Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Трчајте на таков начин“

„Трчајте на таков начин“

„Трчајте на таков начин“

ЗАМИСЛИ си дека си на еден спортски стадион преполн со возбудени луѓе. Атлетичарите истрчуваат на теренот. Мноштвата извикуваат додека на сцената се појавуваат нивните херои. Присутни се судии за да ги спроведуваат правилата. Како што течат настаните, извиците на триумф се мешаат со викотниците на разочарување. Победниците се поздравени со заглушувачки аплауз!

Ти не присуствуваш на денешен спортски настан туку на настан што се одржувал пред 2.000 години на коринтскиот Истам. Таму, од шестиот век пр.н.е. па сѐ до четвртиот век н.е., на секои две години се одржувале прочуените Истамски игри. Настанот го пленувал интересот на цела Грција во текот на многу денови. Игрите биле повеќе отколку само атлетски натпревари. Атлетичарите биле симбол на воена готовност. Победниците — идолизирани како херои — добивале круни направени од лисја од дрвја. Биле опсипувани со подароци, а градот им доделувал голема доживотна пензија.

Апостол Павле бил запознат со Истамските игри во близината на Коринт и христијанскиот животен пат го споредил со еден атлетски натпревар. Укажувајќи на тркачи, борачи и боксери, тој погодно ги илустрирал наградите од добрата обука, правилно насочените напори и истрајноста. Се разбира, христијаните на кои им пишувал исто така знаеле за игрите. Некои несомнено биле присутни меѓу мноштвата кои извикувале на стадионот. Значи, тие веднаш ги сфатиле илустрациите на Павле. А како е со нас денес? И ние учествуваме во трка — за вечен живот. Како можеме да извлечеме корист од Павловите осврти на тие натпревари?

‚Натпреварување според правилата‘

Условите за учество на древните игри биле многу строги. Најавувачот ќе го претставел секој атлетичар пред гледачите и ќе извикал: ‚Има ли некој кој може да го обвини овој човек за некакво злосторство? Дали е тој разбојник или злобен или изопачен во животот и во однесувањето?‘ Според Archaeologia Graeca, „на ниеден човек кој самиот бил ноторен злосторник, или [тесно] поврзан со кој и да е таков, не му било дозволено да се натпреварува“. И кршењето на правилата на игрите повлекувало тешки казни со тоа што таквите биле исклучувани од натпреварите.

Овој факт ни помага да ја разбереме Павловата изјава: „Кога некој се натпреварува во игрите, не го крунисуваат ако не се натпреварувал според правилата“ (2. Тимотеј 2:5). На сличен начин, за да трчаме во трката за живот, мораме да ги задоволиме Јеховините барања, повинувајќи се на неговите возвишени морални мерила изложени во Библијата. Меѓутоа, Библијата нѐ предупредува: „Човековите мисли се лоши од неговиот почеток“ (Битие 8:21). Затоа, дури и по влегувањето во трката, мора да внимаваме да се натпреваруваме според правилата за и понатаму да го имаме Јеховиното одобрување и да стекнеме вечен живот.

Најголемата помош за да дејствуваме на ваков начин е љубовта кон Бог (Марко 12:29-31). Таа љубов ќе нѐ наведе да сакаме да му угодиме на Јехова и да постапуваме според неговата волја (1. Јованово 5:3).

„Да го симнеме секој товар“

Во древните игри тркачите не биле натоварени со облека или опрема. „На пешачките трки . . . натпреварувачите се појавувале прилично голи“, вели книгата The Life of the Greeks and Romans (Животот на Грците и Римјаните). Тоа што не облекувале облека им давало на атлетичарите агилност, леснотија во движењето и умешност. Не трошеле залудно енергија како последица од непотребната тежина. Веројатно Павле го имал ова на ум кога на еврејските христијани им напишал: „Да го симнеме секој товар . . . и со истрајност да трчаме во трката што стои пред нас“ (Евреите 12:1).

