Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Можеш да излезеш на крај со обесхрабрувањето!

Можеш да излезеш на крај со обесхрабрувањето!

Можеш да излезеш на крај со обесхрабрувањето!

ЕДЕН мудар човек еднаш напишал: „Дали си се покажал обесхрабрен во денот на неволјата? Твојата сила ќе биде оскудна“ (Пословици 24:10NW). Ако некогаш си бил обесхрабрен, веројатно ќе се сложиш со оваа изјава.

Никој не е имун на ефектите од обесхрабрувањето. Еден благ напад на обесхрабрување може да потрае ден или два и потоа да спласне. Но, кога се работи за повредени чувства или за огорченост, проблемот може да потрае многу подолго. Некои христијани кои се верни со години станале толку потиштени што дури престанале да доаѓаат на собраниските состаноци и да учествуваат во службата на теренот.

Ако се чувствуваш обесхрабрен, охрабри се! Верните слуги од минатото успешно излегле на крај со обесхрабрувањето, и со Божја помош, можеш да излезеш и ти.

Кога други ги повредуваат твоите чувства

Не можеш да очекуваш да бидеш заштитен од секој безобѕирен збор или непромислена постапка. Меѓутоа, нешто што е во твоја моќ е да не дозволиш несовршеностите на другите да ја попречат твојата служба на Јехова. Ако некој ги повредил твоите чувства, можеби ќе ти биде од помош да размислиш како Ана, мајката на Самоил, се справила со една обесхрабрувачка ситуација.

Ана очајнички сакала деца, но била неротка. Фенина, втората жена на нејзиниот сопруг, веќе му имала родено синови и ќерки. Наместо да покаже осет кон тешката состојба на Ана, Фенина ја гледала како ривал и покажала кон неа таков став што Ана ‚плачела и не сакала да јаде‘ (1. Самоил 1:2, 4-7).

Еден ден Ана отишла во шаторот да се помоли. Илија, првосвештеникот на Израел, забележал како ги мрда усните. Не сфаќајќи дека Ана се моли, Илија заклучил дека мора да е пијана. „До кога ќе бидеш пијана?“ — ја прашал тој. „Отрезни се од виното што е во тебе“ (1. Самоил 1:12-14). Можеш ли да си замислиш како мора да се чувствувала Ана? Дошла во шаторот за да најде охрабрување. Сигурно не очекувала погрешно да ја обвини еден од највлијателните мажи во Израел!

Бил подготвен терен Ана многу да се обесхрабри. Таа можела ненадејно да го напушти шаторот, заветувајќи се дека никогаш повеќе нема да се врати сѐ додека Илија служел таму како првосвештеник. Меѓутоа, Ана очигледно го ценела својот однос со Јехова. Знаела дека не би му угодила нему ако појде во тој правец. Шаторот бил центар на чистото обожавање. Јехова го поставил таму своето име. А така несовршен каков што бил, Илија бил Јеховин избран претставник.

Побожната реакција на Ана на обвинението од Илија е одличен пример за нас денес. Таа не дозволила да биде погрешно обвинета, но одговорила на начин полн со почит. „Не сум пијана, господару“, рекла таа. „Туку сум голема несреќница. Не сум пила ни вино ни опоен пијалак, туку ја излевам својата душа пред Господа. Не суди ја својата слугинка како недобра жена, зашто заради тешка тага и жалост се молев толку долго“ (1. Самоил 1:15, 16).

Дали Ана го докажала своето? Дефинитивно. Сепак, тактично разговарала со Илија, не осмелувајќи се да го искритикува заради неговото погрешно обвинение. Тој пак, од своја страна, реагирал љубезно со зборовите: „Оди си во мир! А Израелевиот Бог нека ти ја исполни молитвата со која Го молеше“. Штом се средила работата, Ана ‚си отишла по својот пат: јадела, и лицето не ѝ било веќе тажно како порано‘ (1. Самоил 1:17, 18).

