Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Колку е далекосежна твојата љубов?

Колку е далекосежна твојата љубов?

Колку е далекосежна твојата љубов?

„Љуби го ближниот како себеси“ (МАТЕЈ 22:39).

1. Ако го љубиме Јехова, зошто мораме да го љубиме и ближниот?

 КОГА бил запрашан која е најголемата заповед, Исус одговорил: „Љуби го Јехова, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој ум“. Потоа, ја цитирал втората заповед слична на првата: „Љуби го својот ближен како себеси“ (Матеј 22:37, 39). Да, љубовта кон ближниот е обележје на еден христијанин. Всушност, ако го љубиме Јехова мора да го љубиме и нашиот ближен. Зошто? Бидејќи нашата љубов кон Бог ја покажуваме со тоа што сме послушни на неговата Реч, а неговата Реч ни заповеда да го љубиме ближниот. Според тоа, ако не ги љубиме нашите браќа и сестри, нашата љубов кон Бог не може да биде вистинска (Римјаните 13:8; 1. Јованово 2:5; 4:20, 21).

2. Каков вид љубов треба да имаме кон ближниот?

2 Кога рекол дека треба да го љубиме ближниот, Исус зборувал за нешто повеќе отколку само за пријателство. Тој укажувал на една љубов која се разликува од онаа што природно постои во семејствата или меѓу маж и жена. Зборувал за онаа љубов која ја има Јехова кон своите предадени слуги и која ја имаат тие кон него (Јован 17:26; 1. Јованово 4:11, 19). Еден еврејски книжник — кој, како што забележал Исус, зборувал паметно — се сложил со Исус дека љубовта кон Бог треба да биде „со сето срце, и со сиот разум, и со сета сила“ (Марко 12:28-34). Тој бил во право. Љубовта што ја негува христијанинот кон Бог и кон ближниот ги вклучува нашите емоции и нашиот интелект. Таа се чувствува во срцето и е водена од умот.

3. а) Како Исус поучил еден „човек упатен во Законот“ дека треба да има широки погледи за тоа кој е негов ближен? б) Како илустрацијата на Исус се применува на христијаните денес?

3 Според она што го известил Лука, кога Исус рекол дека треба да го љубиме ближниот, „некој човек упатен во Законот“ го прашал: „А кој е, всушност, мојот ближен?“ Исус одговорил со една парабола. Еден човек бил истепан, опљачкан и оставен полумртов покрај патот. Прво поминал еден свештеник, а потоа и еден Левит. Обајцата го игнорирале. На крај, дошол еден Самарјанин, го видел ранетиот човек и постапил кон него со голема љубезност. Кој од тие тројцата му бил ближен на ранетиот човек? Одговорот бил очигледен (Лука 10:25-27). Човекот упатен во Законот можеби бил шокиран кога чул како Исус вели дека еден Самарјанин би можел да биде подобар ближен од еден свештеник и еден Левит. Јасно, Исус му помагал на човекот да го љуби ближниот на еден подалекосежен начин. И христијаните љубат на таков начин. Разгледај кого сѐ опфаќа нивната љубов.

Љубов во кругот на семејството

4. Каде, пред сѐ, практикува љубов христијанинот?

4 Христијаните ги љубат членовите на своето семејство — сопругите ги љубат сопрузите, сопрузите ги љубат сопругите, родителите ги љубат децата (Проповедник 9:9; Ефешаните 5:33; Тит 2:4). Вистина, во повеќето семејства постојат врски на природна љубов. Меѓутоа, извештаите за растурени бракови, злоупотреба на брачниот партнер и занемарени или злоупотребени деца покажуваат дека семејството денес е под притисок, и природните семејни чувства можеби не се доволни за да го одржат (2. Тимотеј 3:1-3). За вистински да успеат во својот семеен живот, христијаните треба да ја практикуваат онаа љубов која ја имаат Јехова и Исус (Ефешаните 5:21-27).

5. На кого се потпираат за помош родителите при воспитувањето на своите деца, и какви биле резултатите за многумина?

