Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како можеш да стекнеш пријатели

Како можеш да стекнеш пријатели

Како можеш да стекнеш пријатели

„ЕДЕН ПРИЈАТЕЛ ВО ЖИВОТОТ Е ВЕЌЕ НЕШТО; ДВАЈЦА СЕ МНОГУ; А ДА ИМАШ ТРОЈЦА Е РЕЧИСИ НЕВОЗМОЖНО“ (Хенри Брукс Адамс).

ОВАА забелешка укажува на тоа дека вистинските пријатели се ретки. Од многу осамени луѓе кои се во потрага по пријателство премногу често се слушаат коментари како, на пример: „Немам никој на кого би му се обратил“, „Не можам никому да му верувам“ или „Кучето ми е најдобриот пријател“.

Предизвик е да се стекнат и да се задржат трајни пријателства. Една анкета открила дека „25 проценти од возрасното население во Соединетите Држави страда од ‚хронична осаменост‘ и . . . во Франција половина од луѓето се наоѓаат во акутна изолација“. Наглиот пораст на клубовите за состанување, компјутерските „чет линии“ и изобилството новински огласи од страна на оние кои бараат другари покажува дека луѓето копнеат по контакт со други луѓе.

Осаменоста влијае не само врз душевната состојба на човекот туку и врз неговото физичко здравје, тврди д-р Дејвид Викс, невропсихолог. „Имам многу висок процент на пациенти со анксиозни фобии и депресии, пациенти кои би можеле да се окарактеризираат како осамени. Постои врска меѓу степенот на депресијата и степенот на осаменоста.“

Со разводот и распадот на семејниот живот сѐ повеќе луѓе се осудени на осаменички живот. Една анкета спроведена во Британија покажала дека со почетокот на 21 век, 30 проценти од населението на таа нација ќе бидат домаќинства со еден член.

Инспирираното Писмо претскажало дека во „последните денови“ ќе преовладува дух на себичност (2. Тимотеј 3:1—5). Се чини дека мнозина се позаинтересирани за материјалните поседи како, на пример, куќа или автомобил, или за своите работни места, отколку да негуваат врски со другите луѓе. Авторот Ентони Стор забележува: „Наместо да се сосредоточат на брачниот партнер и децата, животите им се вртат околу канцеларијата“.

ВИСТИНСКИТЕ ПРИЈАТЕЛИ СЕ БЕСЦЕНЕТИ

Квалитетот на твојот живот зависи многу од квалитетот на твоите пријателства. Честопати оние кои живеат за себе не се среќни бидејќи немаат пријател со кого би ги споделиле своите работи или своите мисли. Вистинити се зборовите на Исус Христос: „Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35). Оваа вистина одѕвонува во зборовите на англискиот поет Џорџ Бајрон: „Сите кои сакаат да имаат радост мора да ја споделуваат“.

Што е пријател? Еден речник го дефинира пријателот како „некој кој е приврзан кон друг со наклоност или почит“. Еден вистински пријател може да ти помогне да ги насочиш мислите кон добри работи. Тој може да те охрабри и да те изгради во времиња на неволја. Може дури и да ја сподели твојата жалост. Цар Соломон рекол: „Пријателот љуби во секое време, а во неволја станува брат“ (Пословици 17:17). Додека со текот на времето материјалните работи честопати ја губат својата вредност, вистинското пријателство со текот на времето расте и цвета.

Писмото ги поттикнува христијаните да ‚се рашират‘ во својата наклоност (2. Коринќаните 6:13). Да се биде со други луѓе е мудро. Во Проповедник 11:1, 2 читаме: „Фрли го својот леб во водата, и ќе го најдеш после многу време. Раздели им на седуммина или осуммина, зашто не знаеш какво зло ќе ја снајде земјата“. Како ова начело се применува на пријателството? Ако негуваш пријателство со многу луѓе, можеби некои од нив ќе ти дојдат на помош кога ќе се јават тешкотии.

Вистинските пријатели се заштита за тебе и на еден друг начин. „Ударите од пријателот се искрени“, се вели во Пословици 27:6. Иако голем број луѓе може да ти кажат пофални зборови, само вистинските пријатели ќе мислат на тебе во доволна мера за да ти укажат на некој сериозен недостаток и да ти дадат конструктивен совет на љубезен начин (Пословици 28:23).