Што учиме ние од овој извештај? Ана брзо дејствувала да го исправи недоразбирањето, но го сторила тоа со длабока почит. Како резултат на тоа, задржала добар однос со Јехова и со Илија. Колку само често добрата комуникација и малку такт можат да спречат ситните проблеми да прераснат во поголеми!

Мора да се признае дека решавањето на несогласувањата со другите бара понизност и флексибилност од обете страни. Ако некој соверник не се одѕвие на твоите напори да решиш некое несогласување, можеби ќе мора да ја оставиш работата во Јеховини раце, имајќи доверба дека тој ќе ја реши во свое време и на свој начин.

Дали си изгубил некоја предност на службата?

Некои станале депримирани поради тоа што морале да се откажат од некоја ценета предност во Божјата служба. Уживале да им служат на своите браќа, и кога ја изгубиле предноста, се чувствувале како повеќе да не се корисни за Јехова или за неговата организација. Ако и ти се чувствуваш така, можеш да стекнеш увид ако го разгледаш примерот на библискиот писател Марко, наречен и Јован Марко (Дела 12:12).

Марко ги придружувал Павле и Варнава на нивното прво мисионерско патување, но некаде патем ги напуштил и се вратил во Ерусалим (Дела 13:13). Подоцна, Варнава сакал да го земе Марко со нив на едно друго патување. Меѓутоа, Библијата вели: „Павле сметаше дека не е во ред да го поведат, бидејќи во Памфилија тој беше си заминал од нив и не беше пошол со нив на делото“. Варнава не се сложил со тоа. „Тогаш“, продолжува извештајот, „дојде до жесток излив на гнев, така што [Павле и Варнава] се раздвоија еден од друг; и Варнава го поведе Марко и отплови за Кипар. Павле го избра Сила и замина“ (Дела 15:36-40).

Сигурно Марко бил скршен кога дознал дека почитуваниот апостол Павле не сакал да соработува со него и дека спорот заради неговите квалификации довел до јаз меѓу Павле и Варнава. Но, тоа не е крај на приказната.

На Павле и Сила сепак им бил потребен придружник во патувањето. Кога стигнале во Листра, нашле некој што ќе го замени Марко, еден млад човек по име Тимотеј. Сега, во времето кога бил избран, Тимотеј бил крстен можеби само две или три години. Од друга страна, пак, Марко бил поврзан со христијанското собрание уште од неговиот зачеток — всушност, подолго отколку самиот Павле. Сепак, Тимотеј бил тој кој ја добил таа привилегирана задача (Дела 16:1-3).

Како реагирал Марко кога дознал дека е заменет со помлад, помалку искусен човек? Библијата не кажува. Меѓутоа, таа покажува дека Марко останал активен во Јеховината служба. Ги искористил предностите што му биле на располагање. Иако не можел да служи со Павле и Сила, можел да патува со Варнава на Кипар, кој му бил родно подрачје на Варнава. Исто така, Марко служел со Петар во Вавилон. На крај, сепак имал прилика да работи со Павле — и Тимотеј — во Рим (Колошаните 1:1; 4:10; 1. Петрово 5:13). Подоцна, Марко бил дури инспириран да напише едно од четирите евангелија!

Во сево ова има една скапоцена поука за нас. Марко не се загрижил околу изгубената предност до степен да престане да ги цени предностите кои сепак му стоеле на располагање. Тој останал зафатен во Јеховината служба, и Јехова го благословил.

Значи, ако си изгубил некоја предност, не обесхрабрувај се. Ако задржиш позитивен став и останеш зафатен, може да добиеш други предности. Има многу работа во делото Господово (1. Коринќаните 15:58).

Еден верен слуга се обесхрабрува

Не е лесно да се води тешка борба за верата. Понекогаш може да се обесхрабриш. Тогаш може да се чувствуваш дури и виновен поради тоа што си обесхрабрен, доаѓајќи до заклучок дека еден верен Божји слуга не треба никогаш да се чувствува така. Размисли за Илија, еден од истакнатите пророци во Израел.

