Бидете изградени со љубов
Бидете изградени со љубов
„Љуби го Јехова, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој ум“ (МАТЕЈ 22:37).
1. а) Кои се некои од работите што ги негува христијанинот? б) Која е најважна христијанска особина, и зошто?
ЗА ДА биде делотворен министер, христијанинот негува многу работи. Книгата Пословици ја истакнува вредноста на спознанието, разбирањето и мудроста (Пословици 2:1-10). Апостол Павле дискутирал за потребата од цврста вера и силна надеж (Римјаните 1:16, 17; Колошаните 1:5; Евреите 10:39). Исто така, витални се истрајноста и самосовладувањето (Дела 24:25; Евреите 10:36). Меѓутоа, постои еден елемент кој ако недостига ја намалува вредноста на сите други работи, па дури би можел да ги направи и безвредни. Тој елемент е љубовта (1. Коринќаните 13:1-3, 13).
2. Како покажал Исус колку е важна љубовта, и кои прашања ги наметнува ова?
2 Исус покажал колку е важна љубовта кога рекол: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13:35). Со оглед на тоа што љубовта е знак за распознавање на еден вистински христијанин, треба да си поставиме прашања како што се: ‚Што е љубов? Зошто е толку битна што Исус рекол дека таа, пред сѐ друго, ќе ги карактеризира неговите ученици? Како можеме да негуваме љубов? Кој треба да биде предмет на нашата љубов?‘ Да ги разгледаме овие прашања.
Што е љубов?
3. Како може да се опише љубовта, и зошто таа ги вклучува и умот и срцето?
3 Еден опис на љубовта е ‚чувство на топла лична приврзаност или длабока наклоност, срдечна нежност или симпатија кон некој друг‘. Таа е особина која ги поттикнува луѓето да работат за доброто на другите, понекогаш по цена на големи лични жртви. Љубовта, опишана во Библијата, ги вклучува и умот и срцето. Умот, или интелектот, игра улога бидејќи лицето кое љуби, го прави тоа со отворени очи, признавајќи дека и тој и другите луѓе кои ги љуби имаат свои слабости, како и привлечни особини. Интелектот е вклучен и затоа што постојат лица кои христијанинот ги љуби — понекогаш, можеби и против своите природни склоности — бидејќи од своето читање на Библијата знае дека Бог сака да се прави тоа (Матеј 5:44; 1. Коринќаните 16:14). Сепак, љубовта во основа доаѓа од срцето. Вистинската љубов што е откриена во Библијата никогаш не е само интелектуална. Таа повлекува со себе длабока искреност и целосна емоционална оддаденост (1. Петрово 1:22).
4. На кој начин љубовта е јака врска?
4 Луѓето кои се себични во срцето ретко се способни за вистински однос полн со љубов бидејќи лицето кое љуби е подготвено да ги стави интересите на другите пред сопствените (Филипјаните 2:2-4). Исусовите зборови „повеќе среќа има во давањето отколку во примањето“ се особено вистинити кога давањето е чин на љубов (Дела 20:35). Љубовта е силна врска (Колошаните 3:14). Таа честопати вклучува пријателство, но врските на љубовта се посилни од врските на пријателството. Романтичниот однос меѓу сопруг и неговата сопруга понекогаш е опишан како љубов; меѓутоа, љубовта која Библијата нѐ охрабрува да ја негуваме е потрајна од физичката привлечност. Кога двајца во брак навистина се љубат, тие остануваат заедно дури и ако физичкиот однос повеќе не е можен поради немоќта која доаѓа со староста или поради тоа што едниот од нив е онеспособен.
Љубовта — неопходна особина
5. Зошто љубовта е неопходна особина за христијанинот?
5 Зошто љубовта е неопходна особина за христијанинот? Прво, бидејќи Исус им заповедал на своите следбеници да се љубат еден со друг. Тој рекол: „Вие сте мои пријатели ако го вршите она што ви го заповедам. Ова ви го заповедам, да се љубите еден со друг“ (Јован 15:14, 17). Второ, бидејќи Јехова е персонификација на љубовта, и како негови обожаватели ние треба да го имитираме (Ефешаните 5:1; 1. Јованово 4:16). Библијата вели дека примањето спознание за Јехова и за Исус значи вечен живот. Како можеме да кажеме дека го познаваме Бог ако не се обидуваме да бидеме како него? Апостол Јован резонирал: „Кој не љуби не го запознал Бог, зашто Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8).
6. Како може љубовта да ги урамнотежи различните аспекти од нашиот живот?