Добрите, присни пријатели спаѓаат меѓу ретките дарови кои можат да вршат позитивно влијание врз тебе. Во Дела, поглавје 10, читаме за еден настан во животот на римскиот воен офицер Корнелиј, кого ангелот го информирал дека молитвите му се услишени. Очекувајќи ја посетата од апостол Петар, Корнелиј ‚ги повикал своите роднини и присни пријатели‘. Тие присни пријатели на Корнелиј биле меѓу првите необрежани не-Евреи кои ја прифатиле добрата вест и биле помазани со светиот дух, со изглед да владеат со Христос во Божјето Царство. Каков само благослов било тоа за присните пријатели на Корнелиј! (Дела 10:24, 44).

Но, како можеш да се зафатиш со стекнување пријатели? Библијата, која има многу да каже за пријателството, одговара со практични совети. (Види ја рамката на следната страница.)

КАДЕ МОЖЕШ ДА СТЕКНЕШ ВИСТИНСКИ ПРИЈАТЕЛИ

Најдоброто место за стекнување вистински пријатели е поврзано со христијанското собрание. Пред сѐ, можеш да ја искористиш приликата да станеш пријател со Јехова, твојот Творец и небесен Татко, и со Исус Христос, твојот Спасител. „Никој нема поголема љубов од оваа, некој да ја положи својата душа за своите пријатели“, рекол Исус, кој те поканува да му бидеш пријател (Јован 15:13, 15). Станувајќи пријател со Јехова и со Исус Христос можеш да бидеш уверен дека тие ќе те „примат во вечните живеалишта“. Да, пријателството со Јехова и со Исус значи вечен живот (Лука 16:9; Јован 17:3).

Како можеш да го стекнеш нивното срдечно пријателство? Барањата да се биде гостин во Јеховиниот шатор како негов пријател се изложени во 15. Псалм. Отвори ја Библијата и прочитај ги петте стихови од тој псалм. Освен тоа, Исус Христос рекол: „Вие сте мои пријатели ако го вршите она што ви го заповедам“ (Јован 15:14).

Да, со тоа што совесно ја проучуваш Божјата реч, Библијата, и го применуваш водството од неа, покажуваш дека сакаш да им бидеш пријател на Јехова и на Исус. За таа цел, мораш исто така редовно да присуствуваш на христијанските состаноци каде што се пренесува спознанието за Јехова Бог. Верно посветувај се да го слушаш Јехова, и ќе се приближиш кон него и кон неговиот Син.

На состаноците можеш да се запознаеш и со поединци кои го љубат Јехова и во својот живот ги покажуваат плодовите на духот — љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост и самосовладување (Галатите 5:22, 23). Ако сериозно сакаш да стекнеш пријатели и да се ослободиш од осаменоста, присуствувај на христијанските состаноци секоја седмица. Така ќе бидеш на исправното место во исправното време за да негуваш трајно пријателство со Божјиот благословен народ.

ПРИЈАТЕЛИ ЗАСЕКОГАШ

Вистинското пријателство е прекрасен дар од Јехова Бог. Тоа извира од самата негова личност и градба. Поради неговиот љубезен и великодушен дух, тој ја наполнил Земјата со интелигентни суштества со кои можеш да развиеш пријателство. Дружи се со сохристијаните. Храбри ги. Работи со нив во службата. Моли се редовно со нив и за нив. Така ќе ги имитираш Јехова и неговиот Син, Исус Христос.

Пријателството е дар што секој може да го даде и да го прими. Во блиска иднина, ќе имаш прилика да го прошириш својот круг на пријатели. Ќе можеш да станеш пријател со милиони кои живеат сега, како и со оние од минатите генерации кои спијат во смрт, чекајќи го воскресението кога „смрт нема да има веќе“ (Откровение 21:4; Јован 5:28, 29). Вложувај напори сега да бидеш пријателски настроен, и стекнувај ги за пријатели оние кои го љубат Јехова. Стреми се кон пријателството на Јехова Бог и на Исус Христос така што ќе ја слушаш Божјата инспирирана реч. Тогаш, за сета вечност, нема веќе никогаш да бидеш осамен.

