Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мораш ли да веруваш во тоа?

Мораш ли да веруваш во тоа?

Мораш ли да веруваш во тоа?

ДВАНАЕСЕТГОДИШНИОТ ученик се борел да ги сфати основните принципи на алгебрата. Неговиот наставник изнел пред класот една навидум едноставна алгебарска пресметка.

„Да речеме дека х=у и дека вредноста на обата е 1“, почнал тој.

‚Засега е добро‘, си помислил ученикот.

Меѓутоа, после четири реда од она што изгледало како логична пресметка, наставникот дошол до изненадувачки резултат: „Според тоа: 2=1!“

„Побијте го тоа“, ги предизвикал тој своите збунети ученици.

Со своето многу ограничено знаење од алгебра, младиот ученик не можел да сфати како да го побие тоа. Секој чекор во пресметката изгледал сосема исправен. Тогаш, дали да верува во овој чуден заклучок? Впрочем, неговиот наставник е многу поупатен во математиката отколку самиот тој. Се разбира, не би требало! ‚Не морам да го побивам ова‘, си помислил. ‚Здравиот разум ми кажува дека ова е апсурд‘ (Пословици 14:15, 18). Тој знаел дека ниту неговиот наставник ниту, пак, некој од соучениците ќе размени два денара за еден!

Со текот на времето ученикот открил што било недостаток во алгебарската пресметка. Во меѓувреме, од искуството научил една скапоцена лекција. Дури и кога некој со многу поголемо знаење ни презентира внимателно смислен и навидум несоборлив аргумент, слушателот не треба да верува во некој глупав заклучок само затоа што во тоа време не може да го побие тоа. Ученикот, всушност, следел едно многу практично библиско начело кое се наоѓа во 1. Јованово 4:1 — да не се верува пребрзо во сѐ што се слуша, дури и тогаш кога се чини дека доаѓа од авторитетен извор.

Ова не значи дека треба тврдоглаво да се држиш за некои однапред смислени идеи. Погрешно е да ги игнорираш информациите кои би можеле да ги исправат погрешните гледишта. Но, не треба ни да бидеш ‚брзо разнишан во својот разум‘ наспроти притисокот од некој кој тврди дека има големо знаење или авторитет (2. Солуњаните 2:2). Се разбира, наставникот само им направил трик на своите ученици. Но, понекогаш, работите не се така наивни. Луѓето можат да бидат крајно ‚лукави во смислување на заблуда‘ (Ефешаните 4:14; 2. Тимотеј 2:14, 23, 24).

Дали стручњаците се секогаш во право?

Сеедно колкаво знаење поседуваат, стручњаците на некое поле можат да имаат спротивставени идеи и променливи мислења. Земи ја за пример текуштата дебата во медицинската наука за нешто толку основно како што се причините за болестите. „Релативната важност на природата во однос на негата во текот на болеста го формира темелот на вжештената дебата меѓу научниците“, пишува еден професор по медицина на харвардскиот универзитет. Оние од, како што се нарекува, детерминистичкиот табор силно веруваат дека гените играат решавачка улога во нашата подложност на различните болести. Меѓутоа, други тврдат дека околината и начинот на живот се главни фактори во човечката патологија. Обете страни брзо наведуваат студии и статистики за да ја поддржат својата страна. Сепак, дебатата продолжува.

Секогаш одново се докажува дека најпрочуените мислители биле во грешка, иако во тоа време она што го учеле изгледало дека не може да се оспори. Филозофот Бертранд Расел го опишал Аристотел како еден од „највлијателните од сите филозофи“. Сепак, Расел исто така истакнал дека многу од доктрините на Аристотел се „сосема погрешни“. „Во денешно време“, напишал тој, „практично секој напредок во науката, во логиката или во филозофијата морал да се прави наспроти противењата на учениците на Аристотел“ (History of Western Philosophy — Историја на западната филозофија).

„Лажно се наречени ‚спознание‘“

Раните христијани веројатно наидувале на многумина кои биле ученици на прочуените грчки филозофи, како што биле Сократ, Платон и Аристотел. Образованите луѓе од тоа време се сметале себеси за интелектуално супериорни во однос на повеќето христијани. Не мнозина од Исусовите ученици биле сметани за „мудри во телесна смисла“ (1. Коринќаните 1:26). Всушност, оние кои биле школувани според филозофиите од тоа време мислеле дека она во кое верувале христијаните едноставно било „безумство“ или „чиста глупост“ (1. Коринќаните 1:23, Phillips).

Ако си бил меѓу тие рани христијани, дали ќе си бил импресиониран од убедливите аргументи на интелектуалната елита од тоа време или претерано ќе си се восхитувал на нивното покажување на мудрост? (Колошаните 2:4). Според апостол Павле, не би имало причина за тоа. Тој ги потсетил христијаните дека Јехова гледа на „мудроста на мудрите“ и на „умноста на умните“ од тоа време како на безумство (1. Коринќаните 1:19). „Што“, прашал тој, „имаат да покажат филозофот, писателот и критичарот од овој свет за сета своја мудрост?“ (1. Коринќаните 1:20, Phillips). И покрај сета своја интелектуална брилијантност, филозофите, писателите и критичарите од времето на Павле не дале никакво вистинско решение за проблемите на човештвото.