6 Љубовта е важна и заради трета причина: Таа ни помага да ги урамнотежиме различните аспекти од нашиот живот и му додава добар мотив на она што го правиме. На пример, витално е постојано да се прима спознание за Божјата реч. За христијанинот таквото спознание е како храна. Тоа му помага да расте до зрелост и да постапува во склад со Божјата волја (Псалм 119:105; Матеј 4:4; 2. Тимотеј 3:15, 16). Меѓутоа, Павле предупредил: „Спознанието дуе, но љубовта изградува“ (1. Коринќаните 8:1). Не, нема ништо погрешно во точното спознание. Проблемот е во нас — ние имаме грешни склоности (Битие 8:21). Ако урамнотежувачкото влијание на љубовта недостига, спознанието би можело да наведе едно лице да се надуе, мислејќи за себе дека е подобро од другите. Ова нема да се случи ако тоа во основа е мотивирано од љубов. „Љубовта . . . не се фали, не се дуе“ (1. Коринќаните 13:4). Христијанинот кој е мотивиран од љубов не станува горделив, дури и ако стекнува длабоко спознание. Љубовта го чува да остане понизен и го спречува да сака да си стекне име за себе (Псалм 138:6; Јаков 4:6).
7, 8. Како љубовта ни помага да се сосредоточиме на поважните работи?
7 На филипјаните Павле им напишал: „За ова постојано се молам, вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да изобилува во точно спознание и во полна проникливост; да се уверите во поважните работи“ (Филипјаните 1:9, 10). Христијанската љубов ќе ни помогне да го следиме ова охрабрување да се увериме во поважните работи. Како пример, разгледај ги зборовите на Павле до Тимотеј: „Ако некој тежнее по служба на надгледник, тој сака извонредна работа“ (1. Тимотеј 3:1). Во текот на 2000 службена година, бројот на собранија по целиот свет се зголеми за 1.502, со што новиот најголем број изнесува 91.487 собранија. Според тоа, постои голема потреба од повеќе старешини, и оние кои тежнеат по таа предност треба да бидат пофалени.
8 Меѓутоа, оние кои тежнеат по предности на надгледување ќе задржат добра рамнотежа ако ја имаат на ум целта на таквата предност. Само да се има авторитет или поголемо признание не се важните работи. Старешините кои му се допаѓаат на Јехова се мотивирани од љубов кон него и кон своите браќа. Тие не бараат истакнување или влијание. Апостол Петар, откако ги советувал собраниските старешини да задржат добар став, ја нагласил потребата од „понизност на умот“. Сите во собранието ги советувал: „Понизете се под моќната Божја рака“ (1. Петрово 5:1-6). Ќе биде добро секој кој тежнее по таа предност да размисли за примерот на безброј старешини по целиот свет кои се марливи, понизни, а со тоа и благослов за своите собранија (Евреите 13:7).
Добриот мотив ни помага да истраеме
9. Зошто христијаните ги задржуваат на ум благословите што ги ветил Јехова?
9 Колку е важно да се биде мотивиран од љубов се гледа уште на еден начин. На оние кои се стремат по побожна оддаденост од љубов, Библијата им ветува богати благослови сега, и незамисливо прекрасни благослови во иднина (1. Тимотеј 4:8). На оној христијанин кој силно верува во овие ветувања и е уверен дека Јехова „ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ му се помага да стане цврст во верата (Евреите 11:6). Повеќето од нас копнеат по исполнувањето на Божјите ветувања и ги имаат чувствата на апостол Јован: „Амин! Дојди, Господи Исусе“ (Откровение 22:20). Да, медитирањето за благословите кои нѐ очекуваат ако останеме верни нѐ зајакнува да истраеме, исто како што на Исус му помогнало да истрае тоа што ја задржал на ум ‚радоста што била поставена пред него‘ (Евреите 12:1, 2).
10, 11. Како тоа што сме мотивирани од љубов ни помага да истраеме?
10 Но, што ако желбата да живееме во новиот свет е нашиот единствен мотив во служењето на Јехова? Тогаш би можеле лесно да станеме нестрпливи или незадоволни кога работите ќе се влошат или ако настаните не течат на начинот или во времето кога сме се надевале. Би можеле да се најдеме во сериозна опасност да отпловиме (Евреите 2:1; 3:12). Павле зборувал за еден поранешен придружник по име Димас, кој го оставил. Зошто? Бидејќи „го засака сегашниов систем“ (2. Тимотеј 4:10). Сите кои служат чисто од себични причини се во опасност да го сторат истото. Тие би можеле да бидат привлечени од моменталните прилики кои ги нуди светот и да станат неспремни сега да прават жртви надевајќи се на идните благослови.
