Мир за новиот милениум?
Мир за новиот милениум?
НА 14 СЕПТЕМВРИ 1999 во Париз и во Њујорк Сити беше свечено отворена Меѓународната година на одржување на мирот. Неа ја прогласи за 2000 година Генералното собрание на Обединетите нации. Федерико Мајор, поранешен генерален директор на УНЕСКО, упати сериозен апел „да се создаде едно глобално движење за одржување на мирот и за ненасилство“.
УНЕСКО има максима дека „со оглед на тоа што војните почнуваат во умовите на луѓето, одбраната на мирот мора да се изгради во умовите на луѓето“. Во склад со ова, организацијата има намера да унапредува одржување на мирот преку „образование, дијалог и соработка“. Г-н Мајор коментирал дека не е доволно „да бидеме мирољубиви, дури ни пацифисти туку да бидеме миротворци“.
За жал, 2000 година беше далеку од мирна. Современата историја — вклучувајќи ги и настаните од 2000 година — ја истакна неспособноста на човекот да ги спречи војната и насилството и покрај искрените напори да го постигне спротивното.
Меѓутоа, вредно е да се забележи дека мирот навистина е поврзан со образованието. Пред 2.700 години, пророкот Исаија претскажал: „Сите твои синови ќе бидат научени од Господа, и голем мир ќе има меѓу синовите твои“ (Исаија 54:13, СП). Истиот пророк предвидел едно време кога луѓето од сите нации ќе се слеваат кон чистото обожавање на Јехова Бог за да учат за Неговите патишта. Со каков резултат? „Ќе ги прековаат мечевите во плугови, а копјата во српови. Нема повеќе народ да дига меч против народ, ниту ќе се учи веќе на војување“ (Исаија 2:2-4). Во склад со тоа пророштво, Јеховините сведоци учествуваат во едно светско образовно дело кое веќе им помогнало на милиони да ја совладаат националистичката и расната омраза која е коренот на повеќето војни.
Конечно, нема веќе да има војни под Божјето Царство, кое ќе донесе траен мир и безбедност на Земјата (Псалм 72:7; Даниел 2:44). Тогаш ќе се исполнат зборовите на псалмистот: „Видете ги Господовите дела, какви чуда Тој направи на земјата: Ги прекрати војните до крајот на земјата“ (Псалм 46:8, 9).