Затоа христијаните научиле да ги избегнуваат оние работи за кои апостол Павле рекол дека се „противречјата кои лажно се наречени ‚спознание‘“ (1. Тимотеј 6:20). Причината поради која Павле го нарекол таквото спознание ‚лажно‘ е тоа што му недостигал еден пресуден фактор — изворот или препораката од Бог според која би можеле да се проверат нивните теории (Јов 28:12; Пословици 1:7). Бидејќи тоа им недостигало, а истовремено биле заслепени од главниот измамник, Сатана, оние кои се држеле за таквото спознание не можеле никогаш да се надеваат дека ќе ја пронајдат вистината (1. Коринќаните 2:6—8, 14; 3:18—20; 2. Коринќаните 4:4; 11:14; Откровение 12:9).

Библијата — инспириран водич

Раните христијани никогаш не се сомневале дека Бог ги открил својата волја, намера и начела во Писмото (2. Тимотеј 3:16, 17). Ова ги заштитило од тоа да бидат ‚одведени како плен со помош на филозофијата и празната измама според човечката традиција‘ (Колошаните 2:8). Ситуацијата денес е иста. Спротивно на збунувачките и спротивставени човечки мислења, Божјата инспирирана реч обезбедува цврста основа врз која можеме да ги темелиме своите верувања (Јован 17:17; 1. Солуњаните 2:13; 2. Петрово 1:21). Без неа сме оставени во една невозможна ситуација — да се обидуваме да изградиме нешто цврсто врз развеаниот песок на човечките теории и филозофии (Матеј 7:24—27).

‚Но, чекај‘, би можел да рече некој. ‚Зарем не е вистина дека фактите од науката покажуваат дека Библијата е во грешка и, според тоа, не е ништо подоверлива од човечките филозофии кои секогаш се менуваат?‘ Бертранд Расел тврдел, на пример, дека „Коперник, Кеплер и Галилео морале да се борат со Аристотел како и со Библијата за да го установат гледиштето дека Земјата не е центар на универзумот“ (Курзив од нас). И зарем не е вистина дека денес, на пример, креационистите инсистираат дека Библијата учи оти Земјата била создадена за шест дена од по 24 часа, кога сите факти покажуваат дека самата Земја е стара милијарди години?

Всушност, Библијата не кажува дека Земјата е центар на универзумот. Тоа било учење на црковните водачи кои и самите не се придржувале кон Божјата реч. Извештајот за создавањето од Битие дозволува Земјата да биде стара милијарди години и не го ограничува секој ден на создавање на 24 часа (Битие 1:1, 5, 8, 13, 19, 23, 31; 2:3, 4). Една чесна проценка на Библијата покажува дека иако таа не е научен учебник, сигурно не е „чиста глупост“. Таа, всушност, е во целосен склад со докажаната наука. a

‚Силата на разумот‘

Иако многу Исусови ученици биле прости мажи и жени, можеби со ограничено образование, тие имале на располагање уште нешто од Бог. Без оглед на своето потекло, сите биле надарени со моќ за резонирање и способност за размислување. Апостол Павле ги охрабрил сохристијаните целосно да ја искористат својата „сила на разумот“ за да ‚се уверат која е добра и прифатлива и совршена волја Божја‘ (Римјаните 12:1, 2).

Со својата „сила на разумот“ добиена од Бог, раните христијани јасно увиделе дека која и да е филозофија или учење кои не биле во склад со откриената реч Божја, биле бескорисни. Во некои случаи мудрите луѓе од нивно време, всушност, ‚ја потиснувале вистината‘ и ги игнорирале доказите околу нив дека постои Бог. „Иако тврдеа дека се мудри, станаа глупави“, напишал апостол Павле. Бидејќи ја отфрлиле вистината за Бог и за неговата намера, ‚станале празноглави во своите резонирања и нивното неразумно срце се помрачило‘ (Римјаните 1:18—22; Еремија 8:8, 9).

Оние кои тврдат дека се мудри, честопати доаѓаат до заклучоци од типот: „Не постои Бог“ или „Не треба да ѝ се верува на Библијата“ или „Ова не се ‚последните денови‘“. Таквите идеи во Божји очи се исто толку глупави колку и заклучокот дека „2=1“ (1. Коринќаните 3:19). Сеедно каков авторитет можеби си присвојуваат луѓето, не мора да ги прифаќаш нивните заклучоци ако му противречат на Бог, ја игнорираат неговата Реч и не го почитуваат здравиот разум. На крајот на краиштата, мудар правец е секогаш ‚Бог да се најде вистинит, макар секој човек се покажува лажливец‘ (Римјаните 3:4).

[Фуснота]

a За поединости, види ги книгите Библијата — реч Божја или човечка? и Постои ли Творец кој се грижи за тебе?, издадени од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

[Слики на страница 31]

За разлика од променливите човечки мислења, Библијата дава цврста основа за верување

[Извори на слики]

Лево, Епикур: Фотографија земена со љубезна дозвола на Британскиот музеј; горе во средина, Платон: National Archaeological Museum, Атина (Грција), десно, Сократ: Рим, Musei Capitolini