[Рамка/слики на страници 22 и 23]

ШЕСТ ЧЕКОРИ ЗА ТРАЈНО ПРИЈАТЕЛСТВО

1. БИДИ ПРИЈАТЕЛ. Авраам бил наречен „пријател на Јехова“ поради својата непоколеблива вера (Јаков 2:23). Но, имало уште една причина. Библијата вели дека Авраам ја покажал својата наклоност кон Бог (2. Летописи 20:7). Презел иницијатива и му ги кажал своите чувства на Јехова (Битие 18:20—33). Да, потребна е иницијатива за да дадеш доказ за твоето пријателство. Исус рекол: „Давајте, и луѓето ќе ви даваат вам“ (Лука 6:38). Збор на охрабрување или рака која е спремна да помогне можат да бидат семето кое ќе прерасне во големо пријателство. Американскиот есеист Ралф Валдо Емерсон еднаш рекол: „Единствен начин да имаш пријател е самиот да бидеш пријател“.

2. ОДВОЈ СИ ВРЕМЕ ЗА ДА ГО НЕГУВАШ ПРИЈАТЕЛСТВОТО. Повеќето луѓе ги сакаат користите од пријателството. Сепак, презафатени се за да го инвестираат потребното време. Во Римјаните 12:15, 16 сме охрабрени да ги споделуваме среќата и успехот, жалоста и разочарувањата на другите. Таму се вели: „Радувајте се со оние кои се радуваат; плачете со оние кои плачат. За другите размислувајте на ист начин како и за себе“. Исус Христос, иако бил зафатен човек, секогаш одвојувал време за своите пријатели (Марко 6:31—34). Запомни, пријателството, како едно цвеќе, треба да се залева и потхранува за да цвета — а тоа бара време.

3. ВНИМАВАЈ КОГА ДРУГИТЕ ЗБОРУВААТ. На добрите, внимателни слушатели честопати им е полесно да имаат пријатели. „Секој човек мора да биде брз на слушање, бавен на зборување“, вели ученикот Јаков (Јаков 1:19). Кога разговараш со другите, покажи личен интерес за нивните чувства. Охрабри ги да зборуваат за себеси. Преземи водство во искажувањето чест кон нив (Римјаните 12:10). Тогаш ќе сакаат да бидат со тебе. И обратно, ако имаш монопол над секој разговор, или постојано се ставаш себеси во центарот на вниманието, ќе ти биде тешко да најдеш некого кој ќе биде спремен да те слуша или кому ќе му биде грижа за твоите чувства и потреби.

4. ПРОСТУВАЈ. Еднаш Исус му рекол на Петар да биде спремен да прости „до седумдесет и седумпати“ (Матеј 18:21, 22). Еден вистински пријател брзо преминува преку ситните пропусти. Да илустрираме: Некои не сакаат да јадат малини поради нивните ситни семчиња. Меѓутоа, оние кои уживаат во ова овошје не ги ни забележуваат семчињата. Вистинските пријатели се сакаат поради нивните добри особини; ситните недостатоци се превидуваат. Павле нѐ поттикнал: „Поднесувајте се еден со друг и простувајте си спремно еден на друг“ (Колошаните 3:13). Оние кои учат да простуваат ги задржуваат своите пријатели.

5. ПОЧИТУВАЈ ЈА ПРИВАТНОСТА НА ДРУГИТЕ. На секого му треба приватност, па и на твоите пријатели. Пословици 25:17 мудро забележува: „Ретко влегувај во куќата на твојот ближен, да не се засити од тебе и да те замрази“. Според тоа, биди разумен во врска со тоа колку се чести и долги твоите посети кај пријателите. Избегнувај да бидеш посесивен — тоа може да води до љубомора. Користи добро просудување кога изразуваш лични вкусови и мислења за работите. Ова придонесува за освежувачко и угодно пријателство.

6. БИДИ ВЕЛИКОДУШЕН. Пријателствата се негуваат преку великодушност. Советот на апостол Павле е да бидеме ‚дарежливи, спремни да делиме‘ (1. Тимотеј 6:18). На пример, споделувај охрабрувачки зборови со другите (Пословици 11:25). Биди дарежлив во однос на искрената пофалба и изградувачкиот говор. Кога покажуваш вистински интерес за доброто на другите, тие се привлечени кон тебе. Размислувај што можеш да сториш за нив наместо да се сосредоточуваш на тоа што можат тие да сторат за тебе.