11 Иако е во ред и природно да имаме желба да ги добиеме идните благослови и да се надеваме на ослободување од испитите, љубовта го изградува нашето ценење за она што треба да ни биде најважно во животот. Најважното нешто е Јеховината волја, а не нашата (Лука 22:41, 42). Да, љубовта нѐ изградува. Таа ни помага стрпливо да чекаме на нашиот Бог, задоволни со кои и да било благослови што ни ги дава тој и уверени дека во свое одредено време ќе добиеме сѐ што ветил — па и повеќе од тоа (Псалм 145:16; 2. Коринќаните 12:8, 9). Во меѓувреме, љубовта ни помага да продолжиме несебично да служиме бидејќи „љубовта . . . не ги бара сопствените интереси“ (1. Коринќаните 13:4, 5).
Кого треба да љубат христијаните?
12. Според Исус, кого треба да љубиме?
12 Исус дал едно општо правило што се однесува до тоа кого треба да љубиме кога цитирал две изјави од Мојсеевиот закон. Тој рекол: „Љуби го Јехова, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој ум“ и „Љуби го својот ближен како себеси“ (Матеј 22:37-39).
13. Како можеме да научиме да го љубиме Јехова и покрај тоа што не можеме да го видиме?
13 Од зборовите на Исус јасно се гледа дека пред сѐ треба да го љубиме Јехова. Меѓутоа, ние не сме родени со целосно развиена љубов кон Јехова. Тоа е нешто што ние мора го негуваме. Кога првпат сме слушнале за него, сме биле привлечени кон него од она што сме го чуле. Малку по малку, сме научиле како ја подготвил Земјата за човештвото (Битие 2:5-23). Сме научиле како постапувал со човештвото, дека не нѐ отфрлил кога гревот за првпат продрел во човечкото семејство туку презел чекори за да нѐ искупи (Битие 3:1-5, 15). Постапувал љубезно со оние кои биле верни, и на крај го дал својот единороден Син за простување на нашите гревови (Јован 3:16, 36). Ова зголемено спознание придонело да порасне нашето ценење за Јехова (Исаија 25:1). Цар Давид рекол дека го љубел Јехова поради Неговата љубезна грижа (Псалм 116:1-9). Денес, Јехова се грижи за нас, нѐ води, нѐ зајакнува и нѐ храбри. Колку повеќе учиме за него толку подлабока станува нашата љубов (Псалм 31:23; Софонија 3:17; Римјаните 8:28).
Како можеме да ја покажеме нашата љубов?
14. На кој начин можеме да покажеме дека нашата љубов кон Бог е вистинска?
14 Се разбира, многумина во светот велат дека го љубат Бог, но начинот на кој постапуваат е спротивен на она што го тврдат. По што можеме да знаеме дека навистина го љубиме Јехова? Можеме да разговараме со него во молитва и да му кажеме како се чувствуваме. И можеме да постапуваме на начин кој ја покажува нашата љубов. Апостол Јован рекол: „Кој ја држи [Божјата] реч, навистина во него љубовта кон Бог станала совршена. По тоа знаеме дека сме во обединетост со него“ (1. Јованово 2:5; 5:3). Меѓу другото, Божјата реч ни кажува меѓусебно да се дружиме и да водиме чист, морален живот. Избегнуваме лицемерство, ја зборуваме вистината и го чуваме чисто нашето размислување (2. Коринќаните 7:1; Ефешаните 4:15; 1. Тимотеј 1:5; Евреите 10:23-25). Покажуваме љубов на тој начин што им даваме материјална помош на оние кои се во оскудица (1. Јованово 3:17, 18). И не се воздржуваме да им кажуваме на другите за Јехова. Тоа вклучува учество во светското проповедање на добрата вест за Царството (Матеј 24:14; Римјаните 10:10). Послушноста на Божјата реч во овие работи е доказ дека нашата љубов кон Јехова е вистинска.
15, 16. Како љубовта кон Јехова влијаела врз многу животи минатата година?