5 Христијанските родители гледаат на своите деца како на нешто доверено од Јехова, и се потпираат на него за помош при нивното воспитување (Псалм 127:3-5; Пословици 22:6). На овој начин негуваат христијанска љубов, која им помага да ги чуваат своите деца од расипувачките влијанија на кои младите луѓе може да паднат како плен. Како резултат на тоа, многу христијански родители доживуваат радост слична на онаа што ја доживеала една мајка од Холандија. Откако го гледала крштавањето на својот син — еден од 575-те лица кои се крстија во Холандија минатата година — таа го напишала следново: „Во овој момент, мојата инвестиција во изминатите 20 години се исплати. Сето време и енергија — како и болката, напорите и тагата — сега се заборавени“. Колку само е среќна таа што нејзиниот син, по своја слободна волја, избрал да му служи на Јехова. Во највисокиот број од 31.089 објавители кои известуваа во Холандија минатата година спаѓаат многумина кои од своите родители научиле да го љубат Јехова.

6. Како може христијанската љубов да помогне да се зајакне брачната врска?

6 Павле ја нарекол љубовта „совршена врска на единство“, и таа може да ја сочува брачната заедница дури и низ бурни времиња (Колошаните 3:14, 18, 19; 1. Петрово 3:1-7). Кога еден човек во Руруту, мал остров на околу 700 километри од Тахити, почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, неговата сопруга силно се противела. На крај, таа си ги зела децата, го напуштила и заминала да живее на Тахити. Сепак, тој ја покажал својата љубов така што редовно ѝ испраќал пари и се јавувал на телефон за да праша дали им треба нешто нејзе или на децата. На тој начин го направил најдоброто што можел за да ги исполни своите христијански обврски (1. Тимотеј 5:8). Постојано се молел неговото семејство повторно да се обедини, и конечно сопругата му се вратила. Кога го сторила тоа, тој постапил со неа со „љубов, истрајност, благ нарав“ (1. Тимотеј 6:11). Во 1998 тој се крстил и подоцна бил пресреќен кога неговата сопруга се сложила да ја проучува Библијата. Таа студија била една од оние 1.351 што се воделе на подрачјето на подружницата Тахити минатата година.

7. Според еден човек од Германија, што го зајакнало неговиот брак?

7 Еден човек во Германија се противел на интересот на неговата сопруга за библиската вистина и бил уверен дека Јеховините сведоци сакаат да ја измамат. Меѓутоа подоцна, на жената Сведок која првпат стапила во контакт со неговата сопруга ѝ напишал: „Ти благодарам што ја запозна мојата сопруга со Јеховините сведоци. Во почетокот бев загрижен бидејќи имав слушано многу лоши работи за нив. Но сега, одејќи на состаноци со неа, сфаќам дека сум бил во грешка. Знам дека ја слушам вистината, и тоа уште повеќе го зацврсти нашиот брак“. Меѓу 162.932-та Сведока на Јехова во Германија — и 1.773 на островите на подружницата Тахити — има многу семејства кои се обединети во побожна љубов.

Љубов кон нашите христијански браќа

8, 9. а) Кој нѐ поучува да ги љубиме нашите браќа, и на што нѐ поттикнува љубовта? б) Наведи пример за тоа како љубовта може да им помогне на браќата заемно да се поддржуваат.

8 На солунските христијани Павле им рекол: „Самите сте поучени од Бог да се љубите еден со друг“ (1. Солуњаните 4:9). Да, оние кои се „научени од Јехова“ се љубат еден со друг (Исаија 54:13NW). Нивната љубов ја изразуваат на дело, како што покажал Павле кога рекол: „Со љубов робувајте си еден на друг“ (Галатите 5:13; 1. Јованово 3:18). Тие го прават ова, на пример, кога ги посетуваат болните браќа и сестри, ги храбрат депримираните и ги поддржуваат слабите (1. Солуњаните 5:14). Нашата вистинска христијанска љубов придонесува за растот на нашиот духовен рај.

