Лекување на раните од војната
Лекување на раните од војната
АБРАХАМ бил во една герилска војска 20 години. a Но, престанал да се бори и нема веќе никогаш да оди во војна. Всушност, некои негови поранешни непријатели сега му се најблиски пријатели. Што го навело да се промени? Библијата. Таа му дала на Абрахам надеж и увид помагајќи му да гледа на човечките работи од гледна точка на Бог. Библијата ја отстранила од него желбата да се бори, и тој започнал да ја лекува својата жалост, тага, омраза и горчина. Увидел дека Библијата содржи моќен лек за срцето.
Како Библијата помага да се излекуваат емоционалните рани? Таа не би можела да го промени она што му се случило на Абрахам. Сепак, читањето на Божјата реч и медитирањето за неа го довело неговото размислување во склад со размислувањето на Творецот. Сега тој има надеж за иднината и нови приоритети. Му станале важни работите кои му се важни на Бог. Кога ова почнало да се случува, раните во неговото срце почнале да се лекуваат. Тоа бил начинот на кој му било помогнато на Абрахам да се промени.
Нурнат во граѓанска војна
Абрахам е роден во 1930-тите во Африка. По Втората светска војна со неговата земја завладеал еден моќен сосед, но мнозина од земјаците на Абрахам сакале независност. Во 1961 Абрахам му се придружил на едно движење за слобода кое водело герилска војна против моќниот сосед.
„Тие ни беа непријатели. Планираа да нѐ убијат, па затоа ние тргнавме да ги убиваме нив“, објаснува Абрахам.
Животот на Абрахам честопати бил во опасност, па затоа, во 1982, по 20 години вооружена борба, побегнал во Европа. Сега веќе бил во своите доцни 40-ти години, и бидејќи имал на располагање доста време, почнал да размислува за својот живот. Што станало со неговите соништа? Што му носи иднината? Абрахам запознал некои Јеховини сведоци и почнал да ги посетува нивните состаноци. Се сетил дека неколку години пред тоа во Африка прочитал еден трактат што му го дал некој Сведок. Во трактатот бил опишан еден рај кој ќе дојде на Земјата и една небесна влада која ќе владее над човештвото. Можно ли е тоа да е вистина?
Абрахам вели: „Од Библијата научив дека сите тие години поминати во борба биле напразно потрошени. Единствена влада под која со секого ќе се постапува праведно е Божјето Царство“.
Кратко откако Абрахам се крстил како Сведок на Јехова, еден човек по име Роберт побегнал од Африка во европскиот град каде што живее Абрахам. Роберт и Абрахам се бореле во истата војна, но на спротивни страни. Роберт честопати се прашувал за вистинската смисла на животот. Тој бил религиозен човек, и бидејќи имал читано делови од Библијата, знаел дека Божјето име е Јехова. Кога Сведоците од собранието на Абрахам му понудиле на Роберт помош за подобро да се запознае со Библијата, тој веднаш се сложил.
Роберт објаснува: „Уште од самиот почеток бев импресиониран од начинот на кој Сведоците ги користат имињата Јехова и Исус, признавајќи дека тие се засебни личности. Тоа беше во склад со она што веќе го знаев од Библијата. Исто така, Сведоците уредно се облекуваат и љубезни се со другите, без оглед на националноста. Овие работи имаа длабок ефект врз мене“.
Непријатели стануваат пријатели
Роберт и Абрахам, поранешни непријатели, сега се блиски пријатели. Служат како полновремени евангелизатори во истото собрание на Јеховините сведоци. „Во текот на војната честопати се прашував како е можно луѓе од соседни земји — од кои многумина припаѓаат на истата религија — да се мразат еден со друг“, објаснува Абрахам. „Роберт и јас припаѓавме на истата црква, а сепак отидовме во војна еден против друг. Сега обајцата сме Јеховини сведоци, и нашата вера нѐ обедини.“
„Во тоа е разликата“, додава Роберт. „Сега припаѓаме на вера која нѐ прави дел од едно вистинско братство. Никогаш повеќе нема да одиме во војна.“ Библијата имала моќно влијание врз срцата на овие поранешни непријатели. Омразата и горчината постепено им отстапиле место на довербата и пријателството.