15 Љубовта кон Јехова им помага на луѓето да донесуваат добри одлуки. Минатата година таквата љубов поттикна 288.907 поединци да му го предадат својот живот и таа одлука ја симболизираа со крштавање во вода (Матеј 28:19, 20). Нивната предаденост беше полна со значење. Таа одбележа една промена во нивниот живот. На пример, Газменд бил еден од врвните кошаркарски ѕвезди во Албанија. Неколку години тој и неговата сопруга ја проучувале Библијата и, и покрај препреките, на крај се квалификувале за објавители на Царството. Минатата година Газменд се крстил, еден од 366-те крстени во Албанија во 2000 службена година. Еден весник објавил статија за него во која се наведувало: „Неговиот живот има смисла, и поради ова, тој и неговото семејство ги уживаат најсреќните денови од нивниот живот. Нему повеќе не му е важно колку може да извлече од животот туку напротив, колку може да даде за да им помогне на другите луѓе“.
16 На сличен начин, една новокрстена сестра која работела во една нафтена компанија во Гуам добила искушувачка понуда. Откако со години се искачувала на скалата за кариера во фирмата, ѝ била понудена прилика да биде првата жена потпретседател во историјата на компанијата. Меѓутоа, сега таа му го имала предадено својот живот на Јехова. Откако дискутирала за тоа со својот сопруг, новата сестра ја одбила понудата и наместо тоа, средила да работи со скратено работно време за да може да напредува кон полновремен министер, пионер. Љубовта кон Јехова ја поттикнала да сака да му служи како пионер а не да се стреми по финансиските интереси на светот. Всушност, по целиот свет таквата љубов поттикнала 805.205 лица да учествуваат во различните гранки на пионерската служба во текот на 2000 службена година. Каков само израз на љубов и вера покажале тие пионери!
Поттикнати да го љубиме Исус
17. Каков убав пример на љубов гледаме во Исус?
17 Исус е прекрасен пример за личност која е мотивирана од љубов. Во своето претчовечко постоење, тој го љубел својот Татко и го љубел човештвото. Како олицетворение на мудроста рекол: „Бев покрај Него, како градежничка, бев радосна, од ден на ден, радувајќи се пред Него сето време: Се радував по почвата на Неговата земја, и мојата радост се човечките синови“ (Пословици 8:30, 31). Љубовта го поттикнала Исус да го напушти своето небесно живеалиште и да се роди како беспомошно бебе. Постапувал стрпливо и љубезно со кротките и понизните и страдал од страна на Јеховините непријатели. На крај, умрел за целото човештво на маченички столб (Јован 3:35; 14:30, 31; 15:12, 13; Филипјаните 2:5-11). Каков само убав пример на исправна мотивација!
18. а) Како негуваме љубов кон Исус? б) На кој начин покажуваме дека го љубиме Исус?
18 Кога лицата со исправна состојба на срцето ги читаат во евангелијата извештаите за Исусовиот живот и медитираат за тоа колку благослови им донел неговиот верен правец на постапување, ова предизвикува кај нив да расте длабока љубов кон него. Ние денес сме како оние на кои им се обратил Петар кога рекол: „Иако никогаш не сте го виделе [Исус], вие го љубите“ (1. Петрово 1:8). Нашата љубов ја покажуваме кога практикуваме вера во него и го имитираме неговиот самопожртвуван живот (1. Коринќаните 11:1; 1. Солуњаните 1:6; 1. Петрово 2:21-25). На 19 април 2000, вкупно 14.872.086 лица беа потсетени на причините што ги имаме да го љубиме Исус кога присуствуваа на годишниот Меморијал на неговата смрт. Колкав само огромен број беше тоа! И колку само е зајакнувачки да се знае дека толку многу луѓе се заинтересирани за спасение преку Исусовата жртва! Навистина, ние сме изградени со љубовта на Јехова и на Исус кон нас и со нашата љубов кон нив.
19. За кои прашања во врска со љубовта ќе биде дискутирано во следната статија?
19 Исус рекол дека треба да го љубиме Јехова со сето срце, душа, ум и сила. Но, тој рекол и дека треба да го љубие ближниот како себеси (Марко 12:29-31). Кого го вклучува тоа? И како љубовта кон ближниот ни помага да задржиме добра рамнотежа и исправен мотив? За овие прашања ќе биде дискутирано во следната статија.
Се сеќаваш ли?
• Зошто љубовта е витална особина?
• Како можеме да научиме да го љубиме Јехова?
• Како нашето однесување покажува дека го љубиме Јехова?
• Како ја покажуваме нашата љубов кон Исус?
[Прашања]
[Слики на страници 10 и 11]
Љубовта ни помага стрпливо да чекаме олеснување
[Слика на страница 12]
Исусовата голема жртва нѐ поттикнува да го љубиме