9 Во собранието Анкон — едно од 544-те собранија во Еквадор — браќата ја покажале својата љубов на практичен начин. Кога една финансиска криза ги оставила без работа или без плата, објавителите решиле да соберат пари со тоа што ќе им продаваат храна на локалните рибари кога тие се враќале после ноќното рибарење. Сите соработувале, па дури и децата. Морале да почнат во 1.00 часот наутро за да ја подготват храната до 4.00 часот, кога се враќале рибарите. Собраните пари браќата ги делеле меѓу себе според нивните потреби. Таквата заемна помош била доказ за вистинска христијанска љубов.

10, 11. Како можеме да покажеме љубов кон браќата кои лично не ги познаваме?

10 Меѓутоа, нашата љубов не е ограничена само на христијаните кои лично ги познаваме. Апостол Петар рекол: „Имајте љубов кон целата заедница од браќа“ (1. Петрово 2:17). Ние ги љубиме нашите браќа и сестри бидејќи тие ни се сообожаватели на Јехова Бог. Кризните времиња претставуваат прилика да ја покажеме оваа љубов. На пример, во текот на 2000 службена година, големи поплави го опустошија Мозамбик, а постојаната граѓанската војна во Ангола остави многумина во сиромаштија. Од овие настани беа погодени голем број од 31.725-те браќа во Мозамбик и 41.222-та во Ангола. Затоа, Сведоците од соседна Јужна Африка испратија големи количини со сите потребни работи за да ја ублажат неволјата на своите браќа во тие земји. Спремноста да го приложат својот „вишок“ за браќата во оскудица ја покажа нивната љубов (2. Коринќаните 8:8, 13-15, 24).

11 Љубовта се гледа и кога браќата од многу земји приложуваат за изградба на Сали на Царството и Собирни сали во помалку имашливите земји. Пример за тоа има на Соломоновите Острови. И покрај големите немири, Соломоновите Острови минатата година доживеаја 6-процентен пораст на објавители, чиј највисок број изнесуваше 1.697. Тие планираа да изградат Собирна сала. Иако многу островјани побегнаа од земјата, од Австралија дојдоа доброволци за да помогнат во изградбата. На крај, доброволците мораа да си заминат, но дури откако обучија локални браќа да го довршат темелот. Монтажната челична конструкција на салата беше транспортирана со брод од Австралија, а довршувањето на оваа прекрасна зграда за обожавање — во време кога многу градилишта лежат напуштени — ќе биде убаво сведоштво за Јеховиното име и за љубовта на браќата.

Исто како Бог, и ние го љубиме светот

12. Како го имитираме Јехова во нашиот став кон оние кои не се од нашата вера?

12 Дали нашата љубов е ограничена само на семејството и на братството? Ако сме „имитатори на Бог“, не. Исус рекол: „Бог толку многу го љубеше светот што го даде својот единороден Син за секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Ефешаните 5:1; Јован 3:16). Слично на Јехова Бог, ние постапуваме со љубов кон сите — вклучувајќи ги и оние кои не се од нашата вера (Лука 6:35, 36; Галатите 6:10). Во тој поглед особено ја проповедаме добрата вест за Царството и им кажуваме на другите за Божјиот најголем чин на љубов во нивна корист. Ова може да има за резултат спасение на секој кој слуша (Марко 13:10; 1. Тимотеј 4:16).

13, 14. Кои се некои искуства за браќа кои покажале љубов кон не-Сведоци, дури и по цена на големи лични непријатности?

13 Размисли за четворицата специјални пионери во Непал. Тие добиле доделба во еден град на југозападниот дел од земјата, и последниве пет години својата љубов ја покажуваат стрпливо сведочејќи во градот и во оддалечените села. За да го обработат своето подрачје, тие честопати возат многу часови на велосипеди на температури од над 40 Целзиусови степени. Нивната љубов и „истрајност во делото кое е добро“ донеле прекрасни резултати кога во едно од тие села била формирана група за студија на книга (Римјаните 2:7). Во март 2000, 32 лица дошле да го чујат јавното предавање на гостувачкиот покраински надгледник. Минатата година Непал имал највисок број од 430 објавители — пораст од 9 проценти. Јасно е дека Јехова ја благословува ревноста и љубовта на браќата во таа земја.