Каков товар може да нѐ попречи во трката за живот? Еден би бил желбата да собереме непотребни материјални работи или да задржиме скап животен стил. Некои можеби се потпираат на богатството за сигурност, или го сметаат за извор на среќа. Таквата прекумерна „тежина“ може да го успори тркачот до таа мера што, на крај, всушност, Бог може да не му биде многу важен (Лука 12:16-21). Вечниот живот може да почне да личи на некоја далечна надеж. ‚Новиот свет ќе дојде еден ден‘, би можел некој да резонира, ‚но во меѓувреме да го искористиме она што го нуди овој свет‘ (1. Тимотеј 6:17-19). Поради таквото материјалистичко гледиште некој може многу лесно да застрани од трката за живот или да биде спречен и воопшто да ја започне.

Во Проповедта на гората Исус навел: „Никој не може да им робува на двајца господари; бидејќи или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го љуби, или ќе се приврзе кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да му робувате на Бог и на Богатството“. Потоа, откако кажал дека Јехова се грижи за потребите на животните и растенијата и дека луѓето се повредни од нив, тој опоменал: „Затоа, никогаш немојте тегобно да се грижите и не велете: ‚Што ќе јадеме?‘ или: ‚Што ќе пиеме?‘ или: ‚Што ќе облечеме?‘ Зашто по сето ова желно тежнеат нациите. Зашто вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа. Така, продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност, а сите овие други работи ќе ви се додадат“ (Матеј 6:24-33).

„Трчајте со истрајност“

Сите древни атлетски трки не биле на кратки патеки. Една трка, наречена доликос, била долга околу 4 километри. Тоа бил испит кој изискувал сила и истрајност. Според традицијата, во 328 пр.н.е. еден атлетичар по име Агес, откако победил на оваа трка, тргнал и го истрчал целиот пат до родниот град Аргос за да извести за својата победа. Тој ден истрчал околу 110 километри!

Христијанската трка е исто така трчање на долги патеки кое ја испитува нашата истрајност. Потребно е да истраеме во оваа трка сѐ до крајот за да го стекнеме Јеховиното одобрување и наградата вечен живот. Павле ја истрчал трката на таков начин. Кон крајот на својот живот можел да каже: „Добра борба водев, трката ја истрчав до крај, верата ја одржав. Отсега за мене се чува круната на праведноста“ (2. Тимотеј 4:7, 8). Слично на Павле, ние мораме да трчаме „до крај“. Ако нашата истрајност опадне само поради тоа што трката е некако подолга отколку што сме очекувале во почетокот, нема да успееме да ја добиеме нашата награда (Евреите 11:6). Каква трагедија би било тоа, со оглед на тоа што сме толку близу до целта!

Наградата

На победниците на атлетските натпревари од древна Грција им биле давани венци кои обично се правеле од лисја од дрвја и биле украсувани со цвеќиња. На Питиските игри, победниците добивале круна направена од ловор. На Олимписките игри добивале круни од лисја од дива маслинка, додека на Истамските игри им биле давани круни направени од бор. „За да се разгори еланот кај натпреварувачите“, забележува еден библиски изучувач, „круните, наградите за победата, и палмовите гранчиња, за време на натпреварот се наоѓале пред нивните очи, на еден триножник или маса поставена на стадионот.“ За победникот носењето на круната било знак на голема чест. Додека се враќал дома, триумфално јавал на двоколка до градот.

Имајќи го ова на ум, Павле ги прашал своите коринтски читатели: „Зарем не знаете дека во една трка сите тркачи трчаат, но само еден ја добива наградата? Трчајте на таков начин за да ја добиете . . . Тие го прават тоа за да добијат распадлива круна, а ние нераспадлива“ (1. Коринќаните 9:24, 25; 1. Петрово 1:3, 4). Каков само контраст! За разлика од овенливите круни на древните игри, наградата што ги чека оние кои ќе ја истрчаат трката за живот до финишот нема никогаш да исчезне.

Во врска со оваа подобра круна, апостол Петар напишал: „Кога ќе се појави главниот пастир, ќе ја примите неовенливата круна на славата“ (1. Петрово 5:4). Може ли која и да е награда што ја нуди овој свет да се спореди со бесмртноста, наградата нераспадлив живот во небесна слава со Христос?

Денес, поголемиот дел од христијанските тркачи не се помазани од Бог да бидат негови духовни синови и немаат небесна надеж. Тие не трчаат за наградата бесмртност. Меѓутоа, Бог и пред нив поставува неспоредлива награда. Тоа е вечен живот во совршенство на рајска Земја под небесното Царство. Сеедно по која награда се стреми, христијанскиот тркач треба да трча со поголема одлучност и енергија од кој и да е тркач на некој атлетски натпревар. Зошто? Бидејќи наградата нема никогаш да овене: „Ова е ветеното кое самиот ни го вети, вечниот живот“ (1. Јованово 2:25).

