјите потсетувања

6. Која е една причина зошто ни се потребни Јеховините потсетувања, и што ќе ни помогне да се сеќаваме на нив?

6 Една причина зошто ни се потребни Јеховините потсетувања е тоа што ние сме заборавливи. The World Book Encyclopedia вели: „Општо земено, како што времето поминува, луѓето сѐ повеќе забораваат . . . Веројатно ти се случило да не можеш да се сетиш на некое име или на некоја друга информација што ти била на врвот на јазикот . . . Таквото привремено губење на помнењето, што често се случува, се нарекува „дупки во сеќавањето“. Научниците го споредуваат ова со обидот да се пронајде некој изгубен предмет во пренатрупана соба . . . Добар начин да се осигуриш дека ќе запомниш некоја информација е да ја проучуваш долго откако мислиш дека совршено ја знаеш“. Марливото проучување и повторување ќе ни помогне да си спомнуваме за Божјите потсетувања и да се повинуваме на нив за наше лично добро.

7. Зошто денес Јеховините потсетувања ни се потребни повеќе од кога и да е порано?

7 Денес Јеховините потсетувања ни се потребни повеќе од кога и да било порано бидејќи злобата ги достигнува најголемите размери во човечката историја. Ако обрнуваме внимание на Божјите потсетувања го стекнуваме увидот кој ни е потребен за да избегнеме да бидеме намамени во злобните патишта на светот. „Поумен сум од сите мои учители“, рекол псалмистот, „зашто размислувам за Твоите сведоштва [потсетувања, NW]. Поразумен сум и од старците, зашто ги чувам Твоите наредби. Воздржи ги моите нозе од лошиот пат, за да го запазам Твојот збор“ (Псалм 119:99—101). Внимавајќи на Божјите потсетувања ќе го одбиеме „лошиот пат“ и ќе избегнуваме да станеме како масите на човештвото кои „умствено се во темнина и отуѓени од животот кој му припаѓа на Бог“ (Ефешаните 4:17—19).

8. Како можеме да бидеме подобро опремени успешно да се соочиме со испитите на верата?

8 Божјите потсетувања ни се потребни и затоа што нѐ зајакнуваат да ги поднесеме многуте испити во ова ‚време на свршетокот‘ (Даниел 12:4). Без таквите потсетувања ние би станале ‚заборавливи слушатели‘ (Јаков 1:25). Но, марливата лична и собраниска студија на Писмото со помош на публикациите од „верниот и разборит роб“ ќе ни помогне успешно да се соочиме со испитите на верата (Матеј 24:45—47). Ваквите духовни подготовки ни овозможуваат да сфатиме што мора да правиме за да му угодиме на Јехова кога се наоѓаме во тешки околности.

Битната улога на нашите состаноци

9. Кои се ‚даровите во облик на луѓе‘, и на кој начин тие им помагаат на соверниците?

9 Нашата потреба од Божјите потсетувања делумно се задоволува на христијанските состаноци, каде што наименувани браќа даваат поука. Апостол Павле напишал дека кога Исус ‚се вознел на висина, одвел заробеници; дал дарови во облик на луѓе‘. Павле додал: „[Христос] даде некои за апостоли, некои како пророци, некои како евангелизатори, некои како пастири и учители, со цел да се исправаат светите, за делото на служење, за изградување на Христовото тело“ (Ефешаните 4:8, 11, 12). Колку само можеме да бидеме благодарни што, кога се состануваме заедно за обожавање, овие „дарови во облик на луѓе“ — наименуваните старешини — го насочуваат нашето внимание кон Јеховините потсетувања!

10. Која е главната поента на Евреите 10:24, 25?

10 Благодарноста за божествените подготовки ќе нѐ поттикне секоја седмица да бидеме присутни на нашите пет собраниски состаноци. Павле ја нагласил потребата редовно заеднички да се собираме. Тој напишал: „Да обрнуваме внимание едни на други за да се поттикнуваме кон љубов и кон извонредни дела, не оставајќи го нашето заедничко собирање, како што некои имаат обичај, туку храбрејќи се едни со други, и тоа дотолку повеќе колку што гледате дека се приближува денот“ (Евреите 10:24, 25).

11. Како ни користи секој од нашите седмични состаноци?

11 Дали го цениш она што го прават состаноците за нас? Седмичната Студија на Стражарска кула ни ја зајакнува верата, ни помага да се повиниме на Јеховините потсетувања и нѐ јакне против „духот на светот“ (1. Коринќаните 2:12; Дела 15:31). На Состанокот за јавност, говорниците изнесуваат поука од Божјата реч, вклучувајќи ги и Јеховините потсетувања и Исусовите прекрасни „зборови на вечен живот“ (Јован 6:68; 7:46; Матеј 5:1—7:29). Нашите вештини на поучување се острат на Теократската школа за служба. Состанокот за служба ни е од непроценлива помош да ја подобриме нашата презентација на добрата вест од куќа до куќа, на повторни посети, на домашни библиски студии и во други гранки од нашата служба. Во една помала група на Собраниската студија на книга ни се пружа поголема прилика да се произнесеме за работи кои честопати вклучуваат Божји потсетувања.