14 Во Колумбија, привремени специјални пионери отишле да проповедаат меѓу Вају Индијанците. За да го сторат тоа, морале да научат нов јазик, но нивниот љубезен интерес бил награден кога и покрај поројниот дожд на едно јавно предавање имало 27 присутни. Ревноста полна со љубов, како таа што ја покажале овие пионери, придонела за 5-процентен пораст во Колумбија и највисок број од 107.613 објавители. Во Данска една постара сестра сакала да ја споделува добрата вест со другите, но била онеспособена. Не дозволувајќи да биде одвратена, стапувала во контакт со заинтересираните луѓе пишувајќи им писма. Моментално се допишува со 42 лица и води 11 библиски студии. Таа е меѓу највисокиот број од 14.885 објавители кои известија во Данска минатата година.

Љуби ги своите непријатели

15, 16. а) Колку далекосежна треба да биде нашата љубов, според зборовите на Исус? б) Како одговорните браќа со љубов се справиле со еден поединец кој изнел лажни обвиненија против Јеховините сведоци?

15 На човекот упатен во Законот Исус му рекол дека за ближен може да се смета и еден Самарјанин. Во својата Проповед на гората Исус отишол уште еден чекор подалеку кога рекол: „Сте чуле дека било речено: ‚Љуби го својот ближен и мрази го својот непријател‘. Меѓутоа, јас ви велам: Продолжете да ги љубите своите непријатели и да се молите за оние што ве прогонуваат; за да се покажете како синови на својот Татко кој е на небесата“ (Матеј 5:43-45). Дури и кога некој ни се противи, ние се обидуваме да ‚го надвладееме злото со добро‘ (Римјаните 12:19-21). Доколку е можно, со него го споделуваме нашиот најскапоцен посед, вистината.

16 Една статија во весникот Kremenchuk Herald во Украина зборувала за Јеховините сведоци како за опасна секта. Тоа било сериозно бидејќи некои во Европа зборуваат за Јеховините сведоци на ваков начин за да ги убедат луѓето дека активностите на Сведоците треба да бидат ограничени или забранети. Затоа, било стапено во контакт со уредникот, и бил замолен да објави еден извештај за печатот со кој би била исправена статијата. Тој се сложил, но со извештајот отпечатил и една изјава дека првобитната статија се темелела на факти. Затоа, одговорните браќа повторно му пристапиле со повеќе информации. На крај, уредникот сфатил дека првобитната статија била погрешна, и објавил дека ја повлекува изјавата. Справувањето со него отворено и љубезно бил еден полн со љубов начин да се реши оваа ситуација, и тоа водело до добар резултат.

Како можеме да негуваме љубов?

17. Што покажува дека можеби нема да биде секогаш лесно да постапуваме со љубов кон другите?

17 Кога се раѓа бебе, неговите родители веднаш се вљубуваат во него. Да се постапува со љубов со возрасните не доаѓа баш секогаш така инстинктивно. Веројатно затоа Библијата секогаш одново ни кажува да се љубиме еден со друг — тоа е нешто на кое мора да работиме (1. Петрово 1:22; 4:8; 1. Јованово 3:11). Исус знаел дека нашата љубов ќе биде испитана кога рекол дека треба да му простиме на нашиот брат „до седумдесет и седумпати“ (Матеј 18:21, 22). И Павле нѐ поттикнал да ‚се поднесуваме еден со друг‘ (Колошаните 3:12, 13). Не е ни чудо што ни е кажано: „Тежнејте кон љубовта“ (1. Коринќаните 14:1). Како можеме да го правиме тоа?

18. Што ќе ни помогне да негуваме љубов кон другите?