Во истото време додека Абрахам и Роберт биле во војна, двајца други млади луѓе се наоѓале на спротивните страни во еден друг конфликт меѓу две соседни земји. Набрзо Библијата дејствувала како еден многу моќен лек кој ги излекувал и нивните срца. Како?
Убиј — а потоа умри со маченичка смрт
Габриел, кој бил одгледан во религиозно семејство, бил поучен дека неговата татковина се мачи во една света војна. Затоа, на 19-годишна возраст доброволно се пријавил во воена служба и замолил да биде испратен на фронт. Тринаесет месеци бил во жариштето на борбите, понекогаш на само еден и пол километар од непријателот. „Особено се сеќавам на една прилика“, вели тој. „Нашиот командант ни кажа дека таа ноќ ќе нападне непријателот. Бевме толку возбудени што цела ноќ пукавме со минофрлачот.“
Тој ги сметал луѓето од соседната земја за свои непријатели кои заслужуваат смрт. „Мислата ми беше само да убијам колку што е можно повеќе луѓе. Потоа, како и многумина од моите пријатели, сакав да умрам со маченичка смрт.“Меѓутоа, со текот на времето Габриел се разочарал. Побегнал во планините, ползејќи ја преминал границата во една неутрална земја, и отпатувал за Европа. Постојано го прашувал Бог зошто животот е толку тежок, дали проблемите се казна од Бог. Стапил во контакт со Јеховините сведоци, кои од Библијата му покажале зошто животот денес е толку полн со проблеми (Матеј 24:3-14; 2. Тимотеј 3:1-5).
Колку повеќе учел Габриел од Библијата толку повеќе сфаќал дека во неа е вистината. „Научив дека можеме да живееме засекогаш на рајска Земја. Многу чудно, но тоа е нешто по кое копнеев уште како дете.“ Библијата го утешила Габриел и го смирила неговото дотогаш вознемирено срце. Неговите најдлабоки емоционални рани почнале да се лекуваат. Така, до времето кога го сретнал Даниел, поранешен непријател, Габриел веќе не чувствувал омраза. Но, што го натерало Даниел да дојде во Европа?
„Ако навистина постоиш, те молам, помогни ми!“
Даниел бил воспитан како католик и на 18-годишна возраст бил регрутиран за воена служба. Бил испратен да се бори во истата војна во која бил Габриел, но на спротивната страна. Близу до воениот фронт, Даниел се наоѓал во еден тенк кој бил директно погоден. Неговите пријатели биле убиени, а тој бил сериозно повреден и одведен како заробеник. Неколку месеци поминал во болница и во еден логор, а потоа бил депортиран во една неутрална земја. Осамен и беден, размислувал за самоубиство. Даниел му се помолил на Бог: „Ако навистина постоиш, те молам, помогни ми!“ Уште следниот ден го посетиле Јеховини сведоци и можеле да му одговорат на многуте негови прашања. На крај, отпатувал за Европа како бегалец. Даниел повторно се поврзал со Сведоците и почнал да ја проучува Библијата. Она што го научил ја ублажило неговата тегобна грижа и горчина.
Сега Габриел и Даниел се добри пријатели, обединети во духовно братство како крстени Сведоци на Јехова. „Мојата љубов кон Јехова и спознанието од Библијата ми помогнаа да гледам на работите така како што гледа тој. Даниел веќе не ми е непријател. Пред неколку години радо ќе го убиев. Библијата ме научи токму на спротивното — да бидам спремен да умрам за него“, вели Габриел.