12, 13. Како Божјиот народ во една азиска земја покажувал ценење за христијанските состаноци?

12 Редовното присуство на собраниските состаноци ни служи како потсетување на Божјите заповеди и ни помага да се одржиме духовно јаки наспроти војните, економските тешкотии и другите испити на нашата вера. Важноста на состаноците длабоко ја почувствувале 70 христијани во една азиска земја кои биле иселени од своите домови и принудени да живеат длабоко во шумата. Одлучни да продолжат редовно заеднички да се собираат, тие се вратиле во својот град опустошен од војната, го размонтирале она што останало од Салата на Царството и повторно ја монтирале во џунглата.

13 Откако издржал години на војување во друг дел од истата земја, Јеховиниот народ сѐ уште служи ревносно. Еден старешина од тој крај бил запрашан: „Што ви беше од најголема помош за да ги држите браќата заедно?“ Како гласел неговиот одговор? „Во текот на 19 години не испуштивме ниту еден состанок. Понекогаш, поради бомбардирање или други тешкотии некои браќа не можеа да дојдат на местото на состанување, но никогаш не откажавме ниеден состанок.“ Овие драги браќа и сестри сигурно ја ценат важноста ‚да не го оставаат заедничкото собирање‘.

14. Што можеме да научиме од обичајот што го имала остарената Ана?

14 Осумдесет и четиригодишната вдовица Ана ‚никогаш не изостанувала од храмот‘. Како резултат на тоа, била присутна кога таму било донесено доенчето Исус кратко по неговото раѓање (Лука 2:36—38). Дали за тебе е правило да не ги испушташ состаноците? Дали правиш сѐ што можеш за да бидеш присутен на секоја сесија од нашите собири и конгреси? Духовно корисните поуки кои ги добиваме на овие собири ни даваат јасен доказ дека нашиот небесен Татко се грижи за својот народ (Исаија 40:11). Исто така, таквите прилики унапредуваат радост, а со својата присутност го покажуваме ценењето што го имаме за Јеховините потсетувања (Неемија 8:5—8, 12).

Одвоен со Јеховините потсетувања

15, 16. Како внимавањето на Јеховините потсетувања влијае врз нашето однесување?

15 Внимавањето на Божјите потсетувања ни помага да бидеме одвоени од овој злобен свет. На пример, обрнувањето внимание на Божјите потсетувања нѐ спречува да се впуштиме во сексуален неморал (Второзаконие 5:18; Пословици 6:29—35; Евреите 13:4). Искушението да се лаже, да се биде нечесен или да се краде може успешно да се потисне со повинување на божествените потсетувања (Излез 20:15, 16; Левит 19:11; Пословици 30:7—9; Ефешаните 4:25, 28; Евреите 13:18). Внимавањето на Јеховините потсетувања нѐ задржува од одмазда, негување огорченост или од тоа некого да клеветиме (Левит 19:16, 18; Псалм 15:1, 3).

16 Обрнувајќи внимание на Божјите потсетувања остануваме осветени, или одвоени за неговата служба. И колку само е важно да бидеме одвоени од овој свет! Последната ноќ од својот земен живот, Исус во молитва до Јехова ја упатил оваа молба за своите следбеници: „Јас им ја дадов твојата реч, а светот ги замрази, бидејќи не се дел од светот, како што јас не сум дел од светот. Не те молам да ги земеш од светот, туку да ги чуваш поради злобниот. Тие не се дел од светот, како што ни јас не сум дел од светот. Освети ги преку вистината; твојата реч е вистина“ (Јован 17:14—17). Да ја цениме и понатаму Божјата реч која нѐ одвојува за неговата света служба.

17. Што би можело да се случи ако ги игнорираме Божјите потсетувања, и затоа што треба да правиме?

17 Како Јеховини слуги сакаме да останеме прифатливи за неговата служба. Меѓутоа, ако ги игнорираме Божјите потсетувања, би можеле да бидеме совладани од духот на овој свет, кој во голема мера се унапредува преку неговиот говор, литература, забава и однесување. А сигурно ние не сакаме да станеме љубители на пари, вообразени, надуени, неблагодарни, нелојални, свирепи, своеглави, надуени од гордост, љубители на уживања наместо љубители на Бог — да наведеме само неколку од обележјата кои ги манифестираат оние кои се отуѓени од Бог (2. Тимотеј 3:1—5). Со оглед на тоа што живееме длабоко во последните денови на овој зол систем на работи, постојано да се молиме за божествена помош за да можеме и понатаму да внимаваме на Јеховините потсетувања и со тоа ‚да пазиме во склад со неговата реч‘ (Псалм 119:9NW).