18 Прво, можеме секогаш да ја имаме на ум љубовта што ја имаме кон Јехова Бог. Оваа љубов е силен поттик да го љубиме ближниот. Зошто? Бидејќи кога постапуваме така, тоа добро се одразува на нашиот небесен Татко и му донесува слава и фалба (Јован 15:8-10; Филипјаните 1:9-11). Второ, можеме да се обидеме да ги гледаме работите така како што ги гледа Јехова. Секојпат кога грешиме, ние му грешиме на Јехова; сепак, тој секогаш одново ни простува и продолжува да нѐ љуби (Псалм 86:5; 103:2, 3; 1. Јованово 1:9; 4:18). Ако го негуваме Јеховиното гледиште, ќе бидеме настроени да ги љубиме другите и да им ги простуваме нивните престапи против нас (Матеј 6:12). Трето, можеме да постапуваме со другите така како што сакаме тие да постапуваат со нас (Матеј 7:12). Бидејќи сме несовршени, честопати ни е потребно простување. На пример, кога кажуваме работи кои ги повредуваат другите, се надеваме дека тие ќе се сетат дека секој одвреме навреме греши со јазикот (Јаков 3:2). Ако сакаме другите да постапуваат кон нас со љубов, треба и ние да постапуваме со љубов кон нив.

19. Како можеме да ја бараме помошта од светиот дух за да негуваме љубов?

19 Четврто, можеме да ја бараме помошта од светиот дух бидејќи љубовта е еден од плодовите на духот (Галатите 5:22, 23). Пријателствата, семејните чувства и романтичната љубов се честопати инстинктивни. Но, нам ни е потребна помошта од Јеховиниот дух за да ја негуваме љубовта што ја има Јехова, љубовта која е совршена врска на единството. Можеме да ја бараме помошта од светиот дух ако ја читаме инспирираната Библија. На пример, ако го проучуваме животот на Исус, ќе видиме како постапувал тој со луѓето, и можеме да научиме да го имитираме (Јован 13:34, 35; 15:12). Освен тоа, можеме да го молиме Јехова за свет дух, особено во ситуации кои ни отежнуваат да постапуваме на начин полн со љубов (Лука 11:13). Конечно, можеме да тежнееме кон љубовта на тој начин што ќе останеме близу до христијанското собрание. Тоа што сме со нашите љубезни браќа и сестри ни помага да негуваме љубов (Пословици 13:20).

20, 21. Каква извонредна демонстрација на љубов дале Јеховините сведоци во текот на 2000 службена година?

20 Минатата година во целиот свет имаше највисок број од 6.035.564 објавители на добрата вест. Јеховините сведоци поминаа вкупно 1.171.270.425 часови барајќи поединци на кои ќе им кажат за таа добра вест. Љубовта беше таа што ги тераше да поднесат горештини, дожд и студ додека го вршеа ова дело. Љубовта беше таа што ги поттикна да разговараат со соученици и колеги на работа и да им пристапуваат на сосема непознати луѓе на улиците и на други места. Многумина од оние кои беа посетени од Сведоците беа апатични, а некои и се противеа. Меѓутоа, други покажаа интерес така што беа направени 433.454.049 повторни посети и беа водени 4.766.631 библиска студија. a

21 Каква само демонстрација беше сето ова за љубовта што ја имаат Јеховините сведоци кон својот Бог и кон својот ближен! Таа љубов нема никогаш да се олади. Уверени сме дека во 2001 службена година на човештвото ќе му се даде уште поголемо сведоштво. Нека Јеховиниот благослов и понатаму биде со неговите лојални и ревносни обожаватели додека тие дозволуваат ‚сите нивни работи да се случуваат во љубов‘! (1. Коринќаните 16:14).

[Фуснота]

a За целосни детали во врска со Извештајот за службената 2000 година види ја табелата на страници 18—21.

Можеш ли да објасниш?

• Кого имитираме кога го љубиме нашиот ближен?

• Колку далекосежна треба да биде нашата љубов?

• Кои се некои искуства што покажуваат христијанска љубов?

• Како можеме да негуваме христијанска љубов?

[Прашања]

[Табела на страници 18-21]

ИЗВЕШТАЈ НА ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ ОД ЦЕЛИОТ СВЕТ ЗА 2000 СЛУЖБЕНА ГОДИНА

(Види во публикацијата)

[Слики на страница 15]

Христијанската љубов може да го одржи семејството

[Слики на страница 17]

Љубовта нѐ поттикнува да ја споделуваме нашата надеж со другите