„Гледав како меѓусебно се убиваат луѓе од различни религии и националности“, вели Даниел. „А меѓу себе се убиваа и луѓе од иста религија кои беа на спротивните страни во војната. Кога го гледав тоа, мислев дека виновен е Бог.
Сега знам дека зад сите војни стои Сатана. Сега Габриел и јас сме соверници. Никогаш повторно нема да се бориме!“„Речта Божја е жива и врши силно влијание“
Зошто Абрахам, Роберт, Габриел и Даниел толку драматично се промениле? Како можеле да ја искоренат длабоко вкоренетата омраза и жалост од нивните срца?
Сите овие луѓе читале, медитирале и ја научиле вистината од Библијата која е „жива и врши силно влијание“ (Евреите 4:12). Автор на Библијата е Творецот на човештвото, кој знае како да влијае на добро врз срцето на оној кој е спремен да слуша и да учи. „Целото Писмо е инспирирано од Бог и корисно за поучување, за укорување, за исправање на работите, за дисциплина во праведност.“ Штом читателот дозволи да биде воден од Библијата, тој усвојува нов систем на вредности и мерила. Почнува да учи како Јехова гледа на работите. Овој процес донесува многу користи, а меѓу нив спаѓа и лекувањето на раните од војната (2. Тимотеј 3:16).
Божјата реч објаснува дека ниедна национална, расна или етничка група не е подобра или полоша од друга. „Бог не е пристрасен, туку во секоја нација му е прифатлив оној кој се плаши од него и кој го прави она што е праведно.“ На читателот кој го прифаќа ова постепено му се помага да ги надмине чувствата на расна или национална омраза (Дела 10:34, 35).
Библиските пророштва укажуваат дека наскоро Бог ќе го замени сегашниов систем на човечко владеење со своето месијанско Царство. Преку оваа влада, Бог ‚ќе ги прекрати војните до крајот на земјата‘. Институциите кои ги унапредуваат војните и ги тераат луѓето да се борат во нив ќе бидат отстранети. Жртвите на војните ќе воскреснат и ќе им биде дадена шанса да живеат на рајска Земја. Нема да има потреба никој да бега соочен со некој агресор или угнетувач (Псалм 46:9; Даниел 2:44; Дела 24:15).
За луѓето кои ќе живеат во тоа време, Библијата вели: „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го уживаат нивниот плод. Не ќе се гради веќе, за да живеат други . . . Не ќе се измачуваат напразно и не ќе раѓаат за прерана смрт“. Не постои некаква штета или рана што нема да биде излекувана. Положувањето вера во таквата надеж постепено ги отстранува жалоста и тагата од срцето (Исаија 65:21-23).
Библијата навистина е моќен лек за срцето. Нејзините учења веќе ги лекуваат раните од војната. Поранешни непријатели се обединуваат во едно меѓународно братство. Овој процес на лекување ќе продолжи во Божјиот нов систем сѐ до моментот кога веќе нема да има омраза и горчина, жалост и тага во срцата на луѓето. Творецот ветува дека ‚поранешните работи веќе нема да се спомнуваат, ниту ќе доаѓаат на ум‘ (Исаија 65:17).
[Фуснота]
a Некои имиња во оваа статија се изменети.
[Истакната мисла на страница 4]
„Од Библијата научив дека сите тие години поминати во борба биле напразно потрошени“
[Истакната мисла на страница 5]
Библијата може да има силно влијание врз срцата на поранешни непријатели
[Истакната мисла на страница 6]
Омразата и горчината постепено им отстапувале место на довербата и пријателството
[Истакната мисла на страница 6]
Штом читателот дозволи да биде воден од Библијата, тој усвојува нов систем на вредности и мерила
[Слика на страница 7]
Поранешни непријатели сега се обединети во едно меѓународно братство
[Извор на слика на страница 4]
Камп за бегалци: ФОТОГРАФИЈА НА UN 186811/J. Isaac