Имајќи пред себе една ваква неспоредлива награда, какво треба да биде гледиштето на еден христијански тркач за заведувањата од овој свет? Исто како она што го имал Павле кој рекол: „Всушност, јас навистина и ги сметам сите работи за загуба поради ненадминливата вредност на спознанието за Христос Исус, мојот Господ. Поради него ја прифатив загубата на сите работи и ги сметам за куп смет“. Во склад со ова, колку само напорно трчал Павле! „Браќа, јас уште не сметам дека сум ја дофатил; но има една работа во врска со тоа: Заборавајќи ги работите што се назад и посегајќи по оние што се напред, тежнеам кон целта, кон наградата“ (Филипјаните 3:8, 13, 14). Павле трчал со очите цврсто фиксирани на наградата. Така треба да трчаме и ние.

Нашиот најдобар пример

На древните игри, шампионите уживале восхит од сите околу себе. Поетите пишувале за нив, а скулпторите правеле статуи од нив. Историчарката Вера Оливова вели дека тие „се капеле во слава и уживале огромна популарност“. Служеле и како примери за имитирање за помладата генерација шампиони.

Кој е „шампионот“ кој дал најдобар пример за христијаните? Павле одговара: „Со истрајност да трчаме во трката што стои пред нас, додека внимателно гледаме на Главниот Застапник и Усовршител на нашата вера, Исус. Поради радоста што беше поставена пред него, тој претрпе маченички столб, презирајќи го срамот, и седна откај десницата на Божјиот престол“ (Евреите 12:1, 2). Да, за да победиме во нашата трка за вечен живот, треба внимателно да гледаме на нашиот Пример, Исус Христос. Тоа можеме да го правиме додека редовно ги читаме евангелските извештаи и медитираме за начините на кои можеме да го имитираме. Таквото проучување ќе ни помогне да сфатиме дека Исус Христос му бил послушен на Бог и дека преку истрајноста го докажал квалитетот на својата вера. Како награда за неговата истрајност, го стекнал одобрувањето на Јехова Бог како и многу прекрасни предности (Филипјаните 2:9-11).

Се разбира, најистакната особина на Исус била љубовта. „Никој нема поголема љубов од оваа, некој да ја положи својата душа за своите пријатели“ (Јован 15:13). Тој му дал подлабоко значење на зборот „љубов“ со тоа што ни рекол да ги љубиме дури и непријателите (Матеј 5:43-48). Бидејќи го љубел својот небесен Татко, Исус нашол радост во вршењето на волјата на својот Татко (Псалм 40:9, 10; Пословици 27:11). Ако го гледаме Исус како наш Пример и како оној кој ни го одредува темпото во напорната трка за живот, тоа ќе нѐ поттикне да ги љубиме Бог и ближниот и да најдеме вистинска радост во нашата света служба (Матеј 22:37-39; Јован 13:34; 1. Петрово 2:21). Имај на ум дека Исус не го бара невозможното. Тој нѐ уверува: „Јас сум со благ нарав и понизен во срце, и ќе најдете освежување за своите души. Зашто мојот јарем е благ и мојот товар е лесен“ (Матеј 11:28-30).

Слично на Исус, треба да ги држиме очите на наградата која е резервирана за сите кои истрајуваат сѐ до крајот (Матеј 24:13). Ако се натпреваруваме според правилата, ако го симнеме секој товар и трчаме со истрајност, можеме да бидеме сигурни во победата. Целта која стои пред нас нѐ повикува напред! Таа ни ја обновува силата поради радоста што ни ја влева, радост која ни го прави полесен патот што стои пред нас.

[Слика на страница 29]

Христијанската трка е на долги патеки — таа бара истрајност

[Слика на страница 30]

За разлика од крунисаните атлетичари, христијаните можат со нетрпение да ја очекуваат неуништливата награда

[Слика на страница 31]

Награда добиваат сите кои ќе истраат до крај

[Извор на слика на страница 28]

Авторско право на British Museum