Кога израелската царица Језавела, жена која фанатично го унапредувала обожавањето на Ваал, дознала дека Илија ги убил пророците на Ваал, се заколнала дека ќе го погуби него. Илија се соочил и со поголеми непријатели од Језавела, но одеднаш толку се обесхрабрил што сакал да умре (1. Цареви 19:1-4). Како можело да дојде до ова? Тој заборавил нешто.

Илија заборавил да се потпре на Јехова како на Извор на неговата сила. Кој му дал на Илија моќ да подигне мртов човек и да се соочи со пророците на Ваал? Јехова. Секако, Јехова можел да му даде сила да се соочи и со гневот на царицата Језавела (1. Цареви 17:17-24; 18:21-40; 2. Коринќаните 4:7).

Довербата во Јехова на секој од нас може за момент да се поколеба. Слично на Илија, можеби понекогаш усвојуваш човечко гледиште за извесен проблем наместо да ја користиш „мудроста одозгора“ за да се справиш со него (Јаков 3:17). Меѓутоа, Јехова не го напуштил Илија заради овој привремен пад.

Илија побегнал во Вирсавеа а потоа уште подалеку во пустелијата, каде што мислел дека никој не ќе може да го најде. Но, Јехова го нашол. Тој испратил ангел за да го утеши. Ангелот се погрижил Илија да има свежо испечен леб за јадење и свежа вода за пиење. Откако Илија се одморил, ангелот го упатил да отпатува речиси 300 километри до гората Хорив, каде што требало да добие натамошно зајакнување од Јехова (1. Цареви 19:5-8).

На гората Хорив, Илија бил сведок на една демонстрација на Јеховината моќ која ја зајакнувала верата. Потоа, со смирен, благ глас, Јехова го уверил дека не е сам. Јехова бил со него, а со него биле и 7.000 негови браќа, иако Илија не знаел за нив. Конечно, Јехова му доделил работа. Тој не го отфрлил Илија како свој пророк! (1. Цареви 19:11-18).

На располагање е помош

Ако повремено доживуваш благ напад на обесхрабрување, можеби ќе се чувствуваш подобро ако се одмориш малку повеќе или ако земеш некој хранлив оброк. Натан Х. Нор, кој служел како член на Водечкото тело на Јеховините сведоци сѐ до својата смрт во 1977, еднаш забележал дека големите проблеми честопати изгледаат многу помали после еден добар ноќен сон. Меѓутоа, кога проблемот е поупорен, таквиот лек можеби нема да биде доволен — ќе ти биде потребна помош да се бориш со обесхрабрувањето.

Јехова испратил ангел за да го зајакне Илија. Денес, Бог дава охрабрување преку старешините и другите зрели христијани. Старешините навистина можат да бидат „како заштита од ветар“ (Исаија 32:1, 2СП). Но, за да добиеш охрабрување од нив, можеби ќе треба да преземеш иницијатива. Иако бил обесхрабрен, Илија отпатувал до гората Хорив за да добие упатство од Јехова. Ние добиваме зајакнувачко упатство преку христијанското собрание.

Кога прифаќаме помош и храбро се соочуваме со испитите, како што се повредени чувства или губење предности, ја поддржуваме Јеховината страна во едно важно спорно прашање. Кое спорно прашање? Сатана тврдел дека луѓето му служат на Јехова само од себичност. Сатана не негира дека ние ќе му служиме на Бог кога сѐ во животот ќе ни оди мазно туку тврди дека ќе престанеме да му служиме на Бог кога ќе наидеме на проблеми (Јов, поглавја 1 и 2). Ако непоколебливо продолжиме во Јеховината служба и покрај обесхрабрувањето, можеме да дадеме одговор на клеветничкото обвинение на Ѓаволот (Пословици 27:11).

Ана, Марко и Илија имале проблеми кои за кратко им ја одзеле радоста. Меѓутоа, тие излегле на крај со проблемите и воделе продуктивен живот. Со Јеховина помош и ти можеш да излезеш на крај со обесхрабрувањето!