18. На кои позитивни чекори ќе нѐ наведе внимавањето на Божјите потсетувања?

18 Потсетувањата од Јехова постигнуваат повеќе отколку само да нѐ предупредат на работите што не смееме да ги правиме. Внимавањето на неговите потсетувања ќе нѐ наведе да преземеме позитивна акција и ќе нѐ поттикне да имаме безрезервна доверба во Јехова и да го љубиме со сето свое срце, душа, разум и сила (Второзаконие 6:5; Псалм 4:5; Пословици 3:5, 6; Матеј 22:37; Марко 12:30). Исто така, Божјите потсетувања нѐ мотивираат да го љубиме ближниот (Левит 19:18; Матеј 22:39). Љубовта кон Бог и ближниот особено ја покажуваме ако ја вршиме божествената волја и го споделуваме со другите животодајното ‚знаење за Бога‘ (Пословици 2:1—5).

Внимавањето на Јеховините потсетувања значи живот!

19. Како можеме да им покажеме на другите дека е практично и корисно да се обрнува внимание на Јеховините потсетувања?

19 Ако внимаваме на Јеховините потсетувања и им помагаме на другите да го прават тоа, ќе се спасиме себеси и оние кои нѐ слушаат (1. Тимотеј 4:16). Како можеме да им покажеме на другите дека обрнувањето внимание на Јеховините потсетувања навистина е практично и корисно? Ако ги применуваме библиските начела во својот живот. Оние кои се „исправно наклонети кон вечниот живот“ ќе имаат на тој начин доказ дека патот изложен во Божјата реч е навистина најдобриот (Дела 13:48). Тие ќе видат и дека ‚Бог навистина е меѓу нас‘ и ќе бидат поттикнати да ни се придружат во обожавањето на Суверениот Господ Јехова (1. Коринќаните 14:24, 25).

20, 21. Што ќе ни овозможат Божјите потсетувања и Божјиот дух?

20 Ако продолжиме да го проучуваме Писмото, да го применуваме она што го учиме и целосно да ги искористуваме Јеховините духовни подготовки, неизмерно ќе ги љубиме неговите потсетувања. Ако обрнуваме внимание, овие потсетувања ќе ни помогнат да ја облечеме „новата личност која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и лојалност“ (Ефешаните 4:20—24). Јеховините потсетувања и неговиот свет дух ќе ни овозможат да покажуваме љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување — особини кои толку многу се разликуваат од обележјата на светот кој лежи во власта на Сатана! (Галатите 5:22, 23; 1. Јованово 5:19). Според тоа, можеме да бидеме благодарни кога сме потсетувани на Јеховините барања во текот на нашето лично проучување на Библијата, од страна на наименуваните старешини и на нашите состаноци, собири и конгреси.

21 Затоа што внимаваме на Јеховините потсетувања, можеме да се радуваме дури и кога страдаме заради праведноста (Лука 6:22, 23). Се потпираме на Бог за да нѐ спаси од најзаканувачките ситуации. Тоа е особено важно сега кога сите нации се собираат за ‚великиот ден на Бога Семоќниот‘ во Армагедон (Откровение 16:14—16).

22. На што треба да бидеме одлучни во врска со потсетувањата од Јехова?

22 За да го добиеме незаслужениот дар вечен живот, мораме неизмерно да ги љубиме Јеховините потсетувања и да внимаваме на нив со сето срце. Затоа, да го имаме духот на псалмистот кој пеел: „Вечна е правдата на Твоето сведоштво [твоите потсетувања, NW], вразуми ме, и ќе живеам (Псалм 119:144). И да ја покажуваме решеноста која се гледа во зборовите на псалмистот: „Кон Тебе викам [Јехова], спаси ме, ќе се држам за твоите сведоштва [потсетувања, NW]“ (Псалм 119:146). Да, со зборови и со дела да покажеме дека навистина неизмерно ги љубиме Јеховините потсетувања.

Како би одговорил?

• Како гледал псалмистот на Јеховините потсетувања?

• Зошто ни се потребни Божјите потсетувања?

• Каква улога играат состаноците во врска со божествените потсетувања?

• Како Јеховините потсетувања нѐ одвојуваат од овој свет?

[Прашања]

[Слика на страница 15]

Псалмистот неизмерно ги љубел Јеховините потсетувања

[Слики на страници 16 и 17]

Следејќи го примерот на Ана, дали за тебе е правило да не ги пропушташ состаноците?

[Слика на страница 18]

Обрнувањето внимание на Јеховините потсетувања нѐ одвојува како чисти и прифатливи за неговата служба